Home Blog Page 29

Истражување: Политизацијата и длабоката поделба ја разниша довербата во медиумите

0

СКОПЈЕ, 14.12.2017 – Политизацијата и длабоката поделба на медиумскиот сектор ја разниша довербата на граѓаните во медиумите, од кои 66,3 проценти сметаат дека во медиумите има пропаганда, 57,9 дека користат говор на омраза и 52,4 дека се корумпирани. Шеесет проценти од граѓаните се убедени дека медиумите немаат влијание врз нивните ставови, додека половина од медиумите очекуваат само да информираат, а не и да понудат решенија.

Ова го покажува истражувањето „Граѓаните и новинарите за професионалноста во медиумите“ изработено во рамки на проектот „Истражувачкото новинарство чувар на демократијата и човековите права“, спроведен од Центарот за управување со промени и Институтот за човекови права.

Според Гоце Пачемски, еден од авторите на истражувањето, сепак 79 од граѓаните веруваат дека медиумите можат да бидат катализатор на промени во општеството.

Јасна Бачовска Недиќ, коавтор на анализата, посочи дека таа покажува дека Македонија е телевизиско општество, каде 47 проценти од граѓаните се информираат од телевизиите.

– Граѓаните најмногу се информираат од приватните телевизии, а растечки тренд имаат интернет-порталите, што водат пред социјалните мрежи. Анализата покажа дека 86,5 проценти од граѓаните имаат пристап до пет или повеќе телевизии – изјави Бачовска Недиќ.

Посочи дека анализата покажала дека новинарите имаат самосвест за кризата и состојбата во медиумите каде 71 процент од новинарите сметаат дека нивниот углед е низок, а високи 89 проценти дека се корумпирани. Таа посочи дека за разлика од тоа, 52,4 проценти од граѓаните се сигурни дека има корупција во медиумите.

Бачовска Недиќ посочи дека интересно е тоа што 76,7 проценти од новинарите сметаат дека не се специјализирани да вршат тематско и истражувачко новинарство, а 92 проценти дека новинарската професија е недоволно платена.

Истражувањето е поделено во две анкети, од кои првата спроведена во периодот од 30 мај до 9 јуни 2017 година на репрезентативен примерок од 1.203 граѓани, додека вториот дел од 27 јуни до 10 јули на 163 новинари. Анкетата е спроведена во Скопје, Битола, Кичево, Куманово и Тетово.

 

ИЗВОР: www.novamakedonija.com.mk

Селмани се сретна со евроамбасадорот Самуел Жбогар

0

СКОПЈЕ, 13.12.2017 – Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Насер Селмани, вчера се сретна со евроамбасадорот Самуел Жбогар. На средбата се разговараше за актуелната состојба со медиумите во државата, престојниот закон за медиуми како и подлабочување на соработката.

Селмани му се заблагодари на евроамбасадорот за поддршката на Делегацијата на Европската комисија во Скопје за ЗНМ и за реформите во медиумите. Побара од амбасадорот да ја охрабри Владата за забрзување на процесот на донесување на измените на Законот за аудио и аудиoвизуелни медиумски услуги. Според него, реформите во медиумите се исто толку приоритетни како и реформите во безбедносниот сектор и судството. „Aко нема слободни и професионални медиуми нема кој да го следи процесот на спроведување на реформите во полицијата и судството“, истакна Селмани.

На средбата се разговараше и за состојбата на јавниот сервис и за начините за подобрување на неговата работа.

Евроамбасадорот Жбогар, истакна поддршка за работата на ЗНМ и се заложи за зголемување на взаемната соработка. Според него реформите во медиумите се важни и треба внимателно да се спроведат.

ССНМ и ЗНМ: Законот за стечајци ги опфати и новинарите од локалните радија

0

СКОПЈЕ, 07.12.2017 – Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), го поздравуваат фактот што со последните измени на Законот за стечајци се опфаќаат новинарите од затворените локални јавни радио станици кои добија статус на стечаен работник и со тоа право на месечен надоместок до нивното пензионирање. 

Со тоа делумно се исправи една голема неправда, со која се соочија нашите колеги кога преку ноќ се затворени десетици локални јавни радио станици, а тие останаа без работа и плата.

Министерството за труд и социјална политика ги уважи барањата на ССНМ и ЗНМ, чии претставници во август годинава се сретнаа со ресорниот министер, Мила Царовска. 

На средбата претставниците на новинарските организации побараа новинарите стечајци од затворените локални радија да бидат опфатени со новиот Закон за стечајци. 

