Home Blog Page 18

ЗНМ на средба со Јовески: ОЈО да престане со прогонот кон Кежаровски

0

СКОПЈЕ, 31.05.2019 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија се сретнаа со Јавниот обвинител Љубомир Јовески. На средбата се разговараше за неколку теми, меѓу кои, предметот на новинарот Томислав Кежаровски, нападот врз телевизиската екипа на ТВ21 и можните точки на соработка меѓу обвинителството и новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски побара да биде повлечено обвинението против колегата Кежаровски, откако Врховниот суд го врати неговиот предмет на повторно судење. Чадиковски истакна дека овој предмет веќе долго време го руши имиџот на државата во делот на слободата на изразување и како таков мора што побрзо да заврши.

ЗНМ побара од ОЈО да покрене истрага и да ги истражи сите наоди кои беа презентирани во јавноста во врска со неодамнешниот напад врз екипата на ТВ21, во кој беа нападнати новинари од страна на лица блиски до градоначалничката на Општина Арачиново.

Се разговараше за организација на заеднички обуки за новинари и обвинители со цел да се подобри известувањето на новинарите и постапувањето на обвинителите за случаи поврзано со слобода на говорот.

Јавниот обвинител Јовески вети дека ќе се заинтересира за предметите за насилство против новинари и ќе ги провери сите наоди кои му беа презентирани на средбата.

Чадиковски во посета на СЈО: Да се отфрли обвинението против Божиновски

0

СКОПЈЕ, 28.05.2019 – Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски денеска оствари средба со обвинители на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО). На средбата се разговараше за текот на предметот кој СЈО го води против Зоран Божиновски.

Во пресрет на рочиштето кое треба да се одржи утре во 12:00 часот во Кривичниот суд во Скопје, Чадиковски истакна дека со обвинението за шпионажа,  покрај Турција, Македонија е единствена земја во Европа каде постојат вакви обвиненија против новинари. Овој судски процес може сериозно да влијае на имиџот на државата во светот и пред релевантните институции кои ја мерат слободата на медиумите.

„Ваквите обвиненија создаваат ефект на цензура во новинарската фела и негативно влијаат на репутацијата на земјата и затоа потребно е да се повлече ова обвинение против Божиновски кое се води предолго, надвор од разумните рокови“, истакна Чадиковски. Потсетуваме дека Здружението на новинарите на Македонија ќе продолжи да ги набљудува овој, но и сите останати процеси кои се водат против новинари во нашата земја. На средбата, исто така беше побарано СЈО при постапувањето да се води во согласност со сите меѓународни конвенции особено Европската конвенција за човекови права и демократските практики кои ги бара Советот на Европа.

Од страна на СЈО беше покажано разбирање за ставот и искажаните барања и се заложија уште еднаш да ги разгледаат истите.

ЗНМ: Да се отфрли обвинението против Кежаровски

0

СКОПЈЕ, 20.05.2019 – Утрово Здружението на новинарите на Македонија одржа седница на Управниот одбор по повод укинувањето на пресудата против новинарот Томислав Кежаровски и одлуката на Врховниот суд за враќање на предметот на повторно судење. На седницата ја разгледaвме одлуката на Врховниот суд за предметот на Кежаровски и едногласно одлучивме дека ЗНМ до крај ќе инсистира на правичност на Судот и Обвинителството во постапувањето по овој случај се дури Кежаровски не биде ослободен од обвинението.

Во изминатите неколку години ЗНМ континуирано даваше поддршка на колегата Кежаровски и тој став принципиелно ќе го брани се додека не биде задоволена правдата. Затоа, бараме Основното јавно обвинителство да го повлече обвинението против колегата Кежаровски, кој беше неправедно обвинет, а потоа и осуден. Со еден ваков потег ОЈО ќе покаже дека конечно одлучува независно и непристрасно во интерес на правдата. Со оглед на тоа дека Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување, го повикуваме и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението и со тоа да покаже дека во оваа држава слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право.

Ова претставува одлична можност за Основното јавно обвинителство и Кривичниот суд да демонстрираат правичност и конечно да стават крај на еден долг и неправеден предмет што се води против новинарот и доскорешен Заменик Претседател на ЗНМ, Томислав Кежаровски.

