Home Blog Page 23

ЗНМ бара судовите да применуваат, а не да толкуваат закони

0

СКОПЈЕ, 06.07.2018 – Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, вчера се сретна со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. На средбата беше разговарано за изедначување на судската пракса од Врховниот суд за тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, побара Врховниот суд во најскоро време да ја разгледа иницијативата на Здружението, со која се бара Апелациониот суд во Скопје да ги процесуира тужбите за клевета против онлајн медиуми согласно праксата на Апелационите судови во Битола и Охрид.

Селмани оцени дека не е работа на судовите да го толкуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, туку треба стриктно да го применуваат.

Тој рече дека обидот на Апелациониот суд да лиценцира медиуми ја ограничува слободата на говорот и е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права и слободи.

Според него, создавањето на лажна слика во јавноста дека наводно постои колизија во законите во врска со постапувањето за тужби за клевета против онлајн медиумите треба да послужи како алиби на одредени политички кругови, кои инсистираат на построга законска регулација на интернетот.

Претседателот Вангеловски информираше дека барањето на ЗНМ е проследено до Граѓанскиот оддел при Врховниот суд, кој следната недела се очекува да се состане и да заземе став по тоа прашање.

Селмани и Вангеловски разговараа и за други актуелни прашања поврзани со усогласувањето на праксата на македонските судови со праксата на ЕСЧП во случаи против новинари и медиуми.

ЗНМ: Власта да ги разреши партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на МРТ

0

СКОПЈЕ, 02.07.2018 – Здружението на новинарите на Македонија ја истакна својата загриженост што опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку фиктивна амандманска расправа во собраниската комисија за транспорт и врски, го блокира донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Предложениот закон доби широка поддршка од новинарската заедница и помина меѓународна експертиза од ОБСЕ и Советот на Европа. Тој е клучен за почнување на медиумските реформи во Македонија, кои треба да го подобрат квалитетот на новинарството.

Овој закон го укинува коруптивниот систем за субвенционирање на домашна продукција во националните приватни телевизии, нуди нов модел за избор на управните органи на МРТ и Агенцијата за медиуми, кој е поотпорен на политички влијанија, а со него драстично се намалуваат и казните за медиумите.

Единствениот недостаток на овој закон е што не обезбедува стабилно и одржливо финансирање на МРТ и Агенцијата за медиуми, што е услов за нивната независност и професионалност. Чудно е што од околу 80 амандмани поднесени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не се однесува на овој клучен недостаток на законот.

Ова покажува дека главна преокупација на пратениците на опозицијата не е судбината на МРТ, туку, како преку одолговлекување на расправата да ги заштити нивните партиски војници во Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми.

Несфатливо е зошто ВМРО-ДПМНЕ се противи на изборот на нов состав на програмски совет на МРТ и на Советот на Агенцијата кога од нивниот глас зависи кој ќе биде избран.

ЗНМ јавно ја повика, претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Лилјана Затуровска идната недела да закаже продолжување на расправата по законот, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекинат лажната дебата и да дозволат Собранието да ги изгласа измените.

Во спротивно, парламентарно мнозинство,  треба да ја преземе одговорноста и да ги деблокира реформите во медиумите. Ако опозицијата продолжува да се однесува неконструктивно, бараме Комисијата за прашањата за избори и именувања да утврди престанок на мандатот на тројца членови на Програмски совет на МРТ и на еден член во Советот на Агенцијата за медиуми затоа што при нивниот избор не е почитувана законската процедура. Комисијата, треба да започне постапка за пополнување на испразнетите места во Советите, согласно одредбите на постојниот закон за АВМУ.

Ако парламентарното мнозинство не постапи на овој начин, ќе се доведе во прашање нивната искрена посветеност за усвојување на измените на законот за АВМУ и за спроведување на медиумски реформи.

Поповски: Лажните вести носат пораки на национализам, поделба и раздор

0

СКОПЈЕ, 25.06.2018 – Минатата недела во Велес се одржа форум за справување со дезинформациите и лажните вести. Лажните вести речиси секогаш носат пораки на национализам, поделба, раздор, конфликт и омраза. Проблемот со лажните вести е сериозен и треба посветено да работиме на справување со овој предизвик, порача министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски.

„Видовме, не само деновиве, туку и низ годините наназад, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување“, истакна Поповски на форумот посветен на справувањето со дезинформации.

Тој оцени дека завчера, за време на насилните протести во Скопје, но и во континуитет на социјалните мрежи, се шират лажни и вознемирувачки вести вклучувајќи наводни жртви на полициска бруталност, за кои се користат стари фотографии од личности од светот, лажни текстови и постови.

