Home Blog Page 22

Поддршка од ЕФН за ЗНМ околу измените во Изборниот законик

0

СКОПЈЕ, 14.08.2018 – Европската федерација на новинарите (ЕФН) изразува силна поддршка на ставот на Здружението на новинарите на Македонија и другите медиумски организации – Самостојниот синдикат на независни новинариСоветот за етика во медиумите на Македонија, кои се спротивставија на последните измени на изборната регулатива.

Според ЕФН, апсолутно е оправдана критиката што еснафските здруженија ја упатија во врска со новите законски решенија. Измените овозможуваат мешање на властите во слободата на медиумите и независноста на уредувачката политика за време на изборни кампањи.

„Овие штетни измени на Изборниот законик не придонесуваат во ситуација кога имаме блокирани медиумски реформи и несомнено ќе влијаат и во работата на медиумите и во севкупниот демократски амбиент за време на предизборните кампањи во негативен правец“, се вели во соопштението на ЕФН.

Европската федерација на новинарите реагира и дека со една од измените Државната изборна комисија се овластува да ги регистрира и да го следи известување на онлајн медиумите за време на изборите. Покрај ова, предвидени се и казни до 4.000 евра за неизбалансирано или непристрасно известување во медиумите.

Советот на Европа алармира за рестриктивните измени во Изборниот закон за медиумите

0

Советот на Европа вчера на својата платформа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите објави јавно предупредување за измените и дополнувањата на Изборниот законик, кои можат да имаат негативно влијание врз слободата на медиумите во Македонија. Во предупредувањето стои дека македонската држава е изворот на ваквото загрозување на слободата на медиумите.

Ова предупредување  следи по барање на Здружението на новинарите на Македонија до платформата на Советот на Европа, која во нејзината реакција се повикува на заедничкото соопштение на ЗНМ, Независниот синдикат на новинари и Советот за етика.

„Измените на Изборниот законик беа усвоени на 25 јули 2018 година од страна на македонскиот парламент во брза постапка, како резултат на политичкиот договор меѓу водачите на четирите главни политички партии. Еден од амандманите на Изборниот законик ја овластува Државната изборна комисија да ги регистрира и следи известувањето на онлајн медиумите за време на изборите. Покрај тоа, членот 181a од законот предвидува казни до 4.000 евра за традиционалните и онлајн медиумите за “неизбалансирано или непристрасно известување”, стои во предупредувањето на платформата на Советот на Европа.

Предупредувањето е упатено до Собранието на Македонија, кој во наредниот период има обврска да ги објасни овие измени кои што ја ограничуваат слободата на медиумите.

10 август 2018 година, Скопје

ЗНМ се жали во ОБСЕ за враќање на политичката пропаганда во медиумите

0

СКОПЈЕ, 10.08.2018 – Делегација на Здружението на новинарите на Македонија се сретна со претставници на Набљудувачката мисија на ОДИХР, со кои разговараше за измените на Изборниот законик и референдумот, кои имаат директно влијание врз работата на медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани истакна дека власта и опозицијата го злоупотребуваат референдумот за да обезбедат финансирање на нивната политичка пропаганда за изборна кампања со јавни пари предизвикувајќи огромни штети врз слободата на медиумите и професионалното новинарство.

Селмани оцени дека законското решение ги враќа на голема врата владините кампањи од времето на режимот на Груевски, кога со јавни пари власта спроведуваше медиумски кампањи за наводните успеси во работата.

Тој смета дека плаќање на политичка пропаганда во медиумите со пари на граѓаните ќе ги зајакне коруптивните врски на медиумите со  партиите и ќе влијае на нивното известување за политичките процеси во земјата. Според него, меѓународната заедница треба да направи притисок врз власта по одржувањето на референдумот, овие измени да се избришат од Изборниот законик.

