Home Blog Page 17

ЗНМ: дел од мерките во планот на Владата се проблематични

0

СКОПЈЕ, 25.07.2019 – ЗНМ со внимателност ги следи чекорите на Владата на РСМ за однос на промовирањето на Предлог планот против ширење на дезинформации и првичната оценка содржи точки поради кои изразуваме загриженост. Во насока на исклучување на сомнежи за злоупотреба на обврската на Владата да ја гарантира слободата на изразување, од исклучителна важност е процесот на консултации за овие теми да биде максимално инклузивен и транспарентен од самиот почеток.

Освен тоа, Владата треба да знае дека дефинирање на професионални стандарди и оценката за тоа дали некој новинар или медиум е етичен, може да ги прави исклучиво новинарскиот еснаф и јавноста, а не владина институција или каква било работна група во рамки на Владата.

Околу содржината на Предлог планот, го охрабруваме потегот на Владата да направи напор за одбранбен механизам внатре во институциите, преку креирање на протоколи и обуки за државните службеници. Сметаме дека е битно извршната власт да биде транспарентна и точна во начинот на пренесување на информациите кон јавноста, како превентивен механизам за погрешно толкување од страна на медиумите.

Од друга страна, со загриженост ги проследивме дел од проактивните мерки и тоа особено оние кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко – регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога.

Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета во и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја.

Битката против дезинформации е сложен процес, не само во Македонија туку и општо во светот. Европската комисија веќе има план за превенција кој е добар основ за планирање на активности и во нашата земја, но од исклучителна важност е локалниот контекст и затоа е нужно новинарите и медиумите да имаат силна улога во креирањето на овие стратегии и да бидат однапред вклучени во процесот.

ЗНМ будно го следи случајот со МВР и новинарот Златев

0

СКОПЈЕ, 24.07.2019 – Денеска во просториите на СВР Скопје на претходна покана од МВР, новинарот Љупче Златев во присуство на правен застапник имал разговор со службени лица од  Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. Според разговорот со колегата Златев, предмет на разговорот биле неговите претходни објави на онлајн медиумот каде што тој е уредник а поврзани со сомнежите за сторени кривични дела од страна на Генералниот секретар на Владата на РСМ, Драги Рашковски.

На разговорот во МВР, од Златев било барано да потврди дали тој е автор на овие објави како и да го открие изворот на објавените информации и снимки. Тој потврдил дека е автор но одбил да даде информација за својот извор.

ЗНМ потсетува дека Уставот на РСМ во членот 16 го гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање и ова право е загарантирано во Законот за медиуми како и во Европската повелба за заштита на човековите права. Истовремено, ретки се примерите во европските земји каде што за објавен текст кој индицира злоупотреби во системот, се повикуваат новинари да го кажат својот извор. Ваквата практика може да се толкува како притисок кон новинарите со што може да придонесе кон само цензура.

ЗНМ со особен интерес го следи овој случај и стои на располагање за бесплатна правна помош за новинарот Златев доколку истата е неопходна.

Во наредните денови Димовски ќе ја свика седницата за избор на членови во АВМУ и МРТ

0

СКОПЈЕ, 22.07.2019 – Денеска во Собранието на СРМ, Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и Директорот Драган Секуловски остварија средба со Илија Димовски, Претседател на собраниската Комисија за избори и именувања.

На средбата се разговараше за блокираниот процес за избор на членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и на Програмскиот совет на МРТ. Беше договорено дека во наредните денови, Димовски ќе ја закаже седницата на оваа Комисија со што ќе се отпочне постапката за избори на лицата во овие совети како предуслов за реформи во медиумскиот регулатор и јавниот сервис. Според Димовски, се очекува дека веднаш после летните одмори, доколку има политички консензус, ќе се премине кон законската обврска и ќе се организира јавна дебата за кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за да бидат избрани во двата совета со дво третинско мнозинство од страна на Собранието.

Од страна на ЗНМ, беше истакнато дека за оваа постапка веќе сите рокови се пробиени и дека по закажувањето на седницата политичките партии треба да покажат високо ниво на разбирање за ефикасно надминување на блокадата во медиумските реформи.

