Безбедноста на новинарите е клучна за постоење на независни и професионални медиуми

0
192

СКОПЈЕ, 17.07.2019 – Безбедноста на новинарите е клучна за постоење на независни и професионални медиуми, како и за остварување на правото на слобода на изразување. Без слобода на медиумите и квалитетни информации за јавниот интерес не е можно функционирање на демократските процеси во земјава. Насилството, вознемирувањето и заплашувањето насочено кон новинари претставува напад врз демократијата. Тие имаат ефект на задушување на слободата на медиумите и слободата на изразување.

Во последниот Извештај на Европската Комисија за Република Северна Македонија објавен на 29 мај пишува дека „земјата е умерено подготвена во областа наслобода на изразување и постигна добар напредок во последната година“.

Според Извештајот, климата за слободата на медиумите и слободата на изразување продолжи да сеподобрува. Но, од суштинско значење е јавните функционери и политичките елити да покажат повисоко ниво на толеранција кон критиките, со што ќе се поддржи слободата на изразување.

Европската Комисија испрати порака дека државата треба да посвети особено внимание на брзото и ефективното следење на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинарите од страна на полицијата и судските органи.

Како посебен параграф во Извештајот беа споменати последните пет случаи на заплашување на новинарите во 2018 и 2019 година.

„Сепак, имаше два инциденти наизјави на високи владини претставници против медиумите. Политичарите и јавните функционери, сè уште треба да покажат повисок степен на толеранција кон критиките и да ја унапредат слободата на изразување. Треба да се подобрат постапките за однесување на полицијата кон новинарите и регистрирањето на нападите. Органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство треба ефективно да ги следат сите инциденти против новинарите. Старите случаи на најсериозните физички напади врз новинарите (13) не се решени поради непрофесионално однесување во истрагите“, пишува во препораките на Извештајот во делот за слобода на медиуми.

Комисијата во Извештајот ја нагласува соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Здружението на новинари чија целе да се утврди одговорност за инцидентите на физичка и вербална злоупотреба или заканите против новинарите.

Делумно слободна земја

Состојбата со слободата на медиумите во 2018 и 2019 година во Република Северна Македонија бележи благо подобрување, но отсуствуваат сериозни системски реформи што ќе создаваат поволен амбиент за непречен развој на медиумите и развивање на професионално новинарство.

Земјава годинава има скок од 14 места на ранг-листата на организацијата „Репортери без граници“ за слободата на печатот. Таа сега се наоѓа на 95 место. Сепак, и покрај големиот скок, Северна Македонија е меѓу последните од земјите во регионот. Зад нејзе се само уште Црна Гора (104 место) и Бугарија (111 место). Неколку места пред Северна Македонија е Србија, која е на 90 место, Албанија е на 82 место на ранг листата, Косово на 75 место, Грција на 65-то, Хрватска на 64-то, а Босна и Херцеговина на 63 место.

Во оценката на оваа организација се вели:

„Високи претставници на власта постојано навредуваат новинари во Северна Македонија. Насилничките напади врз медиумските работници станаа поретки, но долгогодишната култура на неказнивост се чувствува и натаму: само за мал дел од нападите кои се случија во изминатите години се покренати истраги и се идентификувани насилниците.“

Според годинешниот извештај, пак, на „Фридомхаус“ насловен „Слободата во светот 2019“ Република Северна Македонија и натаму е во групата делумно слободни земји. Државава и оваа година останува со вкупен рејтинг од 3,5, на скала каде 1 е најслободно, а 7 е најнеслободно општество.

Во регионот, Северна Македонија се наоѓа зад Словенија, Грција, Хрватска и Бугарија, и малку зад Србија, Црна Гора и Албанија, а е подобра од Косово и Босна и Херцеговина.

Меморандуми за соработка со МВР и ОБСЕ

Процесот на подобрување на соработката меѓу Здружението на новинарите на Македонија и Министерството за внатрешни работи почна со потпишувањето на Меморандумот за соработка на 29 септември 2017 година. Целта на Меморандумот беше да се демонстрира политичка волја од министерот за внатрешни работи за институционално да се решат проблемите на новинарите и подготвеност да се стави крај на политиката на неказнивост на насилството кон новинари.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вети дека ќе се заложи МВР да стори се за медиумските работници да можат слободно и безбедно да си ја вршат својата работа. Меморандумот предвидува изготвување на протокол за известување од настани со висок ризик, за да им овозможи на новинарите да ги следат настаните без да се загрози нивната безбедност.

