Home Blog Page 10

ЗНМ, ССНМ и СЕММ: МВР и ОЈО да го санкционираат говорот на омраза кон новинари

0

Скопје, 15.11.2020 –

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) најостро го осудува говорот на омраза на кој бевме сведоци изминативе неколку дена против повеќе новинари и една невладина организација и ги повикува надлежните органи и институции, пред се МВР и ЈО веднаш да реагираат, за да се стави крај на ваквите напади бидејќи тие директно задираат во слобадата на изразување и слободата на медиумите .

Во последниве неколку дена, новинарите Борис Георгиевски, Љупчо Поповски и Борјан Јовановски беа предмет на напади, омаловажувања, клевети и говор на омраза на социјалните мрежи поради тоа што имаа свое, поинакво видување на завршните зборови на коментаторот на мечот Грузија – Македонија, Тони Стојановски . Напоменуваме, дека аргументирано изразување на мислење за професионалноста или непрофесионалноста на одредена постапка е слободно изразување и не смее да биде предмет на говор на омраза, впрочем како што не смее да биде предмет на говор на омраза ниту коментаторот Стојановски за неговите завршни зборови .

Претходно предмет на напади и говор на омраза беше и целата редакција на агенцијата Мета, како и вработените во Фондацијата Метаморфозис, а предмет на навреди и напади беше и колегата Боби Христов и тоа по недоличните коментари од страна на претседател на партија и пратеник .

Слободни медиуми и новинари се основа на функционирањето на секое демократско општество, а предуслов за таа слобода е и можноста за работење на медиумските професионалци во атмосфера ослободедна од закани и навреди .

Новинарите работат за јавноста и дозволено е нивните постапки да бидат предмет на критика, но само доколку таа е аргументирана, културна и не предизвикува говор на омраза, повици за загрозување на нивната безбедност и слично .

Истовремено ги повикуваме медиумите, особено дел од онлајн медиумите, да не пренесуваат/објавуваат пораки со пропагандистичка содржина кои ја подгреваат и онака зовриената атмосфера

ЗНМ, СЕММ, ССНМ и МИМ: осуда за говорот на омраза на социјалните мрежи по објавениот текст на „Лидер“

0

Скопје, 13.11.2020 –

Здружението на новинарите (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) го осудуваат говорот на омраза против тимот на невладината организација „Метаморфозис“ што интензивно се шири на социјалните мрежи по објавувањето на текст во порталот „Лидер“ со наслов „(ФОТО) ова се луѓето кои бришат содржини од Фејсбук во Македонија“.

Со неодговорното објавување на ваквите тенденциозни содржини, во коишто не се почитуваат елементарните правила на новинарското известување, вклучувајќи го нарушувањето на приватноста и неконтактирањето на засегнатата страна, не само што се нанесува голема штета врз угледот на вработените во оваа организација, туку се загрозува и нивната безбедност преку експлицитните повици на социјалните мрежи за јавен линч и физичка ликвидација. Истите последици ги предизвикуваат и медиумите коишто одлучија да го реобјават текстот на „Лидер“. Загрижувачки е и фактот што текстот е споделен и на профили на социјалните мрежи на политички субјекти во државата.

Сите медиуми коишто објавуваат содржини на социјалните мрежи, во исто време, се одговорни да ги бришат коментарите што содржат експлицитен говор на омраза, а истото важи и за „Лидер“.

Во исто време, го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе итна истрага преку која ќе се утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваа говорот на омраза преку коментари на социјалните мрежи, а потоа Основното јавно обвинителство да покрене и случај преку кој тие ќе ги бидат санкционирани во согласност со Кривичниот закон. Овие две институции потребно е да ја разберат сериозноста на неказнивоста на говорот на омраза во Република Северна Македонија, кој мора да престане со цел да се избегнат и делата од говор на омраза. Зачестената присутност на говорот на омраза ја наметнаа потребата на овој феномен да се спротивставиме на систематски и заеднички начин.

Залудни би биле сите напори на професионалната новинарска и медиумска заедница доколку нема одговор од институциите кои се надлежни да го санкционираат говорот на омраза.

ЗНМ: Драматичен пораст на напади кон новинарите – бараме итни решенија

0

Скопје, 02.11.2020 –

По повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите ЗНМ денеска одржа прес конференција на која претседателот и членовите на Управниот одбор на Здружението упатија неколку важни пораки.