Освен ова, на средбата беше посочен и проблемот за нефункциоирањето на Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер која веќе повеќе од една година нема кворум да одлучува по претставки од страна на новинарите и граѓаните. Оваа Комисија, сега веќе Агенција со измените на законот од мај 2019 година е од исклучително значење за подобрување на транспарентноста на јавните институции за тоа како тие работат и како ги трошат парите на граѓаните. Од претставниците на ЗНМ беше побарано веднаш да се ангажира Комисијата за избор и именување при Собрание и да го спроведе законот со избор на новиот директор и заменик директор во оваа Агенција.

ЗНМ: Случајот со 1ТВ е последен аларм за итни медиумски реформи

0

СКОПЈЕ, 18.07.2019 – Последните случувања со приведувањето на Бојан Јовановски, менаџер во кабелската телевизија 1ТВ отвора сомнеж за сериозна злоупотреба на медиумите  на сметка на лично богатење на поединци. Овој развој на настаните поврзани со 1ТВ претставуваат и удар врз репутацијата на професионалното новинарство, а доколку нема соодветна правна разрешница може да предизвика и намалување на довербата кон новинарите и медиумите во целост.

ЗНМ изразува загриженост и за состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници вработени во оваа телевизија кои поради овој скандал може да останат на улица. Ова дополнително може негативно да се одрази и на севкупниот пазар на трудот во медиумскиот сектор.

Оваа состојба нека биде последен аларм за итно спроведување на најавените и ветени реформи во медиумската сфера, но и во вкупниот медиумски бизнис, преку неопходен мониторинг во однос на начинот на кој медиумите се финансираат и во однос на сопствеништвото.

Ги повикуваме Владата и опозицијата, преку Парламентот да најдат механизам за итно деблокирање на собраниските процедури преку кои треба да продолжат реформите важни за нашата медиумска сфера. Потенцираме и потсетуваме дека се пробиени сите рокови за екипирање на програмскиот совет на МРТ и на Советот на ААВМУ .

Тоа беа предуслови што треба да водат кон конечно креирање на амбиент во кој приватните медиуми, како и јавниот сервис ќе можат да функционираат независно, во интерес на јавноста.

Ја повикуваме АВМУ да спроведе итен вонреден надзор со цел да се утврди дали телевизијата 1ТВ ги има прекршено одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Бараме од Основното јавно обвинителство во Скопје како и од надлежните институции со брза и ефикасна истрага да придонесат да се оттргне сомнежот во јавноста дека институциите делуваат селективно и не работат во интерес на граѓаните. Брза правна разрешница на случајот ќе биде многу значајна и за иднината на вработените новинари и медиумски работници во 1ТВ.

Безбедноста на новинарите е клучна за постоење на независни и професионални медиуми

0

СКОПЈЕ, 17.07.2019 – Безбедноста на новинарите е клучна за постоење на независни и професионални медиуми, како и за остварување на правото на слобода на изразување. Без слобода на медиумите и квалитетни информации за јавниот интерес не е можно функционирање на демократските процеси во земјава. Насилството, вознемирувањето и заплашувањето насочено кон новинари претставува напад врз демократијата. Тие имаат ефект на задушување на слободата на медиумите и слободата на изразување.

Во последниот Извештај на Европската Комисија за Република Северна Македонија објавен на 29 мај пишува дека „земјата е умерено подготвена во областа наслобода на изразување и постигна добар напредок во последната година“.

Според Извештајот, климата за слободата на медиумите и слободата на изразување продолжи да сеподобрува. Но, од суштинско значење е јавните функционери и политичките елити да покажат повисоко ниво на толеранција кон критиките, со што ќе се поддржи слободата на изразување.

Европската Комисија испрати порака дека државата треба да посвети особено внимание на брзото и ефективното следење на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинарите од страна на полицијата и судските органи.

Како посебен параграф во Извештајот беа споменати последните пет случаи на заплашување на новинарите во 2018 и 2019 година.

„Сепак, имаше два инциденти наизјави на високи владини претставници против медиумите. Политичарите и јавните функционери, сè уште треба да покажат повисок степен на толеранција кон критиките и да ја унапредат слободата на изразување. Треба да се подобрат постапките за однесување на полицијата кон новинарите и регистрирањето на нападите. Органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство треба ефективно да ги следат сите инциденти против новинарите. Старите случаи на најсериозните физички напади врз новинарите (13) не се решени поради непрофесионално однесување во истрагите“, пишува во препораките на Извештајот во делот за слобода на медиуми.

