Home Blog Page 16

Чадиковски на средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар: Медиумските реформи во државата да бидат целосно спроведени

0

СКОПЈЕ, 16.10.2019 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија вчера остварија средба со евроамбасадорот, Самуел Жбогар. На средбата беа отворени повеќе актуелни прашања поврзани со работата на медиумите и новинарите во С. Македонија, медиумските реформи, како и за работата на надлежните институции.

Една од главните теми на разговор беше неажурноста на Основното јавно обвинителство при расчистување на случаите на напади врз новинари, како и истрагите што беа отворени во последно време против неколку медиуми, а кои бараа од новинарите да ги откријат своите извори на информации. Чадиковски истакна дека тоа е неприфатливо за една демократија која претендира да биде европска и потсети дека Уставот го гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање и дека ова право е загарантирано и во Законот за медиуми како и во Европската повелба за заштита на човековите права.

Се разговараше и за застојот во спроведувањето на медиумските реформи и Чадиковски побара лично амбасадорот да се ангажира кај политичките партии за нивно откочување. Тој истакна дека изборот на членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Програмскиот совет на МРТ одамна е закочен во рамки на Комисијата за избори и именувања во Парламентот и веќе се пробиени сите рокови. Според Чадиковски, не може да се очекува подобрување на состојбата на медиумите без реформирање на овие две тела.

Чадиковски го презентираше пред Жбогар и проектот за саморегулација во чии рамки ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) работат на создавање на регистар на професионални онлајн медиуми. Евроамбасадорот ја поздрави оваа иницијатива и изрази надеж дека таа ќе придонесе кон поголемо почитување на професионалните и етичките стандарди во онлајн медиумите.

Промовиран прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите

0

СКОПЈЕ, 01.10.2019 – Здружението на новинарите на Македонија денеска ја претстави својата најнова публикација со наслов: „Прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите“. Публикацијата беше изготвена со цел да се прикажат пречките, предизвиците, но и можностите кои ги создава професијата снимател кога станува збор за медиумското известување, како и да се подигне нивото на разбирање и свесност за околностите во кои се извршува оваа професија.

На промоцијата се обратија авторите на публикацијата Марина Тунева и Маријана Марушиќ Кос, како и Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски. Според Секуловски, изработката на овој прирачник дошла како барање и потреба на секцијата на снимателите при ЗНМ. Тој воедно се заблагодари и за придонесот на членовите на секцијата Трајче Илиевски и Славе Стојановски кои несебично помогнаа во подготовката на оваа публикација.

Авторката Марина Тунева во своето обраќање рече дека снимателите се секогаш најдобрите извори на настанот на кој присуствуваат, и дека неретко се наоѓаат и во незавидна положба, соочувајќи се со различни потешкотии и ограничувања. „Во фокусот на овој Прирачник е работата на снимателите од аспект на универзално прифатените етички принципи за коректно, непристрасно и објективно работење, а се прави и осврт на националната законска рамка и одредбите што директно ја засегаат оваа професија“, истакна Тунева

Од друга страна, авторката Маријана Марушиќ Кос порача дека медиумите имаат тешка задача да проценат дали информирањето за одреден настан е од јавен интерес и да обезбедат рамнотежа меѓу правото јавноста да биде информирана и правото на приватност на поединците. „Оваа рамнотежа тешко се постигнува со директна примена на конкретна законска норма, а за да се постигне истата, потребно е богато искуство и знаење и добра проценка од страна на новинарите и снимателите, во секој поединечен случај„ истакна Марушиќ.