Говорејќи за поставеноста на Владата за справување со овие предизвици на дигиталното дезинформирање, Поповски го истакна повикот на Владата за конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните за секое отворено прашање, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање, посебно акцентирајќи го претстојниот референдум за Договорот со Република Грција.

Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, лажните вести имаат за цел намерно извртување и манипулирање на јавноста. Тој потсети дека измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги гарантираат услови за професионализација на медиумите и даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите.

„Клучот е во новинарска фела, да се саморегулира и се држи до етичките и морални стандарди. Владите и сите политички субјекти мораат да се држат до овие стандарди“, нагласи Манчевски.

Директорот на Канцеларијата на УСАИД за општ развој Едвард Гонзалес смета дека граѓаните треба да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги конзумираат, а од друга страна Владата да промовира транспаретност и отчетност.

ЗНМ ги осуди нападите врз новинарите на протестот пред Собранието

0

СКОПЈЕ, 19.06.2018 – Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува физичките напади на новинари и сниматели на протестот против договорот за името пред Собрание. Загрижува фактот што незадоволните граѓани се уште нивниот револт го истураат врз новинарите. Повикуваме МВР итно да ги идентификува напаѓачите и да ги изведе пред лицето на правдата.

ЗНМ, исто така, протестира против приведувањето во полиција на новинарот на Инфомакс, Борислав Стоилковиќ, поради наводно одбивање да се легитимира и снимање во лице на припадниците на полицијата.

Неразбирливо е тврдењето на МВР дека новинарот одбил да се легитимира кога од снимките додека е приведуван јасно се гледа неговата новинарска легитимација.

Снимањето на полицајци на протести не може да биде основ за приведување на новинари затоа што таква забрана нема во ниту еден закон. Освен тоа, снимањето на однесувањето на полицијата на протести е од висок јавен интерес за да може да се регистрираат евентуалните злоупотреби.

Обврска на властите е да ги заштитат и да им обезбедат услови за непречено известувањето на новинарските екипи од протести.

Здружението го осудува однесувањето на новинарот Стоилковиќ, кој наместо да известува од протестот стана директен учесник. Го потсетуваме колегата Стоилковиќ дека говорот на омраза и повикување на насилство не се споиви со новинарската професија. Тоа не е слобода на говор, туку негова најбрутална негација.

Реформа на МРТ со повеќе пари и со помалку партиско влијание

0

СКОПЈЕ, 14.06.2018 – Нема вистински реформи во медиумската сфера без сериозна реформа на Македонската радиотелевизија. Департизацијата на управните органи и обезбедување на одржлив систем на финанисрање на јавниот сервис се клучни за зајакнување на нејзината независност и професионалност. Ова се дел од заклучоците од дебатата на тема „Предизвици за реформи во Македонската радиотелевизија“ што во Скопје ја организираше Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Институтот за општествени и хуманистички науки.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани истакна дека власта и опозицијата здружено работат против спроведување на препораките на Европската комисија за реформите во јавниот сервис. „Власта ја напаѓа финансиската независност на МРТ, а опозицијата се обидува да ги задржи своите партиски војници“, рече Селмани и додаде дека со промената на моделот на финансирање на МРТ, кој требало да биде привремено решение, се преполовил буџетот на јавниот сервис.

Селмани смета дека Владата со негативната оценка за работата на МРТ ја нарушила нејзината автономија бидејќи јавниот сервис се уште го третира како јавно претпријатие. „МРТ не е ниту Македонски шуми, ниту Водовод и канзализација“, оцени претседателот на ЗНМ.

Тој тврди дека не е работа на Владата да се занимава со обновување на музичката продукција на МРТ бидејќи во спротивно ризикува да упадне во нејзиниот систем на  финансирање. Освен тоа, овој потег потврдил дека 0.7 посто од државниот буџет не се доволни средства за да може јавниот сервис да ја исполни мисијата да ги информира, едуцира и забавува граѓаните.

Селмани го оцени како безсмислено блокирањето во Собрание на измените на Законот за аудио и аудивизуелни медиусмки од опозицијата, која има одлучувачка улога во изборот на новиот состав на Програмксиот совет. Тој  рече дека ВМРО-ДПМНЕ повеќе се грижи да го заштити директорот на МРТ, отколку да обезбеди стабилно финансирање на јавниот сервис. „Поднесоа околу 70 амандамни на законот, а ниту еден не предвидува зголемување на обемот на средствата за финансирање на МРТ“, додаде Селмани.

