Новинарите од Западен Балкан: Слободата не медиумите и безбедноста на новинарите и понатаму се загрозени

0
158

БРИСЕЛ, 27.03.2018. – Делегација составена од членовите на Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност го посетија Брисел на 21 и 22 март и одржаа состаноци и консултации со членовите на Европскиот парламент и со претставници на Европската комисија од Генералниот Директорат за проширување и соседска политика.

Претставниците на новинарските здруженија и синдикатот од Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија ги претставија состојбите со безбедноста на новинарите и медиумските состојби во своите земји. Тие ги истакнаа заедничките проблеми со кои се соочуваат нивните членови и другите новинари, вклучувајќи ги тука и лошите услови за работа, стравот за личната безбедност поради природата на работата, како и политичките и економските притисоци кои резултираат со цензура и самоцензура. Во таква средина, непрофесионално новинарство доаѓа до израз, а загрозен е и медиумскиот плурализам. Беше забележано дека проблемите со кои се соочуваат новинарите главно доаѓаат од владејачките и главните политички партии кои покажаа недостаток на политичка волја за подобрување на состојбата со слободата на медиумите. Исто така, беше нагласено дека неказнивоста на нападите врз новинарите останува најголем проблем во регионот.

Претставниците присуствуваа и на заедничката пленарна сесија на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET-SEDE) кој работи на стратегиската комуникација на ЕК, на странското влијание врз медиумите, дезинформирањето и на лажните вести. Осврнувајќи се на споменатите проблеми, делегацијата го привлече вниманието истакнувајќи дека тоа се последици од недостатокот на правна и социјална средина за да можат новинарите професионално да работат и да се грижат за јавниот интерес кој е навремено и квалитетно информирана јавност.

На билатералните состаноци, делегацијата ги сподели наодите од нивните истражувања за нивото на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите за 2017 година, нагласувајќи ги проблемите кои имаат потреба од итно внимание. Европарламентарците и претставниците на ЕК беа запознаени со постојната база на податоци за нападите врз новинарите www.safejournalists.net, додека истата алатка од страна на ЕК беше оценета како многу корисна за следење на ситуацијата во регионот. Членовите на Парламентот признаа дека треба да се подобрат медиумските слободи во регионот на Западен Балкан и треба повеќе да се работи во тој правец. Тие очекуваат овие впечатоци да бидат дел од претстојните Извештаи за напредокот на земјите од Западен Балкан што треба да се објават во април 2018 година.

Посетата на делегацијата на Европскиот парламент и на Европската комисија беше организирана од Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и поддржана од Европската унија како дел од проектот Регионална платформа за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.