Home Blog Page 9

ССНМ – Онлајн платформа која овозможува новинарите да пријавуваат напади или заплашувања

0

Објективно и професионално новинарство е возможно само кога новинарите и другите медиумски работници се чувствуваат безбедни од напади, притисоци, заплашувања и навреди.

За да им се помогне на новинар(к)ите во Република Северна Македонија слободно да ја извршуваат својата работа со поддршка на ОБСЕ, Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), разви онлајн платформа која им овозможува на новинарите да пријавуваат напади или заплашувања.

Оваа платформа ќе придонесе новинарите навремено да ги пријавуваат нападите и заканите кон нив, а со тоа и да се забрза времето за реакција од страна на засегнатите страни како и да се интервенира да се намалат ваквите притисоци во иднина.

ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ: Изборот на органите во МРТ и АВМУ со просто мнозинство е ризичен

0

Скопје, 27.01.2021 –

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) со загриженост  го следат процесот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство. Во овој предлог се бара изборот на членови на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието на РСМ да биде со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, наместо со двотретинско мнозинство, како што е тоа уредено со постоечката регулатива.

Факт е дека поради принципот на двотретинското мнозинство и несогласувањата помеѓу владејачката коалиција и опозицијата, овој процес досега беше закочен во Собранието на РСМ, но партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит системот“ за избор на лицата во овие тела. Сепак, пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постоечките закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав.

Дополнително загрижува фактот што овој Закон е предложен да биде усвоен по брза постапка, без никакво образложение во предлогот, со што не се остава простор за јавна дебата, ниту, пак, за транспарентност и вклученост на засегнатите страни во  неговото носење.

Начелото за двотретинско мнозинство при избор на членовите на управните тела во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор е важно бидејќи на тој начин се намалува ризикот од партиско-политичко влијание при изборот на членовите во овие тела од страна на пратениците. Евентуалната промена носи ризици и за идниот состав на советите, кои при секоја промена на власта можат да бидат лесно заменети. Тоа ќе го наруши принципот на независност на институциите од политиката, што беше основен мотив кога се гласаше сегашното законско решение.

За начелото за избор со двотретинско мнозинство, новинарските и медиумските организации се залагаа и во 2013 година кога се носеа  медиумските закони, а за овој принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се регулира работата на МРТ и АВМУ.

 

ЗНМ бара автентично толкување на законот за МРТВ

0

Скопје , 20.01.2021 –

Сметаме дека не треба да има избрзани и законски сомнителни решенија, затоа што може да се случи поголем проблем. Оттаму бараме да се оди на автентично толкување на законот во Собранието. Поточно, на законските одредби со кои беше продолжен мандатот и на постоечките членови на советот и на директорот и заменикот директор на МРТВ. На тој начин сите сомнежи и различни мислења по овој закон, дали и кој кого може да разрешува, ќе добијат целосна законска верификација.

 

Ова барање до советот ќе го адресира членот на ЗНМ во МРТВ, вели во изјава за „Фокус“ претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

 

Репортери без граници: Во 2020 година убиени се 50 новинари, стотици починале од ковид

0

Скопје, 29.12.2020 –

Педесет новинари се убиени оваа година, соопштија Репортери без граници.

Повеќето од нив беа убиени затоа што работеа на теми како што се корупција или организиран криминал, наведува организацијата во годишниот извештај за слободата на медиумите. Има и неколкумина кои загинале при известување за демонстрации.

Седум од десет новинари се убиени во земји кои не се во војна. Најопасни земји за професионалните медиуми се Мексико, Ирак, Авганистан, Индија и Пакистан.

Според Репортери без граници, лани биле убиени 53 новинари во светот.

Репортери без граници забележуваат дека стотици новинари починале од Ковид-19, но не е јасно колку од нив се заразиле како резултат на извршување на професионалните задачи.

SafeJournalists: Српскиот портал „Јужнe вести“ добива смртни закани

0

Српскиот портал „Јужнe вести“ доби смртни закани насочени кон неговите вработени и нивните деца. Полицијата и единицата за технолошки криминал го испитуваат случајот.

На 21 декември, еден ден по објавувањето на извештајот за инцидент во Ниш, во кој член на обезбедувањето пукаше кон група мажи кои се приближуваа до приватен имот и повредија едно лице, новинарите кои работеа на порталот добија сериозни смртни закани, закани за силување и навреди. Пораките објавени во делот за коментари вклучуваат: „Моите искрени желби до сите новинари во Јужне вести е мигрантите дивјачки да ги силуваат вашите деца додека не умрат“, „Треба да ве обесат и тоа да се емитува со јавен пренос“ и „Треба да бидете обесени на дрва како украси”, утврдено е дека сите закани доаѓаат од една единствена IP адреса. Случајот е пријавен во полиција и Специјалното обвинителство за технолошки криминал го истражува случајот.

