Home Blog Page 14

ЗНМ и СЕММ: Регистарот на професионални онлајн медиуми достапен на www.promedia.mk

0

СКОПЈЕ, 06.03.2020 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за eтика во медиумите на Македонија (СЕММ) информираат дека веб-страницата на којашто се достапни податоци за професионалните онлајн медиуми www.promedia.mk од денеска е функционална и достапна за јавноста. Во моментот Регистарот го сочинуваат 101 онлајн медиум, кои објавуваат содржини на повеќе јазици.

Потсетуваме дека главни критериуми кои треба да ги исполнат онлајн медиумите за да станат дел од Регистарот се: транспарентно сопствеништво, објавен импресум, почитување на стандардите на Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ, објавените текстови да се потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми тоа да биде наведено, во согласност со Законот за заштита на авторски права.

Главната цел за креирањето на овој Регистар е да придонесе да се поттикне процесот на професионализација во работењето на онлајн медиумите, а со тоа и подобрување на нивниот кредибилитет, како и препознавање на оние кои ги почитуваат стандардите наспроти неетичките кои го нарушуваат угледот на професионалните онлајн медиуми.

Постапката на креирање на Регистарот се одвиваше според критериумите усогласени меѓу СЕММ и ЗНМ по примери од практиката на развиените демократски општества и Советот на Европа, а беше консултирана и медиумската и бизнис заедницата во државата. Освен тоа, процесот на саморегулација го поддржа и Стопанската комора на Македонија , којашто упати апел до своите членки за рекламирање и огласување само во онлајн медиумите кои се дел од Регистарот на професионални онлајн медиуми. Процесот го поздрави Делегацијата на ЕУ во Скопје, канцеларијата на ОБСЕ во Виена, Американската амбасада во Скопје, како и од Европската федерација на новинари.

Саморегулацијата на медиумите продолжува да биде заедничка заложба на нашите организации за доброволно воспоставување критериуми и придржување до нив во рамките на процес кој е отворен за јавноста. Оттаму, потсетуваме дека членството во Регистарот на онлајн медиумите е менливо и е процес кој тековно ќе се развива. Ова подразбира дека медиумите кои во  моментот не се дел од Регистарот, а ги почитуваат условите за членство ќе може да се придружат додека, пак, оние кои веќе се дел од Регистарот, а се потврди дека не ги почитуваат критериумите за членство и етичките правила нема да имаат статус на активни членови.

ЗНМ и ДЗР потпишаа Меморандум за соработка

0

СКОПЈЕ, 12.02.2020 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска потпишаа Меморандум за соработка, во кој централно место зафаќа блиската заемна соработка која треба да се интензивира во периодот кој следува.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски истакна дека со Меморандумот ќе се створат услови за поблиска соработка помеѓу ЗНМ и ДЗР во насока на организација на заеднички работилници и активности со цел унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето на институциите, како и точното и навремено информирање на граѓаните. Сето ова беше со задоволство прифатено од главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски кој остави отворен простор и динамика за конкретна соработка меѓу двете институции.

Во Меморандумот се предвидува и заедничка изработка на анализи, истражувања и прирачници како и олеснет пристап до стручни материјали и литература во ДЗР и ЗНМ. Освен тоа, соработката предвидува и креирање на кампањи за осознавање на надлежностите, улогата и значењето на Државниот завод за ревизија.

Овој Меморандум е во насока на градење на партнерски односи со државните институции со цел подобро и поквалитетно информирање на граѓаните за теми кои се од особен јавен интерес.

ЗНМ ја потпиша Повелбата за подобрување на условите за работа на новинарите и медиумските работници

0

СКОПЈЕ, 30.01.2020 – Здружението на новинарите на Македонија денеска даде поддршка и ја потпиша Повелбата за подобрување на условите за работа на новинарите и медиумските работници која ја иницираше Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) следејќи ги насоките на Европската федерација на новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ја потпиша Повелбата нагласувајќи дека новинарството е една од потешките, постресните и поодговорните професии. „Без квалитетни новинари и без квалитетно новинарство не можеме да имаме добро информирана јавност. Тоа не враќа кај условите за работа на новинарите бидејќи не може да имаме добро информирана јавност доколку новинарите работат во тешки и небезбедни услови“, рече тој и додаде дека Здружението на новинарите на Македонија секогаш ќе биде тука да излезе во пресрет и да даде поддршка за целосно имплементирање на Повелбата. „Ќе помогнеме дури и за проширување и надградување на истата бидејќи новинарството е динамична професија и нештата брзо се менуваат во овој сектор“, истакна Чадиковски.
Претседателот Чадиковски ги поздрави и двата нацрт договори кои беа презентирани на истиот настан, а се однесуваат на вработувањата во онлајн медиумите. Тој рече дека ќе се заложи да ги убеди онлајн медиумите кои се дел од Регистарот на професионалните онлајн медиуми да ги преземат овие нацрт договори и да ги подобрат условите за работа на своите вработени.  „Истовремено ги повикувам и традиционалните медиуми да ги разгледаат двата договори и да ги преземат работите кои можат да се вметнат како дополнување на постоечките нивни договори, бидејќи ова може да биде еден значаен чекор за враќање на достоинството на новинарската професија и претставува приклучок кон европските трендови за регулирање на работните односи за новинарите“, рече Чадиковски.