Комисијата во Извештајот ја нагласува соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Здружението на новинари чија целе да се утврди одговорност за инцидентите на физичка и вербална злоупотреба или заканите против новинарите.

Делумно слободна земја

Состојбата со слободата на медиумите во 2018 и 2019 година во Република Северна Македонија бележи благо подобрување, но отсуствуваат сериозни системски реформи што ќе создаваат поволен амбиент за непречен развој на медиумите и развивање на професионално новинарство.

Земјава годинава има скок од 14 места на ранг-листата на организацијата „Репортери без граници“ за слободата на печатот. Таа сега се наоѓа на 95 место. Сепак, и покрај големиот скок, Северна Македонија е меѓу последните од земјите во регионот. Зад нејзе се само уште Црна Гора (104 место) и Бугарија (111 место). Неколку места пред Северна Македонија е Србија, која е на 90 место, Албанија е на 82 место на ранг листата, Косово на 75 место, Грција на 65-то, Хрватска на 64-то, а Босна и Херцеговина на 63 место.

Во оценката на оваа организација се вели:

„Високи претставници на власта постојано навредуваат новинари во Северна Македонија. Насилничките напади врз медиумските работници станаа поретки, но долгогодишната култура на неказнивост се чувствува и натаму: само за мал дел од нападите кои се случија во изминатите години се покренати истраги и се идентификувани насилниците.“

Според годинешниот извештај, пак, на „Фридомхаус“ насловен „Слободата во светот 2019“ Република Северна Македонија и натаму е во групата делумно слободни земји. Државава и оваа година останува со вкупен рејтинг од 3,5, на скала каде 1 е најслободно, а 7 е најнеслободно општество.

Во регионот, Северна Македонија се наоѓа зад Словенија, Грција, Хрватска и Бугарија, и малку зад Србија, Црна Гора и Албанија, а е подобра од Косово и Босна и Херцеговина.

Меморандуми за соработка со МВР и ОБСЕ

Процесот на подобрување на соработката меѓу Здружението на новинарите на Македонија и Министерството за внатрешни работи почна со потпишувањето на Меморандумот за соработка на 29 септември 2017 година. Целта на Меморандумот беше да се демонстрира политичка волја од министерот за внатрешни работи за институционално да се решат проблемите на новинарите и подготвеност да се стави крај на политиката на неказнивост на насилството кон новинари.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вети дека ќе се заложи МВР да стори се за медиумските работници да можат слободно и безбедно да си ја вршат својата работа. Меморандумот предвидува изготвување на протокол за известување од настани со висок ризик, за да им овозможи на новинарите да ги следат настаните без да се загрози нивната безбедност.

На 28 март 2018 година беше потпишан Меморандум за соработка и меѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ЗНМ соцел да се подобри безбедноста на новинарите и медиумските работници, но и да сеподобри квалитетот на нивното известување.

Како една од активностите која произлезе од Меморандумот за соработка беа и серијата работилници посветени на безбедноста на новинарите при известување од настани од висок ризик во организација на Мисијата на ОБСЕ во земјава. Целта на работилниците беше припадниците на полицијата да се обучат за важноста на улогата на медиумите во едно демократско општество, кое не може да функционира без слободни и професионални медиуми.

Минатата година се одржаа шест обуки за новинари и полициски службеници во шест градови, на кои се дебатираше за зголемување на меѓусебната доверба и соработка со цел да се најдат решенија кои ќе овозможат на двете страни непречено и професионално да ги исполнат нивните работни задачи.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на една од обуките ги повика и останатите институции како што се судството и јавното обвинителство да придонесат со својата работа за зголемување на безбедноста на новинарите и слободата на говорот.

По завршување на обуките беше изготвен „Прирачник за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик“ кој има цел да послужи во идентификување на ризиците и за избегнувањена нападите и притисоците со кои се соочуваат новинарите, особено при известување од настани со висок ризик. Понатаму, Прирачникот служи да ги појасни процедурите и законските надлежности на Министерството за внатрешни работи, но и на Јавното обвинителство сè со цел да се обезбеди поголема заштита на новинарите.Освен тоа, Прирачникот нуди практики и искуства на ЗНМ и на други меѓународни граѓански и политички организации од превенцијата на напади и притисоци кон новинарите.

