Укинат притворот на новинарот Зоран Божиновски

bozinovski-na-sloboda
AJM

СКОПЈЕ 17.07.2017 – Новинарот Зоран Божиновски e пуштен од притвор од затворот во Шутка, потврдија  од Кривичниот суд. По речиси 15 месеци поминати во притвор, Кривичниот суд реши да го укине притворот и го замени со други мерки на претпазливост.

„Постапувајќи по предлог на Јавниот обвинител за укинување на мерката притвор за обвинетиот З.Б., обвинет во предметот со КОК бр. 79/16, судечкиот судија на денешниот главен претрес донесе одлука со која предлогот на обвинителот се уважува и мерката притвор се укинува, а согласно предлогот се определуваат превентивни мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на постапката. Против ова решение дозволено е право на жалба во рок од 3 дена“, е наведено во соопштението од Судот.

Здружението на новинарите на Македонија постојано инсистираше на Божиновски да му се овозможи да се брани од слобода. Во многу наврати ЗНМ предупредуваше дека држење во притвор на новинар скоро три години е апсолутно незабележана практика во слободни и демократски земји.

Македонија беше единствена земја во регионот каде има новинар во затвор. „Ослободувањето на Божиновски ќе ја одвои Македонија од групата на авторитарните земји во Европа, како што е Турција, Русија и Азербејџан, каде постојано се прогонуваат новинари“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Инаку, новинарот Божиновски е обвинет во случајот „Шпион“ и се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.


AJM, Skopje, 17/07/2017