Дебата за трендовите во новинарството во Западен Балкан со здруженијата од мрежата safejournalists.net

0
151

Во организација на Здружението на новинарите на Македонија вчера се одржа работна средба со претставници на граѓанското општество, новинари и новинарските партнерски здруженија од Safejournalists.net мрежата на тема ,,Унапредување на соработката и дијалогот меѓу граѓанските организации и новинарските здруженија од Западен Балкан за поголема безбедност на новинарите и развој на граѓанското општество”

На средбата се дискутираше за тековните трендови и случувања во медиумскиот сектор, дома и во регионот од аспект на безбедност на новинарите и законската рамка, за состојбите со граѓанското општество и медиумите, и предизвиците низ призмата на младите новинари. Во дискусијата присутните ги споделија своите мислења и предлози како до подобри решенија за унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници во Западен Балкан.  Говорници на настанот беа: извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски, Раде Ѓуриќ, правник и проектен истражувач од Независното здружение на новинарите во Србија, Моника Кутри, проектен истражувач од Здружението на новинарите во Хрватска, Сашка Цветковска новинар од ИРЛ и Гетарбе Мулиќи, проектен истражувач и извршна директорка на Здружението на новинари во Косово.

Присутните имаа прилика да дискутираат за трендовите во новинарството и состојбата со правата на новинарите во Србија, Хрватска, Косово и Северна Македонија преку праксата на новинарските здруженија во овие земји.

Настанот беше организиран во рамките на регионалниот проект „Унапредување на дијалогот помеѓу новинарските здруженија и парламентите од Западен Балкан за посилен граѓански сектор” (Improving the dialogue between journalists’ associations and parliaments in Western Balkans for stronger civil society sector), финансиран од страна на СИДА преку проектот „Заштита на граѓанскиот простор – Регионален центар за развој на граѓанското општество“ во реализација на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (BCSDN).

Средбата се одржа на 23 јуни 2022 во просториите на Граѓански ресурсен центар при Македонскиот Центар за Меѓународна Соработка (МЦМС) во Скопје.