Порака од новинарскиот протест: Нема да бидеме замолчени

0
145

СКОПЈЕ, 12.03.2018 – Новинари, медиумски работници, претставници на невладините организации и граѓани денеска на протест ја изразија својата солидарност со претседателот на ЗНМ Насер Селмани, по заканите и навредите кои му беа упатени од страна на функционерот на ДУИ, Бекир Асани и неговиот брат.

На протестот прва се обрати претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Тамара Чаусидис. Таа ги осуди заканите и навредите кон Селмани и упати апел до институциите да си ја вршат својата должност, а не само да издаваат соопштенија.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани им се заблагодари на колегите за солидарноста што ја покажаа и истакна дека Владата има обврска да ги замолчи насилниците, во спротивно ќе стане дел од таа приказна. „Ако сега молчиме, ако јас бидам замолчен, ако моите колеги бидат замолчени, да знаете дека следни Вие сте на ред. Утре ќе дојдат по вас“, рече Селмани.

Заканите кон Селмани ги осудија и новинарските здруженија од регионот во рамките на Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите. Тие порачаа дека во време кога новинарите во Европа или ги убиваат или секојдневно добиваат закани поради објавени стории против криминалци, националните власти треба да преземат итни мерки со цел да се спречат потенцијални убиства на новинари. Толеранцијата и неказнивоста на вакви инциденти, служи како охрабрување и мотив за идни напади врз новинари и медиумски работници.

Пораките кои беа испратени на протестот се повеќе од јасни. Новинарите во Македонија нема да дозволат еден режим да биде заменет со друг, а слободните медиуми нема да бидат никогаш замолчени.

Видеото е преземено од www.a1on.mk