Првата порака е упатена до јавноста и до политичките партии дека професионалните новинари не треба и не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија.

Втората порака беше упатена до Основното јавно обвинителство со барање сите напади  и закани врз новинарите и медиумските работници итно да се процесуираат. На овој начин ќе се придонесе кон заштита на демократијата во земјава.

„Бараме во следниот период Министерството за правда да направи измени во Кривичниот законик. Со измените треба да се прошири надлежноста на обвинителството да постапува по службена должност по кривични дела поврзани со напади и закани на новинари и да се зголемат казните кон напаѓачите. Во исто време од Основното Јавно Обвинителство бараме да формира посебно одделение кое ќе ги гони напаѓачите на новинарите“, истакна Младен Чадиковски,  претседател на ЗНМ.

Новинарите и медиумските работници играат клучна улога во нашата земја како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел на секое демократско општество. Оваа година споредбено со минатите, новинарите често се соочуваат со вербални и физички напади само поради вршење на своите професионални обврски, додека насилниците остануваат неказнети. Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана.

Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на оваа година до овој момент бележиме вкупно 14 напади и груби закани кон новинари од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше четири што значи дека оваа година нападите и заканите се три пати повеќе. Иако физичките напади се намалени сепак загрижува фактот дека се повеќе закани по животот кон новинарите се забележуваат на социјалните мрежи. Во оваа насока, дополнителни напори треба да вложи и Министерството за внатрешни работи со санкционирање на сторителите, а за посериозните случаи да бара од ОЈО да покренува кривични постапки.

Креирањето на безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници е редовно нотирано во извештаите за Република Северна Македонија во извештаите на Европската комисија. Затоа Владата треба посериозно да го земе ова прашање во предвид и да ги поттикне засегнатите институции не само да ги решат случаите на нападнати новинари туку и да превенира нови во иднина.

ЗНМ останува на располагање да биде конструктивен партнер во подобрување на регулативата за овие прашања но и за подобрување на судската пракса во согласност на практиките на Европскиот суд за човекови права. Исто така, ЗНМ ги повикува и сите новинари кои биле предмет на закани и напади да пријават во здружението со цел да добијат бесплатна правна помош и истите да ги следиме како ќе бидат процесурани од страна на органите на прогон.

ЗНМ и СЕММ: вербалните и сите други напади кон новинарите треба веднаш да престанат

0

Скопје, 24.10.2020 –

Периодов продолжуваат серија вербални или напади преку социјалните мрежи, како и закани кон новинарите во Република Северна Македонија. Во изминатите денови двајца колеги во одвоени инциденти, беа вербално нападнати од лица на кои не им се допаѓало известувањето за одредени теми.

Последните напади доаѓаат во пресрет на 2-ри ноември, Меѓународниот ден против неказнивоста на нападите кон новинарите. Овие напади се само дел од низата регистрирани последнава година,  вкупно 14 на број. Укажуваме дека само еден случај на закана кон новинарка, беше решен со судска пресуда во 2020 година, што е разочарувачки.

Новинарот Мартин Богатиноски од Плусинфо посведочи дека бил предмет на вербален атак од страна на свештено лице на МПЦ-ОА. Според колегата Богатиновски, на погребот на негово блиско лице од семејството, имало инцидент од страна на присутниот поп, кој вербално го омаловажувал новинарот на Плусинфо поради претходно објавени текстови во врска со МПЦ-ОА. Во укажувањата од колегата Богатиновски се вели дека инцидентот се случил откако новинарот побарал објаснување од попот, зошто не е дозволено свештеник од Православната охридска архиепископија (ПОА) да учествува на верскиот чин на погребот.

„Попот многу се вознемири кога слушна каде работам, па веднаш ме нападна дека ние новинарите од Плусинфо сме задртени новинари, што и да му значеше тоа. Потоа, рече дека сме предавници, неверници и продадени души, наведувајќи колку му пречи тоа што на Плусинфо се објавувале бројни текстови против МПЦ-ОА, пишува Богатиновски.

Денеска колегата Богатиновски на неговиот профил на социјалните медиуми укажа дека истиот поп телефонски се јавил на неговите родители по што заканите продолжиле.