За Селмани апсолутно е неприфатливо владини претставници да прават политички и финансиски притисок врз Македонската радио телевизија во време кога декларативно се залагаат за реформа на јавниот сервис.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски го критикуваше однесувањето на Државна изборна комисија, која спротивно на добрите европски практики, се обидува да преземе надлежности од Агенцијата за медиуми со регистрација  онлајн медиумите. Секуловски смета дека ДИК не може да го оценува известувањето на онлајн медиуми за референдумот и да ги казнува за наводно незибалансирано известување.

ДИК нема право да наметне медиумско претставување за референдумот

0

СКОПЈЕ, 08.08.2018 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во  медиумите на Македонија (СЕЕМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го осудуваат начинот на кој Државната изборна комисија ги толкува последните измени и дополнувања на Изборниот законик во врска со медиумското претставување за референдумот за името.

Потсетуваме дека последните измени и дополнувања на Изборниот законик, со кои се озакони политичка пропаганда во медиумите платена од парите на граѓаните, се однесуваат само на организирање  изборни кампањи, а не и на организирање референдуми.

ДИК нема законска надлежност да ги толкува законите, додека појаснувањето на Комисијата за медиумското претставување за референдумот е паушално, без законска основа и ги дискриминира учесниците на референдумот.

Нејасно е од каде ДИК извлекува право на Собранието на Р. Македонија, како организатор на референдумот да му даде приоритет во медиумското претставување, во споредба со останатите учесници на референдумот. Собранието не само што добива привилегиран пристап до медиумите за политичката пропаганда за референдумот, туку и трошоците за пропаганда ќе бидат платени од јавни пари.

Другите учесници во кампањата за референдумот не само што ќе имаат ограничен пристап до медиумите за пропаганда, туку и трошоците за огласување ќе мора да ги сносат сами. Ваквото паушално појаснување  може сериозно да го загрози легитимитетот и легалитетот на референдумот и затоа ДИК треба веднаш да го повлече.

Ги повикуваме медиумите да не дозволат да бидат вовлечени во оваа политичка манипулација. Ако денеска дозволат некој да им наметнува правила како треба да се огласува во нивните медиуми, утре ќе им кажуваат и како треба да известуваат.

Измените на Изборниот законик ги загрозуваат работата и слободата на медиумите  

0

СКОПЈЕ, 27.07.2018 – Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) се противат на усвоените измени и дополнувања на Изборниот законик, донесени како резултат на политички договор помеѓу власта и опозицијата.

Овие измени, донесени на нетранспарентен начин, со партиски консензус и зад затворени врати, директно ја загрозуваат работата на медиумите во време на предизборна кампања и се во спротивност со претходните укажувања и ставови на еснафските здруженија.

Ставот на ЗНМ, ССНМ и СЕММ што им беше познат на партиите е да се укине платеното политичкото рекламирање за време на изборни кампањи во приватните медиуми, а измените во Изборниот законик не само што го озаконуваат истото, туку и овозможуваат тоа да биде направено со јавни пари од граѓаните.

Уште поголем апсурд е што измените и дополнувањата во Изборниот законик ѝ даваат овластување на Државната изборна комисија, на чија што „ефикасност“ бевме сведоци во сите изборни циклуси, да ги регистрира онлајн медиумите кои што ќе известуваат за изборите како и да ја  мониторира и оценува нивната работа. Потсетуваме дека нема европска пракса за следење на начинот на известување на онлајн медиумите и дека со овој пристап се нарушува концептот на медиумската саморегулација.

Освен ова, измените предвидуваат казни за традиционалните и онлајн медиумите во висина од 4.000 евра, за неизбалансирано и непристрасно известување според член 181а од Изборниот законик. Прашуваме кои се тие стручни луѓе во ДИК и на каков начин ќе ја мерат неизбалансираноста и непристрасноста на известувањето на онлајн медиумите?

Потсетуваме дека Агенцијата за медиуми од ваквата обврска се откажа токму поради немањето на методологија, ниту европска пракса на некоја државна институција да се бави со (не)етичко известување. Последен обид на власта и опозицијата да се занимаваат со професионалноста на медиумите за време на избори беше и ад-хок телото, кое се покажа како сосема неуспешно решение.

