Home Blog Page 8

Презентиран извештајот за 2020 година, зголемен број на напади врз новинари, слаб напредок во медумските слободи

0

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска го претстави годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.

Методологијата на истражувањето, развиена во 2016 година, беше усогласена со текот на годините за да се стандардизира собирањето и анализата на податоците и да се приспособи фокусот на истражувањето кон промените во традиционалното и во онлајн медиумското опкружување во земјите од Западен Балкан.

Врз основа на оваа стандардизирана алатка за истражување, новинарските здруженија од земјите од Западен Балкан ги оценуваа најновите случувања во своите земји и се вклучија во разни активности за застапување за унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите со поддршка на Европската комисија, а го следат развојот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во своите земји.

Во сите три главни индикатори на извештајот, како што се правната рамка за слободата на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите, во 2020 година нема сериозни промени во медиумската сфера но има зголемување на трендот на напади, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници не е подобрена за разлика од минатата 2019 година туку напротив е влошена.

Во 2020 година, кризата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 дополнително ја влоши финансиската состојба на медиумите поради намалувањето на приходите од комерцијални реклами.

Во 2020 година земјата бележи раст на скалата на Репортери без граници, од вкупно 180 земји беше рангирана на 92-то место, што е за три места повисоко од 2019 година.

Во извештајот за 2020 година се нотира дека новинарските здруженија ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ силно го истакнуваат своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите. ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека не треба состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири и повеќе години, кога со државни средства, на нетранспарентен начин, беа плаќани астрономски суми во медиумите. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување.

Ставот на ЗНМ е дека платеното политичко огласување во аудиовизуелните медиуми треба да се укине, бидејќи на тој начин се „поткупуваат“ сопствениците на медиумите, се влијае негативно врз уредувачката политика на медиумите, но, исто така, и се „изместува“ рамнотежата на спротивставени гледишта во јавната сфера. Со цел да се надмине оваа пракса, потребни се интервенции и во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и во Изборниот законик.

Во овој извештај за 2020 година се нотира дека реформата на јавниот радиодифузен сервис речиси не е ни започната, а финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање.

Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на 2020 година беа забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше само четири, што значи дека оваа година нападите и заканите се трипати побројни. Во декември 2020 година, Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барања од страна на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа штета од државата за повреда на нивните права за време на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27.04.2017 година. Овие тужби следуваа по претходен повик на ЗНМ со цел обезбедување правна помош за новинарите и медиумските работници, кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан. Ваквата пресуда е уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичарите и новинарите. Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија е изработен, лекториран и преведен како на македонски, така и на албански и англиски јазик.

Годишниот извештај можете да го погледнете на следниот линк

ИЗЈАВА на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески

0

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, залагајќи се за доследно остварување на принципот на отвореност, правото на информирање и слобода на медиумите, укажува дека еден од основните принципи во работењето е транспарентноста и отчетното работење  гарантирани во член 8 од Законот за јавното обвинителство и во Упатството за односи со јавноста.

Медиумите се помош во работењето на јавното обвинителство, бидејќи често од нив се добиваат сознанија за конкретни постапки за извршени кривични дела, но и граѓаните преку нив се информираат за работата на јавното обвинителство.

Јавноста треба и има право да биде информирана за работењето на јавните обвинителства. Поради тоа, во натамошниот период во односот со медиумите, јавните обвинители задолжително да го почитуваат принципот на отвореност и правото на информирање.

Во најава законски измени со кои напад врз медиумски работник ќе се третира како напад врз службено лице

0

Закани по живот, физички напади, вербални злоупотреби и навреди преку социјалните мрежи, полека но сигурно стануваат секојдневие на новинарите и медиумските работници ширум државата. Соочувањето со вакви напади не само што претставува сериозен предизвик, туку во голема мера го загрозува и нивниот интегритет и личното достоинство. Културата на неказнивост останува длабоко вкоренета во нашето општество, со оглед на фактот дека од вкупно 14 регистрирани напади кои се случиле во текот на минатата година, само еден завршил со институционална разрешница.

Во најава се измени во Кривичниот законик за поголема заштита на новинарската фела, со кои нападот врз медиумските работници ќе добие ист третман како нападот врз службени лица. Измените се веќе објавени на ЕНЕР, а во собраниска процедура треба да се најдат до крајот на месецов.

