Home Blog Page 28

Институциите не ги казнуваат насилниците што напаѓаат новинари

0

СКОПЈЕ, 22.01.2018 – Здружението на новинарите на Македонија денес во Клубот на новинарите го претстави Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека минатата година во Македонија новинарите беа уценувани, прогонувани, тепани, добиваа смртни закани, се прогласуваа за предавници итн. „Насилниците физички и вербално ги напаѓаат новинарите затоа што сакаат да ги заплашат и замолкнат со цел јавноста да не дознае за злоупотребите на власта“, истакна тој.

Според извештајот, минатата година во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека останатите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот.

Исто така Селмани изрази загриженост што Обвинителството досега не покренало ниту едно обвинение пред судовите за насилство против новинарите и говор на омраза. „Неказнети останаа и познатите тројки на ВМРО-ДПМНЕ, кои спроведуваа кампањи на навредување и заплашување на новинари“, истакна Селмани.

Покрај недостигот на безбедност во работата, новинарите во Македонија работат под исклучително лоши економски услови. Тие имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување кое негативно влијае на нивната професионална независност.

Во извештајот е евидентирано дека ниту во медиумското законодавство нема подобрување, бидејќи тоа не е целосно усогласено со најдобрите европски практики.

Ова публикација е изработена во рамки на проектот „Регионалната Платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Анализа: Пресуди за клевети и навреди на судски предмети со новинари

0

СКОПЈЕ, 12.01.2018 – Со влегувањето во сила на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во ноември 2012 година, се воведе граѓанскo-правна одговорност за клеветата и навредата со што беше регулирано прашањето на надоместокот за нанесената штета на честа или угледот на физичко или правно лице кое е засегнато од клеветничко или навредливо изразување.

Една од главните цели на овој закон беше да се избегне појавата на самоцензура кај новинарите и медиумите која произлегува од можноста новинарите кривично да одговараат за објавен критички говор кон носителите на јавни функции. Ваквиот став беше застапен во препораките на Советот на Европа и забелешките на Европската комисија изнесени во извештаите за остварениот напредок на Македонија.
Ефекти од примената на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во првите четири години      

Во периодот пред стапувањето во сила на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, во судовите во РМ имаше околу 700 судски постапки за клевета или навреда покренати според одредбите на Кривичниот законик, од кои во околу 330  постапки  беа вклучени новинари.

Не постојат сеопфатни и систематично собрани официјални показатели за бројот на нови судски постапки покренати против новинари по стапувањето во сила на овој Закон, но генерален заклучок е дека овој број беше значително намален. Центарот за развој на медиуми, во текот на 2013 и 2014 година, набљудуваше 74 судски постапки од кои 16% биле тужби на новинари против новинари, уредници и медиуми. Пред првостепениот суд биле завршени 43 постапки, а само во пет била утврдена одговорност за навреда и клевета. Во текот на 2015 година, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) исто така организираше длабинско набљудување на 39 судски постапки во кои биле инволвирани новинари, при што дури 17 биле судски постапки во кои и тужителот и тужениот се новинари или уредници. Од 39-те постапки, пред судот биле завршени 8, од кои во 7 новинарите биле ослободени од каква било одговорност, бидејќи било оценето дека новинарот го штител јавниот интерес и немал намера да му нанесе штета на угледот на тужителот. Само во еден случај судот делумно го прифатил тужбеното барање, односно утврдил дека постои клеветење, но не донел одлука за надоместување на штета.

Согледувањата од примената на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда во периодот од почетокот на 2013 до крајот на 2016 година, можат да се сублимираат во неколку важни точки:  

  • Бројот на судски постапки против новинари е значително помал во овој четиригодишен период и не се јавуваат пресуди со високи парични казни кон новинарите со исклучок на поединечни судски постапки (пример: Мијалков против неделникот Фокус),
  • Постапките во кои како странки учествувале носителите на јавни функции се одвивале побрзо, а при постапувањето на судиите е забележана тенденција на неоснована заштита на честа и угледот на функционерите,
  • Трошоците за водење на постапките пред граѓанските судови се мошне високи, што пак им овозможува на оние кои тужат новинари да имаат високи парични побарувања од судот и
  • И покрај напорите на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, ЗНМ и други организации, голем број судии се уште се недоволно обучени за судските постапки што се однесуваат на навреда и клевета и за користење на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

 

Заштитата на јавниот интерес и правото на чест и углед во судските пресуди за навреда и клевета

Од страна на ЗНМ е направена куса анализа на вкупно седум судски случаи за кои се донесени правосилни пресуди. Во сите седум случаи, тужбените барања се одбиени како неосновани, односно не е утврдена одговорност на тужените новинари за клеветничко изразување. Во моментов, според сознанијата на ЗНМ, во судска постапка има околу 39 случаи против новинари, и тие не се опфатени со анализите бидејќи за нив се уште не се донесени правосилни пресуди.