Овој прирачник беше изготвен во рамки на проектот: „Безбедни новинари за кредибилни информации во Македонија“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

Одржана работилница за судската пракса и безбедноста на новинарите и медиумските работници

0

СКОПЈЕ, 18.09.2019 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители – Павел Шатев организираа работилница на тема: „Судската пракса и безбедноста на новинарите и медиумските работници“. На работилницата учествуваа новинари, судии, адвокати и јавни обвинители кои дискутираа за безбедноста на новинарите, судската пракса во земјата, но и за аспекти од членовите 2,3 и 10 од Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа. Исто така, гостин на оваа работилницата беше меѓународниот експерт за човекови права Џорџ Тугуши, кој говореше за улогата на Омбудсманот во заштитата на новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека оваа активност со Академијата се организира со цел зголемување на соработката меѓу новинарите и судиите во интерес на демократијата, доброто владеење и благосостојбата на граѓаните. „Нашите две професии не се исти, односно се сосема различни, но сепак во секојдневното работење упатени сме едни на други. Затоа е важно да бидеме сојузници во справување со разните предизвици со кои се соочуваме при извршувањето на нашите професионални задачи“, истакна тој.
Според Чадиковски, новинарите можат да овозможат подобра комуникација и поголема транспарентност на судиите со јавноста, а судиите можат да бидат сојузници на новинарите кога одредени центри на моќ користат судски постапки со цел да се замолчи критиката во јавноста. Тој нагласи дека и двете професии се соочуваат со губење на кредибилитетот и независноста. „Затоа, сакаме активна соработка со цел да ги надминеме овие проблеми и да ја вратиме довербата на јавноста во институциите и во новинарството“ рече Чадиковски.
Оваа активност е имплементирана од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Академијата за обука на судии и јавни обвинители во рамки на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации“, а е поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

ЗНМ реагира на одлуката за Кежаровски

0

СКОПЈЕ, 18.09.2019 – Здружението на новинарите на Македонија е незадоволно од решението на Основниот кривичен суд во Скопје кој одлучи дека настапила застареност на делото според кое новинарот Томислав Кежаровски беше осуден пред шест години во предметот „Ликвидација“. Сметаме дека ваквиот развој на настаните не оди во прилог ниту на новинарството, ниту пак на правната држава во целост.

Истовремено, од ЗНМ изразија револт поради фактот што во минатите години, во многу наврати, Здружението бараше од Основното јавно обвинителство да го повлече обвинението против Кежаровски, откако Врховниот суд го врати неговиот предмет на повторно судење.

Со оглед на тоа што предметот беше вратен на повторно одлучување, го ЗНМ повика и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението, со што колегата Кежаровски ќе беше прогласен за невин, а со тоа ќе се демонстрираше на дело дека во оваа држава слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право. За жал ниту една од институциите не покажа разбирање и разумност по однос на овој предмет.

Штетите од овој предмет се огромни за државата. Северна Македонија беше одбележана како една од единствените земји која имаше новинар во затвор, бевме посочени како неслободна земја во која не се почитуваат новинарските права и слободи. Ваквите примери на праксата на правосудните органи кои за жал не успеваат да ги заштитат новинарите не придонесуваат кон лошата перцепција што ја има судството.

„За ова, веќе подолго време трпиме критики во сите релевантни меѓународни извештаи. Во извештајот на Европската комисија за државата се вели дека органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство треба ефективно да ги следат сите инциденти против новинарите. Старите случаи на најсериозните физички напади врз новинарите не се решени поради непрофесионално однесување во истрагите“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Последиците од ваквиот расплет на настаните за колегата Кежаровски се огромни. Пред се, нарушено му е здравјето, но и честа и угледот на новинарот. За овој проблем, Здружението на новинарите на Македонија ги извести сите релевантни меѓународни организации. Дополнително, ќе испрати известување и до претставниците на меѓународната заедница каде ќе изразиме загриженост и ќе побараме одговорност од сите надлежни органи кои постапуваа по овој предмет.

Промовирана анализа за состојбата на дописниците во Северна Македонија

0

СКОПЈЕ, 29.08.2019 – Здружението на новинарите на Македонија денеска промовираше нова публикација во чиј фокус е состојбата со дописниците во Република Северна Македонија. На промоцијата се обрати претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој се осврна на проблемите со кои се соочуваат колегите од внатрешноста. „Загрижува фактот што дописничката мрежа на МРТ, но и на националните телевизии постојано се намалува, а во одредени медиуми и целосно е укината“, истакна Чадиковски.