ЗНМ и СЕММ го осудуваат односот на министерката Мизрахи кон А1он

0
СКОПЈЕ, 28.01.2020 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на дрскиот однос на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи кон новинарите на А1он. Министерката упати демант до редакцијата полн со обвинувања и клевети поради текст со наслов „Мизрахи ја назначи советничката на Груевски за шеф на кабинет“ објавен од медиумот.
Во реакцијата, Мизрахи го обвинува медиумот за објавување на тенденциозен текст, полн со невистини и шпекулации, но таа суштински не ја демантира веста туку го квалификува и етикетира самиот медиум, изразувајќи несогласување со уредувачката политика и начинот на којшто е пласирана веста. Дополнително, таа го обвинува порталот дека е на иста линија со политичката партија СДСМ, којашто дента имала соопштение на темата. Притоа, Мизрахи користи речник недоличен за еден министер, кој може да се разбере и како обид за вршење притисок врз медиумот и воведување на самозензура.
Укажуваме дека доколку министерката смета оти некој новинар или медиум не ги почитувал професионалните и етички стандарди тоа може да го пријави во СЕММ или во Советот на честа при ЗНМ, како две саморегулативни тела.
ЗНМ и СЕММ остануваат на апелот до јавните функционери, а особено до претставниците на Владата, да се воздржат од етикетирања и неосновани деманти што на кој било начин можат да бидат протолкувани како закани и обид за влијание врз уредувачката политика на самите медиуми.

ЗНМ: Да се поништи конкурсот за нови членови во Надзорниот одбор на МРТ

0

СКОПЈЕ, 22.01.2020 – Здружението на новинарите на Македонија бара да се повлече одлуката на Програмскиот совет на МРТ за распишување на јавен конкурс за избор на членови на Надзорниот одбор на јавниот радиодифузен сервис во услови кога мандатот на членовите на овој совет е истечен.

Мандатот на Програмскиот совет истече во декември 2019 година и од тие причини сметаме дека е проблематично тие да избираат нови членови на Надзорниот одборот кој треба да врши контрола на материјалното и финансиското работење на јавниот сервис во идните години. Освен тоа што мандатот на овој состав на Програмскиот совет е истечен, дел од членовите имаат и конфликт на интерес според законот и ова претставува дополнителен проблем за одлуките на ова тело.

Со обидот да се изберат нови членови на Надзорниот одбор на овој начин, се прекршуваат и препораките на Советот на Европа, конкретно препораката број 96 која се однесува на гарантирање на независноста на јавните сервиси. Во глава три од оваа препорака која се однесува на работата на Надзорните органи, се вели дека членовите потребно е да се изберат од тело предвидено со закон на начин со кој ќе се избегне ризик од политичко или друго влијание.

Потсетуваме дека изборот на нови членови на Програмскиот совет е блокиран веќе речиси една година во Комисијата за избори и именувања во Собранието на РСМ. ЗНМ во повеќе наврати реагираше дека членовите на оваа Комисија мора да најдат заеднички јазик и да ги изберат новите членови на Советот. Бараме оваа комисија итно да одржи седница и да ги избере најсоодветните кандидати за Програмскиот совет како и за Советот на АВМУ со цел да се овозможи почеток на медиумските реформи во овие две институции.

ЗНМ: Институциите итно да постапат за заканите кон Јордановска и Коровешовска

0

СКОПЈЕ, 13.01.2020 – Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осудува заканите и навредите упатени кон уредничката на „ТВ Алфа“, Искра Коровешовска од страна на лицето Емил Јакимовски. Ова е истиот заканувач кој неодамна на сличен начин испрати закани и до новинарката Мери Јордановска.

Загрижува фактот што во двата случаи, заканите содржат елементи на родова дискриминација, а ваквиот притисок кон жените новинари е сериозна пречка за слободата на изразување, слободата на медиумите и правото на граѓаните да бидат информирани.

ЗНМ е во контакт со Министерството за внатрешни работи за двата случаи од каде ни беше ветено дека ќе работат на целосно расчистување на овие напади. Го повикуваме и Основното јавно обвинителство да одигра активна улога во насока на брзо истражување на заканите со цел да се превенираат слични случаи во иднина.

Неказнивоста на ваквите дела ја доведе земјата на 95 место на светскиот индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, затоа апелираме на брзо и ефективно процесуирање на овие предмети.

Ги охрабруваме колегите да не подлегнуваат на ваквите закани и навреди и истите да ги пријавуваат во ЗНМ, со цел да се крене свеста пред граѓаните дека насилството кон новинарите е недозволиво, но и да се мотивираат надлежните институции активно да ги штитат нашите колеги.