Свое искуство за МИА споделија дел од медиумските работници кои при вршење на своите работни задачи, се имаат соочено со физички напади, закани или навреди.

Милка Смилевска, новинарка од Ал Џазира Балканс, во септември минатата година се соочила со напад при следење на протест организиран од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

– Во момент кога земав изјава од двајца демостранти и во моментов кога почнав да разговарам со еден од демонстрантите, едно момче од позади грб ни се обрати, нè праша дали сте од Ал Џазира, веројатно нè препозна, мојот колега снимател одговори „да“, и во следната секунда осетив како некој ми ја удри раката во која го држев микрофонот и микрофонот ми падна долу на земја, објаснува Смилевска за МИА.
Таа посочи дека поради тоа што се работело за протест и имало премногу луѓе, полицијата не била во можност да го пронајде напаѓачот.

– Но знаете како, новинарска работа, фокусиран си да го проследиш настанот, да обезбедиш информација. И едноставно се откажав од тој прв момент и почнавме да ја работиме работата со снимателот, тој да снима, јас да го следам протестот, но не ме фаќаше место и си реков дај да пробам да го пронајдам напаѓачот, кој после откако ме нападна, откако падна микорофонот, немаше ни храброст да се соочи со мене, додава новинарката.

Сепак, како што појаснува, набрзо го забележала повторно и го снимала со мобилен телефон, при што напаѓачот се почувствувал загрозено.

– Тој се почувствува загрозен, почна да се движи, да бега на некој начин. Најдов полицаец и директно му се обратив, му реков: „Господине полицаец, овој дечко пред малку ме нападна, јас сум новинар на Ал Џазира Балканс“. Веднаш полицаецот реагираше, го задржа со друг полицаец, го упати во полициска станица, вели новинарката.

Смилевска додава дека со напаѓачот е извршен разговор, а и таа самата била повикана во полициска станица да даде изјава. Верува дека напаѓачот добил прекршочна пријава и е изведен пред суд, со што, како што посочува, му е пресудена одредена парична казна.

– Да ви кажам искрено во тој момент лично имав голема сатисфакција што момчето заврши во полициска станица, едноставно да се соочи со законот, со правдата со системот, да сфати дека не може како ќе му текне да напаѓа новинари додека се на задача, тоа е во секој случај е недозволиво, затоа што ние на тие места сме не заради наша желба, туку заради неопходноста, потребата, природата на нашата професија и да се ја завршиме професионално работата која работиме и сме ја избрале, додава Смилевска.

Аслан Вишкo е снимател во Медиумска информативна агенција кој исто така беше цел на напад на протестите, кои се случија годинава против пресудата за случајот „Монструм“, а организирани од семејствата на осудените.

Тој појаснува дека како снимател бил цел на гневот од страна на некои млади луѓе, кои биле во голема еуфорија од протестот.
– Бев цел на напад на тие протести, за жал. Пред излегување имавме брифинг на колегиумот на работа, како би можеле најефикасно да известуваме оттаму, без последици од самите протести. Но, за жал, се случи тоа што се случи, бев цел на напад од некои млади, кои што беа веќе во некоја еуфорија и потпаднаа на тие еуфорични моменти и јас како снимател бев цел на нивниот гнев, додава Вишко.

Тој за МИА посочува дека се има соочено со многу вакви искуства во текот на својата работа, а како што вели, уште поголема е разочараноста и револтот кај снимателите, дека тоа ќе продолжи и во иднина.

– Првата цел на напад е снимателoт, затоа што веројатно некоја психологија игра од другата страна и тој гледа дека има камера и снима нешто, па мора да биде тој кој што ќе биде неутрализиран поради некоја негова замисла. Иако по настанот се јавија здруженијата на новинарите, синдикалните организации, ресорното министерство, вработените, сите ми дадоа, на мене и другите колеги огромна и безрезервна поддршка која што за понатака нè прави многу посилни и непоколебливи, додава Вишко.

Според него, добро е снимателите да имаат одбележје, како на пример елек со прес лого напред или позади, евентуално фосфорни, и капа, со што ќе биде јасно видливо од спротивната страна дека некој си ја работи легално својата работа, дека е пратен да известува, а некој го чека неговото известување.