На 28 март 2018 година беше потпишан Меморандум за соработка и меѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ЗНМ соцел да се подобри безбедноста на новинарите и медиумските работници, но и да сеподобри квалитетот на нивното известување.

Како една од активностите која произлезе од Меморандумот за соработка беа и серијата работилници посветени на безбедноста на новинарите при известување од настани од висок ризик во организација на Мисијата на ОБСЕ во земјава. Целта на работилниците беше припадниците на полицијата да се обучат за важноста на улогата на медиумите во едно демократско општество, кое не може да функционира без слободни и професионални медиуми.

Минатата година се одржаа шест обуки за новинари и полициски службеници во шест градови, на кои се дебатираше за зголемување на меѓусебната доверба и соработка со цел да се најдат решенија кои ќе овозможат на двете страни непречено и професионално да ги исполнат нивните работни задачи.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на една од обуките ги повика и останатите институции како што се судството и јавното обвинителство да придонесат со својата работа за зголемување на безбедноста на новинарите и слободата на говорот.

По завршување на обуките беше изготвен „Прирачник за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик“ кој има цел да послужи во идентификување на ризиците и за избегнувањена нападите и притисоците со кои се соочуваат новинарите, особено при известување од настани со висок ризик. Понатаму, Прирачникот служи да ги појасни процедурите и законските надлежности на Министерството за внатрешни работи, но и на Јавното обвинителство сè со цел да се обезбеди поголема заштита на новинарите.Освен тоа, Прирачникот нуди практики и искуства на ЗНМ и на други меѓународни граѓански и политички организации од превенцијата на напади и притисоци кон новинарите.

Сепак, според последниот годишен извештај на ЗНМ за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите објавен на 25 декември 2018 година, безбедноста на новинарите лани бележи одредено подобрување, меѓутоа политиката на неказнивост на напаѓачите на новинарите се уште останува присутна. Бројот на напади е намален за три пати, а донесени се и првите судски пресуди против оние што напаѓаа новинари во минатото. Но, политиката на неказнивост во Северна Македонија има длабоки корени. Од 59 напади, досега се разрешени само два. Главната причина за тоа е судската пракса при казнување на напади на новинари која не е усогласена со заштита на информирањето како работа од јавен интерес и клучна компонента на демократското општество. Судовите не ги препознаваат нападите на новинарите како посебна општествена опасност, па случаите не се решаваат во разумен рок, ниту адекватно.

Oбуки за безбедност на новинарите

Минатата година на обуките присуствуваа полициските службеници со повисоки чинови во хиерархиската поставеност на МВР, односно командири и началници. Оваа година повторно се одржаа шест работилници меѓу новинари и полициски службеници, но овој пат тоа беа инспектори, полицајци од општа надлежност, припадници на Секторот за увид и сообраќајни несреќи.

Од 13 мај до 12 јуни во соработка меѓу Здружението на новинари на Македонија и  Мисијата на ОБСЕ беа организирани серија на работилници во шест градови низ земјата со цел да се подобри безбедноста на новинарите. Работилници се одржаа во Струмица(13 мај), Охрид(16 мај), Штип(23 мај), Битола(27 мај), Куманово(10 јуни) и Тетово(12 јуни) со новинари и полициски службеници, а беа присутни и портпаролите на локалните Сектори на Министерството за внатрешни работи.

На секоја работилница присуствуваа над дваесетина новинари и полицајци на кои разменуваа искуства и свои гледишта како да постапуваат во разни ситуации, со цел дасе подобри соработка и да не доаѓаат до меѓусебни конфликти. Целта на работилницата беше како да се подобри комуникацијата помеѓу новинарите и полицајците на терен. На работилниците се разговараше за состојбата со безбедноста на новинарите во светот и во земјава, а беа анализирани и механизмите за нивна заштита. Во сите шест градови каде што се одржаа работилници се разгледуваа конкретни сценарија во кои беше загрозена безбедноста на новинарите. Притоа беа сменети улогите на учесниците во дебатата, односно полицајците беа новинари, а новинарите беа во улога на полицајци.

Се анализираше начинот на известување и постапување на новинарите и полицајците во случај на насилни протести, сообраќајни несреќи, фудбалски натпревари, известување во суд, при изработка на истражувачка сторија, парада на гордоста. Различните сценарија кои се анализираа покажаа дека ниту новинарите, ниту полицајците во одредени ситуации не ги познаваат доволно своите надлежности и своите ингеренции. Проблемите настануваат бидејќи не постојат документи или протоколи за начинот на постапување на полицијата при медиумско покривање на одредени настани. Од друга страна има ситуации кога и новинарите ги прекршуваат етичките стандарди и известуваат спротивно на законските прописи.