Седумте пресуди се анализирани од неколку аспекти: времетраењето на постапката; изведувањето докази од страна на судиите; проценката на судијата за балансот меѓу јавниот интерес и заштитата на честа и угледот на тужителите; начинот и мерата во која судиите во образложението на пресудата се повикуваат на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Назив на случајот Тужител/Тужени Исход
Владимир Талески против Блажевска и други Тужител: Владимир Талески, градоначалник на општина Битола

Тужени: Анета Блажевска, дописник на „Утрински весник“ од Битола, Соња Крамарска, главен и одговорен уредник на „Утрински весник“, Друштво за услуги Медиа Принт Македонија, Васко Ковачевски, советник на Општина Битола од СДСМ

Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 11 септември 2015.

 

Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  против Кабранов и ПРО ЛИБЕРТИ Тужител: Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Тужени: Ацо Кабранов, главен уредник на порталот „Либертас“, Здружение на граѓани ПРО ЛИБЕРТИ

Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 18 февруари 2016.

 

Самсоненко против Спорт Инфо Медиа Тужител: Сергеј Борисович Самсоненко, сопственик и претседател на УО на РК „Вардар“

Тужени: Друштво за промет, трговија и услуги  Спорт Инфо Медиа ДООЕЛ Скопје, Никола Ѓуровски, главен и одговорен уредник на порталот „Екипа МК“, Стефан Цаневски, новинар

Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 5 мај 2015
Драган Павловиќ-Латас против Кабранов и ПРО ЛИБЕРТИ Тужител: Драган Павловиќ-Латас, новинар

Тужени: Ацо Кабранов, главен уредник на порталот „Либертас“, Здружение на граѓани ПРО ЛИБЕРТИ

Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 3 октомври 2016
Драган Павловиќ-Латас против Героски, Шушлеска и „Слободен печат“ Тужител: Драган Павловиќ-Латас, новинар

Тужени: Бранислав Героски, главен уредник на „Слободен печат“, Мими Шушлеска, новинар и Друштво за издавање и маркетинг „Слободен печат“

Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 13 мај  2016
Миленко Неделковски против Чадиковски и други Тужител: Миленко Неделковски

Тужени: Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на А1 телевизија, Владимир Тевчев, новинар и Добривој Будимски, извор-соговорник во прилогот (невработен)

Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 19 мај  2015
Ивона Талевска против „Фокус“, Костова и Јордановска Тужител: Ивона Талевска

Тужени: Медиа Плус Фокус ДООЕЛ, Јадранка Костова и Мери Јордановска

Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 17 ноември  2015

Во овој контекст, особено важно прашање за новинарите е судиското расудување за балансот меѓу јавниот интерес што го штитат новинарите во своето известување и заштитата на честа и угледот на лицата што се предмет на новинарските текстови. Иако станува збор само за седум судски пресуди, од нив може да се заклучи дека судиите покажуваат познавање за карактерот на новинарската професија и  разбирање за  важноста на критичкото  новинарство за демократската дебата и заштитата на јавниот интерес. Ова особено се однесува на трите случаи во кои како тужители се јавуваат носители на јавни функции (Владимир Талевски), јавни институции (Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги) и јавни личности (Сергеј Борисович Самсоненко).

На пример, во образложението на пресудата за случајот Владимир Талески против Блажевска и други, јасно се нагласува дека новинарката Блажевска, во текстот со наслов “Колку е богат Владимир Талевски“ (објавен во Утрински весник од 23-24 ноември 2013 година), информирајќи за дел од расправата во Советот на општината Битола, „…несомнено … се водела од јавниот интерес, бидејќи станувало збор за прашања  поврзани со работата на локалната самоуправа.“ Притоа, се додава и дека очекувано е „новинарите, аналитичарите и сите релевантни експерти да реагираат на настани од ваков вид ако се има предвид карактерот на јавност и отчетност која ја има функцијата градоначалник.“ Според тоа, за Судот е недвосмислено јасно дека јавниот интерес што го штитела новинарката Блажевска е поважен од угледот на градоначалникот Талевски, кој поради функцијата на која се наоѓа мора да е предмет на критичко набљудување на новинарите и на јавноста.