Зборувајќи за мрежата на „SafeJournalists“, Гордана Бјелетиќ, главен уредник на Јужни Вести, рече дека властите ги класифицирале заканите како загрозување на безбедноста:

„Очекуваме во најскоро време да се најде лицето кое на таков начин пишувало за малолетни деца на луѓе вработени во „Јужне Вести“. Ние ќе продолжиме да известуваме во согласност со професионалните стандарди, а не во согласност со расположението на екстремистите, поединци или групи, кои се секогаш подготвени да создадат мета кон новинарите и нивните семејства “.

Здружението на независни новинари на Србија, член на „SafeJournalists“ мрежата го поздрави одговорот на полицијата и јавниот обвинител и се надева дека сторителот ќе биде идентификуван и процесуиран.

„Лицето кое помисли и напиша такви ужасни и ирационални закани мора да одговара пред судот.“ – рече Жељко Бодрожиќ, претседател на Здружението на независни новинари на Србија и додаде дека ова не е првпат новинарите на „Јужне Вести” да бидат мета на мета поради нивната професионална и храбра работа. „Овие новинари се соочија со закани, притисоци и навреди од моментот на формирање на медиумите. Тие заслужуваат почит и поддршка, но секако и целосна заштита. Искрено се надеваме дека овој инцидент ќе биде последен“.

Мрежата на „SafeJournalists“, што претставува повеќе од 8.200 професионални медиуми во Западен Балкан, се придружува на својот член Здружението на независни новинари на Србија за поддршка на порталот „Јужне Вести” и го поздравува брзото започнување на истрагата од страна на властите. Сепак, тоа не е доволно – врз основа на извештаите од Здружението на независни новинари на Србија , бројот на закани испратени до новинарите преку интернет, вклучително и брутални смртни закани, слични на оние што ги прими порталот „Јужне Вести”, се зголемува. Судската пракса нема ефект на одвраќање, туку тотално спротивно. Со оглед на моменталната атмосфера во Србија, од најголема важност е државните функционери да започнат да ги осудуваат ваквите инциденти, јасно и јавно да повикуваат на вакви инциденти да не се повторуваат. Очекуваме реакција од највисоките функционери и од оние на локално ниво.

Ние ќе ги информираме релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

 

Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 26.12.2020

 

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на БХ

Здружение на хрватски новинари

Здружение на независни новинари на Србија

Синдикат на медиуми на Црна Гора

„SafeJournalists“: Косовскиот новинар Сила, нападнат сред бел ден

0

Косовскиот новинар Валон Сила бил нападнат од човек кој го замолил повеќе да не го прикажува на ТВ. Инцидентот, навидум предизвикан од критичките ставови на Сила кон косовската дијаспора, беше снимен од граѓани кои беа сведоци на настанот.

Осомничениот се пријавил во полиција и се води истрага.

На 22 декември, додека си шетал во Приштина, Валон Сила, новинар на интернет порталот „Газета Метро“, му пришле тројца непознати мажи. Еден од нив го прашал „Дали си ти Валон Сила?“. Со цел да се избегнат проблеми, Сила негирал и продолжил да си оди. Човекот потоа го зграпчил и му рекол: „Дали можеш никогаш повеќе да не се појавуваш на ТВ? Или никогаш повеќе да не говориш јавно?” и физички го нападнале Сила, додека другите двајца кои биле со напаѓачот ја набудувале ситуацијата. Нападот траел околу 30 секунди, а бил снимен од околните граѓани. Сила успеал да се извлече и да повика полиција. Врз основа на добиените информации од полицијата, осомничениот пријавил во полиција придружуван од адвокат, било земено изјава и ставен под 48-часовен притвор.

Откако Сила беше информиран за идентитетот на осомничениот, сфатил дека лицето, кое живее во странство, е во врска со некој што претходно коментирал на неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук.

„Мислам дека нападот се случи поради дебатата што отсекогаш сакав да ја започнам – за насилното општество, кое не прифаќа критики или поинакво мислење.” – изјави Сила, кој е познат по своите критички ставови кон дијаспората.

Здружението на новинари на Косово (АЈК), член на мрежата на „SafeJournalists”, го осуди нападот и побара итна и сериозна реакција од властите.

„SafeJournalists“ мрежата, која претставува повеќе од 8.200 професионалци во медиумите од Западен Балкан, ја споделува загриженоста на своите членки. Фактот што осомничениот пријавил во полиција е охрабрувачки. Сепак, има новинари на Косово на кои им се заканувале и напаѓале, а чии случаи сè уште траат во судскиот систем.

Предупредуваме дека без доследна судска пракса што би ги спречила идните напади, не може да има напредок во областа на безбедноста на новинарите, слободата на изразување и слободата на медиумите. За тоа е потребна одговорност на полицијата, обвинителот и судовите.

Мрежата на „SafeJournalists“ ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.