 

ЗНМ ја брифираше меѓународната заедница за медиумските реформи

0

СКОПЈЕ, 04.12.2017 – Здружението на новинарите на Македонија денеска организираше брифинг за претставници на меѓународната заедница во Скопје, во врска со медиумските реформи.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани побара од претставниците на меѓународната заедница да ја охрабрат Владата да продолжи со медиумските реформи, кои се еден од клучните приоритети. Селмани нагласи дека Владата треба да ги усвои измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој ќе се вградат и клучните забелешки од новинарските и медиумските организации и да ги достават на усвојување во Парламентот.

„Донесувањето на законот ќе помогне да се создадат подобри услови за работа на медиумите и медиумските работници, но длабоки и суштински реформи ќе треба да следат во наредниот период“, истакна Селмани.

Претставниците на меѓународната заедница изразија подготвеност да го помогнат процесот на реформи во медиумите во кои ќе бидат вклучени сите заинтересирани и засегнати страни.

ЗНМ и МВР ќе потпишат Меморандум за соработка

0

СКОПЈЕ, 01.12.2017 – Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани денеска се сретна со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На средбата се разговараше за зголемување на безбедноста на новинарите како и за идните можности за соработка меѓу Здружението и МВР.

На средбата Селмани искажа подготвеност да соработува со МВР со цел да се подобрат условите за работа и безбедноста на новинарите. „Сакам да ја искажам нашата подготвеност да помогнеме да изградиме институционален механизам за превенција и казнување на насилството врз новинарите“, рече Селмани и додаде дека треба да се расчистат сите напади врз новинарите кои се случија во последните неколку години.

Селмани предложи организирање на заеднички обуки за слободата на изразувањето и за подобрување на комуникацијата на новинарите и полицијата.

Тој рече дека жали за приведувањето на двајцата камермани од полицијата на почетокот на ноември и изрази надеж дека такви инциденти во иднина нема да се повторат. „Ние сметаме дека до таков инцидент не требаше да дојде и очекуваме МВР во најскоро време да одговори на нашата претставка“, рече Селмани.

Министерот Спасовски истакна подготвеност за блиска соработка со ЗНМ, која наскоро ќе се официјализира со потпишување на Меморандум за соработка. Спасовски со задоволство ја прифати идејата за организирање на заеднички обуки за подигнување на свеста на припадниците на полицијата за важната улога на медиумите во едно демократско општество.

Започнаа обуките за млади новинари-истражувачи

0

СКОПЈЕ, 30.11.2017 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Американската амбасада во Македонија го започнаа циклусот на обуки за младите новинари, истражувачи и граѓански активисти. Тема на овие обуки ќе биде: „Унапредување на техники за истражување и креативно презентирање“.

Интерактивните предавањата ќе ги спроведат Зоран Димитровски (одговорен уредник на неделникот „Фокус“), Зоран Ричлиев (новинар и консултант за дигитални медиуми), а еднаш месечно онлајн предавање ќе држат и експертите од областа на новинарските истражувања од истражувачкиот центар MuckRock од САД.

„Оваа обука е дел од еден нов и иновативен пристап на едукација кој што е поддржан од Стејт Департментот. Ова прв ваков проект во светот кој што го поддржуваме, а доколку се покаже како успешен ќе продолжиме да го спроведуваме во Македонија, но и во другите земји. По информациите кои ги добивме дека студентите по новинарство во Македонија немаат практична настава на факултетите, решивме да организираме обуки кои ќе им го овозможат токму тоа“, истакна Бен Лингеман, кој работи како асистент на советникот за односи со јавност во Амбасадата на САД во Скопје.  %d0%be%d0%b1%d1%83%d0%ba%d0%b0-%d0%be%d0%b1%d0%b0%d1%9c%d0%b0%d1%9a%d0%b5

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, и се заблагодари на Американската амбасада која секогаш давала поддршка на ЗНМ во борбата за слобода на говорот и медиумите. Тој истакна дека овој вид на обуки се од огромна важност за младите новинари и истражувачи. „Во новинарството многу е важно да знаете да дојдете до веста. Најчесто за да дојдете до значајните вести треба длабоко да истражите и да анализирате многу податоци. Оваа обука токму тоа го има за цел. Да научите да ја препознаете веста, а потоа да ја пласирате на начин кој ќе биде разбирлив за целата јавност“.

На учесниците на обуката им се обрати и обучувачот Зоран Ричлиев, кој нагласи дека очекува по завршувањето на обуките од оваа група да излезат новите ѕвезди на македонското истражувачко новинарство.

Новинарските продукти кои ќе произлезат од обуките, ќе бидат објавени на веб страната на ЗНМ и тие ќе бидат промовирани и достапни за јавноста заедно со авторите кои ќе бидат дел од процесот на оваа обука. %d0%be%d0%b1%d1%83%d0%ba%d0%b0-%d0%bd%d0%b0%d1%81%d0%b5%d1%80-%d0%be%d0%b1%d1%80%d0%b0%d1%9c%d0%b0%d1%9a%d0%b5

Учесниците кои успешно ќе го завршат овој циклус на обуки ќе се здобијат со сертификати за учество на пригоден настан организиран од ЗНМ и Американската амбасада во Скопје.