Во случајот Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги против Кабранов и ПРО ЛИБЕРТИ, тужителот е правно лице чиј основач е државата. Во образложението на оваа судска пресуда за Судот било пресудно тоа што станува збор за тело со доделени јавни овластувања, чија работа е од интерес за јавноста, па оттаму се нагласува дека носителите на јавни функции во ова тело треба да покажат поголем степен на толерантност кога станува збор за критики упатени од новинарите. Важно е да се одбележи и дека Судот ги земал предвид аргументите изнесени од одбраната за тоа дека, според Европскиот суд за човекови права, државните институции не уживаат правна заштита од клевета и навреда поради зголемениот јавен интерес за нивното работење. Оттаму, и во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда не е предвидена можност државна институција да може да поведе спор.

Во третиот случај – Самсоненко против Спорт Инфо Медиа, Судот обрнал внимание на јавниот интерес што го штитат и новинарите кои известуваат за спортските настани. Имено, во текстот со наслов „Сезнајкото Сергеј Самсоненко“ (објавен на 26 ноември 2013, на Веб порталот „Екипа МК“), новинарот го критикувал сопственикот и претседател на УО на РК „Вардар“ Сергеј Самсоненко за пропустите во организацијата на ракометен натпревар на кој дошло до сериозен инцидент. Оттаму, за Судот било поважно тоа што новинарот имал намера на јавноста да и укаже на лошата организација на спортските натпревари и на неодговорното однесување на организаторите, отколку правото на углед на сопственикот на ракометниот клуб.

Четири од анализираните судски пресуди се случаи во кои новинари (блиски на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ) тужеле новинари за критички текстови во кои се објавуваат информации за различни афери и привилегии што нивните колеги ги добиле од власта. Иако во овие случаи тужителите не се носители на јавни функции, Судот сепак ги нагласува прашањата на јавниот интерес во новинарската професија.

На пример, во двата случаи во кои како тужител се јавува Драган Павловиќ-Латас, како и во случајот Ивона Талевска против „Фокус“, Костова и Јордановска, новинарите објавиле повеќе текстови со информации за имотната состојба на нивните колеги, односно за аферите во кои тие биле инволвирани. Најголем дел од објавените информации биле претходно изнесени на прес-конференција на СДСМ, а во врска со истрагата на Специјалното јавно обвинителство покрената врз основа на снимките од прислушуваните разговори. Судот во обата случаи нагласува дека новинарот се исклучува од одговорност кога известува за изјави и информации обелоденети од трето лице. На пример, во една од пресудите се наведува дека новинарите: „…постапувале во согласност со професионалните стандарди на новинарската професија… само пренесувајќи веќе дадени информации во рамки на прес-конференција на политичката партија СДСМ“.

Случајот Миленко Неделковски против Чадиковски и други е постар случај што бил повторно поднесен по донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Уредникот Чадиковски и новинарот Тевчев биле тужени поради ТВ прилогот со наслов „Миленко Неделковски должи плати“ (објавен на поранешната А1 телевизија) во кој му дале можност на соговорникот и извор на информацијата јавно да изнесе информации за имотот што го поседува новинарот Неделковски и за тоа дека му должи неисплатени плати. Судот проценил дека новинарите немале намера да му наштетат на честа и угледот на Неделковски, туку да му овозможат на Будимски пред јавноста „…да ја пробуди свеста и чувството кај тужителот да му го исплати долгот.“

Проф. д-р. Снежана Трпевска

 

Оваа активност е дел од проектот „Регионалната Платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“. Содржината на оваа анализа е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Здружението на новинари на Македонија е институционален грантист на програмата на ЦИВИКА Мобилитас.

Антоновски за „Макфакс“: Во просториите на МИА е извршена тешка кражба

0

СКОПЈЕ, 09.01.2018 – Директорот на Македонската информативна агенција (МИА), Драган Атоновски, за „Макфакс“ изјави дека синоќа на полноќ биле украдени компјутери и техничка опрема од просториите на Агенцијата и дека станува збор за тешка кражба.

„Ова се третира како тешка кражба. Одземени се компјутери, лаптопи и техничка опрема. Кражбата се случила по полноќ“, вели Антоновски.

Тој рече дека е направен увид и дека штетата допрва ќе се утврдува.

Кадровски промени во Програмскиот совет на МРТ

0

СКОПЈЕ, 05.01.2018 – Програмскиот совет на Македонската Радиотелевизија избра нов претседател. На последната седница пред новогодишните празници Советот ја разреши досегашната претседателка Снежана Клинчарова, а на нејзино место ја избраа Смилка Јанеска-Саркањац.

