Home Blog Page 13

ЗНМ и ОБСЕ обезбедија заштитни средства за новинарите и медиумските работници во С. Македонија

0

СКОПЈЕ, 16.04.2020 – Здружението на новинарите (ЗНМ) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје информираа дека денеска започнале со дистрибуција на пакетите со заштитни средства за медиумите од Северна Македонија. „Секој од пакетите содржи заштитни маски, ракавици, наочари, средства за дезинфекција и друго. Пакетите ќе бидат дистрибуирани до медиумите во текот на наредните неколку дена“, се вели во соопштението.

 

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека информирањето во овој период е особено важно и дека мора да се направи се за да се заштитат новинарите, со цел вистинската вест да стаса до граѓаните. „Медиумските работници се на првите борбени линии, изложени на секакви опасности, а како што можеме да видиме и на опасноста да бидат заразени. Заштитени истражуваме, објавуваме и информираме. Коронавирусот е опасен, но исто толку опасна е и заразата да останеме неинформирани за тоа што се случува околу нас во оваа вонредна состојба што ја живееме“, истакна тој и додаде: „Затоа ЗНМ во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје обезбеди 150 пакети со различни средства, неопходни за физичка заштита на новинарите и медиумските работници, која сега во пикот на заразата ќе биде поделена на околу 100 медиуми (радија, телевизии, весници, портали) од Скопје, но и од другите градови од државата.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која истакна дека новинарите играат клучна улога во информирање на јавноста за пандемијата. „Новинарите и медиумските работници може да бидат изложени на вирусот при нивните патувања и средби со граѓаните. Ни претставува задоволство што во соработка со Здружението на ноавинари успеавме да обезбедиме заштитна опрема за новинарите додека тие трагаат по клучни информации за јавноста,“ рече тој.​

ССНМ и ЗНМ: Отпуштање новинари не смее да биде прва мерка за справување со кризата

0

СКОПЈЕ, 01.04.2020 – Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро ја осудуваат одлуката на работодавецот „Нет медиа Груп Доел“ кој што ги поседува интернет порталите „Локално“ и „Стандард“ да отпушти најмалку петмина новинари, дел вработени на определено, а на дел да им ги прекине хонорарните договори.

Иако овој чекор се образложува со кризата предизвикана од коронавирусот отпуштањето на новинари треба да стаса последно, со оглед на значајната улога на медиумите во услови на вонредна состојба.

Ваквата постапка особено зачудува поради фактот што Владата најавија сет на мерки за медиумите кои меѓу другото се условени и со неотпуштање на новинари и медиумски работници додека траат вонредните мерки.

ССНМ и ЗНМ апелираат работодавецот да ја преиспита оваа одлука која на прв поглед е избрзана, бидејќи според мерките на владата најмалку што може да понуди е минималната загарантирана плата. Истовремено, сметаме дека праксата сопствениците да бараат од новинарите и медиумските работници кои имаат важечки договор да потпишуваат спогодбено раскинување на работниот однос e недозволива и неприфатлива. Тоа им носи директна штета на работниците и им укажуваме дека таквите понуди веднаш треба да ги одбиваат.

Отказите доаѓаат без претходна најава или известување за финансиската ситуација во која се наоѓаат газдите, со што се остава впечаток дека сопственикот воопшто не очекува и ниту се надева на идни мерки од владата за ублажување на импактот на кризата во финансиското работење и планирање.

Овој пример лошо влијае врз генералната слика и укажува на тоа дека дека први на удар во однос на економската криза се медиумите и новинарите. ССНМ и ЗНМ стравуваат дека овој случај може да предизвика „домино ефект“ и негативно да охрабри и други медиуми  да се одлучат на ваков чекор.

ЗНМ и ССНМ: Реакцијата на „Аџибадем Систина“ кон ИРЛ претставува притисок кон новинарите и обид за цензура

0

СКОПЈЕ, 30.03.2020 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја осудија непримерната комуникација на „Аџибадем Систина“ кон новинарите од редакцијата на истражувачката новинарска платформа „ИРЛ.мк“ по повод нивната сторија за COVID-19 насловена како „Пандемско профитерство или грижа за заедницата: Другата страна на приказната за КОВИД-19 тестовите“, објавена на 28 март 2020 година.

Според ЗНМ и ССНМ, „Аџибадем Систина“ како засегната страна во текстот,  испратила реакција до редакцијата на ИРЛ што е нивно легитимно право, но сепак, според здруженијата проблематично во нивното барање е што на дрзок начин ги клеветат и навредуваат новинарите кои работеле на таа истражувачка сторија, а притоа без доволно аргументи во својата реакција бараат извинување, како и текстот на „ИРЛ.мк“ да биде повлечен.

