Home Blog Page 25

Ванхауте: Реформите во медиумите ќе опстојат само ако има политичка волја

0

СКОПЈЕ, 04.04.2018 – Понатамошен значаен напредок може да се постигне за неколку години, под услов Владата, а особено надлежниот министер, да останат вклучени во поддршката на слободното и професионално медиумско опкружување – вели белгискиот експерт во интервјуто за „Вистиномер.мк“ и „Мета.мк“.

Питер Ванхауте, медијаторот во разговорите меѓу политичките партии за време на процесот за постигнување на Договорот од Пржино неодамна престојуваше во Македонија по втор пат откако ја заврши својата мисија во 2016 година.

Еднаш беше по покана на ЗНМ во јуни 2017 година, веднаш по назначувањето на новата Влада, а сега како дел од тимот што ја подржа работилницата за спроведување на Итните реформски приоритети, организиран од Владата а инициран од Републиканскиот институт од САД. Можноста ја искористивме да поразговараме со Ванхојте за реформскиот процес во Македонија, фокусирано пред се на реформите во медиумите.

Веќе некое време сте надвор од Македонија. Свесен за ситуацијата во медиумите за време на вашиот престој и вашата вклученост во медиумските реформи, може ли да видите подобрување? Ако да, во кои сектори: МРТВ, печатените медиуми, законодавство …?

Кога заминав пред неколку години, состојбата со медиумите беше многу лоша, главно поради тоа што беше целосно контролирана од Владата. Денес, гледаме дека има подобрување. Целокупната атмосфера, вклучително и во медиумите, е многу порелаксирана. Новиот Закон за медиуми сигурно може да придонесе за дополнителен напредок. Сепак, има уште многу работа да се направи. Новиот закон се уште е премногу напишан од перспективата, дека ако не се покорувате, треба да бидете казнети. Таквиот рестриктивен пристап не е добар. Наместо тоа, ние мораме да инвестираме многу повеќе енергија во зајакнувањето на медиумите, вклучувајќи ги и сопствениците на медиумите и новинарите, да го прават она што е исправно. Казните треба да се заменат со медијација. Ако има проблем, треба да се разговара и да се договорат компромисни решенија. Верувам дека ова е изводливо и треба да биде дел од навистина професионално медиумско опкружување.

Ситуацијата во печатените медиуми останува проблематична, како што е случај и во целиот свет, поради транзицијата кон електронските медиуми. Сепак, веројатно има премногу печатени медиуми во Македонија за да бидат одржливи. Затоа субвенционирањето на печатените медиуми не е добра идеја, но мора да прифатиме дека во блиска иднина ќе ни бидат потребни помалку, но профитабилни печатени медиуми.

Ситуацијата со МРТВ исто така останува комплицирана. На МРТВ итно и треба солиден реформски план, вклучувајќи ја и целосната модернизација на радиодифузерот, со помлади вработени и веројатно помалку, со нова опрема и јасна визија за нејзината улога во денешното општество. Политичката контрола воспоставена со закон може да биде предност, но во реалноста честопати е контрапродуктивно – политиката е на прво место наместо медиумите.

ЗА МРТВ Е ПОТРЕБЕН ПОСЕБЕН ФИНАНСИСКИ ПЛАН

Дали новиот предложен закон за Аудио и Аудиовизуелни медиумски услуги може да гарантира, да биде добра база за реформи за јавниот радиодифузер? Ако не, што треба да се направи за да се елиминираат потенцијалните пречки за успешни реформи во јавниот радиодифузен сервис?

Новиот закон за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е добра почетна точка за реформите во јавниот радиодифузен сервис. Меѓутоа, остануваат уште две клучни прашања: финансирањето на радиодифузерот и назначувањето на членови на програмскиот совет. За финансирањето да биде ефективно, неопходно е прво биде договорен солиден стратешки план, како и финансиски план за тоа како да се модернизира и реформира јавниот радиодифузен сервис. Финансирањето треба да се заснова на овој финансиски план. Постапката за избор на членовите на Програмскиот совет содржи неколку добри елементи, како што е и случајот со регулаторната медиумска агенција. Сепак, слабата точка останува процесот на селекција од страна на Собранието. Овој процес не е навистина ефикасен, освен ако парламентот не воспостави прво професионален и независен процес на селекција пред конечна (политичка) одлука за членовите на Советот. Само ако некој може да избира помеѓу неколку подеднакво компетентни кандидати, ќе има гаранција за помалку политизиран Совет. Најдобрата опција би била да се формира високо професионално независно тело за селектирање, вршејќи селекции за целата државна служба, вклучувајќи ги и луѓето што ќе бидат назначени од парламентот. И по правило, состаноците на парламентот треба да се ограничат на апсолутен минимум.

