Home Blog Page 11

Осуда за нападот на новинарската екипа на Ал Џaзира во центарот на Скопје

0

Скопје, 09.09.2020 –

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осудуваат нападот кон новинарската екипа на Ал Џaзира и бараат од МВР да го санкционира напаѓачот за кој има и јавно достапна снимка од настанот.

На протестот кој денеска во центарот на Скопје го организираше политичката партија ВМРО -ДПМНЕ, од страна на непознато лице, новинарката Милка Смилевска и снимателот Јорде Ангеловиќ од медиумот Ал Џaзира биле нападните и попречени во вршење на своите професионални новинарски задачи. Според видеата и изјавите на новинарката во врска со инцидентот, откако прашалo од кој медиум непознатотo лице имало физички контакт со нив по што го турнало микрофонот на новинарката.

Новинарската Смилевска на лице место го пријавила инцидентот на службеник од МВР по што, за сега непознатото лице, било тргнато на страна, а од службеникот било укажано дека соодветна прекршочна пријава ќе биде поднесена кон напаѓачот.

Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволив во демократски земји. Доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните.

Секција на сниматели при ЗНМ: ССК не ги почитува протоколите за организирање на настани

0

Скопје, 02.09.2020 –

Секцијата на сниматели при Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), реагира на начинот на кој беше организиран денешниот настан за медиуми од страна на Сојузот на стопански комори во еден ресторан во Скопје.

Повеќе сниматели но и фоторепортери и новинари немаа услови професионално да ја вршат својата работа поради несоодветниот простор кој бил отстапен од страна на организаторот. Истовремено, Сојузот според присутните сниматели не ги испочитувал протоколите за физичка дистанца и повеќе сниматели биле сместени на мал простор со што нивното здравје и безбедност биле ставени во ризик.

Членовите на Секцијата на сниматели при ЗНМ бараат од организаторите на настаните за медиумите во иднина да се обезбедат соодветни услови за нивна работа и строго да ги почитуваат здравствените протоколи предвидени за јавни настани. Доколку ова не се испочитува снимателите нема да ги проследат овие настани а ЗНМ ќе поднесе соодветни правни постапки против организаторите.

Осуда за непримерниот однос на ИДКНА кон весникот „Коха“

0

СКОПЈЕ, 02.09.2020 –

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), го осудува начинот на јавна комуникација и обвинувањата упатени кон весникот „Коха“ од страна на Институтот за Духовно и Културно Наследство на Албанците (ИДКНА).

Овој институт на својата веб страна и на профилите на социјалните мрежи има објавен текст насловен како „Застрашувачки е антисемитскиот јазик на весникот КОХА!“ во кој ги обвинува новинарите и уредниците како и соговорниците на одредени теми поврзани со написи за работата на Институтот а објавени во „Коха“. Во овој текст, кој потоа е објавен од неколку медиуми се обвинува медиумот „Коха“ дека работел со цел да наштети на имиџот на оваа јавна установа додавајќи дека „весникот КОХА ќе стане контејнер на антисемитски реакции“.

Загрижува фактот што во последно време директори на јавни институции ги користат ресурсите на истите да се пресметуваат јавно со медиуми кои критички ја опсервираат нивната работа. Институтот за духовно културно наследство на Албанците како јавна национална установа треба да даде пример како се негува професионален однос со новинарите и медиумите а не истата да се обидува да ги дискредитира оние за кои тие сметаат дека не се етични.

Затоа, бараме од Директорот Скендер Асани јавно да се извини на весникот „Коха“ и на тој начин да покаже дека има толеранција кон јавно кажана критика.

Доколку и понатаму Директорот Асани смета дека било кој медиум не бил етичен на теми кои ја засегаат работата на Институтот има можност да поднесе претставка до медиумските саморегулативни тела или да го искористи своето законско право за барање на исправка и демант. Во спротивно ќе се остави впечаток дека тој тенденциозно врши притисок на работата на медиумите и со тоа се обидува да ги обесхрабри да се интересираат за работата на ИДКНА.

Агенцијата за филм продолжува со закани и непримерна комуникација со медиумите

0

СКОПЈЕ, 30.07.2020 – Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), повторно ја осудува непримерната јавна комуникација на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија која на сличен начин како и минатиот пат, преку непотпишано соопштение објавено на 27 јули 2020 година, јавно се пресметува со онајлн медиумите sdk.mk, mkd.mk и radiomof.mk.

