Home Blog Page 12

Апел до учесниците во изборната трка: новинарите мора да работат во безбедни услови

0

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до сите политички актери кои учествуваат на предвремените парламентарни избори, како и до Државната изборна комисија, но и граѓанските организации кои имаат улога на набљудувачи да ги организираат јавните настани и активности со доследно почитување на сите здравствени протоколи.

Новинарите и медиумските работници имаат исклучително важна улога за информирање на граѓаните за предизборните активности и програми на политичките партии. Преку професионалното информирање новинарите и медиумите помагаат на гласачите да се определат за кого ќе го дадат својот глас, а ова особено ќе биде изразено на овие избори земајќи ја во предвид здравствената криза и фактот дека партиските кампањи и активности ќе се организираат пред се во медиумите и на социјалните мрежи.

Затоа, бараме од сите учесници во изборниот процес, кои ќе организираат прес-конференции, изјави за медиумите и други настани за информирање на новинарите, да ги почитуваат здравствените протоколи при спроведување на овие активности. Тоа подразбира дека ќе треба организаторот да ги организира настаните за новинарите пред се на отворен простор доколку тоа го овозможуваат временските услови или да обезбеди  просторија во која ќе се гарантира соодветната дистанца помеѓу сите учесници.

Истовремено, со цел дополнително да се заштитат новинарите и медиумските работници, организаторите на овие настани потребно е да обезбедат и заштита опрема (маски, ракавици и средства за дезинфекција) за сите присутни. Ова е особено важно во услови кога здравствената криза предизвикана од КОВИД-19 во нашата земја е влошена и се бележи зголемен број на ново заразени и починати граѓани во последните недели.

Апелираме до сопствениците и менаџерите на медиумите дека и тие имаат обврска да обезбедат безбедни услови за новинарите и медиумските работници во работните простории, но и на терен. ЗНМ неодамна објави публикација со насоки за безбедно и професионално известување во услови на пандемија и истата може да се преземе на следниот линк.

За крај, ги потсетуваме и нашите колеги дека имаат обврска професионално да известуваат за целиот изборен процес при тоа почитувајќи го Етичкиот кодекс на новинарите. Повеќе информации околу етичките и законските правила за известување за изборите се достапни на новиот Прирачник за етичко известување од избори.

ЗНМ најостро ги осудува заканите кон новинарската екипа на ТВ Клан

0

СКОПЈЕ, 29.05.2020 – Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осудува заканите кон новинарската екипа на ТВ Клан. Вчера новинарот Фуркан Салиу и снимателот Ибрахим Мамути биле на терен во селото Ваксинце, каде забележале и снимиле поголема група на емигранти која се движела во тој регион.

Откако ја направиле снимката, тие со автомобил се упатиле назад кон Скопје, по што, еден автомобил со кумановска регистрациска табличка им го пресекол патот, а од него излегол човек кој директно им се заканил на новинарите и побрал од нив да ги избришат снимките и да не ги објавуваат.

Здружението на новинарите на Македонија бара од Министерството за внатрешни работи итно да го идентификува лицето кое се заканило на новинарите и да поднесе соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство. Според новинарската екипа на ТВ Клан, случајот е пријавен во полиција веднаш по примање на заканите. Затоа, очекуваме МВР веднаш да започне истрага, а со тоа да се испрати порака дека такви напади нема да се толерираат.

Освен тоа, ги повикуваме домашните и меѓународните институции кои работат на заштита на правата на мигрантите да се заинтересираат за случајот и да помогнат за целосно расчистување. Потсетуваме дека цензурата е забранета со Уставот, а заканите кон новинарите се апсолутно неприфатливи, претставуваат кривично дело и за нив се одговара пред судот.

ЗНМ и КАС организираа вебинар за млади новинари

0

Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер од 26-28 мај организираа вебинар на тема: „Новинарството во време на пандемија, вонредна состојба и карантин – Предизвици, одговорност и период на промени и прилагодување“.  На работилницата учествуваа претежно млади новинари од повеќе медиуми од државата, а во улога на обучувачи беа новинарите Столе Наумов и Маја Јовановска.

