Над 150 поднесени жалби за транспарентноста на институциите за 2018 година – Надлежната комисија без кворум уште од мај

0
214

СКОПЈЕ, 29.12.2018 – 2018-та е година со помалку поднесени жалби за нетранспарентноста на институциите, во споредба со податоците од извештаите на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, изготвени за 2015, 2016 и 2017 година.

Всушност, до почетокот на септември, бројот на поднесените жалби бил над 150, додека во 2015, 2016  и 2017-тата, бројот бил повисок, односно 960, 619 и 758.

На прв поглед, податоците за 2018-тата изгледаат ветувачки кога станува збор за транспарентноста на институциите, иако сè уште не се конечни. Имајќи предвид дека Комисијата, каде што се поднесуваат жалбите, околу две третини од годината немаше и сѐ уште нема кворум за одржување состаноци. Гледано од овој аспект, нискиот број на поднесените жалби не секогаш мора да биде показател дека во текот на годината сме имале потранспарентни институции од порано.

Надлежното Министерство за комуникации, отчетност и транспарентност, се осврна на едно меѓународно истражување, поддржано од Европската унија, според кое Македонија во 2018 година е рангирана како најтранспарентна земја во регионот.

„Владата на Република Македонија е на првото место во регионот што се однесува до транспарентноста. Ова го покажува меѓународното истражување „Action see“, поддржано од Европската унија, при кое е измерен индексот на транспарентноста на институциите во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Во истото истражување за минатата година, Македонија е на крајот од листата, односно на 6-тото место. Мал напредок е забележан и кај министерствата, кои при минатогодишното истражување од последно, сега се наоѓаат на трето место, по Црна Гора и Србија“, пишува во одговорот на Министерството надлежно за комуникации, отчетност и транспарентност.

Доколку направиме споредба на извештаите објавени од 2015 година на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, се добива појасна слика за тоа како се движел степенот на институционалната транспарентност.

Во 2015 година, кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, најчесто жалбите се однесуваа на: Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа, Министерството за здравство, Министерството за култура, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда, Комисијата за спречување на корупција и Собранието на Република Македонија, како и за неколку јавни претпријатија.
Во 2017 година, кога веќе државата имаше нова Влада која ветуваше дека државните институции ќе бидат потранспарентни за време на нивното владеење, бројот на поднесените жалби беше 758. Значи, само 202 жалби помалку отколку во 2015-тата, кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и 139 жалби повеќе во споредба со 2016, кога исто така на власт беше претходната Влада.
Годините во кои имало најмногу поднесени жалби можат да се толкуваат како освестување на граѓаните околу нивното право да се информираат, но истовремено можат да се гледаат како на показател за помала транспарентност на институциите.

Објаснувањето за овие бројки што го дава надлежното министерство е дека откако информациите биле ставени на располагање на граѓаните, биле „поплавени“ јавните  институции со барања за слободен пристап и во една ваква ситуација се јавил проблем со недостиг на кадар. Како резултат на тоа, тие не успеале навремено да им одговорат на сите барања.

„Зголемувањето на бројот на поднесените жалби до Комисијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2017 година се должи на одлуката на Владата во врска со зголемување на транспарентноста и да ги направи достапни сите информации за граѓаните, освен оние кои се поврзани со безбедноста. Институциите се соочија со голем број барања за слободен пристап, бидејќи по една деценија затвореност, нетранспарентност и немање пристап до институциите, конечно информациите се најдоа на располагање за сите граѓани. Задоцнетите одговори на многуте барања за слободен пристап се резултат на ограничувањата во однос на човечките ресурси, а не на недостиг на транспарентност на институциите“, велат од Кабинетот на министерот без ресор надлежен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

Во 2017 година, институциите кои се сметаа дека биле најмалку транспарентни се: општините во Република Македонија и Градот Скопје, Министерството за здравство, Здравствените домови, Јавните претпријатија, Меѓуопштинските центри за социјална работа, Министерството за економија, Министерството за финансии, Регулаторната комисија за енергетика и други.

Министерството за финансии е институцијата која е нотирана како нетранспарентна во сите три извештаи за 2015, 2016 и 2017 година.

