Чадиковски на средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар: Медиумските реформи во државата да бидат целосно спроведени

0
128

СКОПЈЕ, 16.10.2019 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија вчера остварија средба со евроамбасадорот, Самуел Жбогар. На средбата беа отворени повеќе актуелни прашања поврзани со работата на медиумите и новинарите во С. Македонија, медиумските реформи, како и за работата на надлежните институции.

Една од главните теми на разговор беше неажурноста на Основното јавно обвинителство при расчистување на случаите на напади врз новинари, како и истрагите што беа отворени во последно време против неколку медиуми, а кои бараа од новинарите да ги откријат своите извори на информации. Чадиковски истакна дека тоа е неприфатливо за една демократија која претендира да биде европска и потсети дека Уставот го гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање и дека ова право е загарантирано и во Законот за медиуми како и во Европската повелба за заштита на човековите права.

Се разговараше и за застојот во спроведувањето на медиумските реформи и Чадиковски побара лично амбасадорот да се ангажира кај политичките партии за нивно откочување. Тој истакна дека изборот на членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Програмскиот совет на МРТ одамна е закочен во рамки на Комисијата за избори и именувања во Парламентот и веќе се пробиени сите рокови. Според Чадиковски, не може да се очекува подобрување на состојбата на медиумите без реформирање на овие две тела.

Чадиковски го презентираше пред Жбогар и проектот за саморегулација во чии рамки ЗНМ и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) работат на создавање на регистар на професионални онлајн медиуми. Евроамбасадорот ја поздрави оваа иницијатива и изрази надеж дека таа ќе придонесе кон поголемо почитување на професионалните и етичките стандарди во онлајн медиумите.