Исто така, овие закани треба да бидат дополнителен мотив за Министерството за правда и Собранието на РСМ за измена и дополнување на Кривичниот законик преку кој ќе се гарантира поголема безбедност и сигурност за новинарите и медиумските работници.

Презентирани две публикации за безбедноста на новинарите

0

СКОПЈЕ, 25.12.2019 – Здружението на новинарите на Македонија денеска промовираше две публикации. Првата се однесуваше на нападите врз новинарите кои се случија во последните пет години и е насловена: „Хроника за (не)безбедноста на новинарите“. Автори на оваа публикација се новинарот Зоран Иванов и адвокатот Игор Марковски. Во оваа публикација беа опишани сите регистрирани напади врз новинарите, а даден е и правен осврт во однос на тоа како новинарите подобро да ги остварат своите права пред институциите на државата.

Втората промовирана публикација носи наслов: „Нападите врз новинарите и медиумските работници на 27 април“. Како што кажува самиот наслов, тема на публикацијата се нападите врз новинарите кои се случија во Собранието на Република Северна Македонија на 27 април. Преку сведоштва на нападнатите новинари и изјави од речиси сите политички чинители авторите Душица Мрѓа, Енис Муртези и Христина Беловска се обидоа да опишат што точно се случи тој „крвав четврток“ во храмот на демократијата. Главната забелешка во публикацијата се однесува на непостапувањето на правосудните органи по однос на нападите врз новинарите, наспроти веќе донесените пресуди за напаѓачите на политичарите.

На промоцијата на публикациите се обрати претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој рече дека јавноста, граѓаните и политичките партии треба да разберат дека новинарите не треба и не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија. „Од друга страна, институциите на Северна Македонија, а пред сè правосудните органи треба ги процесуираат тие напади во најбрз можен рок со цел да ги заштитат колегите од идни напади, но и да ја заштитат демократијата во нашата земја“, истакна тој. Чадиковски истакна дека оваа година е забележан позитивен тренд во однос на нападите врз новинарите. „Сепак, идната година ни следат парламентрни избори, а тоа речиси секогаш значи наелектризиран народ, тензична атмосфера во општеството и во јавниот дискурс која често вродува со насилство врз нашите колеги. Апелираме до политичките партии своите битки да ги водат чесно преку одржување на квалитетни дебати, преку подобро презентирање на своите партиски програми, наместо преку улични пресметки и напади врз новинарите и критичката јавност“, рече Чадиковски.

Од друга страна извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски истакна дека ЗНМ нема да се откаже од нерасчистените случаи на напади на новинари и сниматели како и фоторепортери за кои ќе инсистира на судска разрешница. „Во иднина, ќе работиме и понатаму со МВР, ОЈО, судовите, но и со народниот правобранител со цел да изградиме институционален систем преку кој ќе се гарантира безбедноста на медиумските работници“ истакна Секуловски.

Овие публикации беа подготвени во рамки на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации во Северна Македонија“, поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во С. Македонија. Ставовите искажани во оваа публикација се единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и авторите и не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Амбасадата на Кралството Холандија. 

Европската федерација на новинарите со поддршка за Регистарот на професионални онлајн медиуми

0

СКОПЈЕ, 20.12.2019 – Европската федерација на новинарите (ЕФН) го поздрави Регистарот за саморегулација на професионалните онлајн медиуми во Северна Македонија, инициран од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика на медиумите на Македонија (СЕММ).

„Ние веруваме дека новинарските организации треба да ги промовираат високите етички стандарди во новинарството од кои јавноста има корист. Тие се засновани врз пет принципи: вистината и точноста, независноста, праведноста и чесноста, хуманоста и одговорноста“, рече генералниот секретар на ЕФН, Рикардо Гутиерез. „Затоа, ЕФН ја поддржува оваа професионална иницијатива со цел зајакнување на саморегулацијата на медиумите во С. Македонија“, додаде тој.

Потсетуваме дека повеќе од 70 онлајн медиуми успеаја да влезат во Регистарот уште во првата фаза, а од 01 јануари идната година ќе биде ставена во функција и веб страницата www.promedia.mk која ќе има детали за сите членки на Регистарот.

Харлем Дезир со поддршка за Регистарот за професионални онлајн медиуми

0

СКОПЈЕ, 19.12.2019 – Високиот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир изрази поддршка за Регистарот на професионални онлајн медиуми кој вчера беше промовиран од Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија.

Дезир ја поздрави иницијативата за саморегулација според која онлајн медиумите кои ќе бидат дел од Регистарот ќе го почитуваат новинарскиот кодекс при своето работење a потребно ќе биде и да имаат транспарентно финансирање и импресум. „Медиумската саморегулација е корисен механизам и придонесува кон поквалитетно информирање, заштита на уредничката слобода и јакнење на медиумскиот кредибилитет“, изјави Дезир.