Промовирана анализата „Влијанието на законот за авторското право и сродните права врз работата на новинарите, фоторепортерите и медиумските работници“

0
141

СКОПЈЕ, 15.10.2018 – Здружението на новинарите на Македонија денеска ја промовираше публикацијата „Влијанието на законот за авторското право и сродните права врз работата на новинарите, фоторепортерите и медиумските работници“. Во неа авторите, адвокатите Иван Брешковски и Игор Марковски даваат осврт на значењето на авторското право за работата на новинарите и медиумските работници.

На презентацијата на анализата се обрати претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој рече дека Здружението се решило да изготви ваква анализа поради фактот дека во медиумскиот простор има масовно кршење на авторските права на новинарите и медиумските работници.

„Веруваме дека непочитувањето на авторското право директно придонесува за лошиот социјален статус на новинарите, а на трудот на новинарите и медиумските работници профитираат оние кои ги кршат нивните права“, рече Селмани. Тој додаде дека оваа анализа има за цел да ја подигне свеста и кај државните институции за големата важност да се почитува правото на авторот во медиумите, бидејќи тоа директно влијае и на квалитетот на новинарството како и на слободата на медиумите.

Еден од авторите на анализата, адвокатот Иван Брешковски, на промоцијата истакна дека со оваа публикација се дава краток историски осврт на развитокот на авторските права односно еволуцијата на прописите во таа област во Европа и во светот. Според Брешковски, во неа се појаснети оние делови од македонскиот Закон за авторското право и сродните права (ЗАПСП) кои се важни за работата на новинарите и медиумските работници.

„Унапредувањето на заштитата на авторските права е значајно кога станува збор за почитување на новинарските производи преку гарантирање на сопственоста на новинарските текстови, фотографии, аудио визуелни содржини, колумни, интервјуа, карикатури и други новинарски производи и гарантирање на Материјалните права односно имотните интереси на авторот во овој случај новинарот од неговото авторско дело“, рече Брешковски. Тој додаде дека, анализата е наменета и за сите чинители од медиумскиот сектор, како што се правосудниот сектор и генералната јавност со цел да се зголеми информираноста за важноста на авторското право во креирање и дистрибуција на медиумските содржини.

Оваа анализа беше изработена со помош на Фондацијата Конрад Аденауер.