Потсетуваме дека поради овој случај, Македонија како една од единствените земји која имаше новинар во затвор, беше посочена како неслободна земја во која не се почитуваат новинарските права и слободи. Со страдањето на Кежаровски настрада и имиџот на нашата земја пред светот и тоа беше забележано во сите извештаи. Не би сакале тоа да се повтори.

Затоа, сега е време таа неправда да се исправи и да се покаже дека институциите во Македонија имаат капацитет да овозможат амбиент во кој новинарите и медиумските работници ќе можат слободно и безбедно да ја вршат својата работа во интерес на јавноста.

ЗНМ и понатаму ќе продолжи активно да го следи овој предмет преку мониторинг на работата на правосудните органи се до конечната слобода на Кежаровски.

Кежаровски беше обвинет за откривање на идентитетот на заштитен сведок, меѓутоа јавноста знае дека тој во своите написи не го откри идентитетот, а потоа во постапката се покажа дека заштитениот сведок бил лажен. Со ова е очигледно дека неговиот предмет беше монтиран со цел да биде згасната неговата критика.

Собранието да ги забрза реформите, a Владата да се воздржи од оценки за работата на МРТ

0

СКОПЈЕ, 10,05,2019 – Здружението на новинарите на Македонија реагира на заклучокот на Владата на Република Северна Македонија од 8-ми мај, со кој се дава оценка за работата на Македонската радио телевизија. Во заклучокот се вели дека Македонската радио телевизија не ги исполнила професионалните и етичките новинарски стандарди за обезбедување уредувачка независност, непристрасност и објективност во информирањето. Неспорно е дека МРТ во минатото беше критикувана во повеќе меѓународни извештаи дека пропуштила да известува професионално за настани од јавен интерес. За потсетување, во извештајот на Репортери без граници беше наведено дека реформата во МРТ е изоставена и дека јавниот сервис и понатаму служи на интересите на поранешната власт.

Укажуваме дека според членот 104 од ЗААМУ, Македонската радио телевизија како јавен радиодифузен сервис е независна од кој било државен орган, друго јавно правно лице или трговско друштво и треба во уредувачката и деловната политика да биде непристрасна кон нив.

Сепак, потенцираме дека Владата не е надлежна институција која треба да ја оценува работата на медиумите. Ја повикуваме Владата да не се впушта во оценки за професионалните стандарди на медиумите, бидејќи со тоа излегува од својата надлежност и ја презема работата на медиумските (само)регулаторни тела. Истовремено, го повикуваме Собранието на РСМ, итно да го продолжи процесот за избор на нов состав на Програмскиот совет на МРТ, како предуслов за реформа на јавниот сервис со што ќе се придонесе кон негова професионализација, кревање на стандардите, но и развивање на дописничката мрежа.

СЕММ, ЗНМ, ССНМ, МИМ: Очекуваме силни заложби за реформи во медиумите

0

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), по повод Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај потсетуваат на потребата од сериозен ангажман на сите релевантни актери околу крупните реформски чекори во медиумскиот сектор во државата.

Во изминатиот период се преземени извесни напори кои што резултираа со подобрување на амбиентот во кој работат новинарите и медиумските работници, што, пак, го подобри имиџот на државата во меѓународните извештаи за слобода на медиумите во светот. За илустрација, нашата земја е рангирана на 95-то место според последниот светски Индекс за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, скокајќи 14 места во однос на претходниот извештај за 2018 година.

Сепак, потсетуваме дека клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, меѓу кои се реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор. Освен тоа, комерцијалните медиуми и понатаму се соочуваат со силни предизвици поради малиот и ограничен маркетиншки пазар, што, пак, влијае врз квалитетот на медиумските содржини.  Во исто време, апелираме до власта и институциите на системот секое решение во однос на подобрување на состојбите во новинарството и медиумските содржини да биде во координација и усогласено со професионалната медиумска и новинарска заедница во државата.

Во првата половина од 2019 година бележиме повеќе инциденти во кои што се повредени правата на новинарите, снимателите и останатите медиумски работници, на што ние, како организации кои ги штитат интересите на новинарите, постојано укажуваме. Го повикуваме Основното јавно обвинителство и судовите да ги обработат и доведат до завршница случаите на повреда на правата на новинарите, како и случаите на говор на омраза, со цел да се надмине долгогодишната пракса на неказнивост, спречувајќи ја на тој начин неправдата кон новинарската и медиумската заедница.