Во текот на 2017 година според Извештајот на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, институциите најчесто не давале информации за јавните набавки, огласите за избори и именувања, листите на информации за странски инвестиции, бројот на оние кои аплицирале и оние кои добиле од ИПАРД програмите, нето платите на државните функционери и членовите на советите, платените суми за патните трошоци на раководните лица и членовите на комисиите, податоците за платите и платените надоместоци за вработените во Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и други.

Од Кабинетот на министерот Поповски, во однос на овие податоци со одговор:

„Во 2017-тата за првпат почнаа да се објавуваат договорите за јавните набавки во системот „е-набавки“. Институциите беа обврзани, освен јавните набавки да ја објават и целосната документација поврзана со договорите, вклучувајќи ги и оние со финансиски импликации“.

„Во однос на огласите за избори и именувања, имајќи предвид дека 2017-тата година беше година на избори, на 31 мај 2017 година беше формирана новата Влада, а беа одржани и локалните избори, во моментот на распишување на изборите имаше и ограничување на објавување на конкурсите за вработување. Пред и по локалните избори, сите огласи беа објавени согласно основните закони за посебни функции. Во рамките на надлежностите, сите донесени акти за избор и именувања се објавени во Службен весник.

„Листата на информации за странските инвестиции, согласно Законот за финансиска поддршка, ќе биде објавена кога ќе заврши целиот процес на исплаќање на компаниите кои имаат важечки договор. Предвидено е ова да заврши до крајот на годинава.“

Од ова министерство велат дека институциите биле транспарентни и за другите горенаведени точки.

Додаваат дека со цел зголемување на транспарентноста, на официјалната страна на Владата се објавени платите на премиерот, министрите и генералниот секретар на Владата.

Во меѓувреме, за да дознаеме повеќе детали за тековната година, официјален став побаравме и од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Од таму ни рекоа дека не можат да ни дадат такви информации, бидејќи истите се обработуваат, односно се разгледуваат на седниците на Комисијата, која уште од мај нема кворум, па затоа е блокирана.

Овој факт, според неколку новинари делумно влијаел за тие да не поднесат жалби, иако сакале да го сторат тоа за одредени институции кои не одговориле навреме или пак воопшто не им ги дале бараните информации.

Васко Маглешов – МакФакс
-Да. Досега сигурно имаме доставено повеќе од пет жалби до Комисијата за заштита на правото за информации од јавен карактер.

Горан Момироски – Алфа ТВ
-Не, немам поднесено.

Тамара Чаусидис БИРН
-Поднесовме кога функционираше комисијата. Но, сега воопшто не ги разгледуваат, бидејќи нема кворум. Сепак, службите се трудат да излезат пресрет и во вакви ситуации.

Исмаил Синани – ТВ Шења
-Не, немаме поднесено. Но, постојано јавно ги повикуваме функционерите на ДУИ да имаат транспарентен пристап.

Според нив, некои од најпроблематичните институции во текот на 2018-тата биле:

Васко Маглешов – МакФакс
-Јас би ги спомнал Јавното обвинителство, Народниот правобранител, но има и други.

Горан Момироски – Алфа ТВ
-Би го спомнал Министерството за надворешни работи.

Тамара Чаусидис – БИРН
-Од искуство велам, јавните претпријатија имаат најбавен процес на одговор. Би ја спомнала како пример Македонската радио телевизија.

Исмаил Синани – ТВ Шења
-Проблемот со транспарентноста го имавме со Демократската унија за интеграција и институциите раководени од членовите на оваа партија. Проблемот постои само кај оваа политичка партија.

Не секогаш жалбите се поврзани со негирањето информации. Честопати одговорите се клише и површни.

Васко Маглешов – МакФакс
-Не секогаш одговараат навремено. Кога станува збор за едноставни одговори, одговараат навреме, но понекогаш цитираат закони, не одговарајќи конкретно на прашањето. На пример, побарав податоци од Агенцијата за електронски комуникации за тоа – колку пари се трошат за плати и надоместоци, а ми испратија цитат од законот за АЕК. Во одговорот пишуваше дека тоа се податоци кои АЕК е обврзана да му ги достави на Собранието.    