ЗНМ и ССНМ се на ставот дека овој пристап на „Аџибадем Систина“ е недопустлив. „Со таквиот начин на комуникација кон овој медиум тие директно навлегуваат во кредибилитетот на новинарите и се обидуваат истите да ги дискредитираат, а не да ја аргументираат критиката упатена кон нив“, се вели во рекцијата на двете здруженија.

Освен тоа, од ЗНМ и ССНМ посочуваат дека ваквата комуникација на „Аџибадем Систина“ несомнено може да се толкува како притисок врз редакцијата на „ИРЛ.мк“ и претставува директен обид за цензура што е апсолутно недозволиво во едно демократско општество, особено за теми кои се од поширок јавен интерес.

„Укажуваме на „Аџибадем Систина“ дека во иднина кога сметаат дека некој медиум известувал неетички, наместо да даваат квалификации и да навредуваат новинари и кон истите да се закануваат со тужби, можат да поднесат претставка до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) или во Советот на честа при ЗНМ како две единствени саморегулаторни тела во С. Македонија“, се вели во соопштението.

Осуда за навредите и заканите на Стевчо Јакимовски кон новинарот Горазд Чомовски

0
СКОПЈЕ, 27.03.2020 – Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува претседателот на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски за навредите и повиците за насилство кон новинарот на ТВ 24, Горазд Чомовски.
Јакимовски напиша статус на неговиот профил на Фејсбук веднаш по објавувањето на дел од интервјуто на Чомовски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој со погрдни зборови, какви што не доликуваат на еден политичар и поранешен градоначалник, го навредуваше Чомовски па дури и го прекори Мицкоски зошто не го потегнал за уши и да го извади надвор.
Истакнуваме дека е посебно опасно по безбедноста на новинарите да се упатуваат навреди и закани кон нив, без разлика дали заканите доаѓаат од страна на челници на големи или мали политички партии. Со ваквите повици за насилство може да се мотивира дел од партиското членство да посегне по безбедноста на новинарите, а тоа е недозволиво во едно демократско општество.
Истовремено, потсетуваме дека онлајн закани кон новинарите претставуваат кривично дело, оттука ЗНМ ќе поднесе барање до секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за спроведување на соодветна истрага.

Корисни дигитални алатки за работа од дома

0

СКОПЈЕ, 26.03.2020 – Ситуацијата во која се наоѓаме во моментов налага да се избегнуваат контакти со други луѓе, да се работи од дома и да се користат дигиталните алатки при извршувањето на секојдневните професионални обврски.

За да ви ја олесниме меѓусебната комуникација и да го поедноставиме работењето од дома, решивме со вас да споделиме неколку корисни програми/апликации за работа препорачани од Online News Association.

  1. За полесна комуникација со вработените и споделување на работни задачи можете да користите една од следните апликации: BasecampAsana или Slack.
  2. За видео конференции можете да ги употребите апликациите: ZoomJitsi или Google Meet/Hangouts.
  3. За полесно управување со документите можете да ги користите: Google docs или Microsoft Office 365.
  4. Доколку користите небезбедна интернет конекција можете да користите апликации за VPN или за пасворди. За оваа намена ги препорачуваме: TunnelBear или LastPass.
  5. За зачувување на документите на интернет можете да ги користите Drop Box или Google Drive.
  6. Доколку имате потреба од дома да се поврзете на вашиот работен компјутер, тогаш ја препорачуваме апликацијата Anydesk.

Photo by freestocks on Unsplash

Медиумските организации апелираат за помош за ТВ Вис

0

СКОПЈЕ, 25.03.2020 – Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите во Македонија со голема загриженост ја примија веста за опожарување на просториите на регионалната телевизија Канал Вис од Струмица.

Трите организации упатуваат заеднички апел до локалната самоуправа, државни институции, стопански субјекти, поединци да помогнат во рамките на своите можности за што побрзо враќање на телевизијата во етер. Локалните и регионалните медиуми во С. Македонија имаат посебно значење, бидејќи тие обработуваат теми од локален карактер кои се од јавен интерес. Без овие локални медиуми граѓаните остануваат лишени од важни информации кои се значајни за нивното секојдневно функционирање. Во кризни ситуации како оваа во која се наоѓа државата во моментов, важноста на локалните медиуми е уште повеќе изразена .

Се надеваме дека колегите од ТВ Канал Вис наскоро ќе се вратат на своите работни задачи и за почеток телевизијата ќе може да ја извршува барем својата информативна функција.