Во друг инцидент, новинарката Памела Цилаков дописник за Велес од Македонската радио-телевизија (МРТ) вели дека родители на деца од подрачното основно училиште во село Клуковец „Васил Главинов“, за кое таа изготвувала сторија, вербално ја нападнале. Вербалната расправија според Цилаков, дошла до ниво во кое таа стравува дека може да биде и физички атакувана. Откако сторијата за овој инцидент ја објавил локален портал, Цилаков добила низа на непријатни пораки преку Фесјбук од жителите на истото село, со закани дека ќе ја тужат и пријават во полиција поради давање лажен исказ.

Во континуитет укажуваме дека работата на новинарите е јавна, а нивното право на слободно известување е неприкосновено право. Сепак, вербалните напади врз новинарите продолжуваат и нема санкции.

Освен јавна осуда на овие инциденти, ЗНМ и СЕММ бараат да има и формално проследување на настаните од страна на одговорните институции и службените лица. Истовремено, очекуваме и дека МПЦ – ОА ќе се огради од неодговорните настапи на поединци кои се дел од МПЦ -ОА, и  воедно ќе им укаже дека односот кон јавноста мора да биде проследен со одговорен, а не насилнички пристап, секогаш, па  дури и кога не се согласуваат со ставовите на новинарите и граѓаните.

Недозволив е сензационализам во известување за лични трагедии

0

Скопје, 16.10.2020 –

По сообраќајната несреќа што се случи пред два дена, на улица Рузвелтова во Скопје, од чии последици животот го загуби едно лице, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Здружението на новинари (ЗНМ) со загриженост реагираат на ширењето шпекулации и невистини преку некои медиуми, како и на сензационалистичкото известување во врска со овој настан.Веднаш по инцидентот во повеќе медиуми беа објавени речиси идентични содржини во кои се тврди дека возачот бил под дејство на алкохол, без да има каква било официјална потврда за тоа.

Напротив, истите тие медиуми се повикаа на информации од сведоци, што подоцна се покажаа како неточни. Им укажуваме на медиумите дека сензационалистичкото известување во јавноста не смее да го замени професионалното и етичкото известување во кое е потребно да се води сметка и за последиците од трагедијата за семејството.

Објавувањето на фотографиите од настанот веднаш по несреќата на коишто беше забележлива и регистарската табличка на автомобилот е во спротивност со членот 7 од Кодексот на новинари, според кој новинарите и уредниците треба да ја почитуваат приватноста на личноста, како и личната болка и жалост, како и во спротивност со членот 8 според кој „начинот на информирање во случаи на семејни трагедии мора да биде ослободен од сензационализми“. Освен тоа, им укажуваме на уредниците дека сносат одговорност што со објавувањето на таквиот материјал овозможуват и негова понатамошна поширока дистрибуција и пристап до него од ранливи категории граѓани и малолетни лица, што би можело да предизвика дополнителна вознемиреност и последици од таквото известување. Во исто време остро го осудуваме и говорот на омраза што се појави на социјалните мрежи во врска со случајот.

Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе итна истрага преку која ќе се утврди идентитетот на лицата кои го поттикнуваа говорот на омраза, а потоа Основното јавно обвинителство да покрене и случај преку кој тие ќе ги бидат санкционирани во согласност со Кривичниот закон. Овие две институции потребно е да ја разберат сериозноста на неказнивоста на говорот на омраза во Република Северна Македонија, кој мора да престане со цел да се избегнат и делата од говор на омраза. Во битката за стекнување поголема публика не смее да настрада професионалното новинарство и улогата на медиумите како активен и објективен набљудувач на случувањата.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ: Осуда за заканите и дискредитациите кон новинари

0

Скопје, 12.10.2020 –

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) ја осудуваат непримерната јавна комуникација со обид за дискредитација, проследена со закани со тужба, кон нашите колеги од онлајн медиумот „А1он“ од страна на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.

Во соопштението потпишано од Димова и Зоран Златковски, управител на „В.Е.З. Трејд“, објавено како реакција на текстот објавен од „А1он“ со наслов „Скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација“, има тенденција за дискредитирање на авторот на текстот, како и обиди за утврдување и оценување на новинарските стандарди, што е исклучиво работа на професионалната новинарска заедница. Неприфатливо е државни функционери од позиција на моќ да се закануваат со тужби за навреда и клевета кон новинари, бидејќи тоа речиси во сите случаи се толкува како притисок врз медиумите и слободата на печатот и обид за наметнување на цензура.