Мери Јордановска, новинар во А1он, за МИА го објасни случајот во кој се има соочено со навредливи и заканувачки пораки преку социјални мрежи.

Таа вели дека имала волја случајот да се истера до крај, посочувајќи дека уште една нејзина колешка била навредувана од истото лице, па дополнително се зголемила мотивација и кај институциите случајот да добие разрешница.

– Во случајот со Емил Јакимовски, стануваше збор за нешто сосем поинакво со оглед на тоа што бев запознаена дека истото лице е веќе пријавувано за семејно насилство. Затоа имав и многу поголема волја овој случај да се истера до крај. Дополнително на ова, уште една моја колешка пријави дека била навредувана од истото лице. Исто така, откако случајот беше пријавен, истото го сторија вработени, односно директорката на Централниот регистар, а потоа и градоначалник на една општина, со што дополнително ми се зголеми мотивот сето ова да добие разрешница, вели Јордановска за МИА.
Таа додава дека случајот се решил со неверојатна брзина. Најпрвин изреагирал Хелсиншкиот комитет за човекови права, а потоа случајот бил пријавен при единицата за насилен криминал при Министерството за внатрешни работи. Лицето било повикано на распит, а набрзо и приведено, поточно бил спроведен во истражниот затвор во Шутка.

– Судскиот процес течеше многу брзо, Јакимовски беше осуден на затворска казна од 20 месеци за загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство и за загрозување на безбедноста по пат на информатички систем. Оваа затворска казна се однесуваше за двете дела и за вербалните закани кон мене и за случајот со семејното насилство кон неговата поранешна сопруга, која што пријавувала долги години дека се соочува со овој проблем. Така што, понатаму не знам како ќе тече, затворската казна набргу истекува, меѓутоа, се надевам дека и по сиот поминат третман и во здравствената установа каде што беше упатен, а и по издржувањето на затворската казна дека ваков случај нема да се повтори, додава Јордановска.

Новинарката Тања Милевска, дописник од Брисел за МИА, беше цел на сексистички напади и смртни закани, ден пред изборниот молк во 2020 година откако на Твитер постави прашање во врска со видео снимено од унгарскиот премиер Орбан за поддршка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред изборите.

– Бидејќи видеото беше снимено на унгарски, јас побарав некој што разбира унгарски да ми преведе дали на унгарски се користи уставното име Северна Македонија во официјална комуникација предизборна или дали го користи зборот Македонија. При што од една девојка која разбира унгарски добив одговор дека го користи името Македонија, по што таа ги повикав Европската народна партија и грчкиот премиер да одговорат дали ова е официјална политика на партијата каде што членуваат и ВМРО-ДПМНЕ и Орбан и партијата на Мицотакис, вели Милевска.

Дополнува дека ова сосема легитимно прашање од нејзина страна, предизвикало бура на реакции и неописливо агресивни закани. Случајот го пријавила до надлежните институции и во Македоннија и во Белгија, при што вели дека нема доверба во македонските институции бидејќи наишла на многу поголема поддршка од белгиската полиција и институции.

– Добив посебен број, директна линија со полицијата 24/7, доколку ми се случи или ми се појави што било сомнително, имам директна линија каде што можам да се јавам и да пријавам. Знам дека се на штрек за мојот случај. Што се однесува до судството, знам дека е назначен истражен судија, кој што го истражува случајот, со тоа што проблемот со интернет е јурисдикцијата, ниту една држава никогаш не е надлежна за ништо бидејќи интернетот е глобален и сите си ја префрлаат топката, раскажува Милевска.

Најголема поддршка, како што вели, добила од Меѓународната организација на новинари и Белгиското здружение на новинари.

Неопходна системска заштита на новинарите и медиумските работници

Токму поради фактот што ова се само дел од многубројните професионални, но и приватни дискридитации, новинарската фела верува дека е време државата конечно да изнајде соодветно решение за овој горлив проблем.

На ист став се и од Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), кои во корелација со Синдикатот и Министерството за правда, најавија одредени измени во Кривичниот законик за поголема заштита на медиумските работници.