Според него, има повеќе причини за настанувањето на оваа ситуација. „Финансиите се главен проблем за дописниците, а сите досегашни истражувања за социо-економската положба на дописниците покажуваат дека месечните надоместоци или хонорарите по објавен текст или прилог не можат да ги покријат ниту основните трошоци за живот. Но, тоа не е единствениот проблем кој беше детектиран во ова истражување. Недостигот на техничка опрема, притисоците од редакциите, но и од локалните моќници значително ја отежнуваат работата на новинарите“, рече претседателот Чадиковски.

Чадиковски се осврна на дел од анализата во кој е нагласена потребата од интервенција и во законската регулатива со која ќе им се наложи на сите национални медиуми да ангажираат дописници. Дел од препораките кои се однесуваа на Македонската радио-телевизија (МРТ) и на Медиумската информативна агенција (МИА) беа да обезбедат дописништва во секој од осумте плански региони, а притоа на вработените да им обезбедат технички услови за работа и вработувања на полно работно време, со договор на неопределено време.

Во анализата се препорачува на печатените медиуми да вработат по најмалку тројца дописници, бидејќи тоа што се финансиски помогнати од јавниот буџет носи и свои обврски, во интерес на добро информирана јавност за теми од локален и регионален карактер.

Во однос на националните терестријални и кабелски телевизии во анализата се препорачува да ги зголемат своите дописнички мрежи, и да обезбедат соодветни услови за работа за новинарите. „Потребно е да се направат измени и дополнувања во Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио и телевизиско емитување и тоа во глава VI, член 22 кој се однесува на бројот и структурата на вработени. Овие измени треба да гарантираат дека од минимум 30 вработени новинари во терестријалните, најмалку 4 треба да се дописници со полно работно време, односно од минимум 10 вработени новинари кај кабелските телевизии најмалку 2 да се дописници со полно работно време“, истакна Чадиковски. 

Оваа публикација беше подготвена во рамките на проектот „Безбедни новинари за кредибилни информации во Македонија“ поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на ЗНМ и авторите и во никој случај не може да се смета дека ја одразува позицијата на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

Целата публикација можете да ја најдете на овој линк.

ЗНМ и СЕММ создаваат регистар на професионални онлајн медиуми

0

СКОПЈЕ, 26.08.2019 – Здружението на новинарите на Македонија денеска потпиша Меморандум за соработка со Стопанската комора на Македонија. Целта на потпишување на Меморандумот е да се направи значаен исчекор кон зголемување на професионалноста на онлајн медиумите.

Процесот кој ќе го водат ЗНМ, Советот за етика во медиумите на Македонија и Стопанската комора ќе резултира со создавање на регистар на професионални медиуми, кој ќе и помогне на јавноста, но и на бизнис заедницата, полесно да распознаваат кои медиуми ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум.

„Во овој регистар нема да има место за пропагандата, лажните вести, како и за анонимните редакции и уредници“, истакна Чадиковски. Според Чадиковски процесот на изработка на критериумите за регистарот ќе биде инклузивен процес каде преку одржување на консултативни средби со новинари, претставници на порталите и на бизнис заедницата ќе се дојде до најквалитетните решенија.

„Ваквиот вид на евидентирање ќе и помогне и на бизнис заедницата за да знае во кои медиуми треба да се рекламира и огласува бидејќи и тие сакаат да го помогнат овој процес, а истовремено имаат и општествена одговорност за да го поддржат постоењето на квалитетните медиуми“, рече Чадиковски.

ЗНМ: Осуда на Мицкоски за објавата со која етикетира новинари на 1ТВ

0

СКОПЈЕ, 15.08.2019 – Здружението на новинарите на Македонија ja осудува објавата на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во која тој на непримерен начин ги опишува новинарите и уредниците на 1ТВ и нивното работење. Тој на својот профил на Фејсбук обвинува дека новинарите биле пристрасни и дека биле плаќани на сомнителен начин.