Преголема регулација кај медиумите создава само-цензура

0

СКОПЈЕ, 28.11.2017 – Денеска во Софија, Бугарија се одржува Конференција посветена на предизвиците со кои се соочуваат медиумите во Југоисточна Европа, организирана од Форумот за медиуми од Југоисточна Европа. На конференцијата учествуваат околу 300 претставници на медиумите, медиумски експерти, претставници на академската заедница и на локални и меѓународни медиумски организации.

На панел дискусијата посветена на лажните вести учествуваше и директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, кој истакна дека во регионот се потребни медиуми, кои ќе бидат пример во борбата со лажните вести. Јавниот радиодифузен сервис, во случајот со Македонија, МРТ, има важна улога во овој контекст и тој треба да послужи како пример како треба да известуваат и другите медиуми, рече Секуловски.  seemo

Тој смета дека еден од механизмите на долготрајна битка против лажните вести е подигнувањето на свеста и едукацијата на граѓаните за препознавање на лажните вести. „Точно е дека најчесто лажните вести се шират преку онлајн медиумите, но погрешно е да се мисли дека ваквата медиумска содржина може да се регулира со закон. Прекумерната регулација, може да предизвика самоцензура и негативно да се одрази на слободата на говор“, рече Секуловски.

Според него, во Македонија лажните вести во изминатиот период беа креирани од лажни експерти, лажни организации, лажни анкети, лажни протести се со цел креирање на искривена слика за реалноста во општеството и дефокусирање од вистинските проблеми.

„Е-општество“: Помала регулација на онлајн медиумите

0

СКОПЈЕ, 27.11.2017 – Претставникот на Здружението на новинари на Македонија, Иван Брешковски, учествуваше на конференцијата „Е-општество“ каде се дискутираше за начините на регулација во медиумите, јавниот сервис, (не)довербата кон новинарите, слободата на изразување во општеството, како и за потенцијалните реформи во медиумската сфера.

Брешковски во своето обраќање се осврна на законите кои се однесуваат на медиумите и нивните активности. „Како основен закон со кој се регулира работата на приватните радиодифузери, но и на јавниот сервис е ЗААМУ за кој моментално има и јавна расправа за негово дополнување и изменување со цел да се обезбеди финансиска и институционална независност на МРТ и медиумскиот регулатор пред се“ рече Брешковски.

„Клучно е да нема преголема регулација во медиумскиот сектор затоа што таа може негативно да влијае и да ја наруши кревката состојба со слободата на изразување“

Брешковски нагласи дека многу е важно да се спомене и судската пракса во случаите на спорови против медиуми, а особено против новинари. Во минатото тоа било инструмент за притисок врз новинарите. „Во 2012 година имаше над 300 случаи против новинари. Затоа ЗНМ иницираше нов граѓански закон за овие дела, со кој ќе се заштитат правата на новинарите и ќе се даде можност преку демант и исправка да се избегнат долги и скапи судски процеси. Денес, овие постапки за клевета и навреда на новинари се поретки. Информација од јуни 2017 година вели дека постојат 39 вакви случаи. Тоа е позитивен тренд, за да не се заплашуваат новинарите“, вели тој.

Понатаму Брешковски се повика на анализите на ЗНМ, експерти од Советот на Европа и ОБСЕ според кои во имплементирањето на законот за клевета и навреда, важно е Судовите да ја применуваат праксата на ЕСЧП при носење на своите одлуки, односно да цитираат конкретни случаи кога ги образложуваат своите одлуки и да ги базираат на истите.

Исто така, тој нагласи дека во делот на клевета и навреда, остануваат долгите рокови и истите не се запазуваат од страна на судот. „Судот мора да ги заштити правата на оштетените во согласност со праксата на ЕСЧП особено кога се работи за онлајн медиуми“, рече тој и додаде дека Судот во Скопје има лоша пракса да ги исклучува од одговорност лицата (правни или физички) за нанесена навреда или клевета преку онлајн медиум по даден приговор за недостиг на пасивна легитимација. „Со тоа судот покажува дека онлајн медиумите не ги смета како средства за јавно информирање и со тоа не ги смета за одговорни. Оваа пракса на судот во Скопје потребно е да се промени за да го спроведува дословно законот во согласност со праксата од Стразбур“, истакна тој.

Според Брешковски, важен процес за превенција од тужби кон новинари е промоција на саморегулативните механизми во медиумите со цел решавање на евентуален спор надвор од судот со што се избегнуваат судските трошоци, долги постапки и се постигнува ефект кој во јавноста ја крева свеста за важноста на професионалните стандарди на новинарската професија.