Горан Момироски – Алфа ТВ

-Вообичаено одговараат, но не секогаш брзо и целосно. Честопати го избегнуваат директниот одговор. На пример, на 30-ти септември го прашав Зоран Заев дали ќе поднесе остави како што вети доколку референдумот не успее, а тој ми одговори дека референдумот бил успешен.

Тамара Чаусидис – БИРН
-Има институции кои одговараат релативно навреме согласно рокот. Како пример би ги посочила Министерството за култура, Градот Скопје и Владата. Институциите одговараат навремено, бидејќи барањето се поднесува со соодветен документ. Доколку се постави прашање што подразбира давање мислење или политички став, тогаш тоа нема никаква врска со информација од јавен карактер.

Исмаил Синани – ТВ Шења
-Ако до пред неколку години институциите испраќаа соопштенија, со унапредување на пи-ар техниките, сега истите подготвуваат вести со текст, видео или фотографии, кои им ги испраќаат на медиумите. Значи, на прв поглед, ова изгледа како транспарентност, но во суштина ова повеќе наликува на насочување на институциите кон медиумите. Треба да се нагласи дека веќе четири години, институциите со кои раководи ДУИ, било во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, или сега со СДСМ, се затворени. Секако, понекогаш постои и мал исклучок.

Рокот од 30 дена кој го предвидува законот (Член 21 од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер) во кој институциите треба да одговорат, според уредниците и новинарите е премногу долг. Велат дека овој Член треба да се измени, односно рокот за одговор да не биде подолг од 10 дена.

Васко Маглешов – МакФакс
-Апсолутно, рокот треба да е пократок, не повеќе од 10 дена.

Горан Момироски – Алфа ТВ
-Секако, рокот не треба да биде повеќе од 5 дена.

Тамара Чаусидис – БИРН
-Да. Сметам дека рокот треба да биде пократок од 30 дена.

Исмаил Синани – ТВ Шења
-Секако дека може и треба да биде пократок, но треба да се видат и праксите на земјите од Европската унија.

Ова беа неколку од податоците кои успеавме да ги собереме за 2018 година, во недостиг на официјални податоци или конечниот Извештај на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Комисијата сега за сега има само еден член и претседател. По оставката која на 2-ри мај 2018 година ја поднесе претседателот Ѓорги Сламков, Комисијата засега е составена само од Бљерим Хисени и Валентина Фидановска.
Состојбата ни ја објасни неодамна избраниот претседател на комисијата.

Бљерим Хисени
Претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер
„Последниот состанок на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, е одржан на 16-ти април и оттогаш немаше кворум за одржување на состаноци и разгледување на жалбите, а парламентот ја констатираше оставката на претседателот на 2-ри мај годинава. Инаку, двајца членови на Комисијата не беа назначени долго време (но, Комисијата функционираше со претседател, заменик-претседател и еден член) со просто мнозинство и имаше законско право да одлучува по случаите“.

Со цел да добиеме информација – кога се очекува Собранието да ги пополни празните места, за кои имиња ги предлага Владата, а потоа се доставуваат до законодавниот дом, се обидовме да стапиме во контакт и со претседателот на Комисијата за прашања на избори и именувања. Но, како за иронија, иако овој текст е посветен на институционалната транспарентност, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, истовремено и претседател на комисијата, неколку недели ги имаше на располагање прашањата, но сепак не се удостои да одговори ниту писмено, ниту пак усно.

Службите на Собранието на Македонија нè известија дека на 18.10.2018 се одржала седница на Комисијата, но дека на истата било одлучено само за назначување на  претседателот, но не и за членовите. Бљерим Хисени од функција на заменик-претседател, беше назначен за претседател на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Сепак, со ова не се решава настанатиот проблем, бидејќи Комисијата иако има претседател, сепак и понатаму нема кворум. Двајцата членови на оваа комисија сè уште не се назначени.

Оваа публикација е изработена во рамки на проектот „Регионалната Платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“. Содржината на оваа анализа е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Подготви: Еви Шкопи