SafeJournalists: Први чекори кон вистината за убиството на Ќурвија

    0
    31

    На 11 април, 1999 година, Славко Ќурвија, сопственик на дневниoт весник „Дневни Телеграф“ и неделникот „Европјанин“ беше застрелан 14 пати додека влегуваше во зграда со својот партнер. Дваесет и една година подоцна, Апелациониот суд во Белград ќе донесе конечна одлука во врска со изрекувањето казни за четворицата поранешни членови на Државната безбедност за организирање и учество во атентатот. Минатата година во април, тие беа осудени на вкупно 100 години затвор од страна на Високиот суд за организиран криминал во Белград.

    На 7 јули, Апелациониот суд отвори тридневно рочиште за тоа дали да ја прифати првичната пресуда или да ја поништи пресудата и да нареди повторно судење. Семејството Ќурвија наведува дека со повторно судење, вклучително и преиспитување на стотици досиеја и сведоштва постои ризик овој процес да трае со години.

    Независно здружение на новинари на Србија (НУНС) очекува првичната пресуда да биде потврдена. Во нивното соопштение се наведува дека ова треба да биде почеток на расветлување на бруталното убиство на Ќурвија и дека во блиска иднина ќе биде откриена политичката позадина на ова злосторство.

    „Ако Апелациониот суд ја потврди пресудата, тоа ќе биде првпат во Србија да бидат осудени убијците на еден новинар“, рече Жељко Бодрозиќ и додаде дека иако тоа е прв опиплив чекор во борбата против неказнивоста, сепак не значи дека новинарите ќе бидат побезбедни. „Истрагите за убиствата на Дада Вујашиновиќ и Милан Пантиќ, како и обидот за атентат врз Анастасијевиќ се уште се во тек, бројот на физички напади и закани кон новинарите остануваат нерешени, а насилниците не се санкционирани. Конечно треба да се разгледа улогата на државата во создавање на непријателско опкружување за новинарите и негување неказнивост“, рече тој.

    Мрежата SafeJournalists, претставувајќи повеќе од 8.200 медиумски професионалци на Западен Балкан, му се придружува на нејзиниот член НУНС во изразувањето на загриженост за неказнивоста на злосторствата врз новинарите во Србија. Мрежата SafeJournalists смета дека големото времетраење на истрагите и на судските постапки поврзани со убиствата на новинарите е неприфатливо. Го повикуваме српското судство и другите релевантни институции да ги поддржат напорите за решавање на сите случаи на насилство врз новинарите во пракса, а не само преку декларации и потпишување меѓународни договори..

    Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

     

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 07.07.2020 година

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинарите на Македонија

    Здружение на новинари во БХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независно здружение на новинари на Србија

    Синдикат на медиуми на Црна Гора