Вебинарот беше фокусиран на подобрување на вештините и техниките за интервјуирање кај учесниците, а беа опфатени и теми за истражувачко новинарство. Се разговараше и за новинарството и медиумите во време на пандемијата со коронавирусот во насока на етичко и професионално известување.

Гости на работилницата беа Министерот за здравство, Венко Филипче и новинарот Мирче Адамчевски, кој е еден од двајцата новинари кои успешно го прележаа коронавирусот. Учесниците имаа прилика да разговараат со нив и да се информираат за сите прашања поврзани со пандемијата и нивните лични искуства. Освен тоа се разговараше за работата на медиумите и комуникацијата на министерот со новинарите во време на кризата.
По завршувањето на вебинарот новинарите беа поделени во четири групи, во чии рамки заеднички ќе треба да изготват новинарски продукти кои потоа ќе бидат објавени и споделени на каналите за комуникација на ЗНМ.

ЗНМ, ССНМ, СЕММ: Против избрзани решенија за финансирање на медиумите

0

СКОПЈЕ, 21.05.2020 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) сметаат Владата треба да се воздржи од избрзани и недоволно обмислени решенија во медиумската сфера, особено во период на предизборие.

Економската криза предизвикана од коронавирусот влијае на кревката финансиска моќ на медиумите генерално и затоа Владата треба да ги исцрпи сите останатите можности за поддршка на медиумите, пред да се размислува за каква било директна финансиска помош.

Во таа насока, предлагаме Владата дополнително да ги ослободи телевизиите и радијата од бројни давачки кон државата пред се кон ААВМУ и кон Агенцијата за електронски комуникации а со цел да го помогне нивното работење во услови на криза. Освен ова, дополнително треба да се направи анализа за нови линеарни даночни олеснување на традиционалните, но и онлајн медиумите зошто на тој начин Владата ќе демонстрира дека се грижи медиумите да имаат поволни услови за функционирање во кризно време, а истовремено нема да покаже дека има селективност во поддршката.

Од друга страна, доколку кризата на програмската содржина на медиумите која постои и пред коронавирусот и натаму не покаже знаци на опоравување, сметаме дека во иднина, Владата треба да се размислува за  креирање на привремена поддршка за иновативни и креативни медиумски проекти, односно продукти од јавен интерес, за сите медиуми, со што би се подобрил квалитетот на програмата, како и економската состојба на новинарите.

Со цел дефинирање на критериуми и инклузивност во процесот за обмислување на моделот кој треба да ги запази стандардите од ЕУ членките, ќе биде нужно  овој процес да мине низ широка дебата со вклученост на релевантните чинители.  Собранието веднаш по конституирањето потребно ќе биде да донесе законско решение со поширок консензус за оваа исклучително важна тема.

Битен аспект за ваков тип на финансиска поддршка е тоа што сите медиуми што се заинтересирани ќе можат да аплицираат. Притоа напоменуваме дека овие финансии не смеат да го нарушат медиумскиот пазар или да создадат услови за нови непазарни влијанија. Затоа нивниот обем треба да биде умерен.

Освен тоа, треба да постојат гаранции дека истите средства би се користеле за подобрување на социјално-економската положба на новинарите и медиумските работници и за создавање на квалитетни медиумски содржини кои се од интерес на јавноста.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ и останатите партнерски новинарски и медиумски организации во наредниот период ќе побараат помош од дел од нашите стратешки партнери како што се Меѓународната федерација на новинари, Европската федерација на новинари, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Амбасадата на САД како и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за споделување на позитивните компаративни искуства, за да послужат како насока во пошироката јавна дебата, по изборите, за изнаоѓање на најдобрите решенија.

Недозволив однос на полицајците кон Салиу

0

СКОПЈЕ, 08.05.2020 – Здружението на новинарите на Македонија го осудува односот на полициските службеници од обезбедувањето и одговорните за протокол на министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев кон новинарот од ТВ Клан, Фуркан Салиу.