Тој ги повика власта и опозицијата да престанат со политичкото пазарање на сметка на МРТ и заеднички да го изгласаат за АВМУ.

Ана Блажева од Институтот за општествени и хуманистички науки збореше за потребата МРТ да донесе саморегулатрни акти, со кои ќе може да ја зајакне програмската незавиност.

Директорот на МИА, Драган Антоновски, рече дека за реформа на МРТ парите се нужни, но решението не треба да се бара само кај власта, туку и кај волјата на вработените.

„Прва и основна работа што мора да се направи е департизација, а второто е влогот во неа. Но, тука не е само државата, туку пред се вработените и тие кои ќе ги вработуваат“, истакна Антоновски. Според него, решението за МРТ не треба да се чека од надвор, туку треба да се бара одвнатре.

Новинарот Игор Стојанов, ги претстави резултатите од анализата за социо-економската положба на новинарите од Источна Македонија, според кој, за целиот овој регион МРТ има само тројца дописници. Стојанов рече дека за квалитетот во информирањето на јавниот сервис потребна е и развиена дописничка мрежа и дописни центри во сите градови.

Дејан Георгиевски од Центарот за медиуми, рече дека финансирањето на МРТ е клучно за нејзиното зајакнување.

„Дури и два отсто од минатогодишниот буџет се најверојатно премалку пари ако сакаме јавен сервис по меѓународни стандарди и од она што им треба на граѓаните кои, инаку, досега никој и не ги прашал што сакаат. Сегашното решение за финансирањето можеби е стабилно и предвидливо на среден рок, но не и долгорочно, затоа што ни оддалеку нема да биде доволно, рече Георгиевски.

Учесниците на дебатата предложија следната дебата за оваа тема да се организира со вработените на МРТ.

Обуки со полицијата за поголема безбедност на новинари на протести

0

СКОПЈЕ, 12.06.2018 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи и со Мисијата на ОБСЕ во Скопје одржаа работилница посветена на безбедноста на новинарите при известување од настани од висок ризик.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека обуките ќе помогнат полицијата подобро да ја разбере улогата на медиумите за информирање на граѓаните од протести и со тоа ќе се избегнат инциденти. „За жал, имаше примери во минатото кога припадници на полицијата од нејасни причини напаѓаа новинари на протести. Полицијата треба да научи дека новинарите на протести не им се непријатели, туку се исто така професионалци на службена должност, кои треба да се заштитат во случај да бидат нападнати од протестантите“, рече Селмани.

Тој посочи дека заедничките обуки за безбедноста на новинари за време на настани од висок ризик треба да ја зголемат меѓусебната доверба и соработка меѓу полицијата и новинарите со цел да се најдат решенија кои ќе овозможат на двете страни непречено да ги исполнат нивните работни задачи без да си пречат едни на други.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја повтори заложбата на владата за нулта толеранција за нападите кон новинарите. „Секој напад врз новинарите ќе биде најостро осуден и санкциониран. Од 1 јуни 2017 година до денеска имаме 12 случаи во кои е загрозена безбедноста на новинарите и сите се расчистени од страна на МВР“, рече Спасовски. Тој ги повика и останатите институции како што се судството и јавното обвинителство да придонесат со својата работа за зголемување на безбедноста на новинарите и слободата на говорот.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн рече дека во рамките на оваа соработка беа одржани шест обуки во различни градови во Македонија. „Една работа која ја научивме од овие работилници е дека отворен дијалог меѓу полицајците и новинарите е можен и многу корисен, за двете групи, но и за јавноста“, истакна тој.

Според него, институциите освен новите напади на новинари треба да ги расчистат и старите напади со цел напаѓачите да се изведат пред лицето на правдата.

Владата најавува нула толеранција за насислтво врз медиумите и новинарите

0

СКОПЈЕ, 29.05.2018 – Министерството за внатрешни работи изработи извештај, во кој се утврдува нивото на кое се наоѓаат истрагите за напади врз новинари. Според Извештајот, во периодот од 2013 до јуни 2017 година, до МВР се поднесени 47 пријави од граѓани или медуми за физички напад врз новинари, загрозување на безбедноста во вид на закани и говор на омраза.

Најголем број од нападите се регистрирани во главниот град. Од Министерството посочија дека во некои од предметите биле утврдени сериозни пропусти во истрагата.

Во врска со овие пријави покренати се кривични пријави против пет сторители, кои сториле вкупно пет кривични дека, од кои три насилство, и по едно затајување и изнуда. Во пет случаи се покренати прекршочни постапки.