Професорката на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Јанеска-Саркањац е член на Советот предложена од интеруниверзитетската конференција.

По изборот на Саркањац, досегашната претседателка Клинчарова во знак на револт усмено најавила оставка од членството во Програмскиот совет.

На истата седница е разрешен и досегашниот заменик претседател на Советот Агим Лека, а на негово место е избран членот на Советот предложен од ЗНМ, главниот и одговорен уредник на дневниот весник Коха, Ведат Мемедалиу.

Потпишан Меморандум со МВР за безбедноста на новинарите

0

СКОПЈЕ, 29.12.2017 – Здружението на новинарите на Македонија и Министерството за внатрешни работи денес потпишаа Меморандум за соработка, во кој централно место зафаќа зголемувањето на безбедноста на новинарите.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, рече дека Меморандумот демонстрира политичка волја од новиот министер за внатрешни работи за институционално да се решат проблемите на новинарите. „Основниот проблем на новинарите во изминатиот период беше нивната безбедност. Овој договор покажува спремност од двете страни за блиска соработка и да ставиме крај на политиката на неказнивост на насилство кон новинари“, нагласи Селмани. Тој додаде дека Меморандумот предвидува изготвување на протокол за известување од настани со висок ризик, кој ќе треба да овозможи на новинарите да ги следат овие настани без да се загрози нивната безбедност.

„Голема важност на нашата идна соработка ќе дадеме на организирање заеднички обуки. Припадниците на полицијата ќе се обучат за важноста на улогата на медиумите во едно демократско општество, кое не може да функционира без  слободни и професионални медиуми. Предуслов за тоа е новинарите да се чувствуваат безбедни во нивната мисија, точно и навремено да ги информираат граѓаните“, рече Селмани.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, истакна дека со овој Меморандум ќе се подобри соработката на МВР и ЗНМ и во иднина ќе се спроведуваат заеднички активности како што се обуки и заеднички кампањи.

„Во минатото бевме сведоци на напади врз новинарите, нешто што не смее да се случува во една демократска земја. Министерството за внатрешни работи ќе направи се за медиумските работници да можат слободно и безбедно да си ја вршат својата работа. Медиумите се столбот на едно демократско општество и тие мора да имаат услови за слободно и безбедно да ја извршуваат својата работа“, истакна Спасовски.

Фајон: Слободата на медиумите на Балканот е сериозно загрозена

0

СКОПЈЕ, 28.12.2017 – Во ова интервју Тања Фајон, словенечката европска пратеничка од редовите на европските социјалисти, зборува за загрозената слобода на медиуми во Србија, Босна и Херцеговина и Македонија и односот на властите кон овој проблем.

Според Фајон, слободата на медиумите во земјите од Западен Балкан е сериозно загрозена. Таа додаде дека обрвска на властите се одговорни да направат услови за слобода во медиумите, а медиумите се одговорни професионално и кредибилно да известуваат за луѓето да ги имаат сите информации.

Целото интервју можете да го погледнете во видеото во прилог.

Јавноста и медиумите се уште имаат потешкотии при следењето на кривичните постапки

0

СКОПЈЕ, 27.12.2017 – Судовите потфрлуваат во транспарентноста кон јавноста, а новинарите кои известуваат за судските постапки се соочуваат со повеќе проблеми во својата работа – ова е заклучокот од денешната дебата „Јавноста во кривичните постапки“. Настанот го организираше веб порталот „Сведок“ во соработка со ЗНМ.

Во изминатите години има низа примери кои сведочат за попреченоста на новинарите слободно да известуваат за судските постапки. Дополнителен апсурд се и примерите кога некои судии го спорат правото на новинарите од онлајн медиумите да бидат присутни на судските рочишта, иако тие не се ништо поразлични од новинарите во традиционалните медиуми – истакна на денешната дебата Драган Секуловски од ЗНМ.

Според него, Кривичниот суд го злоупотребува правото да одлучи од оправдани причини дел од рочиштата да не се снимаат.

Новинарот, Саше Димовски забележа на тоа што судската архива не е достапна за новинарите, но и за тоа што скопските судови не ги ажурираат податоците на нивните веб страници, за разлика од судовите од внатрешноста на земјава.