На вчерашниот настан организиран од МВР, обезбедувањето на министерот прекршувајќи го Кодексот на однесување на полициски службеници (во членот 19 според кој полицијата има обврска да воспостави професионален однос со медиумите и новинарите) на крајно недоличен начин пробуваше да го оддалечи новинарот Салиу од министерот Чулев поради тоа што тој сакаше да му постави прашање. Според Салиу, дел од неуниформираните полицајци дури тврделе дека треба “да му одржат лекција на него“ што претставува директна закана кон новинарот и е недозволива за било кој државен службеник. Особено е недозволиво вакви работи да се случуваат на денот на македонската полиција!

ЗНМ бара од одделот за внатрешна контрола при МВР итно да го истражи овој случај и соодветно да ги казни припадниците на полицијата кои си дозволиле да постапуваат спротивно од законските овластувања.

Воедно укажуваме на министерот за внатрешни работи дека кога се организираат настани на кои се поканети медиуми, тој мора да оддели време за прашања за новинарите, особено на настани за кои постои голем јавен интерес. Во спротивно, таквото однесување се смета за нетранспарентно и недемократско.

ЗНМ: МВР и ОЈО веднаш да го најдат лицето кое се закани на новинарот Мишко Иванов

0

СКОПЈЕ, 06.05.2020 – Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува вербалните закани кон новинарот Мишко Иванов, испратени до него на социјалната мрежа Фејсбук. Вчеравечер, веднаш по завршувањето на интервјуата со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, извесен Бобан Петровски испратил порака полна со говор на омраза и закани до новинарот на ТВ24. Откако Иванов ја објави пораката на својот профил на Фејсбук, новинарките Анета Додевска и Наташа Стојановска исто така посочија дека во последно време и тие биле мета на напади, односно и до нив биле испратени пораки со слични содржини.

Го повикуваме Министерството за внатрешни работи итно да отвори истрага за овие закани кон колегите и да поднесе пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на заканувачите. Заканите и говорот на омраза не спаѓаат во доменот на слобода на говорот и може да предизвикаат сериозни последици и самоцензура кај новинарите. Единствено преку строга санкција на ваквите закани од страна на институциите ќе може да се спречат идни напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите, бидејќи тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот. Затоа, инсистираме МВР и ОЈО веднаш да изнајдат начин за ефикасно истражување на ваквите закани.

Ја потсетуваме јавноста дека доколку сакаме да имаме функционална демократија потребно е високо ниво на слобода на говор и изразување, а такво нешто не може да се постигне доколку новинарите и медиумските работници работат под постојан притисок и закани, бидејќи на тој начин единствено ќе се придонесе за создавање на атмосфера на страв и самоцензура.

Овие закани кои претставуваат напад врз слободата на известување и слободата на медиумите ќе бидат пријавени до сите домашни и меѓународни организации кои се бават со одбрана на слободата на изразувањето.

ЗНМ: Денеска се поднесени тужби за нападите врз новинарите кои се случија на 27-ми април

0

СКОПЈЕ, 27.04.2020 – Здружението на новинарите на Македонија потсетува дека на 27-ми април, пред три години се случи „крвавиот четврток“, каде поголема група поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ упадна во Собранието на Македонија, при што беа нападнати новинари, сниматели, пратеници и останати функционери.

Во име на одбележување на овој црн ден за демократијата и застапување на слободата на изразувањето и безбедноста на новинарите, група новинари, помогнати од ЗНМ преку адвокатската канцеларија Медарски денеска поднесe тужби. Споре ЗНМ, тужбите против државата, се поднесени за утврдување на повреда на правото на слобода на изразување и за надомест на нематеријална штета. Овие тужби следат по претходен повик кој го имаше ЗНМ со цел обезбедување на правна помош за новинарите и медиумските работници кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан.

„Потсетуваме дека Основното јавно обвинителство застана во заштита на дел од политичарите и против дел од нивните напаѓачи беа преземени мерки по службена должност по што следеа и затворски казни од страна на судот. И покрај тоа што група на новинари претходно даваа и искази во ОЈО за настаните од 27ми април, каде имаше случаи и на физичко насилство, за жал се уште нема никаква правна постапка против сторителите каде што новинарите се оштетена страна. Затоа во услови кога има двојни стандарди за новинарите и кога државата не ги заштити нашите колеги истите се приморани преку приватни тужби да ја бараат правдата“, се вели во соопштението на ЗНМ.

