Промовирана Декларација за етичко и професионално известување за ЛГБТИ

0
153

СКОПЈЕ, 21.03.2018 – Преку Декларација за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ заедницата, дваесетина медиуми и здруженија се заложија на почитување принципи за, како што наведуваат во документот, спречување на дискриминаторскиот и дерегирачкиот говор кон оваа група во медиумите и за промоција на сексуалната и родовата различност вклучително и на правата на ЛГБТИ.

„Ги повикуваме и останатите медиумите  да застанат зад Декларацијата која е отворена за сите“, рече вчера на промоцијата на Декларација Славчо Димитров од коалицијата Маргини, иницијатор на активностите во соработка со Советот за етика во медиумите, Здружението на новинари на Македонија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни меидумски услуги.

Според претседателот на АВМУ Зоран Трајчевски, за ЛГБТИ се известува малку и стереотипно и тешко оди разбивањето на предрасудите.  Генералната клима за правата на оваа заедница, како што рече, полека се менува, но се уште  е неповолна.

„Таа неповолност се отсликува и во медиумската слика на реалноста, но, да не забораваме – медиумите се и креатори на реалноста и таа своја улога треба да ја искористат за да ја сменат сликата за ЛГБТИ“, рече Трајчевски.

Марина Тунева од Советот за етика во медиумите порача дека само со вистински претставување на претставниците на ЛГБТИ заедницата во медиумите како поединци кои не се разликуваат од другите, медиумите ќе учествуваат во промовирањето на идејата за еднаквост.

„Советот во изминатите години забележал доста пријавени случаи на новинарско информирање кое содржело стереотипи, предрасуди, дискриминација и говор на омраза кон ова заедница, еднострано и селективно известување, како и информирање што наметнува перцепции дека заштитата на правата на ЛГБТИ заедницата значи закана за правата на другите поединци во општеството“ истакна Тунева.

Претставникот на Здружението на новинарите на Македонија Дениз Сулејман, ги потсети медиумите на одредбите и вредностите кои ги промовира Кодексот на новинари на Македонија и потсети на заложбите и предлозите на Здружението за вклучување на сексуалната ориентација како забранет основ за дискриминација во новиот Закон за медиуми.