Драган Секуловски од ЗНМ за МИА информира дека измените се најавени веќе трета година по ред, а целта е да се направи системска заштита на новинарите и медиумските работници.

Според новите измени, во случај на напад на новинар или медиумски работник на јавен простор, сторителот ќе биде гонет од страна на Обвинителството, а казната затвор ќе биде поголема, бидејќи ќе станува збор за напад на лице кое што е во рамки на вршење на својата професија.

Секуловски додава дека ова е шанса декларативните заложби на Владата да станат реалност како резултат од нивната заложба и се надева дека во најбрзо време ќе се спроведат тие измени бидејќи, како што вели, крајно време е да постои системска заштита на новинарите и медиумските работници како преудуслов за нивната професионална работа.

 

Тој за МИА појаснува дека нашата држава, како членка на Советот на Европа според препораките од 2016 година на Комитетот на министри, има обврска не само да направи добра законска рамка за заштита на новинарите, туку мора на еден начин да ги поттикне и самите институции во случајов Обвинителството, да има посебен дел, посебен оддел за заштита на новинарите и медиумските работници.

Секуловски е дециден – потребно е државата да води сметка кога ќе бидат повредени нивните права, тие да бидат заштитени од страна на надлежните институции.

– Освен извршната власт, многу е битно судската власт да постапува во рамки на европската пракса за човекови права, тука имаме примери каде што сега гледате од 27 април пресудите, кои што се за моите колеги, за нашите членови, навистина се скандалозни и се надеваме дека во наредната постапка кога ќе бидат на Апелација, ќе бидат коригирани овие искуства, затоа што не сакаме за некоја година од сега да се земат негативните искуства од страна на судот и Обвинителството кога имале шанса да донесат правда за новинарите, меѓутоа, истата таа шанса била пропуштена, додава тој.
Секуловски појаснува дека со измените не се бара новинарите да бидат изедначени со службени лица, но бараат ист третман како службени лица, во случај кога ќе бидат нападнати.

Во измените се наведени и заканите на социјалните мрежи. Во иднина во случај на закани по животот на новинарите, на медиумските работници и на членови на нивното семејство преку фејсбук, твитер или други интернет платформи исто така државата, односно Обвинителството и МВР ќе треба да постапува по службена должност, а не да остане новинарот сам да оди по приватна тужба да ги гони овие деликти.

– Можам да кажам дека вербалните напади се посебна категорија која прави проблем во последно време, јас тука имам порака и за нашите колеги новинари, новинарки и медиумски работници. Ако тие чувствуваат дека навистина се загрозени преку одредена комуникација на интернет, мора да ни пријават или на нас или во полиција, бидејќи не е доволно да се напише статус на фејсбук дека го покануваме Обвинителството да постапи, потенцира тој.

Според Секуловски, доколку не се пријави проблемот, истиот не постои. Затоа, потенцира, секој говор со кој што се загрозува безбедноста на новинарите без разлика дали е искажан на улица, на телефон или пак на социјални мрежи, потребно е да биде пријавен до надлежен орган, или до професионално здружение со цел да се утврди постапка и потоа истата да се процесира.

Тој информира дека како Здружение пред неколку дена почнале акција со доделување бесплатно елеци и тврди капи заедно со мисијата на ОБСЕ во Скопје. На тој начин се надеваат дека ќе помогнат на редакциите, меѓутоа и на новинарите кога ќе се најдат во ситуација да покриваат настани од висок ризик, да бидат колку што може побезбедни.

– Во секој случај опремата не е само тоа што може да го реши проблемот, новинарите треба да се свесни дека кога покриваат настани од висок ризик потребно е да се задржуваат на одредени правила со цел да не го загрозуваат своето здравје и својот живот. Не секогаш е препорака да се истакнува прес обележјето, бидејќи во зависност од контекстот понекогаш новинарот треба да биде заштитен или дислоциран од одредена локација, затоа препораката е на такви настани да се делегираат поискусни новинари кои што знаат да постапат во случај на агресија или во случај на настани од висок ризик каде што може да се заштити нивната безбедност и нивниот живот, вели Секуловски.