Дали имате примери за успешни реформи во јавниот радидифузен сервис во мултикултурното општество како што е нашето?

Тешко е да се најдат споредливи примери на успешни реформи на јавните радиодифузери, со оглед на специфичниот контекст на одделни земји. Меѓутоа, би било интересно да се изучува белгискиот начин на кој јавните радиодифузери се организирани, финансирани и контролирани од парламентот, додека во исто време нивната независност е загарантирана. Политичарите никогаш не смеат да се мешаат во работата на радиодифузерот, но мора да гарантираат дека, врз основа на добро дефинирана долгорочна визија, јавните радиодифузери ќе останат предводници на јавната комуникација.

Дали мислите дека може да биде постигнат значителен напредок и во која временска рамка?

Понатамошен значаен напредок може да се постигне за неколку години, под услов Владата, а особено надлежниот министер, да останат вклучени во поддршката на слободното и професионално медиумско опкружување. Начинот на кој акуелниот министер за медиуми спроведува отворен дијалог со медиумите е одлична можност за промени. За новинарите, сепак е важно да се размисли за воведување на систем за акредитација, како што постои и на други места во Европа. Таквиот систем, вклучувајќи ги и прес-картичките, треба да биде целосно управуван од самите медиуми. Тоа ќе послужи како добра заштита за новинарите, бидејќи може да се идентификуваат кога е потребно, но исто така треба да се сметаат за гаранција дека новинарите со новинарска картичка се вистински професионалци, дури и во однос на уредниците. Во случај новинарот да не ги почитува основните стандарди на професионално новинарство, прес-картичката може да биде отповикана привремено или трајно. Професионално тело, како што е Советот за етика, може да одлучи за таквите мерки кога е потребно. Воведувањето на систем за акредитација ќе им овозможи и на новинарите на интернет порталите да бидат препознаени како професионалци.

НАПРЕДОКОТ НЕ Е ДОВОЛЕН ВО НЕКОИ КЛУЧНИ ОБЛАСТИ

Какво е вашето мислење за целокупниот реформски процес во Македонија, во врска со извештајот на Прибе 1 и 2 и сите прашања се покренати за време на процесот на Пржино и вашата медијација?

Постигнат е напредок во однос на реформскиот процес. Сепак, во некои клучни области напредокот сè уште не е доволен. Судските реформи остануваат многу проблематични. Верувам дека има потреба прво да се заменат одредени членови на Судскиот совет и да се започне со темелен процес на проверка на целиот систем, вклучувајќи и оценување на сите судии.

И на крајот, сите ние треба да прифатиме дека луѓе ќе бидат отпуштени, ако тие не работат како вистински професионалци. Тоа е единствениот начин да се оди напред. Да не заборавиме дека, без оглед на важноста на реформските приоритети, вистинските приоритети на граѓаните денес се на друго место. Станува збор за правото на благосостојба, просперитетна економија, чиста животна средина, професионален образовен систем и здравствен систем кој е достапен за сите.

Пак дојдовте во Скопје – на што се должи тоа?

Во последниве неколку недели се вратив во Скопје за да ја поддржам работилницата за спроведување на итни реформски приоритети од страна на Владата, иницијатива на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), која се покажа како многу корисна. Покрај тоа, заедно со некои од моите контакти во Македонија, разгледувавме начини за понатамошна стабилизација на ситуацијата и на регионално ниво. Останува уште многу работа да се направи, со фокус на економскиот развој, здравството и образованието, кои се вистински итни приоритети за сите граѓани.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Вчера беше одбележан Меѓународниот ден на проверка на фактите

0
СКОПЈЕ, 03.04.2018 – Меѓународната мрежа за проверка на фактите во соработка со сродните организации од целиот свет вчера го одбележаа Меѓународниот ден за проверка на фактите.