Како посебно проблематична измена на Изборниот законик ЗНМ, ССНМ и СЕММ го сметаат и членот 3 став 11, со кој на учесниците во изборниот процес им се наложува да достават медиа планови за политичко рекламирање кое потоа ќе биде платено од Буџетот на РМ на приватните медиуми. Ова претставува упад во независноста на уредувачката политика и програмските содржини на медиумите во време на предизборна кампања, бидејќи им се наметнува програмска шема од страна на политичките партии.

Овие штетни измени во Изборниот законик не се во прилог на блокираните медиумски реформи и без дилема тие негативно ќе се одразат и во работата на медиумите и на севкупниот демократски амбиент во време на предизборна кампања.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ за овие недемократски законски мерки ќе ги известат и мисиите на странските претставништва кои се грижат за слободата на изразување и независноста на медиумите во Македонија.

27 јули 2018 година, Скопје

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ),

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и

Советот за етика во медиумите на Македонија

Повик за почитување основни правила за професионална работа

0

СКОПЈЕ, 27.07.2018 – Соочени со злоупотребата на медиумите кои служат на деструктивни агенди на поединци и групи, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) итно бараат од нив да ги задоволат основните правила за професионална работа, вклучувајќи почитување на Кодексот на новинарите, транспарентност во сопственичката и уредувачка структура, како и прифаќање на саморегулацијата како единствен заштитник на медиумските слободи и независност. Ова вклучува и наведување на авторството, како и на изворите на информации кога се преземаат содржини од други медиуми.

Право е на секој медиум е да одлучи дали ќе учествува во работата на саморегулативното тело – Советот за етика во медиумите на Македонија, но тоа не ги ослободува од обврската да ги почитуваат професионалните стандарди во медиумската сфера. Ова се минималните стандарди кои се очекува да бидат исполнети од страна на медиумите, во спротивно тие единствено ќе се сметаат за парамедиуми, кои работат на штета на јавниот интерес.  Загрижени сме што довербата на јавноста во медиумите е честопати изневерувана од поединци и медиумски платформи кои работат неодговорно и на штета на јавниот интерес, доведувајќи го со тоа во прашање интегритетот на професијата.

Ваквите негативни појави најчесто ги има на платформите на онлајн медиумите, каде што се наоѓаат содржини со многу низок квалитет, лажни вести, дезинформации, пропаганда и сензационализам. Во 2017 година над 80 проценти од жалбите до Жалбената комисија на СЕММ се однесуваат токму на онлајн медиумите.

СЈО делумно се откажа од обвинението против новинарот Зоран Божиновски

0

СКОПЈЕ, 23.07.2018 – Специјалното јавно обвинителство делумно се откажа од обвинението против новинарот Зоран Божиновски, кој наместо за три кривични дела по шест точки ќе биде обвинет за три кривични дела по пет точки.

СЈО, кое за случајот „Шпион“ ја презема надлежноста во март годинава, се откажа од точката 27, поради тоа што во обвинителниот акт, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое досега постапувало за случајот, нема наведено правна квалификација за кривичното дело.

Во одговорот на СЈО на прашањата на Здружението на новинарите на Македонија во врска со случајот на Божиновски, се вели дека точката се однесува на дејствие на друго лице за кое тоа лице веќе е осудено. За тоа веќе бил известен судот, кој се очекува да донесе решение за запирање на постапката по таа точка.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција никогаш не дало објаснување зошто до март годинава одбило да ја признае надлежноста на СЈО над случајот „Шпион“.

Осуда за инцидентот со фоторепортерите во Клубот на пратеници

0

СКОПЈЕ, 19.07.2018 – Здружението на новинарите на Македонија го осудува вчерашниот инцидент во Клубот на пратеници кога полицијата спречи фоторепортери да го сликаат моментот на пристигнувањето на претставниците на партиите на лидерската средба поради безбедносни причини, а раководителот на владината служба за односи со јавност Марјан Забрчанец, упатил непримерни коментари кон медиумските работници зошто реагирале на ограничувањата.