Потенцираме дека јавните личности, особено избраните и именуваните функционери се подложни на јавна критика и тоа треба да го прифатат како дел од нивната работа. Ги упатуваме засегнатите наместо јавно да омаловажуваат новинари и да се бават со новинарска етика, да се обратат до Советот за етика во медиумите во Македонија или Советот на честа во ЗНМ, но и да го искористат правото на демант доколку е тоа нужно.

Истовремено, апелираме до новинарите и медиумските работници да се придржуваат до кодексот на новинари и до професионалните и етички стандарди и при објавување на содржини за евентуална злоупотреба на јавни фондови внимателно да ги земат во предвид сите кредибилни извори на информации.

Европската Комисија со потврда за активностите на Здружението на новинари (ЗНМ) и на Советот за етика во медиумите (СЕММ)

0

Скопје, 08.10.2020  –

Во Извештајот за напредокот на земјата интензивирањето на заложбите за саморегулација се посочува како фактор за напредок на професионалните стандарди и квалитетот на новинарството, а во делот поврзан со слободата на изразување се нотира и формирањето на Регистарот на онлајн медиуми (promedia.mk) од страна на ЗНМ и СЕММ, како механизам за саморегулација во оваа сфера низ доброволно приклучување на медиумите. Токму главната цел на овој Регистар е да ѝ помогнеме на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат критериумите за членство и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење и оваа идеја е препознаена од страна на Европската комисија.

Генералната оценка во извештајот, во однос на Поглавјето 23, во делот на слободата на изразување, е дека: „Земјата има одредено ниво на подготвеност / е умерено подготвена во областа на слободата на изразување и е постигнат ограничен напредок во текот на периодот на кој се однесува извештајот“. 

Понатаму, се додава дека „целокупната состојба и климата во која што дејствуваат медиумите остануваат генерално погодни за нивната слобода и овозможуваат критичко известување“. Но, сепак реалноста потврдува дека сè уште постојат ограничувања за слободен и непречен пристап на медиумите до информации, особено во контекст на кризата предизвикана од ковид-19, но и случаи во коишто извесен број на медиуми сериозно потфрлиле во исполнувањето на својата улога да информираат во интерес на јавноста.

ЗНМ и СЕММ потсетуваат дека повеќепати е укажано на политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кога се обидувале да ја избегнат својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста и кога медиумите ги претставувале или третирале како непријателска страна, барајќи од нив сериозен однос кон процесот на информирање, без рестрикции, импровизации и фаворизирање. И покрај неколкуте позитивни примери во кои имало јавно извинување за односот кон новинарите, сепак во извештајот е истакнат проблемот дека „политичарите и јавните функционери потребно е да имаат поголем праг на критика и да го промовираат начелото на слобода на изразување“.  

Проблеми во новинарското известување беа забележани и во предизборниот и изборниот период во државата, а ЗНМ и СЕММ реагираа и ги предупредија медиумите дека со тоа не само што сериозно ги нарушиле етичките стандарди и норми за известување, туку и се однесувале во спротивност со Изборниот законик, на штета на изборниот процес и послужиле како орудие во рацете на партиски центри.

Двете организации веќе реагираа дека дел од онлајн медиумите каде што беа забележани ваквите случаи се наоѓаат на списокот на Државната изборна комисија за платено политичко рекламирање со парите на сите граѓани, од Буџетот и дека со непочитувањето на фундаменталните принципи на известување тие се ставале во ист кош со професионалните редакции.

Во делот кој се однесува на заплашување кон новинарите, се цитира статистиката на ЗНМ за напади кон новинари, а препораката е слична и на минатите години и вели дека треба да се: „обезбеди брзо и ефективно следење од страна на органите за спроведување на законот и судските органи на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинари“.

Извештајот, исто така, се осврнува и на проблемот кој се однесува на платената политичка програма и вели дека „новата пракса политичките партии да користат јавни фондови за оваа намена создава грижа помеѓу новинарските асоцијации дека има можност да се влијае на независноста на медиумите“.

Реформата на јавниот сервис и оваа година не е изоставена во извештајот на ЕК и во овој дел се констатира проблемот за независноста на финансирањето, како и фактот дека МРТ добива помалку пари кои се предвидуваат со закон, а ова го доведува во прашањето и на функционирањето на овој медиум.