„Видете ја фрапантната разлика меѓу скопските судови, кои во текот на денот веројатно носат по 500 одлуки. Во периодот јануари-март 2017 година Основниот суд Скопје 1 на својот сајт објавил 33 одлуки, Основниот суд Скопје 2 – 23 одлуки, а за разлика од нив Основниот суд во Битола 456, Судот во Штип 180 предмети, додека Основниот суд во Струмица 365 одлуки“, рече Димовски.

Извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“, Добринка Борисовска Господинова вели дека во Македонија постои тренд на обратна пропроционалност и колку се судењата поинтересни за јавноста, толку е помала нивната транспарентност:

„Ако во 2015 година јавноста била исклучена од пет проценти од мониторираните постапки, во 2016 тоа да биде 20 отсто, за веќе 2017 година да биде 30 проценти“.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци пак, информираа дека во тек е прекршочна постапка против повеќе новинари кои објавиле фотографија од осудено лице, но без негова согласност. Од Дирекцијата оценуваат дека бидејќи станува збор за правосилна пресуда, истата е доволна за јавноста да биде информирана и немало потреба да биде објавена фотографија од осуденото лице.

„Репортери без граници“: Годинава се убиени 65 новинари а 54 се држат како заложници

0

СКОПЈЕ, 20.12.2017 – Годишниот извештај на организацијата „Репортери без граници“ покажува дека 65 новинари се убиени оваа година, 326 се наоѓаат во затвор, а 54 од нив се задржани како заложници.

Најчесто на удар во 2017 година биле новинари кои известуваат од воените зони, како и тие што пишуваат за шверцот на дрога и за други видови организиран криминал. Новинарите бегаат од држави како Сирија, Јемен, Либија кои станаа премногу опасни, но РБГ наведува дека се поголема е и свеста за потребата за заштита на новинарите.

Се работи за најмала бројка на новинари убиени во текот на една година во изминатите 14 години, што, според Репортери без граници, се должи како на подобрата заштита при работа, така и на фактот дека новинарите избегнуваат да работат во најопасните светски жаришта.

Во опаѓање е и бројот на новинарите кои се наоѓаат во притвор. Кина и Турција и натаму се двете држави кои најмногу апсат новинари.

Во моментов 54 новинари се држат како заложници од недржавни групи како Исламска држава.

Извор: www.civilmedia.mk

Претставена публикацијата „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“

0

СКОПЈЕ, 20.12.2017 – Здружението на новинари на Македонија, во соработка со Европската делегација и со француската амбасада во Македонија во Клубот на новинарите ја претстави публикацијата: „Слободата на изразување низ праксата на Европскиот суд за човекови права“ од д-р Мирјана Лазарова Трајковска. Во оваа публикацијата се анализирани пресудите и предметите во Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на слободата на говорот. Во неа, исто така, детално е анализирана пресудата за предметот „Селмани и другите против Република Македонија“.

Авторката на публикацијата д-р Мирјана Лазарова Трајковска, во промотивниот говор истакна дека слободата на изразување е претпоставена и таа мора да се почитува. „Јасно се пропишани случаите кога државата може да ја ограничи слободата на изразување“, рече таа, дополнувајќи дека се надева оти публикацијата ќе биде од корист и во новинарската и во судската фела.

На промоцијата се обрати и евроамбасадорот во Република Македонија, Самуел Жбогар. Според него слободата на изразување значи дека мислењата може да се споделуваат слободно, но притоа говорот на омраза мора да биде забранет, а државите мора да бидат заштитници кои го гарантираат ова право. Тој потенцираше дека очекува читатели на оваа публикација во иднина да не бидат само судиите, туку и сите останати чинители во медиумската сфера како што се новинарите, политичарите, граѓанските организации, уметниците итн.

Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние ја истакна потребата и важноста од една ваква публикација „Оваа книга е важна бидејќи ќе ве потсетува на огромната одговорност која вие ја носите. Таа претставува споменик на храброста на некои од новинарите, но и споменик на недостигот од храброст на некои други чинители“, рече тој.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани се заблагодари на Европската делегација и на француската амбасада во Македонија за поддршката за објавување на публикација. Селмани рече дека целта на публикацијата е да се подобри известувањето на новинарите затоа што само добро информирани новинари за нивните права и обврски не ги прекршуваат правата на останатите и нема да се самоцензурирaат од страв дека ќе можат да бидат гонети за објавените информации.

Тој рече дека публикацијата е намената на институциите, кои се обврзани да обезбедуваат поволен амбиент за работа на новинарите. Според него, публикацијата треба да биде поука за сите дека 24 декември од 2012 година никогаш не смее да се повтори.

Публикацијата можете да ја погледнете на следниот линк.