„Веруваме дека проверката на фактите не е работа со која треба да се занимаваат само професионалци, туку за прецизен информациски екосистем секој треба да го даде својот придонес“, порачуваа од Меѓународната мрежа за проверка на фактите.

Дел од оваа мрежа е и Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, која активно учествува преку своите два проекти: „Вистиномер.мк“, кој е фокусиран на изјавите и на ветувањата на државните и локалните функционери и на политичките актери, како и „Сервисот за проверка на факти од медиумите“, кој главно се занимава со утврдување на фактите во медиумските содржини.

Се бара еднаков третман на нападите врз новинарите и политичарите

0

СКОПЈЕ, 02.04.2018 – Претставникот на Здружението на новинарите на Македонија, Дениз Сулејман учествуваше на дискусија на која беа презентирани резултатите од истражувањето за ефикасноста на механизмот на одредници на Европската Унија во Македонија.

Сулејман коментирајќи го делот на истражувањето поврзано со медиуми рече дека насилството против новинари не се третира еднакво како нападите на политичарите. „Во Собранието на 27 Април минатата година меѓу другите беа нападнати и новинари. За жал досега ниту еден од напаѓачите на новинарите не беше казнет“, рече тој.

Тој се пожали и на селективен однос на Јавното обвинителство во однос на заканите и нападите врз новинарите.

Во истражувањето меѓу другото се збори и за недоволната финансиска независност на Македонската Радио Телевизија. Во врска со тоа прашање, Сулејман додаде дека е невозможно да се спроведат вистински реформи во МРТ со намалување на финансиите, особено ако се земе предвид дека обврските на МРТ ќе се зголемат со отворање на два нови телевизиски канали и еден радио канал.

Истражувањето е спроведено од страна на Институтот за европска политика (ЕПИ), во рамките на проектот БЕНЧЕР.

Соработка на ОБСЕ и ЗНМ за поголема безбедност на новинарите

0

СКОПЈЕ, 29.03.2018 – Здружението на новинарите на Македонија и делегацијата на ОБСЕ во Скопје, вчера потпишаа Меморандум за соработка, каде се предвидени организирање на обуки и настани, кои имаат за цел да се подобри безбедноста на новинарите и да се подобри квалитетот на известувањето на новинарите. Меморандумот предвидува организирање шест обуки за новинари и припадници на  полицијата, кои ќе бидат посветени на покривање на настани од висок ризик. Во рамките на овие активности ќе се објави и прирачник за безбедноста на новинарите, а со заеднички настан ќе се одбележи и 2-ри Ноември, Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на насилството против новинари.

Амбасадорката Суомалаинен рече дека потпишувањето на Меморандумот за соработка со ЗНМ има симболично значење бидејќи со тоа официјално се продолжува соработката во сферата на слободата на медиумите по пауза од околу една декада.

„Се надевам дека нашата соработка, која официјално отпочна денеска ќе води кон безбедна средина за новинарите. Како што прочитав на еден од ѕидовите на вашето здружение, слободата на говорот дефинитивно е водилка во една демократија“, рече амбасадорката Суомалаинен.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за поддршката и охрабрувањето на новинарите за справување со проблемите во минатото со слободата на говорот. Селмани рече дека треба да се искористи подготвеноста на МВР и на Јавното обвинителство да се разговара за зголемување на ефикасноста на истрагите за сите напади на новинари и да се изгради институционален механизам за превенција и казнување на таквото насилството.

„Нема да ја подобриме слободата на говорот во Македонија ако институциите немаат волја и капацитет ефективно да ги истражат сите напади на новинари. И не само тоа, оние што се осудуваат да напаѓаат новинарите мора да бидат изведени брзо пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна. Со тоа системот ќе прати јасна порака до сите дека насилството врз новинари е неприфатливо и нема да се толерира во иднина“, истакна Селмани.

Тој рече дека слободата на говорот е голема цивилизациска придобивка, но таа во исто време е и одговорност. Според него, дел од обуките ќе се посветат и на запознавање на новинарите со праксата на Европскиот суд за човекови права. „Убедени сме дека ваквите обуки ќе го подобрат известувањето на новинарите затоа што тие точно ќе знаат каде завршува слобода и започнува нивната одговорност. Со тоа ќе спречуваме и евентуална самоцензура во медиумите“, додаде Селмани.