Сепак, според последниот годишен извештај на ЗНМ за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите објавен на 25 декември 2018 година, безбедноста на новинарите лани бележи одредено подобрување, меѓутоа политиката на неказнивост на напаѓачите на новинарите се уште останува присутна. Бројот на напади е намален за три пати, а донесени се и првите судски пресуди против оние што напаѓаа новинари во минатото. Но, политиката на неказнивост во Северна Македонија има длабоки корени. Од 59 напади, досега се разрешени само два. Главната причина за тоа е судската пракса при казнување на напади на новинари која не е усогласена со заштита на информирањето како работа од јавен интерес и клучна компонента на демократското општество. Судовите не ги препознаваат нападите на новинарите како посебна општествена опасност, па случаите не се решаваат во разумен рок, ниту адекватно.

Oбуки за безбедност на новинарите

Минатата година на обуките присуствуваа полициските службеници со повисоки чинови во хиерархиската поставеност на МВР, односно командири и началници. Оваа година повторно се одржаа шест работилници меѓу новинари и полициски службеници, но овој пат тоа беа инспектори, полицајци од општа надлежност, припадници на Секторот за увид и сообраќајни несреќи.

Од 13 мај до 12 јуни во соработка меѓу Здружението на новинари на Македонија и  Мисијата на ОБСЕ беа организирани серија на работилници во шест градови низ земјата со цел да се подобри безбедноста на новинарите. Работилници се одржаа во Струмица(13 мај), Охрид(16 мај), Штип(23 мај), Битола(27 мај), Куманово(10 јуни) и Тетово(12 јуни) со новинари и полициски службеници, а беа присутни и портпаролите на локалните Сектори на Министерството за внатрешни работи.

На секоја работилница присуствуваа над дваесетина новинари и полицајци на кои разменуваа искуства и свои гледишта како да постапуваат во разни ситуации, со цел дасе подобри соработка и да не доаѓаат до меѓусебни конфликти. Целта на работилницата беше како да се подобри комуникацијата помеѓу новинарите и полицајците на терен. На работилниците се разговараше за состојбата со безбедноста на новинарите во светот и во земјава, а беа анализирани и механизмите за нивна заштита. Во сите шест градови каде што се одржаа работилници се разгледуваа конкретни сценарија во кои беше загрозена безбедноста на новинарите. Притоа беа сменети улогите на учесниците во дебатата, односно полицајците беа новинари, а новинарите беа во улога на полицајци.

Се анализираше начинот на известување и постапување на новинарите и полицајците во случај на насилни протести, сообраќајни несреќи, фудбалски натпревари, известување во суд, при изработка на истражувачка сторија, парада на гордоста. Различните сценарија кои се анализираа покажаа дека ниту новинарите, ниту полицајците во одредени ситуации не ги познаваат доволно своите надлежности и своите ингеренции. Проблемите настануваат бидејќи не постојат документи или протоколи за начинот на постапување на полицијата при медиумско покривање на одредени настани. Од друга страна има ситуации кога и новинарите ги прекршуваат етичките стандарди и известуваат спротивно на законските прописи.

Кога се анализираше сценариото со насилни протести пред Собранието, дел од помладите полициски службеници рекоа дека полицијата може да употреби сила врз новинар или снимател ако тие не ја почитуваат наредбата издадена од државниот врв да престанат да известуваат. При анализа на сообраќајна несреќа на која сведоци биле новинари, се дискутираше дали новинарите имаат право да ја снимаат несреќата и на кој начин треба професионално да известуваат. Полициските службеници имаа забелешки за новинарите дека понекогаш ја попречуваат истрагата, а новинарите реагираа дека полицијата ги ограничува докрај да ја завршат својата работа.

