Регионална платформа: Ги осудуваме заканите кон истражувачките новинари во С. Македонија

    0
    11

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, најостро ги осудува притисоците кои се вршат кон новинарката на Истражувачката репортерска лабораторија, Маја Јовановска. Вербалните притисоци и вознемирување следуваат откако ИРЛ ја објави истражувачка сторија поврзана со градежните активности од последните години, во населбата „Тафталиџе“ во Скопје.

    За време на викендот, сопственикот на градежната фирма „Настел“ – Зоран Азманов исто така испратил пишани пораки до Јовановска укажувајќи како таа „требала“ да известува за темите поврзани со градежништво. Овие пораки биле испратени на телефонскиот број на новинарката Јованоска веднаш по објавувањето на сторијата на ИРЛ за уништувањето на населбата Тафталиџе од страна на градежните фирми.

    Освен ова, кон колешката Јовановска во текот на минатата недела била упатена телефонска закана преку пуштање на снимени звуци од експлозија. Телефонскиот број од кој е упатена аудио пораката е познат на МВР, а содржината на истата јасно укажува на обид за заплашување и вознемирување на новинарите од ИРЛ.

    Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски ги осуди овие закани и ги повика надлежните институции да преземат мерки со цел да се расчисти целосно овој предмет. „Апелираме до Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство сериозно да се заангажираат за расчистување на овие закани и наоѓање на идентитетот на лицето кое телефонски и се заканило на колешката Јовановска. Потсетуваме дека, институциите само преку строга санкција на нападите и заканите може да се спречат идно насилство кон новинарите“, истакна Чадиковски.

    Регионалната платформа го поддржува Здружението на новинарите на Македонија во неговите напори да ги заштити новинарите и слободата на говорот и ги повикува јавноста, граѓаните и бизнис заедницата да не ги напаѓаат новинарите поради извршување на својата професионална работа. Институциите, а пред сè судството треба да ги процесуираат заканите и нападите врз новинарите колку што е можно побрзо, со цел да се заштити демократијата во земјите од Западен Балкан.

    Потсетуваме дека секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократија и човекови права. Платформата ќе ги информира сите европски институции за овој инцидент и ќе побара нивна интервенција во областа на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија.

     

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 31.12.2019 г.

     

    Здружение на новинари во БХ

    Синдикат на медиуми на Црна Гора

    Здружение на новинари на Хрватска

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на Македонија