Потсетуваме и на потребата од преземање итни мерки во однос на работничките права на новинарите и медиумските работници, имајќи предвид дека половина од нив се без договор за вработување на неопределено време, а особено во сферата на онлајн медиумите. Во таа насока, од институциите на системот очекуваме санкционирање на постојаните прекршување на Законот за работни односи и обезбедување атмосфера која ќе поттикнува социјален дијалог и решавање на прашањето на работните услови.

Четирите организации и во иднина ќе се залагаат за силно промовирање на медиумската саморегулација како механизам за унапредување на професионализмот, етиката и независноста во медиумите, спречување на влијанието на различни центри на моќ и исполнување на правото на јавноста за квалитетно и независно информирање.

Во пресрет на вториот круг на претседателските избори во државата, четирите организации ги потсетуваат медиумите на нивните обврски да известуваат професионално и во согласност со Повелбата на СЕММ за етичко известување на медиумите, чии принципи се следниве:

-вистинитост и објективност

-избалансираност

-јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите

-чесност и независност

-професионална солидарност меѓу медиумите

-уредувачка независност и професионален интегритет

-почит и толерантност

-слобода и одговорност.

Продолжуваме и понатаму со интензивната соработка со нашите значајни меѓународни партнери Европската федерација на новинарите (EFJ) и Меѓународната федерација на новинарите (IFJ). Заедно застануваме во поддршка на овогодинешната кампања на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) „Улогата на медиумите во изборите и демократијата“, која се залага на медиумите да им се овозможи пристап до слободни и  разновидни информации, независни од влијанијата на центрите на политичка и економска моќ.

Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)

Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Македонски институт за медиуми (МИМ)

Екипа на Алфа ТВ попречена во работата од страна на приватното обезбедување на Скопје Сити Мол

0

СКОПЈЕ, 02.05.2019 – На 1-ви мај 2019 година, пред влезот на трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ снимател и новинар од Алфа ТВ биле грубо попречени во вршење на своите работни задачи. Припадници на приватната агенција за обезбедување „ОСА“ им пристапила на снимателот и новинарот на тротоарот пред влезот на трговскиот центар Скопје Сити Мол и наредиле да не снимаат и да го напуштат просторот.

По пријавата од страна на екипата на АЛФА ТВ до ЗНМ, остварен е контакт со менаџерите на оваа агенција за обезбедување. Од таму велат дека ќе го преиспитаат настанот и ќе преземат мерки за утврдување одговорност кон лицата од нивната агенција кои евентуално ги пречекориле своите овластувања. Освен тоа, од „ОСА“ додаваат дека се извинуваат на снимателот и новинарката доколку на било кој начин ја попречиле нивната работа.

ЗНМ ќе достави и барање за испитување на овој случај до Комората за приватно обезбедување на Република Северна Македонија со цел расчистување на овој инцидент. Потребно е да се знае дека припадниците на агенциите за приватно обезбедување во ниеден случај не смеат да ја ограничат работата на снимателите и новинарите кои известуваат, особено од јавен простор.

Избрано раководството на Секцијата на спортски новинари при ЗНМ

0

СКОПЈЕ, 20,04,2019 – Денеска во просториите на Клубот на новинари се одржа Изборното собрание на секцијата на спортски новинари при Здружението на новинарите на Македонија. На настанот каде присуствуваа 40-тина спортски новинари, едногласно беше избран Перо Момировски како раководител на оваа секција.

Присутните заклучија дека во наредниот период раководителот на оваа секција ќе состави тим во кој ќе учествуваат уште неколку спортски новинари, со цел поефективна координација на ова тело во иднина.

Една од првите активности со кои ќе се бави Секцијата е подобрување на условите за работа на спортските новинари, преку олеснување на нивниот пристап до спортските активности и настани, како и унапредување на соработката со спортските федерации и клубови во државата и надвор.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ја поздрави оваа иницијатива и порача дека само сложно и солидарно може да се подобри амбиентот во кој работат спортските новинари. Тој им честиташе на колегите за нивната проактивност и укажа дека Здружението стои зад нив и ќе се посвети со целиот свој капацитет да ја поддржува секцијата во својата работа.

