Чадиковски во посета на СЈО: Да се отфрли обвинението против Божиновски

0
130

СКОПЈЕ, 28.05.2019 – Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски денеска оствари средба со обвинители на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО). На средбата се разговараше за текот на предметот кој СЈО го води против Зоран Божиновски.

Во пресрет на рочиштето кое треба да се одржи утре во 12:00 часот во Кривичниот суд во Скопје, Чадиковски истакна дека со обвинението за шпионажа,  покрај Турција, Македонија е единствена земја во Европа каде постојат вакви обвиненија против новинари. Овој судски процес може сериозно да влијае на имиџот на државата во светот и пред релевантните институции кои ја мерат слободата на медиумите.

„Ваквите обвиненија создаваат ефект на цензура во новинарската фела и негативно влијаат на репутацијата на земјата и затоа потребно е да се повлече ова обвинение против Божиновски кое се води предолго, надвор од разумните рокови“, истакна Чадиковски. Потсетуваме дека Здружението на новинарите на Македонија ќе продолжи да ги набљудува овој, но и сите останати процеси кои се водат против новинари во нашата земја. На средбата, исто така беше побарано СЈО при постапувањето да се води во согласност со сите меѓународни конвенции особено Европската конвенција за човекови права и демократските практики кои ги бара Советот на Европа.

Од страна на СЈО беше покажано разбирање за ставот и искажаните барања и се заложија уште еднаш да ги разгледаат истите.