ЗНМ сака да ги охрабри сите новинари да го кренат својот глас против нападите и притисоците на кои се или биле изложени и со тоа да пратат порака до јавноста и институциите дека тие повеќе нема да молчат. Исто така, судските постапки ќе го зголемат и притисокот врз институциите за да ги казнат насилниците, а со тоа ќе спречат во иднина да се повторуваат вакви напади кои се недозволиви и неприфатливи.

ЗНМ: Слободата на изразување мора да биде гарантирана и во време на вонредна состојба

0

СКОПЈЕ, 22.04.2020 – Со продолжувањето на вонредната состојба во земјава, ЗНМ смета дека мора да се најде начин за подобра комуникација и транспарентност во односот на владините институции и здравствените центри, a во насока на гарантирање на слободата на изразување и правото на информирање. Здружението на новинарите на Македонија смета дека има голем простор за да се подобри соработката меѓу новинарите, медиумите и институциите, со оглед на сите забелешки што досега пристигнаа кај нас од нашето членство.

Укажуваме дека ние како организација, a и голем дел од нашите членови, сме незадоволни од недостигот на двонасочната комуникација за вклучување во живо преку видео алатките за време на прес-конференциите на министрите. Со моменталната пракса преку оваа комуникација, не се дава во целост простор на новинарот да има потпрашање ниту пак да има коментар на даден одговор, со што соговорникот не секогаш одговара на прашања. Ова дава можност, тој да биде селективен во своите одговори. Ваквиот однос остави впечаток дека на дел од прашањата соговорниците не знаат да одговорат или пак своите сознанија не сакаат да ги споделат со јавноста. Затоа, бараме во вклучувањето, со цел обезбедување на целосна информација од соговорникот, да се остави простор на новинарите за да постават потпрашања.

Втората опција, за која сметаме дека има можност да се направи е да се организираат прес-конференции на отворено кога тоа го дозволуваат временските услови (пред Владата или на друго соодветна локација) со физичка дистанца меѓу новинарите, но и меѓу новинарите и соговорниците. Ова е препорака на ЗНМ и на нашата партнерската организација Европската Федерација на новинари која ја сугерира до сите свои членки во Европа. Оваа опција не треба да ја исклучи првата опција, бидејќи таа се покажа како корисна за новинарите од другите градови.

  • Во овој дел сакаме да упатиме критика за последната прес-конференција организирана во Куманово од страна на градоначалникот. Taa според нашите колеги била организирана во затворен простор со присуство на повеќе соговорници, новинари и медиумски работници, кои имале меѓу себе физички контакт. Потоа се укажа дека градоначалникот бил заразен од COVID-19, со што нашите колеги директно биле изложени на здравствен ризик.
  • Освен ова, уште еднаш укажуваме дека Владата не треба да им го скратува правото на прашања и учество на прес-конференциите ниту на онлајн медиумите кои не се наоѓаат во Регистарот на професионални онлајн медиуми, бидејќи Регистарот е доброволна организација, не е направен за таа намена, туку со цел јавноста и бизнис заедницата да ги препознае професионалните медиуми.
  • Во однос на транспарентноста, укажуваме дека институциите не смеат да си дозволат да споделуваат информации само со одредени новинари или медиуми пред одржување на прес-конференциите и на тој начин да се обезбедува ексклузива на одредени медиуми, наспроти сите останати кои се упатени да ги следат прес-конференциите. Кога се наоѓаме во вака деликатна ситуација, сите медиуми треба да имаат еднаков пристап до информации кои се важни за јавноста.
  • Емисијата насловена како „Ковид -19 – Прашања и одговори: Сè за коронавирусот“ организирана неодамна од страна на Владата, каде во својство на новинари се јавија државни службеници, а со тоа беа исклучени критичните прашања е негативен пример за комуникација со граѓаните и пракса која е навреда за професионалните новинари. Затоа ваквите формати на комуникација од страна на владините претставници потребно е во иднина да се избегнат.
  • Изминатиов период во неколку наврати владини претставници најавуваа нови законски уредби за санкционирање на лажните вести и пресметки со медиумите. Потсетуваме дека главната задача на институциите во овие моменти треба да биде обезбедување на максимална транспарентност околу кризата предизвикана од пандемијата и економската криза, а не да се занимава со ограничувања на слободата на изразување. Најдобар начин за дефакторизирање на дезинформациите е поголемата транспарентност и користењето на саморегулацијата во медиумите.
  • Во однос на слободата на движење на новинарите за време на полицискиот час уште еднаш укажуваме дека Владата не треба да го ограничува движењето на новинарите од медиумите кои не се дел од Регистарот на Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) и ЗНМ.
  • Поради фактот дека новинарите, покрај здравствените работници, се можеби најизложени на ризикот од заразување со коронавирусот, сметаме дека институциите мора да обезбедат услови за тестирање на новинарите и медиумските работници ако тоа е побарано од нив.