Ова е втора формирана секција во рамки на Здружението на новинарите на Македонија. Минатиот месец беше формирана секција на сниматели при ЗНМ, а во иднина најавено е формирање на посебни секции на млади новинари и на истражувачки новинари.

ЗНМ: „Репортери без граници“ велат дека има напредок, но потребна е посилна посветеност

0

СКОПЈЕ, 18.04.2019 – Северна Македонија бележи скок од 14 места на последниот индекс за слобода на медиумите на Репортери без граници и моментално се наоѓа на 95-то место од вкупно 180 земји во светот. За споредба, минатата година земјата се наоѓаше на 109-то место.

Според оценката на Репортери без граници, овој прогрес се должи пред се на намалувањето на бројот на напади врз новинарите во текот на 2018 година. Сепак, тие ги нагласуаат и негативните појави во медиумската сфера и тоа истите за кои и ЗНМ во претходниот период на повеќе наврати укажуваше и повикуваше на нивно решавање. Дел од овие проблеми се неспроведувањето на реформите во јавниот сервис (МРТ), потребата од измени и дополнувања на дел од медиумските закони како што се: Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, но и Изборниот законик. Сериозна забелешка во нивниот извештај е културата на неказнивност кога се повредуваат правата на новинарите со што се стимулира идно насилство кон новинарите и медиумските работници. Освен ова, критика се дава и за тенденцијата на одредени високи владини функционери кои се закануваат и навредуваат новинари.

„Добро е што земјата бележи прогрес во последниот извештај на Репортери без граници, но Владата, правосудните органи како и самите медиуми потребно е уште многу да работат со цел да се креира амбиент кој ќе биде поволен за работата на сите новинари и медиумски работници“ истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Тој уште еднаш потсети дека потребно е медиумските реформи да се вратат во фокусот на работата на Владата и Собранието, бидејќи само преку инклузиивен и транспарентен начин може да се дојде до квалитетни решенија, со кои ќе се олесни и подобри работата не само на МРТ, туку и на приватните медиуми. „На овој начин, може да се подобри довербата на граѓаните во медиумите, а нашата земја да го подобри својот имиџ во светот за нивото на слободата на изразување и независноста на медиумите и да го повтори успехот на светските индекси. Потсетуваме дека Македонија во 2007 година беше на 36 место на индексот за слобода на медиумите и ова треба да биде репер кога зборуваме на оваа тема“, рече Чадиковски.

Да не заборавиме дека во споредба со балканските земји Македонија се уште се наоѓа на претпоследно место, пред Бугарија, но зад Словенија, Грција, Хрватска, Србија, БиХ, Косово, Албанија и Романија, што потврдува дека треба уште многу да се работи.

Политичарите да престанат да етикетираат медиуми

0

СКОПЈЕ, 15.04.2019 – Здружението на новинарите на Македонија смета дека говорот на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со кој етикетира медиуми е непримерен и недоличен за еден лидер на политичка партија.

Мицкоски за време на митингот во Крушево, кажа дека СДСМ ги вклучило своите скапо платени главни уредници и медиуми да лиферуваат анкети. Настапот на Мицкоски коинцидираше со објавата на анкетата на ТВ Телма. Ваквите јавни настапи на политичарите се неприфатливи и претставуваат директна закана кон работата и уредничката независност на медиумите и служат да го дискредитираат начинот на кој тие работат.

Го повикуваме раководството на партијата ВМРО-ДПМНЕ да се извини на телевизијата и во иднина да се погрижи да не се етикетираат ниту медиумите ниту новинарите, бидејќи тоа може само да ја влоши состојбата на слободата на изразувањето во државата, а таквиот наратив може да поттикне напади врз новинарите, снимателите и фоторепортерите кои работат на терен.

Потсетуваме дека доколку политичарите или било кој друг има забелешки за начинот на кој известуваат медиумите можат да поднесат претставки до медиумските саморегулативни тела и тоа до Советот на честа при ЗНМ и до Советот за етика во медиумите во Македонија. Исто така, ги потсетуваме и медиумите кои известуваат за предизборната кампања дека треба да се придружуваат кон Етичкиот кодекс на новинарите и да објавуваат проверени и точни информации.