 

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

 

Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 23.12.2020

 

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на БХ

Здружение на хрватски новинари

Здружение на независни новинари на Србија

Синдикат на медиуми на Црна Гора

Мрежата “SafeJournalists” бара од ОБСЕ, Европската комисија и Советот на Европа да постапат во врска со употребата на прекумерна сила врз новинарите од страна на полицијата во Албанија

0

Мрежата на „SafeJournalists“ испрати писмо до г-дин Оливер Вархели, Европски комесар за соседство и проширување, г-ѓа Тереза ​​Рибеиро, претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите и    г-ѓа Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, повикувајќи ги да го остварат влијанието на нивниот авторитет и решително да упатат барање од албанската влада да спречи употреба на прекумерна сила од страна на полицијата против новинари и медиумски професионалци. Да се обезбеди максимална безбедност на новинарите кои известуваат од протести и го ризикуваат сопствено здравје и безбедност за да им обезбедат на граѓаните објективни информации.

Во писмото на мрежата се наведува дека здруженијата на новинари од регионот на Западен Балкан предупредуваат за евидентирана употреба на прекумерна сила врз новинарите, произволни притвори и кршење на нивните човекови права. Регионалната мрежа на новинарски организации од Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија изразија загриженост дека со оглед на тоа што протестите веројатно ќе продолжат, припадниците на полициските сили нема да се двоумат повторно да напаѓаат новинари и други медиумски професионалци.

Во своето писмо, „SafeJournalists“ мрежата наведе дека бараат само да се почитува законот и да им се дозволи на новинарите да ја вршат својата работа без никакви пречки и тоа:

„Право на новинарите да известуваат од јавен интерес, без страв дека ќе бидат загрозени, физички нападнати, приведени, уценети, запленета нивната опрема и материјал избришан од полицијата, или членовите на јавноста се заштитени со различни национални и меѓународни законодавства. Албанија е исто така потписник на различни конвенции, како што се Европската конвенција за човекови права, Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и други “.

 

Во писмото се предупредува дека во период од четири дена биле пријавени четири инциденти, сите од припадниците на полициските сили меѓу кои:

 

  • На 11 декември, полицијата го приведе Џои Малесиа, новинар и водител на вести во Ора Њуз” РТВ, додека ги снимаше протестите.
  • На 11 декември, Ќамил Џани, главниот уредник на весникот Коха Јоне”, исто така беше приведен додека бил на должност.
  • На 12 декември беа пријавени два инциденти против новинари од припадници на полициските сили во градот Драч:
  • Уредникот на Драч Лајм”, Шефкет Дука, беше запрен од полицијата додека ги напушташе просториите на медиумите во близина на плоштадот Лирија каде се одржуваа протестите.
  • Алдо Мустафа, локален новинар на телевизијата Сири.нет” во градот Драч, беше на должност и известуваше во живо од протестот кога беше нападнат од полицаецот и не му беше дозволено да снима и пријавува притвор за протестантите од страна на полицијата

 

Писмо на Здружението на новинари на Косово, Здружение на новинари на Македонија, Здружение на новинари на БиХ, Хрватско здружение на новинари, Здружение на независни новинари на Србија и Синдикат на медиуми на Црна Гора завршува со потсетување дека:

 

„Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани“.

 

За да дознаете повеќе за мрежата на „SafeJournalists“, посетете ја страницата www.safejournalists.net.

ЗНМ: Осуда за поттикнувањето омраза на пратеникот Апасиев кон новинарката Димковиќ од А1он

0

Скопје, 07.12.2020 –

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), ја осудува непримерната јавна комуникација со елементи на омраза на актуелниот пратеник и лидер на политичката партија „Левица“,  Димитар Апасиев кон новинарката Габриела Димковиќ – Мишевска од онлајн медиумот „А1он“.

Пратеникот Апасиев на својата фејсбук страница јавно ја етикетира и омаловажува колешката Димковиќ поради нејзините претходни написи во врска со измените на законот за финансирање на политички партии.

Преку ваквата непримерна комуникација освен обидот за јавна дискриминација на новинарката Димковиќ, нејзината уредничка Мери Јордановска и медиумот во кој тие работат, пратеникот Апасиев јавно провоцира и други лица да споделуваат погрдни зборови но и закани  упатени кон колешките и овој медиум. Фактот што овие закани како и говорот со елементи на омраза остануваат како одговор на претходната објава на пратеникот Апасиев, истите можат да поттикнат дополнителна омраза но и насилство кон новинарите. 

Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години. ЗНМ за овој инцидент ќе поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и ќе бара да се преземат дополнителни мерки од страна на МВР за овој случај.

Ова не е прв пат пратеникот Апасиев јавно да се пресметува со новинари и медиуми за кои не му се допаѓа како известуваат. За потсетување, минатиот месец, ЗНМ поднесе претставка за прекршување на етичкиот кодекс на пратеници до Собранието на РСМ поради јавното омаловажување на пратеникот Апасиев кон новинарот Боби Христов од ТВ Телма.