Според министерот за правда, Бојан Маричиќ, суштината на овие измени во Кривичниот законик е во тоа да се зајакне заштитата на новинарите, односно да бидат потешко казнети оние кои што ќе ги нападнат додека се на служба како новинари.
Тој во изјава за МИА вели дека зајакнување на кривично правна заштита на новинарите е пред се да се зајакне слободата на медиумите, да се подигне на едно друго ниво заштитата на новинарите при вршењето на нивната професија, и дигнитетот и достоинството на таа професија да биде заштитена на некој начин, а со тоа и слободата на говорот и слободата на медиумите.

Маричиќ информира дека во текстот на Кривичниот законик нападот врз новинар ќе биде третиран како напад врз службено лице. Казната затвор за физички напад но и за вознемирување на новинарите, како што додава, може да биде три години и новинарите се заштитени од секаков вид на напади без разлика дали се вербални, физички или пак преку електронски комуникациски средства, социјалните мрежи и сите начини, телефонски пораки и се она што подразбира комуникација.

Суштинска разлика е и во однос на тоа што Обвинителството за разлика од сега, ќе го гони ова кривично дело по службена должност.

Тоа значи, како што објаснува Маричиќ, дека не мора новинарот да поднесе приватна кривична пријава и тоа да се процесуира како приватна тужба па потоа Обвинителството да се придружи на тоа, доколку смета дека треба, туку само новинарот треба да го пријави тоа во Обвинителството, да го пријави настанот на повреда или напад во Обвинителството, и потоа Обвинителството го презема гонењето на сторителите по службена должност.

– Вербалните напади се израмнуваат исто како и физичките напади и Обвинителството постапува по службена должност. Битно е дека нема да има потреба од досегашните дуплирања на постапките, поголема иницијативност на на новинарите и поголема упорност за да ги гонат сторителите, сега е доволно само да пријават во Обвинителството, и понатаму Обвинителството по службена должност продолжува со гонењето. Секој новинар во рамки на вршење на својата работа ќе биде третиран како службено лице како што се лекарите, полицајците, појаснува за МИА министерот за правда.

Измените во Кривичниот законик треба да се најдат во Собранието до крајот на месецот, а Маричиќ, како што вели, не очекува блокади во законодавниот дом.

– Не очекувам блокади, бидејќи во овој процес правевме широки консултации и со пратеници од опозицијата и со граѓански организации кои што стојат зад овие измени. Би било навистина несоодветно, дури и нецивилизирано да се блокираат овие измени бидејќи се апсолутно во јавен интерес и во интерес и на новинарската професија. Ова се крајно неспорни измени и не би требало да предизвикуваат разлики, дури иако не е потребно дво третинско мнозинство, јас не би се изненадил и не треба да биде поинаку опозицијата да го поддржи овој закон во Собранието, вели Маричиќ.

Новинарите се со позитивни очекувања во однос на овие измени. На ова се надоврза и Смилевска, која вели дека е битно тоа што системот е сензибилен, што реагира на вакви случаи и што се има желба, потреба или акција да се промени законот. Таа е на ставот дека на новинарите треба да се гледа како на една посебна професија, на која и е неопходна помош и заштита од општеството, од системот, од законите.

Смилевска го поздравува фактот што Министерството за правда иницираше измени на Кривичниот законик и што третманот на новинарите и медиумските работници во позиција кога ќе бидат нападнати ќе се третира од страна на правосудниот на еден поостар и построг начин.

– Пред сè, тука мислам на полицијата, на Обвинителството, на судството, да им е јасно дека не е ист нападот на новинар, на медиумски работник, тука мислам и на снимател, на фото репортер, и нападот на некое друго лице, иако секако било каков напад осудувам. Но нападот врз мене е напад и врз слободата на говорот, врз можноста професионално да се известува и во крајна линија тоа е и напад врз медиумот за кој јас работам, додава таа.

Новинарката Тања Милевска изјави дека нема доверба во институциите и сè уште чека на институционална разрешница за својот случај.

– Се плашам дека ова ќе биде уште една форма без содржина, ние во Македонија имаме еден куп одлични закони на хартија. Џабе се сите одлични закони на хартија доколку тие не се применуваат, не се имплементираат и не се променат менталитетите на полицијата, на судиите, и тоа произлегува од политичка волја, вели Милевска.