Од Владата велат дека, согласно со нивните ветувања, се решени да се соочат со проблемот со насилството и заканите до новинарите. Повикуваат освен Владата, по овие случаи максимално да постапуваат и сите останати релевантни институции.

Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, посочи дека оваа Влада ќе има нула толеранција за каков било обид за нарушување на слободата на изразувањето. Како што рече, секој напад врз претставници на медиумите, физички или вербален, ќе биде најостро санкциониран.

Стратегии за подобрување на работните услови на новинарите

0

СКОПЈЕ, 23.05.2018 – Како да се обликува иднината на новинарските синдикати и здруженија во Западен Балкан и Турција? Експертската група за работнички права Плус при ЕФЈ (LAREG+) составена од претставници од Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција, се состана на 10 април 2018 година во Скопје (Македонија) за да размени мислења за едногодишниот стратешки план за подобрување на работните услови на новинарите во регионот.

Овој состанок е последен од серијата обуки организирани во текот на 2017 и 2018 во рамките на проектот Градење на довербата во медиумите во Југоисточна Европа и Турција, финансиски поддржан од УНЕСКО и Европската унија. Целта на состанокот во Скопје беше да се разменат мислења за тоа што е постигнато на национално ниво во рамките на организациите во текот на претходната годината и за тоа кои треба да бидат главните стратегии за 2018 и 2019. Учесниците ги споделија националните извештаи образложувајќи ги главните предизвици и предложија препораки за подобрување на работните услови за новинарите и медиумските работници во регионот. Некои конкретни примери за активностите на национално ниво го вклучуваат следното:

  • Во Србија, новинарскиот синдикат (СИНОС) моментално следи медиумска стратегија која треба да биде објавена во 2018 и го идентификува отсуството на организации на работодавци како главен проблем за започнување на секторски општествен дијалог. Синдикатот има развиено стратегија за адресирање на проблемот на највисоко ниво и ќе бара меѓународна помош за да ја постигне целта. Покрај тоа, СИНОС ја повтори содржината на обуката дадена во Подгорица за српските новинари.
  • Во Косово, здружението (АГК) соработува со трудовите инспектори во откривањето на прекршувањата на работничкото право. АГК размислува за можноста да го поддржи формирање на новинарски синдикат во Косово.
  • Албанските (АПЈА) здруженија ја подигаат свеста помеѓу нивните членови за тоа зошто е важно да се борат за своите права и како да ја постават агендата за работните услови на национално ниво.
  • Во Црна Гора, медиумскиот синдикат (СМСГ) лобира за вклучување на амандмани на законот за медиумите кој е моментално предмет на дискусија и очекува да го потпише својот колективен договор на ниво на гранка.
  • Во Македонија, синдикатот (ССНМ) презема правни дејствија за авторските права помагајќи им на новинарите да ги заштитат нивните авторски права, особено преку правни совети и поддршка.
  • Во Турција, новинарскиот синдикат (ТГС) спроведе анкета помеѓу жените новинари за да ги открие нивните потреби и начините за нивно адресирање.

Па кој е следниот чекор? Тамара Чаусидис од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници одржа презентација за начинот на кој може да се обликува иднината врз основа на „управувањето со угледот на синдикатите“. „Се работи за угледот и брендирањето на вашите новинарски синдикати и здруженија“, рече таа. Градењето доверба кај вашите членови, подобрувањето на начинот на комуникација, утврдувањето на визија, мисија и вашите суштински вредности се само некои од клучните точки кои таа ги истакна. Учесниците дебатираа за неколку опции за развивање на нивниот углед.

По состанокот, учесниците се согласија да изготват едногодишен стратешки план во кој ќе ги утврдат приоритетите за подобрување на работните услови на новинарите во Западен Балкан и Турција. Покрај тоа, ќе биде издадено LAREG + списание, а ќе биде организирана и видео кампања и изложба на фотографии во мај 2018 година.

Делегацијата на ЕФЈ исто така се сретна и со Дамјан Манчевски, македонскиот Министер за информатичко општество и администрација, за да разговараат за претстојниот закон за информации кој треба да се усвои следната недела од Собранието, како и за регулирањето на пристапот до јавни документи. Министерот зборуваше за можноста да се овозможат даночни олеснувања за организациите на печатените медиуми, „но владата нема финансиски да интервенира и да дава пари на медиумски компании соочени со потешкотии. Не сакаме да се мешаме во медиумската сфера“, додаде тој. Министерот исто така ја потврди својата намера да го зголеми пристапот до јавни документи за новинарите и граѓаните на Македонија и најави започнување а нов портал на отворени податоци за унапредување на транспарентноста и отчетноста во земјата. Во однос на лажните вести, министерот е отворен да ги поддржи новите предлози кои доаѓаат од членките на ЕФЈ (ЗНМ и ССНМ) за борба против оф-шор новински портали кои прават пари преку дистрибуција на лажни вести на интернет. “Саморегулацијата е нашата претпочитана опција за идентификување на новинари и неновинари“, рече Г-дин Манчевски.