ЗНМ и СЕММ подготвија насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот

0

СКОПЈЕ, 18.03.2020 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во интерес на подобро информирана јавност и побезбедни новинари и медиумски работници при извршување на нивните секојдневни професионални обврски, подготвија публикација со наслов: „Насоки за безбедно и професионално известување за коронавирусот (COVID-19)“.

Публикацијата, во првиот дел, нуди насоки за етичко, професионално и одговорно известување за коронавирусот во услови на светска пандемија. Во таа насока, обезбедени се препораки да се користат релевантни извори на информации, да се избегнува сензационализам, да се употребува соодветен речник, внимателно да се  користи визуелизацијата и друго.

Вториот дел на публикацијата претставува еден вид на протокол за заштита и самозаштита на новинарите и медиумските работници при пандемијата од болеста КОВИД-19 (коронавирус). Во овој дел се говори за стандардните мерки за претпазливост, а се обезбедуваат и препораки за известување на новинарите и медиумските работници од терен, како и насоки за редакциско работење и гостувања во емисии на надворешни лица.

Автори на Насоките се извршната директорка на Советот за етика во медиумите, д-р Марина Тунева и Огнен Јанески, новинар и алумни истражувач при Одделот за јавни информации на ООН.

Публикацијата е достапна на македонски (линк) и албански јазик (линк) и на англиски јазик (линк).

Стејт Департментот: Останува проблемот со неказнивост на нападите врз новинарите

0

СКОПЈЕ, 13.03.2020 – На 11.03.2020 беше објавен Извештајот на Стејт Департментот за минатата 2019 година за почитување на човековите права во Северна Македонија. Во извештајот се вели дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава. Сепак, Стејт Департментот констатира дека сѐ уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари.

Во извештајот се нотирани речиси сите посериозни напади врз новинари за последните две години и истакнат е проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите, нешто за кое ЗНМ честопати алармираше во јавноста. Во дел од извештајот се цитира и говорот на претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој го одржа на Глобалната конференција за слобода на медиумите во Лондон каде тој истакна дека неказнувањето на случаите на напади врз новинарите останува голем проблем како и нарушувањата на слободата на изразувањето. „Според Здружението на новинари, Министерството за внатрешни работи ги завршило истрагите во сите 12 случаи на напади врз новинари од 2017 година, но сепак не е преземено понатамошно дејствување за нив освен во еден случај“, се вели во извештајот.

Нотирана е и реакцијата на новинарските здруженија (ЗНМ, ССНМ и СЕММ) во јули 2018 година кои се спротивставија на платеното политичко рекламирање за време на изборни кампањи да се финансира со јавни пари од граѓаните и наведено е дека оттогаш Владата не преземала никакви мерки за да го адресира ова прашање.

Посебно внимание во овој извештај на Стејт Департментот имаат и заканите, етикетирањата и заплашувањата на новинарите од страна на политичарите. Во тој контектст истакнати се цитати од реакциите на ЗНМ и на високи претставници на Европската комисија во насока дека тоа може да доведе до самоцензура, повикувајќи ги властите да покажат нулта толеранција за нападите и заканите врз новинарите.

И оваа година во делот за медиумите и слободата на изразување Здружението на новинарите на Македонија останува веродостоен партнер на Стејт Департментот. Во извештајот дури осум пати се спомнува ЗНМ како референтна организација.

ЗНМ: новинарите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста

0

СКОПЈЕ, 10.03.2020 – Здружението на новинарите на Македонија се придружува на повикот на Европската федерација на новинари (ЕФН) во апелот до медиумите да известуваат одговорно и да избегнуваат создавање неоправдана паника во јавноста при известувањето за „Корона вирусот“ (COVID-19). Новинарите и медиумите имаат одговорност да се придржуваат до етичките правила при своето работење и да не придонесуваат во ширењето невистини и создавањето паника во јавноста. Тие имаат обврска да отстапат простор на експертите кои се квалификувани да коментираат за ваквите чувствителни прашања.

Овој период треба да се избегнува користењето на вокабулар што предизвикува страв кај граѓаните и може да создаде паника што не одговара на реалноста. Освен тоа, новинарите треба да бидат особено внимателни и за приватноста на засегнатите лица. За таа цел апелираме до јавните власти и медицинските институции да обезбедат навремени и транспарентни информации, така што новинарите и јавноста ќе имаат пристап до сите релевантни информации.

ЕФН посочува дека новинарите имаат обврска да објавуваат точни податоци од официјални извори како што се оние од Светската здравствена организација и истите да бидат во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите.

ЗНМ им порачува на граѓаните да внимаваат од кои медиуми се информираат за овие теми и предност да дадат на медиумите кои се дел од регистарот на професионални онлајн медиуми.