Предупредуваме дека овие инциденти претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и обид да се криминализира работата на медиумските работници, кои пред јавноста треба да се претставуваат како опасни луѓе. Дополнително, ваквите непотребни инциденти сериозно ја компромитираат и заложбата на новата власт за транспарентно и отчетно владеење и ни ги враќаат сенките од минатото.

Потенцираме дека ако имало безбедносни причини за воведување на нова практика на следење на јавни настани тогаш полицијата навремено требало да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните со ваков безбедносен ризик без да се предизвика забуна и нервоза.

Укажуваме дека обврска и на Владата е да обезбеди пристап на медиумските работници до сите настани од јавен интерес и да осигура услови за непречена работа без притисоци или закани. Секое поинакво однесување нема да ја подобри состојбата со слободата на говорот и ќе ја задржи Македонија на дното на светските листи за овие слободи.

Селмани со пораки до власта и опозицијата за реформите во медиумите

0

СКОПЈЕ, 18.07.2018 – Националниот совет за евроинтеграции вчера во Собрание одржа седница каде присуствуваше и еврокомесарот Јоханес Хан, кој официјално го инаугурираше почетокот на скрининг процесот за подготвеноста на земјата за почнување на пристапните преговори.

На седницата се обрати и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, кој е член на Советот како претставник на граѓанскиот сектор.

Во прилог е интегралниот говор на Селмани:

Почитувани дами и господа, почитувани прјијатели од Европа,

Во името на македонските новинари би сакал да испратам неколку пораки до почитуваните присутни.

Првата е до Комесарот Хан. Драго ми е што зајакнува свеста во Европската унија дека Балканот е дел од Европа. Корените на европската цивилизација се на Балканот.

Ве замолувам, во наредниот период во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, посветете повеќе внимание на медиумските реформи. Слободни и професионални медиуми се кислород на секоја демократија. Македонската демократија има потреба од многу кислород. Професионалните медиуми се најдобар лек против злоупотребите на секоја власт.

Втората е до власта. Има промена во медиумите, но тие промени се далеку од тоа да бидат одржливи. Ние како новинарско здружение соработуваме и ќе соработуваме со Вас, но мора да се договориме за неколку основни принципи.

Мора да прекине политиката на неказнивост на насилството врз новинарите. Бројот на напади е намален последната година, полицијата новите напади ги расчистува поефикасно, но за жал досега ниту еден од насилниците не е изведен пред лицето на правдата.

МВР тврди дека не може да ги обнови истрагите за старите напади врз новинарите од времето на претходната власт бидејќи тие се воделе непрофесионално, а во некој случаи биле уништени и докази. Ако не може да се обноват истрагите, тогаш можете да побарате кривична одговорност за раководителите во полицијата што воделе неквалитетни истраги и што уништувале докази.

За политиката на неказнивост на напади на новинари немојте да се криете зад обвинителството. Новиот обвинител е избран од новата власт, седнете и разговарајте со него како да се забрзаат истрагите во кои новинарите се жртви.

Погрешен ви е пристапот со реформата на јавниот сервис. Реформа нема да има со помалку пари за МРТ. Лани намаливте 40 посто од буџетот на МРТ, сега со ребаланс ќе давате нови три милиони евра. Со тоа се потврди нашето укажување дека 12 милиони евра годишно за МРТ се премалку за да се зајакне независноста и да се подобри квалитетот на програмата. Системот на финансирање мора да биде ослободен од политички влијанија и тој не смее да зависи од волјата на владата.

Третата порака е до опозицијата. Немојте да го блокирате донесувањето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги затоа што ве убедуваме дека предложените измени, со исклучок на моделот на финансирање на МРТ, се добри за медиумите.  Вашиот глас ќе одлучи за изборот на новите управни органи во МРТ и Агенцијата за медиуми затоа што во законот е предвидено двотретинско мнозинство. Дозволете овој закон да помине затоа што имате многу други закони со кои можете да се пазарите со власта.

Последната порака е до моите колеги. Поголема слобода значи и поголема одговорност. Во вашата работа верно применете ги принципите на Кодексот на новинари.