Лошата пракса која ја има Агенцијата за филм во начинот на комуникација со новинарите нема да се подобри ако јавно им се закануваат со кривични тужби за нивни претходни објави. Доколку одговорните лица од Агенцијата сметаат дека одредени медиумски содржини не се во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите, можат да поднесат претставка до медиумските саморегулативни тела или да побараат исправка и демнат.

Јавна закана со кривичен прогон особено од институција која се финансира пред се од јавниот буџет, претставува сериозна форма на притисок кон новинари и медиуми која служи истите да ги дискредитира но и да се одвратат да се бават со теми кои се од делокругот на работата на Агенцијата.

Потсетуваме дека менаџери на институции кои се финансирани од граѓаните како и на лица кои се именувани од страна на Владата треба да имаат повисок степен на толеранција кога имаат јавна критика за нивната работа а при тоа се исполнети професионалните стандарди на новинарската професија. Исто така, ги потсетуваме нашите колеги дека ако им е потребна бесплатна правна помош со цел штитење на нивните права во вршење на професионално новинарство дека ЗНМ стои на располагање.

ЗНМ остро ги осудува заканите упатени кон Дерала и Сарачини

0

СКОПЈЕ, 30.07.2020 – Здружението на новинари (ЗНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираат на јавно искажаните закани и омаловажувања со елементи на говор на омраза упатени преку социјалната мрежа Фејсбук, до новинарите и активистите на „Цивил медиа“ Џабир Дерала и Петрит Сарачини.

На оваа социјална мрежа, личност со профил именуван како „Марјан Камиловски“ неодамна јавно има објавено фотографија со огнено оружје, a потоа и заканувачки текст проследен со вулгарни зборови кој упатува на тоа дека нема да се толерира јавно кажана критика кон еден од ново избраните пратеници во Собранието на РСМ. Друг профил мотивиран од оваа објава, именуван како „Sekula vojdova fan club“ на агресивен начин и навредлив начин се обраќа кон новинарите нарекувајќи ги „северџани“, „балистички кучиња“ по што останати корисници во продолжение упатуваат закани и говор на омраза.

Овој тип на агресивна реторика присутна на дел од профилите на социјалните медиуми, се засили во текот на изборната кампања, за што повеќе пати реагиравме, а продолжува и после предвремените парламентарни избори.

Како новинарски организации укажуваме дека говорот на омраза и заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик, а надлежните институции пред се Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното Јавно Обвинителство (ОЈО) во Скопје, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални дела предизвикани од омраза.

Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор се основните обележја на земја што претендира да биде демократска. Затоа инсистираме од институциите итна реакција и активно следење на појавата на говор на омраза особено на социјалните мрежи. Од политичките партии пак, особено од оние кон кои заканувачите јавно покажуваат наклонетост, бараме јавна осуда на нападите и поддршка на слободната мисла.

МВР ги казни полицајците што ја попречуваа работата на колешката Секуловска

0

СКОПЈЕ, 23.07.2020 – Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Внатрешната контрола на МВР која утврди незаконско постапување на полициските службеници за попречување на новинарката Билјана Секуловска при вршење на своите професионални обврски.

Имено, на 07.06.2020 година околу 19.00 часот, новинарката Билјана Секуловска, уредник во онлајн медиумот www.novatv.mk, при обавување на професионалните задачи сликала полициска патрола која вршела контроли за време на полицискиот час. И покрај тоа што Секуловска се претставила на полицијата и покажала дозвола за непречено движење за време на полициски час, полициските службеници и забраниле да ги снима и на груб начин се заканувале дека ќе ја тужат, бидејќи според нив не било дозволено да се снимаат полициски службеници.

По овој настан Здружението на новинарите на Македонија испрати претставка до Внатрешната контрола при МВР поради попречување на правото на новинарката да известува од јавен простор за теми од јавен интерес. Дополнително, беше побарано итно да се спроведе постапка за утврдување на одговорност на полицискиот службеник, а потоа да биде спроведена и дисциплинска постапка во која ќе се утврди дали тој постапувал во согласност со Законот за полиција и Кодексот на полициска етика.

Денеска бевме известени дека Внатрешната контрола утврдила незаконско постапување на полициските службеници и дека тие ќе бидат соодветно казнети. Потсетуваме дека соработката помеѓу полицијата и новинарите е од огромна важност и таа треба дополнително да се развива.

„Ваквата принципиелна практика може да помогне во градење на професионалниот однос меѓу нашите колеги и полицијата“, рече претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и додаде дека негативните случки треба да послужат како пример од кој ќе се извлече поука во насока на подобро разбирање на законските овластувања на полицијата при постапување на терен против новинарите.

