ЗНМ: Остра осуда за навредите на Панчевски кон новинарите

0
142

СКОПЈЕ, 19.11.2019 – Здружението на новинарите на Македонија остро го осуди недоличниот и агресивен говор како и навредите упатени кон уредникот и новинарите на порталот „Сакам да кажам“ (Сдк.мк) изречени од страна на поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски за кој Судскиот совет во јули оваа година донесе Одлука за времено оддалечување од вршење на судиска функција.

„Таквото однесување не доликува на еден поранешен носител на висока јавна функција и може да се толкува како закана и притисок врз работата на новинарите на овој медиум. Ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на Панчевски може да поттикне насилство кон нашите колеги, а со тоа и дополнително да се загрози нивната безбедност и да се ограничи слободата на изразувањето“, се вели во соопштението на ЗНМ.

„Здружението на новинарите на Македонија охрабрува користење на саморегулативните механизми. Оттаму, доколку Панчевски сметал дека новинарите го прекршиле етичкиот кодекс при своето работење, можел да достави претставка до Советот на честа при ЗНМ или до Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ). Во спротивно, ваквото негово однесување се смета за директен притисок врз медиумите“, реагираат од ЗНМ.