Home Blog Page 27

Убиен истражувачки новинар во Словачка

0

СКОПЈЕ, 26.02.2018 – Истражувачкиот новинар Јан Куциак и неговата девојка се убиени во неговиот стан, изјави шефот на словачката полиција Тибор Гашпар.

– Тој и неговата девојка се пронајдени мртви во неделата вечерта во неговиот стан во градот Велка Мача, источно од Братислава. Полицијата реагирала откако била алармирана од член на семејството на новинарот. Убиството најверојатно е поврзано со неговите истражувачки активности. Во Словачка никогаш не се случил таков напад врз новинар – истакна Гашпар.

27-годишниот новинар Јан Куциак, работеше во веб порталот Aktuality.sk, а известувал за случаи на измама, кои честопати вклучувале бизнисмени поврзани со владејачката партија и други политичари. Тој и неговата девојка беа пронајдени мртви во неделата во неговиот дом во Велка Мака, на 65 километри источно од главниот град Братислава.

Последната приказна која ја објавил Куциак на 9 февруари, била поврзана со нови сомнителни трансакции од страна на фирми поврзани со бизнисменот Маријан Коцнер и поврзан со луксузен станбен комплекс во Братислава, кој минатата година стана центар на политички скандал.

Шест европратеници ја поддржуваат европската директива против тужби насочени против новинари

0

БРИСЕЛ, 23.02.2018 Европската федерација на новинари (ЕФЈ) го поздрави писмото испратено до Франс Тимерман, потпретседател на Европската Kомисија, испратено од страна на шесте членови на Европскиот Парламент (ЕП) на 19 февруари 2018 година, со кое се повикува на воведување нова директива на ЕУ (СЛАПП) која ги адресира Стратешките тужби против јавно настапување насочено кон новинарите.

Писмото го потпишаа следните европарламентарци: Дејвид Каса (Европската народна партија), Ана Гомес (Социјалисти и демократи), Моника Маковеи (Европски конзервативци и реформисти), Маите Пагазауртундуа (Сојуз на либерали и демократи), Стелиос Кулоглу (Европската обединета левица) и Бенедек Јавор (Зелените).

Предложената директива на ЕУ против СЛАПП ќе има за цел да ги заштити новинарите од тешки, навредливи тужби и други форми на правни закани од страна на компаниите и владите. Таа ќе вклучува:

  • Можноста истражувачките новинари и независните медиуми да побараат брзо отфрлање на напорните судски постапки во ЕУ и да имаат право да побараат компензација;
  • Употреба на парични казни на фирми кои се користат со ваквите практики на прибегнување кон јурисдикција надвор од земјите на ЕУ;
  • Создавање на СЛАПП фондови за поддршка на истражувачко новинарство и независни медиуми кои се определуваат да им одолеат на злонамерните обиди за нивно замолчување и да им помогнат во обновата на фондовите кои се намалиле поради нив;
  • Креирање на ЕУ регистар каде ќе се бележат фирмите кои се користат со овие лоши практики.

„Оваа практика е насилна, претставува закана за слободата на медиумите и за неа нема место во Европската Унија“, истакнаа Европарламентарците во своето писмо. Тие ја нагласија својата загриженост за импактот на СЛАПП во Малта, каде новинарката Дафне Каруана Галиција беше убиена во својот автомобил минатиот октомври. Во времето на нејзиното убиство, таа била тужена од банката Пилатус, финансиска институција од Малта која во нејзините извештаи била често критикувана.

Пратениците во моментов чекаат реакција од Европската Комисија. Дејвид Каса во дневениот весник Times of Malta истакна дека тие би можеле да го обноват повикот за време на пленарната седница на Европскиот Парламент. „Но, по конкретно ние би можеле да искористиме и одреден механизам за самите да ја изготвиме директивата и да ја испратиме до Комисијата за да ја предложи, со одредба од Договорот за функционирање на Европската Унија“, објасни тој. „Она што е сигурно е дека ние сме решени и посветени да притискаме за овој закон се додека е тоа потребно“. Европската федерација на новинари силно ја поддржува оваа иницијатива.

 

Реизборот на Цветковски е удар врз реформите на МРТ

0

СКОПЈЕ, 19.02.2018 – Здружението на новинари на Македонија смета дека резиборот на Марјан Цветковски за директор на Македонската радиотелевизија не оди во прилог на реформирање на јавниот сервис и неговото ослободување од политичка контрола. Изборот на Цветковски е резултат на силниот притисок што врз членовите на Програмскиот совет го правеа опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владината ДУИ.