Јордановска смета дека мерките што се во процедура за измени на Кривичниот закон во голема мера ќе придонесат да се зголеми безбедноста кај новинарите.

– Но, исто така, сметам дека е многу важно, ние, во самата фела, што повеќе да се потрудиме да направиме дистинкција во своите редови, најпрво да видиме кого прво ние нарекуваме новинар. За да не се случи, од една страна, ние да бидеме заштитени како службени лица, а од друга страна сè уште имаме таканаречени новинари кои секојдневно на своите веб-страни навредуваат и буквално осакатуваат луѓе не придржувајќи се ниту на минимум стандардите за новинарско известување, додава Јордановска.

Затоа, како што појаснува, за да бидат комплетно безбедни новинарите како службени лица, треба да бидат безбедни и луѓето за кои што се известува.

Не ни треба реприза со платените јавни кампањи во медиумите

0

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на јавната најава на Владата за измена на регулативата со која ќе престане да важи забраната за рекламирање во медиумите од страна на јавните институции (член 102 од ЗААМУ).

Во објавата на МИА од 4-ти мај 2021 година, во еден новинарски спорен текст, се вели дека Владата ќе донесе пакет медиумски реформи кои подразбираат платени јавни кампањи во приватни медиуми и формирање Фонд за истражувачко новинарство и за продукција на медиумски содржини од јавен интерес.

Невообичаено и тенденциозно е тајни брифери од Владата да пласираат информации на јавен сервис, притоа тие да не се поткрепени со факти.

Во текстот се имплицира и провејува впечатокот дека СЕММ и ЗНМ некогаш побарале измена на член 102, заедно во пакет со формирање Фонд за помош на медиумите.

Почитувани претставници на Владата, ова е лага!

ЗНМ и СЕММ, заедно со ССНМ и МИМ никогаш ниту прифатиле, а ниту побарале законски измени со коишто би се овозможил начин на директно истурање на јавни пари за владини кампањи во приватни медиуми.

Тоа е наш принципиелен и конзистентен став од којшто во ниту еден момент не сме отстапиле, на ниту една средба или разговор.

Обидот нашиот став за овој член на Законот да се заобиколи или маскира во купот на други најави и ветувања за медиумски реформи создава лажна слика за позициите на фелата.

Ваквиот однос ја поткопува довербата помеѓу новинарските и медиумски организации и Владата и истите можат погрешно да бидат толкувани и од страна на јавноста и на меѓународната заедница.

Затоа, сакаме јасно да потенцираме дека ние бевме и сме против овие законски измени и апсолутно не сметаме дека тие треба да се стават во кошница со други медиумски реформи, од проста причина што на нив никако не гледаме како на реформи.

Што се однесува на Фондот за помош на медиумите, тоа секако е идеја за која треба да разговараме и ние меѓу себе како организации, и со Владата и со претставници на меѓународната заедница.

Иако во текстот на МИА повторно се сугерира спротивното, дозволете да појасниме дека не постои формално барање до Владата за формирање на Фонд за медиуми, туку наша подготвеност да бидеме конструктивен партнер за осмислување на овој модел доколку се направи проценка за потребата на таков фонд.

Создавањето на овој модел може да биде единствен исправен начин за поддршка на развојот и на медиумите, ама и на слободното и професионално новинарство.

Во насока на погоре кажаното, сметаме дека се потребни две работи со цел да се избегнат недоразбирања во јавноста и тоа:

Владата на РСМ да ја повлече иницијативата за укинување на забрана за државно рекламирање (да не се менува член 102 од ЗААМУ) и
Владата да отвори јавна дебата во медиумскиот сектор за формирање Фонд за поддршка на професионалното новинарство.
Доколку ги прифатите овие барања, веруваме дека ќе оставите простор да се изнајдат квалитетни решенија за помош во медиумскиот сектор, такви коишто ќе му помогнат и на медиумскиот пазар да биде слободен и конкурентен, и на самите новинари, како поддршка на нивната професионална работа.

Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Совет за етика во медиумите (СЕММ) Македонски институт за медиуми (МИМ)

ЕФН го поддржа ЗНМ: Да се преиспита одлуката на судот за 27-ми април

0

На 27ми април 2017 година за време на протестот во Скопје кој што подоцна резултираше со упад од демонстрантите во зградата на Парламентот, вкупно 21 новинари беа под закана или им беше забрането да известуваат на местото на настанот. Еден од нив беше Горан Трпеноски кој вчера беше одбиен од Граѓанскиот суд во Скопје кој не му го призна статусот на новинар. Европската федерација на новинари (ЕФН) и нејзината членка, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го оспоруваат толкувањето на македонскиот суд и го повикуваат уште еднаш да ја разгледа својата одлука.

Горан Трпеноски известуваше за настаните на 27 април 2017 година за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk). Откако кон него беа упатени закани се одлучи да поднесе тужба за попречување на правото за пристап до информации и нанесената психолошка штета. Вчера, во својата пресуда, судијката Јованка Спировска Панева објасни дека во тоа време Трпеноски не бил новинар затоа што работел за онлајн медиумот (sdk.mk), што според Законот за медиуми не се смета за медиум. Понатаму во оваа пресуда, судот не го признава правото на информација како уставно право.

ЕФН и ЗНМ сметаат дека со оваа пресуда се кршат европските правни стандарди за слобода на печатот, дефинирани од Европскиот суд за човекови права. Оваа пресуда ја прекрши и судската пракса на Апелациониот суд во Македонија со која се потврди дека не треба да им се ускрати позицијата на новинар на професионалците кои работат во интернет медиумите. ЕФН се приклучува на нејзината членка ЗНМ во барањето да се преиспита оваа пресуда со која се нарушува слободата на печатот.

Европската Федерација на Новинари (ЕФН) е најголемата организација на новинари во Европа, која застапува повеќе од 320,000 новинари во 72 новинарски организации во 45 држави.

ЗНМ и ССНМ: Вакцинацијата на новинарите ќе има позитивен одраз на информирањето

0

Околу 600 новинари и медиумски работници постари од 40 години беа вакцинирани денеска против ковид-19, а помладите ќе бидат вакцинирани во втора фаза. Од Здружението на новинари и од Самостојниот синдикат на новинари изразија уверување дека вакцинацијата позитивно ќе се одрази на работата на медиумите бидејќи новинарите ја имаат таа професија која е во близок контакт со заразените лица.

Денеска се вакцинираат околу 600 новинари, и тоа оние од критичнаа група над 40 години, и луѓе кои се со хронични болести. Вакцинацијата е организирана во соработка со Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари.

Младен Чадиковски од ЗНМ изјави дека се надева оти во следната фаза ќе се вакцинираат и останатите медиумски работници.

„Она што е особено значајно е дека сите овие медиумски работници беа во допир, близок контакт со вирусот, но имаа и контакти со многу луѓе и мислам дека овој тип на заштита е значаен затоа што ќе биде заштита не само за личното здравје туку ќе биде и заштита и за останатите луѓе кои имаат постојани контакти новинарите“, рече Чадиковски.

Според него, се очекува дека вакцинацијата ќе даде добри резултати за работењето на медиумите, но и затоа што кон новинарите и медиумите гравитираат многу луѓе.

„Се надевам дека вакцинацијата ќе продолжи и дека сите ќе успееме да добиеме вакцини и новинарите помлади од 40 години кои сега не се опфатени, бидејќи се покажа дека новинарската професија е една од првите професии кои се во контакт со луѓе кои се заразени. Имавме многу колеги кои се заразени, имавме и смртни случаи, имаме колеги кои се хоспитализирани, или во изолација и се надевам дека ќе успееме сите новинари и мед работници да ги заштитме од короната, рече новинарката Тамара Грнчароска од новинарскиот Синдикат.

ЗНМ со конструктивни предлози за подобрување на Судскиот деловник

0

Како одговор на барањето од страна на Министерството за правда на Северна Македонија во март оваа година, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) достави предлог измени на Судскиот деловник кој е од важност за непречена работа на новинарите и навремено и точно информирање на јавноста.

Предлозите кои беа доставени беа претходно комуницирани со судии и претставници на ова министерство а исто така беше земено во предвид и искуството на новинарите кои известуваат за прашања поврзани со работата на судовите преку непосредни консултации со колегите.