Со оглед на фактот што клучните забелешки од Брисел се однесуваат, всушност, на проблеми што и нашите организации ги нотираат, и СЕММ и ЗНМ, уште еднаш, заеднички апелираат да се засилат напорите, пред сè, од страна на институциите на државата во овозможувањето на услови за непречена работа на новинарите и на медиумите. 

Паралелно со тоа бараме и поголема одговорност во однос на етичкото известување на медиумите, особено во услови на општествени кризи и предизвици.

Осуда за повторните закани и омаловажување на Тозија од Агенција за филм

0

Скопје, 30.09.2020 –

Здружението на новинари на Македонија повторно алармира за непримерниот однос на директорот на Агенција за филм Горјан Тозија кон новинари.

Колешката Сунчица Уневска Гвозденович која долги години не само што промовира професионално новинарство туку е и почитувана како филмски критичар, неодамна пријави во ЗНМ дека била предмет на закани и омаловажување од страна на директорот Тозија. Тој на нејзиниот профил на социјална мрежа и се заканил дека ќе ја тужи за клевета, а потоа и упатил лични дискредитации и навреди поврзани со работата на колешката Уневска.

Смешна си ти со своето незнаење и злоба, да беше во друга држава немаше да ти дозволат да напишеш реченица, ама простотата и злобата ќе се потрудам да ја правдаш пред суд… срам да ти е, излезе долна, злобна, лажливка која одработува од инает и незнаење… за жал немаш веќе време, ќе си останеш така запаметена, штета што некој ти дал право на јавен збор и простор да го злоупотребуваш.” се вели во пораката до Уневска од профилот на директорот Тозија.

Освен погрдните зборови во пораките упатени кон Уневска, Тозија во својата порака нечовечки алудира на личните, сериозни здравствени проблеми кои ги има колешката Уневска. Ова е скандалозен и низок начин на комуникација од одговорно лице на јавна установа кон новинар. ЗНМ ќе ја извести и Владата на РС Македонија за овој инцидент и ќе побара од надлежните Тозија да сноси политичка одговорност за овој однос со кој се нарушува и угледот на Агенцијата за филм, која тој ја застапува.

Минатата недела добивме и пријава од колегите од дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК дека Тозија се заканува преку адвокатска канцеларија за три тужби за клевета за претходни текстови на овој медиум поврзани со работата на Агенцијата. Потсетуваме дека лице кое има јавна функција треба да има поголем капацитет за критика, а кога се заканува со тужби кон новинарите тоа се смета како притисок и придонесува за зголемување на самоцензурата.

ЗНМ: Истрагата на ОЈО за изборното рекламирање треба да е транспарентна и неселективна

0

Скопје. 17.09.2020 –

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека истрагата во однос на платеното политичко рекламирање треба да е транспарентна, ефективна и со неселективен пристап.

Основното Јавно Обвинителство информираше дека е отворена истрага за платеното политичко рекламирање од последните избори во дел од он лајн медиумите кои беа пријавени во Државната изборна комисија на последните избори. Според ОЈО и објавите на медиумите за оваа тема, се проверува документацијата во три фирми дали е надминат законскиот лимит од 15 илјади евра за рекламирање во вкупно девет портали каде ВМРО ДПМНЕ се рекламирала.

Бараме од обвинителството со внимателност да пристапи кон понатамошната истрага со цел да не се создаде впечаток во јавноста дека истрагата е селективна, зошто во регистарот на ДИК имаше пријавено 235 он лајн медиуми со различни уредувачки политики. Освен ова, истрагата треба да е транспарентна и непристрасна со цел да се избегне перцепција дека со вакви активности органите на прогонот сакаат да ги заплашат професионалните он лајн медиуми.

Потсетуваме дека пред усвојувањето на Изборниот законик, ЗНМ инсистираше на укинување на праксата на платена политичка пропаганда во медиумите или за појаснување и прецизирање на критериумите, за тоа кои он лајн медиуми можат да се пријават во ДИК за платена политичка програма.

Наместо усвојување на нашите препораки, политичките партии со консензус уште повеќе ги намалија критериумите за тоа кои онлајн медиуми можат да се пријават за да земат дел од рекламниот колач на партиите. Речиси половина од медиумите кои беа пријавени во ДИК немаа импресум, а дел немаа ниту основни информации за сопственоста.

За овој ризик од корупција дозволен со Изборниот закон, ЗНМ алармираше во повеќе наврати, дека претставува ризик за перење на јавни пари од страна на политички партии преку фиктивни медиуми.