-Во Струмица, новинарите споменаа неколку случаи кога полицијата им забранила да известуваат од јавно место и од јавен настан, конкретно од сообраќајна несреќа, бидејќи така им било наредено од нивните надредени

-Во Охрид, полициските службеници, споменаа неколку случаи кога новинарите не ги почитувале правилата од протоколот на МВР

-Во Штип имаше специфичен настан, каде судските органи не ги информираа соодветно новинарите за сообраќајна несреќа со жртва

-Во Битола, дел од дебатата на учесниците беа конкретни случаи кога новинари од во вршењето на нивната работа биле под притисок и попречувани од бизнисмени, но обвинителството и судските институции не ги заштитиле

-Во Куманово, полициските службеници го споменаа вооружениот конфликт Диво Насеље на 9 и мај 2015 година, кога ниту новинарите не знаеја како најдобро да се заштита кога известуваа од настан со висок ризик, ниту, пак, полицајците имаа протокол за постапување со медиумите кои беа на терен

-Во Тетово, имаше дебата помеѓу полициските службеници и новинарите, за известување од сообраќајка каде новинарот бил сведок на настанот. Се отворија дилеми и дискусија за тоа дали новинарите ги прегазуваат етичките стандарди кога известуваат при семејни трагедии

Новинарите од сите шест градови споделија и добри и лоши искуства од меѓусебната комуникација со полицијата, а истото го сторија и полициските службеници. Посебно беше интересна замената на улогите бидејќи и новинарите и полициските службеници одблиску се запознаа како функционираат на терен полициската хиерархија и медиумското известување. Од страна на новинарите беше потенцирано дека особено важна улога во комуникацијата помеѓу полицијата и медиумите имаат полициските портпароли, кои служат како мост при размената на информации со јавноста. Новинарите имаа позитивни критики за начинот на комуникација со портпаролите.

Заклучоци

-Полициските службеници и претставниците на медиумите се согласија дека и едните и другите работат за иста цел – заштита на јавниот интерес

-Новинарите мора да ги почитуваат законските прописи при известувањето

-Сензационализмот може да и’наштети на работата на полицијата

-Новинарите треба да внимаваат при известувањето за да не нанесат штета на полициската истрага

-Новинарите мора да бидат заштитени од физички закани или напади

– Неопходно е да се подобри соработката помеѓу новинарите и Јавното обвинителство

Препораки

-Потребна е поголема соработка и транспарентност од страна на Јавниот обвинител

-Неопходно е расчистување на сите напади врз новинари

-Неопходно е натамошно подобрување на комуникацијата помеѓу новинарите и полицијата

-Полициските службеници неопходно е да имаат протокол за постапување со новинари

-Полицијата мора да ги евидентира сите напади врз новинари

-Обвинителите и судиите мора да постапуваат брзи и ефикасно во случаи кога се работи за закани или напади врз новинари

-Спроведување на обука за претставниците на обвинителството и полицијата во поглед на заштита на новинарите

-Анализа на одредбите од Кривичниот законик со цел измена на одредени одредби кои би довеле до повисоко ниво на заштита на новинарите

-Воспоставување на единствена платформа за пријавување и следење на процесирањето на кривичните дела против новинари

Посебно внимание обрнуваме на потребата да се работи систематски за целосно остварување на меѓународните стандарди во поглед на слободата на информирањето. Унапредувањето само на одредени сегменти не може да даде добри резултати без реформана целата законска рамка и пракса во оваа област.

Новинарите нема да бидат безбедни се додека институциите не го истражат целосно и последниот напад на новинари и додека одговорните не се изведат пред лицето на правдата.

Овој текст беше подготвен како резултат на спроведувањето на заедничките обуки поддржани од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Содржината на оваа статија е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на двете меѓународни партнерски организации.

Бараме деблокирање на медиумските реформи

0

СКОПЈЕ, 12.07.2019 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) се сериозно загрижени поради целосниот застој на постапката за избор на членови на Советот на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија.

Ги повикуваме претседателот и членовите на Комисијата за избори и именување при Собранието на Република Северна Македонија да го отпочнат процесот за избор на членови на овие тела. Секое попречување или одолговлекување на процесот сериозно ќе влијае врз спроведувањето на процесот на медиумски реформи во државата.

Од изборот на членови во овие тела директно зависат долгоочекуваните системски промени во медиумската сфера, кои треба да овозможат медиумите да работат независно и професионално. Потсетуваме дека медиумските реформи се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската комисија во кој што се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност“. Од друга страна се очекува транспарентен и правичен избор на членовите на двете тела врз основа на нивната стручност.

Конкурсот беше отворен во јануари годинава, а одлуката за избор на членовите на двете тела требаше да се случи веднаш по претседателските избори.

Укажуваме дека Владата, Парламентот, но и сите политички чинители имаат одговорност сериозно да пристапат кон овој процес и да се стават над партиските интереси за да се спречат понатамошни штети во медиумскиот сектор.