Забелешките се поделени на посебни и општи а првите се однесуваат на делот од деловникот со кој се уредува транспарентноста на работата на судовите и пристапот до рочишта. Вторите забелешки се однесуваат генерално на подобрување на достапноста на информрациите на судот преку подобрување и зголемување на содржината  објавена на веб страните на судовите која се однесува на нивната работа.

ЗНМ како посебни забелешки во предлозите ги потенцираше обврската за формирање на централен регистар на портпароли на судски единици со име и презиме телефонски број и емаил адреса на портпарол на секој суд. Тој регистар да биде јавно објавен и таа информација да биде јавно достапна на суд.мк и на веб страните на судовите. Во насока на поголема транспарентност, да се уреди и едноставен пристап до судски списи на новинарите. Ова ќе може да ја олесни работата на новинарите и ќе овозможи прецизно и точно пренесување на информациите (особено од седници кои траат и по неколку часа). Покрај неколку терминолошки корекции, од особен интерес за јавноста е интересот и присутноста на рочиштата без притоа новинарите и медиумските работници да бидат попречувани во нивната работа. Покрај новинарите и медиумските работници потребно е да бидат опфатени во деловникот и лица кои што се присутни во судот со цел да мониторираат рочишта како што се претставници на  граѓански организации, меѓународни организации и слично.

ЗНМ предлага во деловникот да содржи обврска за сите судии да има објавено стандардизирана биографија, фотографија и контакт емаил адреса на веб страните на судовите како и да постои еден централен регистар на суд.мк., како и лице со  контакт емаил адреса и телефон кое ќе биде задолжено за давање на информации од јавен карактер. Измени во делот на објавените кривични судски одлуки на веб страницата на судот се бришат по истекот на рокот за бришење на осудата, согласно со одредбите од Кривичниот законик, а другите судски одлуки се бришат по истекот на пет години од денот на нивното објавување. Рокот од пет години е премногу краток и треба да се зголеми за десет години. Процесот за достава на забелешки и сугестии на измените е се уште отворен и секој новинар може да поднесе дополнителни мислења кои потоа ЗНМ ќе ги искомуницира во рамки на работната група за измена и дополна на овој документ.

Насоки за етичко известување на онлјалн медиумите

0

Скопје, 05.03.2021 –

Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Советот за етика во медиумите ги објавија првите Насоки за етичко известување на онлајн медиумите во Северна Македонија
Со цел да се подобрат професионалните стандарди на онлајн медиумите,

OSCE Mission to Skopje го поддржа Советот за етика во медиумите (СЕММ) во изготвувањето на Насоки за етичко известување на онлајн медиумите, кои денеска беа објавени во Скопје.
Насоките изготвени по широка консултација со медиумската заедница во Северна Македонија, ќе помогнат во развојот на солиден и кредибилен систем за саморегулација на медиумите на Интернет и зајакнување на независното, професионално и одговорно известување на Интернет.
„Етичките стандарди треба да се применат на сите медиумски платформи бидејќи етичките предизвици на новинарството се валидни и офлајн и онлајн“, рече Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, вели дека во сите демократски општества саморегулацијата е најдобриот начин да се зголеми одговорноста на онлајн медиумите и да се превенира носењето непотребна медиумска регулатива. Околностите, како во работењето на традиционалните, така и во онлајн медиумите, брзо се менуваат што бара постојано унапредување на етичката рамка.
„Се надеваме дека овој саморегулаторен инструмент ќе ги мотивира онлајн медиумите да ги опфатат вредностите на професионалното и одговорното новинарство во својата работа“, рече Тунева.
„Целта на Насоките е да послужат како инструмент којшто ќе помогне во решавање на дилемите околу аспектите поврзани со новинарските содржини што се објавуваат онлајн. Тие аспекти не се опфатени или не се објаснуваат детално во сегашната етичка рамка. Суштинска задача на нашиот Совет е да се зајакне и да се врати јавната доверба во новинарството. Во оваа смисла, ќе продолжиме да се залагаме за примена на етичките стандарди ширум различните медиумски платформи“, заклучи Тунева.
Насоките, достапни на https://semm.mk/…/850-nasoki-za-etichko-izvestuvanje-na… , се однесуваат на сите информации и содржина што ги објавуваат оналјн медиумите, на социјалните мрежи или други онлајн платформи.