За жал, членот на ЗНМ, кој не го поддржа изборот на Цветковски, не успеа да ги убеди членовите на Советот новиот директор да биде искусен менаџер, кој не е поврзан со ниту една партија.

Потсетуваме дека најмалку четворица членови на Советот кои гласаа за Цветковски, во оваа тело се избрани спротивно на законот. Членот 119, став 1 алинеја 2, од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вели дека лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции, не може да бидат избрани за членови на Програмски совет.

Го повикуваме Собранието да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот Совет на МРТ Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Агим Љека, поранешен амбасадор и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на општина Бутел.

ЗНМ предупредува дека реформирте во јавниот сервис не смеат да бидат предмет на политички пазар меѓу власта и опозицијата, на штета на јавниот интерес.

CJA’s message to President Vučić: You have no right to speak untruth and to insult journalists

0
Vrginmost, 13.02.2018 - Predsjednik Srbije Aleksandar Vučić susreo se u Društvenom domu u Vrginmostu s dvjestotinjak pripadnika lokalnog srpskog stanovništva i vlasti. foto HINA/ Daniel KASAP/ ua

ЗНМ организираше обука за новинари, адвокати и јавни обвинители

0

СКОПЈЕ, 13.02.2018 – Здружението на новинарите на Македонија од 8-10 февруари организираше дводневна обука на тема: „Практиката на Европскиот суд за човекови права и на Јавното обвинителство на Македонија со случаите за медиумската слобода“.

На обуката учествуваа новинари, адвокати и јавни обвинители, и тие имаа можност да чујат за практиката на ЕСЧП и на Јавното обвинителство на Република Македонија во врска со слободата на говорот, од страна на д-р Мирјана Лазарова Трајковска – поранешен судија во ЕСЧП, Ивана Трајчева-јавен обвинител и Елизабета Недановска-самостоен јавнообвинителски советник за односи со јавноста, а со тоа и да ја подобрат нивната соработка.

Според ЗНМ, овој вид на обуки помагаат да се подобри соработката меѓу новинарите и Јавното обвинителство преку разгледување на предмети поврзани со слободата на говорот во Европскиот суд за човекови права. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, се обрати на учесниците на обуката и истакна дека само добро обучени и информирани новинари за своите права и одговорности можат професионално да ја обавуваат новинарската професија.

Во однос на релациите меѓу новинарите и институциите Селмани нагласи дека треба драстично да се промени практиката. „За жал досегашната пракса не е добра. Кога новинарите се на обвинителна клупа, институциите се многу ефикасни во нивното казнување, дури и поддржуваат и непоткрепени обвиненија. Кога новинарите се жртви, тогаш институциите воопшто не постапуваат или и кога постапуваат случаите на новинарите заглавуваат во полициско-обвинителските лавиринти“, истакна Селмани.

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, во обраќањето пред учесниците на обуката нагласи дека одбраната на принципите содржани во Европската конвенција за човекови права секогаш треба да биде приоритет во работата и на двете професии, како на новинарите така и на правосудството, бидејќи врз нив се темелат европските вредности.

„Пред нас се исправува Интернетот како нова форма на изразување и информирање, што е особено значајно во слободата на изразувањето и затоа има потреба од новинари кои професионалните активности ќе ги извршуваат согласно етичките норми и кодекси. Секако тука е и потребата од соодветно однесување и на судиите, обвинителите, правниците, инаку стои ризикот таквото информирање да стане џунгла“, рече тој.

Претставникот на Фондацијата Конрад Аденауер, Давор Пашоски истакна дека Фондацијата е долгогодишен партнер на Здружението на новинарите на Македонија и најави дека во текот на оваа година очекува да се реализираат и други заеднички активности.

Оваа обука беше организирана со помош на Фондацијата Конрад Аденауер, Европската Унија и Француската амбасада во Македонија.

ЗНМ ќе потпише Меморандум за соработка со Комисијата за слободен пристап до информации

0

СКОПЈЕ, 02.02.2018 – Здружението на новинарите на Македонија ќе потпише Меморандум за соработка со Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, со што ќе отвори можност да се подигне нивото на општествена транспарентност и ќе им се олесни патот на новинарите до информации од државните институции.

Ова на вчерашната средба го договорија претставници на ЗНМ и Комисијата. На средбата се разговараше како да се оствари блиска а соработка меѓу Здружението и Комисијата со цел да се подобри транспарентноста на јавните институции, но и за да се овозможи побрз и поефикасен пристап на медиумите и граѓаните до информациите од јавен карактер.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, истакна дека заедничката соработка треба да биде од корист за сите. „Преку поблиска соработка новинарите ќе дознаат повеќе за законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а кај граѓаните и кај институциите ќе се подигне свеста за важноста од отвореноста на институциите“, рече Селмани.