Во иднина ги повикуваме и другите членови на ЗНМ доколку се соочат со слични проблеми да се обратат во канцеларијата на Здружението на новинарите на Македонија, бидејќи имаме обезбедено бесплатна правна помош за вакви и слични прекршувања на нивните права.

ЗНМ и СЕММ најостро го осудуваат директното кршење на изборниот молк

0

СКОПЈЕ, 14.07.2020 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро ги осудуваат случаите на грубо прекршување на изборниот молк од страна на повеќе онлајн медиуми во текот на вчерашниот ден, што претставува сериозно компромитирање на изборниот процес.

Се оди дотаму што медиуми коишто и самите потсетуваат како да се избегнат изборните нерегуларности, со своето известување ги нарушуваат правилата на известување од избори, до степен што си дозволуваат да објавуваат и проценки на изборните резултати и да соопштуваат непостоечки, неофицијални, податоци од досегашното гласање.

Освен што на овој начин сериозно ги нарушуваат етичките стандарди и норми за известување при избори, со своето известување, овие портали се однесуваат во спротивност и со Изборниот законик, во кој што јасно е наведено дека „за време на изборниот молк престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања“ и дека се забранети „какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите“. Дополнително, штетат на самиот изборен процес, станувајќи орудие во рацете на партиски центри.

Потсетуваме, исто така, и на фактот дека дел од овие портали се наоѓаат на списокот на Државната изборна комисија за платено политичко рекламирање со парите на сите граѓани, од Буџетот, при што со непочитувањето на фундаменталните принципи на известување тие се ставаат во ист кош со професионалните редакции.

Медиумите ги потсетуваме дека изборниот молк е фаза во која што на гласачите треба да им се овозможи да ги анализираат добиените информации за политичката понуда во текот на кампањата и да одлучат кому ќе му го доделат својот глас. Упатуваме повик до членките на Регистарот на професионални онлајн медиуми (www.promedia.mk) доследно и целосно да ги почитуваат професионалните и етичките стандарди во известувањето и да не послужат како средство за политичка агитација и пропаганда.

Во исто време, ги повикуваме и агрегаторите на вести сериозно да се ангажираат во преиспитување на тоа дали ќе го отстапуваат својот простор за содржини со коишто се заобиколуваат и игнорираат професионалните стандарди и законските одредби.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ остро ги осудуваат заканите кон дописничката Милевска

0

СКОПЈЕ, 13.07.2020 – Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираат на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до колешката Тања Милевска, дописник за државната агенција МИА од Брисел.

Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик, со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат.

Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор одат рака под рака, заедно со демократските обележја на една држава . Ваквиот јавен дискурс во којшто најбезобразно се напаѓаат новинари, и тоа со најотворени закани по живот е недозволив и незамислив за едно демократско општество.

Фактот што Македонија е во предизборна кампања само дополнително потенцира апелот да биде упатен и до политичките партии како директни генератори на овој опасен тренд преку толеранција на овој наратив од нивни поддржувачи, ботови и лажни профили по социјалните мрежи.

Од институциите бараме итна реакција и будно следење на сите вакви појави, а од партиите јавна осуда на нападите и поддршка на новинарските заложби за слобода на говор и заштита на медиумските работници.

По барање на ЗНМ ќе се спроведе скрининг за коронавирус на новинари

0

СКОПЈЕ, 03.07.2020 – Министерството за здравство на барање на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во наредните денови ќе организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за КОВИД – 19.  

Во последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, се дополнително изложени на вирусот КОВИД – 19. Освен тоа, во ЗНМ беше пријавено дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги кои се сомневаат дека се заразени.

Поаѓајќи од тоа, но и од потребата да се даде приоритет на новинарите и медиумските работници  ќе се спроведе скрининг во два круга. Во првиот круг ќе бидат опфатени новинари и медиумски работници од информативните програми од поголемите медиуми, со цел да се утврди дали и колку од вработените се заразени. Ова ќе придонесе да се спречи ширење на болеста во овие редакции каде има поголем број на лица кои работат во исто време во ограничен простор. Според првичната проценка целта е да се опфатат најмалку 500 новинари и медиумски работници во првиот круг во период од 3 дена, а во зависност од исходот на ова соодветно ќе се планира временската рамка и начинот на спроведување на скринингот и во вториот круг.

Поголемите редакции денеска ќе добијат подетални информации со цел да се направи соодветен распоред за спроведување на скринингот. За останатите помали редакции, дополнително ќе следат информации за скринингот по завршување на првиот круг.