Ефикасна саморегулација и медиумски писмени граѓани за одговорно комуницирање онлајн

0

СКОПЈЕ, 23.05.2018 – Поттикнување на критичкото размислување и медиумската писменост кај корисниците на социјалните мрежи, подигнување на политичката култура на комуницирање, ефективна и независна саморегулација онлајн и доследна примена на законите се некои од предлозите во однос на решавањето на проблемите во комуникацијата во интернет-просторот, што беа истакнати на конференцијата „Права и обврски при комуницирање на Интернет“. Настанот го организираше МИМ во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.  

Социјалните мрежи стануваат нов вид јавност со свои позитивни и негативни страни, но човечкиот фактор е пресуден во оваа комуникација, истакна Сеад Џигал, експерт за медиумска писменост и социјални медиуми. „Проблемот е тоа што корисниците на социјалните мрежи имаат неограничени права, но не и обврски, особено во локалниот контекст каде што законската легислатива или не се применува или се применува селективно и недоволно“, вели тој. Според него, треба да се подобрува комуникациската, медиумската и политичката култура во општеството, а решенијата на проблемите треба да се бараат во едукацијата, односно вклучување на овие теми во формалното и во неформалното образование, но и во етичкото лидерство,  што подразбира истакнување влијателни поединци и јавни личности како примери за одговорно однесување за помладите генерации.

Надиа Беларди, независна експертка ги претстави стандардите на Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права и слободи, што се однесуваат на слободата на изразување, како и почитување на приватниот и семејниот живот и приватноста на информациите, истакнувајќи ја важноста од одржување рамнотежа меѓу нив. Таа се осврна на повеќе релевантни препораки на Комитетот на министри во однос на претставување на насилството во електронските медиуми, новото значење на медиумите, заштитата на човековите права во поглед на социјалните мрежи, слободата на интернет, како и на медиумскиот плурализам и транспаренстноста на медиумската сопственост, со акцент на влијанието на онлајн-платформите.

Според Беларди, дезинформациите и говорот на омраза генерираат корисници колку и вестите или висококвалитетните содржини, пропагандата побрзо  се шири и прави повеќе штета, законите што го регулираат говорот на омраза може лесно да се злоупотребат и да ја  ограничат слободата на говорот, додека медиумските организации не можат да направат доволно да ги заштитат новинарите од говорот на омраза. Некои од „лековите“ за овие проблеми, Беларди ги гледа во поттикнување на критичкото мислење и информациската писменост, препознавање на веродостојните извори, разликување на промотивните содржини од фактите, имплементирање високи етички стандарди во новинарството и ефективна и независна саморегулација на социјалните медиуми.

Новинарот и граѓански активист, Огнен Јанески, кој истакна дека и самиот често бил цел на говор на омраза и навреди на интернет, смета дека законите не ги заштитуваат корисниците на социјалните мрежи во реалноста. Според него, постоењето обврски и права не значи дека сите ги применуваат. Идејата за саморегулација е добра, вели тој, но треба да се најдат креативни начини како да се работи на подобрување на писменоста на корисниците на социјалните мрежи, а особено на младите и на оние кои шират говор на омраза. „Факти, проверени информации, статистики, линкови, контраргументи што ги рушат нивните аргументи и секогаш културен пристап и ниво на однесување“ е начинот што тој го препорачува за справување со оние кои се однесуваат недолично онлајн или, пак, во етерот.

Заеднички заклучок од конференцијата беше дека за говорот на омраза треба отворено да се зборува, со цел да се разобличи овој феномен и последиците од него. Корисниците на социјалните мрежи треба почесто да реагираат до саморегулаторното тело и до надлежните институции, со цел проблемот да стане повидлив и тие да се поттикнат да ги процесираат случаите. Од друга страна, проблемот може ефикасно да се адресира само преку спрега на институциите, односно граѓанскиот сектор, регулаторот, судството и институциите што имаат надлежност да се справуваат со проблемите на интернет.

Фото-галеријата од настанот е достапна тука

Презентацијата на Надиа Беларди е прикачена во прилог.