Првиот човек на Комисијата Ѓорѓи Сламков пак, потенцираше дека во процес е носење на нов закон со кој треба да се овозможи подобро и поефикасно функционирање на ова тело, а истовремено ќе се отвори можност за поголема  и поинтензивна соработка со повеќе општествени чинители.

Со Меморандумот за соработка, се предвидуваат обуки за новинарите за ефикасно користење на законската можност за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и јавни кампањи кои ќе придонесат институциите да станат потранспарентни.

Приведените новинари на втори ноември се најдоа во извештајот на ОБСЕ

0

СКОПЈЕ, 29.01.2018 – По барање на Министерството за надворешни работи, ОБСЕ и ОДИХР изготвија извештај за локалните избори во Република Македонија, кои се спроведоа во текот на месец октомври. Во извештајот е истакнато и приведувањето на двајца новинари за кои Здружението на новинарите на Македонија имаше жестока реакција.

Освен работата на медиумите, во него детално се опфатени сите елементи на изборниот процес како што се: изборниот систем и правната рамка, изборната администрација, регистрација на гласачите, регистрација на кандидати, предизборните кампањи итн.

Покрај тоа, ОБСЕ на крај на извештајот дава препораки и за работата на јавниот сервис, каде вели дека МРТ треба да ја зајакне својата улога како јавен радиодифузер со подобрување на квалитетот на програмата. „Таа (МРТ) треба да промовира плурализам, да обезбеди поширок опсег на политички ставови, професионализирање на новинарството, да емитува програми за едукација на гласачите и зголемување на женското политичко учество преку обезбедување на поголема присутност во вестите“, се вели во извештајот.

Целиот извештај можете да го погледнете на следниот линк.

Осуда на напад на новинар во Струга

0

СКОПЈЕ, 27.01.2018 – Здружението на новинарите на Македонија остро го осуди нападот на новинарот на онлајн медиумот strugalajm.org,  Арманд Брахо што се случи неделава во хотелот „Дрим“ во Струга. Според исказот на новинарот, насилници од редовите на партијата Алијанса за Албанците го нападнале за време на конференција, на која тој бил уредно поканет.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, ги повика властите брзо да го истражат случајот и да ги казнат насилниците. „Доколку сака новата власт да испрати јасна порака дека нема да толерира напади врз новинари мора да го истражи случајот и да ги изнесе насилниците пред лицето на правдата“, истакна Селмани.

Ваквиот насилнички атак ја потврдува оценката од Извештајот на ЗНМ за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите во 2017 година каде се вели дека нападите врз новинарите воглавно се поттикнати од политичките партии.

Според исказот на колегата Брахо, претседателот на Алијансата Зијадин Села, пред да ја напушти конференцијата во Струга му се обратил нему со зборовите: – „Бегај одовде и не се враќај повеќе, оди кај тие што те пратиле за да им земеш интервју“. По ова, лица од партијата Алијанса за Албанците почнале да го малтретираат новинарот, го спречиле да ја пренесува конференцијата во живо, а по завршувањето на настанот новинарот бил и физички нападнат.

Брахо ги пријавил насилниците во полиција. Досега едно лице било повикано на распит, по што од МВР изјавија дека ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава против лицето, а се работи и на идентификација на другите насилници.

Претставници на ЗНМ се сретнаа со Јавниот обвинител

0

СКОПЈЕ, 24.01.2018 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија вчера се сретнаа со новиот Јавен обвинител Љубомир Јовески, а на средбата се разговараше за подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани изрази загриженост дека во Македонија постои политика на неказнивост на насилството на новинари. Селмани побара од Јовевски обвинителството побрзо да ги процесуираат овие предмети со цел насилниците да се изведат пред лицето на правдата.  

Тој се пожали дека во изминатиот период обвинителството ги има одбиено пријавите за говор на омраза против новинари, без сериозна аргументација. Селмани побара обвинителството повторно да ги разгледаат овие пријави и да види дали обвинителите постапиле одговорно.

Беше договорено да се организираат заеднички обуки за новинари и обвинители со цел да се подобри известувањето на новинарите и постапувањето на обвинителите за случаи поврзано со слобода на говорот.

Јавниот обвинител Јовески вети дека ќе даде динамика на предметите за насилство против новинари и ќе ги разгледа одбиените пријави за говор на омраза против новинари. Според него соработката на обвинителството и ЗНМ е од взаемен интерес.