Регионална платформа: Напади врз новинари и нивно ставање на црни листи се неприфатливи

    0
    290

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8000 членови, бара брзи одговори од српските власти за тоа кој го постави истражувачкиот новинар Стеван Дојчиновиќ на „црна листа“ што резултираше со негов притвор во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и последователно депортирање во Србија. Во исто време, го осудува физичкиот напад врз новинарот Енсар Рамадани од страна на в.д. министер за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала.

    На 17.12.2019 Стеван Дојчиновиќ, уредникот на мрежата за известување за криминал и корупција (КРИК) на пат кон ОАЕ за да зборува на Конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата беше приведен од локалната полиција при пристигнувањето на Меѓународниот аеродром во Абу Даби. По 12-часовниот притвор, Дојчиновиќ бил депортиран во Србија, придружуван од полицијата. КРИК објави дека аеродромската полиција му кажала на Дојчиновиќ дека властите за имиграцијата во Обединетите Арапски Емирати му забраниле влез поради неговото појавување на „меѓународната црна листа“. „Ми рекоа дека ОАЕ не се тие што ме ставиле на списокот, туку дека тоа е барање на некоја друга влада, но не ми кажаа за која влада станува збор“, рече Дојчиновиќ. Ова е втор пат Дојчиновиќ да биде приведен и депортиран. Имено, во 2015 година бил депортиран од Москва и притоа му е забранет влез во Русија се до 2020 година. Како и за случајот во Обединетите Арапски Емирати, не му е дадено објаснување за ваквиот потег.

    „Бараме Српското Министерство за надворешни работи да објави официјални документи во кои се објаснети причините зошто му се забранува на Дојчиновиќ да влезе во Обединетите Арапски Емирати“ – рече Жељко Бодрозиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и додаде дека државата исто така мора да побара појаснувања од Владата на Обединетите Арапски Емирати во врска со постоењето на т.н. „меѓународен црн список“ со новинарите и да го објави.

    На 17.12.2019 Ендрит Шала, вршител на должноста Министер за трговија и индустрија на Косово физички го нападна новинарот Енсар Рамадани. Инцидентот се случил додека Рамадани бил во Универзитетскиот клинички центар на Косово да известува за состојбата на Луан Малоку кој е во истата политичка партија како Шала. Шала го побарал мобилниот телефон на новинарот и откако Рамадани одбил да го предаде, Шала физички го нападнал, удирајќи го во лице. Косовската полиција го истражува случајот.

    „Го поздравуваме интересот на косовската полиција за овој случај, но ја потенцираме важноста на непристрасна и брза истрага – нападите врз новинарите се неприфатливи, а фактот што тоа беше направено од политички претставник го прави овој случај уште позагрижувачки“ – рече Гентиана Беголи , претседател на Здружението на новинари на Косово (АГК).

    Регионалната платформа му се придружува на својот член НУНС во барањата поставени до српските власти и ги предупредува националните и меѓународните институции дека постоењето на „црни списоци“ на новинарите ја поткопуваат демократијата, слободата на изразување, движење и информации и како такви се неприфатливи.

    Исто така, таа го поддржува АГК во напорите да ги заштити новинарите и ги повикува косовските органи да дејствуваат брзо, да го истражат нападот врз Рамадани и да го санкционираат Шала во согласност со националните закони. Платформата ја истакнува дополнителната сериозност и важноста на овој случај заради вмешаност на в.д. министер Шала и ги повикува официјалните лица на Косово да го санкционираат Шала доколку се докаже неговата вина, да го осудат јавно и со тоа да ја пренесат пораката дека таквото однесување не е прифатливо на кое било ниво.