Го потсетуваме Мицкоски дека работата на медиумите и новинарите ја оценува јавноста и професионалните здруженија и таквите паушални оценки особено од високи политички претставници, единствено придонесуваат во намалување на довербата на јавноста во медиумите. Освен тоа, Мицкоски го нарушува принципот на пресумпција на невиност земајќи во предвид дека овој случај е во истражна постапка, а според објавите во медиумите нема индиции за вмешаност на новинарите од оваа телевизија.

Апелираме до лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и до останатите политичари да престанат со ширење на квалификации за новинарите бидејќи тоа не е во духот на европските вредности и на долг рок може да предизвика само негативни последици во слободата на изразувањето.

ЗНМ ќе ја извести меѓународната заедница за овој тренд на водење на црни кампањи кон новинарите од страна на политичарите, бидејќи доколку дојде до посериозен напад врз некој од нашите колеги главниот дел од одговорноста ќе ја имаат токму тие.

ЗНМ ја осудува изјавата на Заев и бара јавно извинување

0

СКОПЈЕ, 14.08.2019 – Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува вчерашната изјава на Премиерот Зоран Заев, во која тој кажа дека нема да дозволи некој суетен новинар да ја симне оваа влада од власт. Ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на Претседателот на Владата може да поттикне насилство кон нашите колеги, а со тоа и дополнително да се загрози нивната безбедност и да се ограничи слободата на изразувањето.

Го повикуваме Претседателот на Владата Зоран Заев веднаш да се извини на новинарите, а пред се на колегата Бранко Героски доколку оваа негова изјава беше упатена кон него и во иднина да се воздржи од вакво дискредитирање на новинарите.

Премиерот Заев како Претседател на партијата на власт и на Владата потребно е да покаже дека умее да се справи со критиката од страна на новинарите, а со тоа да даде пример и на останатите членови на Владата, но и на македонската јавност. Наместо јавно да се пресметува со критични новинари потребно е да ги охрабри во нивните напори да откриваат евентуална злоупотреба на власт, а институциите да реагираат.

Истовремено, во својата изјава Претседателот на Владата користеше непримерен говор во однос на припадниците на ЛГБТИ заедницата што не доликува на сериозен политичар и носител на таква висока функција. Како новинари и Здружение кое се залага за еднаквост на сите полиња и недискриминација по ниедна основа го осудуваме и овој дел од изјавата на Претседателот Заев и бараме да јавно да се извини.

Секцијата на сниматели при ЗНМ на средба во МВР

0

СКОПЈЕ, 09.08.2019 – Претставници на секцијата на сниматели при Здружението на новинарите на Македонија и Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски вчера се сретнаа со портпаролот на МВР, Тони Ангеловски. На средбата се разговараше за подобрување и олеснување на условите за работа на снимателите при покривање на настани организирани од страна на Министерството за внатрешни работи. Беше најавено дека од страна на ЗНМ, изработен е нацрт прирачник за работата и безбедноста на снимателите каде МВР се очекува да даде свој придонес во насока на давање упатства при снимање на стратешки објекти и ВИП личности за кои потребна е посебна дозвола.

Директорот Секуловски најави дека Здружението на новинарите на Македонија, по примерот на европските земји, во иднина ќе работи на подготовка на протокол според кој ќе треба да постапуваат полициските службеници во случаи на напади врз новинарите и медиумските работници и за оваа активност се очекува вклученост и на МВР. Се очекува протоколот да биде готов на есен, а портпаролот Ангеловски се заложи дека и МВР ќе даде свој придонес во подготовката на протоколот.

Освен тоа, координаторот на Секцијата на сниматели при ЗНМ, Славе Стојановски заедно со колегата од МТВ Трајче Илиевски побараа поголема координација помеѓу МВР и останатите институции во однос на давањето на акредитации при покривање на јавни настани и прес-конференции со цел подобро и поефикасно нивно работење.

Ангеловски најави дека ќе се започне со креирање на нов медија центар во рамки на комплексот на МВР со што ќе се подобрат условите за работа на новинарите и снимателите во покривањето и известувањето за настани организирани од ова министерство.