Солидарност со Слободен печат за нападите од Информер

0
183

СКОПЈЕ 09.05.2017   Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува оркестрираните напади на Српскиот весник „Информер“ и на одредени македонски медиуми против весникот „Слободен Печат“. Информер минатата недела на насловната страна на печатеното и на онлајн изданието обајви текст, во кој весникот е обвинет за наводно нелегално финансирање, а сопственикот се етикетира како предавник.

Овој напад е еклатантен пример како авторитарните режими во земјите од Западен Балкан ги злоупотребуваат медиумите како пропагандна машинерија за остварување на политички интереси и за пресметка со неистомислениците.

Целта на ваквите безскурпулозни напади е да се наруши кредибилитетот на критичните медиуми пред јавноста и да се изврши притисок врз уредниците и новинарите да ја сменат нивната уредувачка политика.

Силно се солидаризираме со колегите на Слободен печат и ги охрабруваме и во иднина да продолжат професионално да ја исполнуваат нивната мисија за точно и навремено информирање на граѓаните. Постоењето на слободни и плурални медиуми е основна одлика на секое слободно и отворено општество.

ЗНМ веднаш ќе ги информира нашите сестрински организации во Србија, Независното здружение на новинарите на Србија и Здружението на новинарите на Србија за непримерните напади на Информер против македонски медиум и ќе бараме тамошните саморегулаторни тела да ги осудат ваквите неприфатливи напади, кои ја нарушуваат довербата на медиумите пред јавноста и професионалната солидарност меѓу новинарите.