Рашковски дава пример како не треба да се однесува висок претставник на Владата кон новинарите

0

СКОПЈЕ, 02.07.2019 – Непримерениот и дрзок однос проследен со закани за тужби за клевети кон новинарите ја засенија денешната прес-конференција која ја одржа Драги Рашковски, Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија. Ваквите директни закани за иницирање на судски постапки кон новинари од страна на високи претставници на Владата претставуваат притисок кон новинарите што може да резултира со самоцензура.

Генералниот секретар на Владата потребно е да знае дека со неодговарањето на новинарски прашања на прес-конференцијата, која тој самиот ја организираше, но и со дрскиот однос кон поедини новинари кои беа присутни на овој настан, го нарушува и концептот на отвореност и транспарентност која Владата се обидува да го застапува.

Го потсетуваме Рашковски дека доколку е незадоволен од етичките стандарди на конкретен новинарски или медиумски производ, тогаш тој може да упати претставка до медиумските саморегулаторни тела.

Високите претставници на Владата, но и воопшто јавните личности кои се дел од политичката сцена, потребно е да имаат повисок праг на толеранција кога кон нив се упатува критика од страна на новинарите. Тие е потребно да знаат дека тужбите за клевета и навреда кон новинарите претставуваат непопуларен метод кој се користеше во минатото, а тоа негативно се одразуваше на слободата на изразувањето и придонесуваше Македонија да биде ниско оценувана на светските индекси за слободата на медиумите.

ЗНМ и ССНМ остро ги осудуваат заканите кон Героски, институциите да реагираат

0

СКОПЈЕ, 21.06.2019 – Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ги осудуваат заканите кои вчера (четврток) биле упатени кон главниот уредник на „Плусинфо“, Бранко Героски.

Според информациите кои јавно ги објави Героски, извесен Борче Гиноски на социјалната мрежа му упатил директна закана со зборовите „Гледај да не те бањаат во Вардар“. Според главниот уредник овие закани се обид тој да биде замолчен, односно да прекине со серијалот текстови поврзани со наводна рекетарска група поврзана со владејачката партија.

ЗНМ и ССНМ сметаат дека ваквите закани претставуваат директен напад на слободата на изразување и слободата на медиумите. Исто така, ги повикуваме надлежните државни институции да ги преземат сите мерки кои им стојат на располагање за откривање на заканувачот и негово казнување со цел да бидат обесхрабрени сите оние кои во иднина ќе се дрзнат да се закануваат и заплашуваат новинари и медиумски работници.

За да имаме функционална демократија потребно е високо ниво на слобода на говор и изразување, а такво нешто не може да се постигне доколку новинарите и медиумските работници работат под постојан притисок и закани, бидејќи тоа е само рецепт за создавање атмосфера на самоцензура.

Овие закани кои претставуваат напад врз слободата на известување и слободата на медиумите ќе бидат пријавени до сите меѓународни организации кои се бават со одбрана на слободата на говорот и изразувањето.

ЗНМ: Бараме професионален и независен состав во раководствата на АВМУ и МРТВ

0

СКОПЈЕ, 20.06.2019 – Конституирање на новиот состав на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Програмскиот совет на јавниот сервис беа главна тема на разговор на средбата меѓу Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски и Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Чадиковски истакна дека само со независен и професионален состав во овие две институции ќе може да дојде до откочување на медиумските реформи.

„Од персоналниот состав на Советот на агенцијата и на јавниот сервис најмногу ќе зависи дали институциите ќе работат во интерес на јавноста, граѓаните и новинарите или ќе продолжат да бидат партиски испостави, како што беше констатирано во бројни меѓународни извештаи“, рече Чадиковски.

Тој побара од Пендаровски да го заложи својот претседателски авторитет за што побрз избор на новиот состав на овие тела.

Заеднички беше констатирано дека заедничката заложба на државата и на медиумите треба да биде обезбедување на основните права и слободи на новинарите со цел спроведување на професионалните стандарди во известувањето.

Шефот на државата, Пендаровски изрази поддршката за работата на ЗНМ и новинарите и истакна дека активно ќе се залага за што поголеми медиумски слободи и транспарентност на институциите, кои се главен императив и еден од основните принципи на демократијата на секоја држава.