Кога се анализираше сценариото со насилни протести пред Собранието, дел од помладите полициски службеници рекоа дека полицијата може да употреби сила врз новинар или снимател ако тие не ја почитуваат наредбата издадена од државниот врв да престанат да известуваат. При анализа на сообраќајна несреќа на која сведоци биле новинари, се дискутираше дали новинарите имаат право да ја снимаат несреќата и на кој начин треба професионално да известуваат. Полициските службеници имаа забелешки за новинарите дека понекогаш ја попречуваат истрагата, а новинарите реагираа дека полицијата ги ограничува докрај да ја завршат својата работа.

-Во Струмица, новинарите споменаа неколку случаи кога полицијата им забранила да известуваат од јавно место и од јавен настан, конкретно од сообраќајна несреќа, бидејќи така им било наредено од нивните надредени

-Во Охрид, полициските службеници, споменаа неколку случаи кога новинарите не ги почитувале правилата од протоколот на МВР

-Во Штип имаше специфичен настан, каде судските органи не ги информираа соодветно новинарите за сообраќајна несреќа со жртва

-Во Битола, дел од дебатата на учесниците беа конкретни случаи кога новинари од во вршењето на нивната работа биле под притисок и попречувани од бизнисмени, но обвинителството и судските институции не ги заштитиле

-Во Куманово, полициските службеници го споменаа вооружениот конфликт Диво Насеље на 9 и мај 2015 година, кога ниту новинарите не знаеја како најдобро да се заштита кога известуваа од настан со висок ризик, ниту, пак, полицајците имаа протокол за постапување со медиумите кои беа на терен

-Во Тетово, имаше дебата помеѓу полициските службеници и новинарите, за известување од сообраќајка каде новинарот бил сведок на настанот. Се отворија дилеми и дискусија за тоа дали новинарите ги прегазуваат етичките стандарди кога известуваат при семејни трагедии

Новинарите од сите шест градови споделија и добри и лоши искуства од меѓусебната комуникација со полицијата, а истото го сторија и полициските службеници. Посебно беше интересна замената на улогите бидејќи и новинарите и полициските службеници одблиску се запознаа како функционираат на терен полициската хиерархија и медиумското известување. Од страна на новинарите беше потенцирано дека особено важна улога во комуникацијата помеѓу полицијата и медиумите имаат полициските портпароли, кои служат како мост при размената на информации со јавноста. Новинарите имаа позитивни критики за начинот на комуникација со портпаролите.

Заклучоци

-Полициските службеници и претставниците на медиумите се согласија дека и едните и другите работат за иста цел – заштита на јавниот интерес

-Новинарите мора да ги почитуваат законските прописи при известувањето

-Сензационализмот може да и’наштети на работата на полицијата

-Новинарите треба да внимаваат при известувањето за да не нанесат штета на полициската истрага

-Новинарите мора да бидат заштитени од физички закани или напади

– Неопходно е да се подобри соработката помеѓу новинарите и Јавното обвинителство

Препораки

-Потребна е поголема соработка и транспарентност од страна на Јавниот обвинител

-Неопходно е расчистување на сите напади врз новинари

-Неопходно е натамошно подобрување на комуникацијата помеѓу новинарите и полицијата

-Полициските службеници неопходно е да имаат протокол за постапување со новинари

-Полицијата мора да ги евидентира сите напади врз новинари

-Обвинителите и судиите мора да постапуваат брзи и ефикасно во случаи кога се работи за закани или напади врз новинари

-Спроведување на обука за претставниците на обвинителството и полицијата во поглед на заштита на новинарите

-Анализа на одредбите од Кривичниот законик со цел измена на одредени одредби кои би довеле до повисоко ниво на заштита на новинарите

-Воспоставување на единствена платформа за пријавување и следење на процесирањето на кривичните дела против новинари

Посебно внимание обрнуваме на потребата да се работи систематски за целосно остварување на меѓународните стандарди во поглед на слободата на информирањето. Унапредувањето само на одредени сегменти не може да даде добри резултати без реформана целата законска рамка и пракса во оваа област.

Новинарите нема да бидат безбедни се додека институциите не го истражат целосно и последниот напад на новинари и додека одговорните не се изведат пред лицето на правдата.

Овој текст беше подготвен како резултат на спроведувањето на заедничките обуки поддржани од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Содржината на оваа статија е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на двете меѓународни партнерски организации.