Од друга страна, го поздравуваме потегот на Владата за обезбедување на минимална плата за новинарите и медиумските работници, мерка која јавно ја побаравме заедно со новинарскиот синдикат, а со цел олеснување на работата на медиумите во овој тежок период. ЗНМ укажува на ризикот дека доколку кризата продолжи и во следните месеци, потребно е да се размисли за дополнителни мерки за да се пребродат економските тешкотии на медиумите и да се избегне отпуштање на новинари и медиумски работници. Овие мерки треба да бидат ефикасни и да ги опфатат не само традиционалните медиуми туку и онлајн медиумите, кои за разлика од традиционалните медиуми немаат примена никаква финансиска помош во изминатиот период.

За крај, сакаме да истакнеме дека во услови на глобална пандемија, денес повеќе од било кога, може да се забележи потребата од квалитетни дописништва. Се покажа дека дописниците при една ваква состојба се мошне важни и за медиумите и за граѓаните. Оттаму, сметаме дека треба да се направат дополнителни напори за да се обезбеди нивното место во новинарските редакции. Потсетуваме на препораките на ЗНМ за подобрување на дописничката мрежа на МРТВ и МИА со законски измени, но и со препораки кон националните телевизии и дневни весници.

Репортери без граници: Бавен напредок, закочени реформи, светла точка регистарот на ЗНМ и СЕММ

0

СКОПЈЕ, 21.04.2020 – Денеска беше објавен овогодинешниот индекс на Репортери без граници кој ја мери слободата на медиумите во државите низ светот. Оваа година, Северна Македонија бележи скок од 3 места на оваа листа и сега се наоѓа на 92-то место од вкупно 180 земји во светот.

Во делот за нашата земја се наведува дека: „Треба да се забележат две револуционерни достигнувања во врска со саморегулацијата и работните стандарди на професионалните новинари: од една страна, создавањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми (www.promedia.mk) кој има околу 120 члена, креиран од страна на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Оваа иницијатива ја промовира саморегулацијата на медиумите со тоа што ги обврзува да се придржуваат кон Кодексот на новинарите и да ги објавуваат одлуките на СЕММ. Од друга страна, потпишувањето на Повелбата за подобрување на условите за работа на новинарите и медиумските работници во дигиталните медиуми од страна на Синдикатот (ССНМ), во соработка со ЗНМ и СЕММ“, се вели во извештајот на Репортери без граници.

Еден од проблемите кои се издвоени во извештајот на Репортери без граници е финансирањето медиумите од страна на општините и покрај забраната за оваа практика. Освен тоа, се критикува и купувањето на простор во медиумите за промовирање на достигнувањата на Владата, нешто што наиде на осуда од Здружението на новинарите на Македонија.

Во извештајот се наведува дека бројот на физички напади врз новинарите и медиумските работници е намален, меѓутоа во пораст е бројот на сајбер-напади, а се дава критика и на застојот во реформирањето на јавниот сервис.

Според последниот индекс за слобода на медиумите, од соседството, пред Северна Македонија се: Грција на 65-то, Косово на 70-то и Албанија на 84-то место, додека зад нас се наоѓаат Србија, на 93-то место, Црна Гора на 105-то и Бугарија на 111-то место.