Амбасадорката Суомалаинен и претседателот на ЗНМ Селмани заеднички ги осудија вербалните закани на обвинителот Бахри Шабани врз новинарот на Алсат-М, Ардиан Керими.

Новинарите од Западен Балкан: Слободата не медиумите и безбедноста на новинарите и понатаму се загрозени

0

БРИСЕЛ, 27.03.2018. – Делегација составена од членовите на Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност го посетија Брисел на 21 и 22 март и одржаа состаноци и консултации со членовите на Европскиот парламент и со претставници на Европската комисија од Генералниот Директорат за проширување и соседска политика.

Претставниците на новинарските здруженија и синдикатот од Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија ги претставија состојбите со безбедноста на новинарите и медиумските состојби во своите земји. Тие ги истакнаа заедничките проблеми со кои се соочуваат нивните членови и другите новинари, вклучувајќи ги тука и лошите услови за работа, стравот за личната безбедност поради природата на работата, како и политичките и економските притисоци кои резултираат со цензура и самоцензура. Во таква средина, непрофесионално новинарство доаѓа до израз, а загрозен е и медиумскиот плурализам. Беше забележано дека проблемите со кои се соочуваат новинарите главно доаѓаат од владејачките и главните политички партии кои покажаа недостаток на политичка волја за подобрување на состојбата со слободата на медиумите. Исто така, беше нагласено дека неказнивоста на нападите врз новинарите останува најголем проблем во регионот.

Претставниците присуствуваа и на заедничката пленарна сесија на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET-SEDE) кој работи на стратегиската комуникација на ЕК, на странското влијание врз медиумите, дезинформирањето и на лажните вести. Осврнувајќи се на споменатите проблеми, делегацијата го привлече вниманието истакнувајќи дека тоа се последици од недостатокот на правна и социјална средина за да можат новинарите професионално да работат и да се грижат за јавниот интерес кој е навремено и квалитетно информирана јавност.

На билатералните состаноци, делегацијата ги сподели наодите од нивните истражувања за нивото на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите за 2017 година, нагласувајќи ги проблемите кои имаат потреба од итно внимание. Европарламентарците и претставниците на ЕК беа запознаени со постојната база на податоци за нападите врз новинарите www.safejournalists.net, додека истата алатка од страна на ЕК беше оценета како многу корисна за следење на ситуацијата во регионот. Членовите на Парламентот признаа дека треба да се подобрат медиумските слободи во регионот на Западен Балкан и треба повеќе да се работи во тој правец. Тие очекуваат овие впечатоци да бидат дел од претстојните Извештаи за напредокот на земјите од Западен Балкан што треба да се објават во април 2018 година.

Посетата на делегацијата на Европскиот парламент и на Европската комисија беше организирана од Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и поддржана од Европската унија како дел од проектот Регионална платформа за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.

Институциите треба да бидат потранспарентни и поодговорни

0

СКОПЈЕ, 27.03.2018 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со ОнЛимит Медиа вчера организираа дебата на тема: „Предизвици на Владата и институциите во зголемување на транспарентноста пред медиумите и граѓаните“. На дебатата учествуваа министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, претседателот на ЗНМ Насер Селмани, како и истражувачкиот новинар Сашка Цветковска.

Во своето обраќање Селмани рече дека е добро што Владата има декларативна заложба за да биде транспарентна и има преземено конкретни мерки со цел новинарите да имаат повеќе информации. Тој нагласи дека непочитување на правото на новинарите за слободен пристап до информации е кршење на слободата на изразувањето. „Се додека нема политичка одговорност, но и санкции за овие функционери кои не даваат информации, кои се побарани од страна на новинарите, не може да се смета дека имаме сериозна демократија“, истакна Селмани.

Министерот Поповски рече дека Владата е целосно посветена за зголемување на транспарентноста и отчетноста кон јавноста и медиумите. „Транспарентноста и отвореноста кон јавноста значат одговорно владеење. Оваа и многу други дебати се активности во тој правец за тоа како можеме сите заедно да ја промениме културата на политичкото однесување во општеството, а ние сме посветени да го направиме тоа“, истакна тој.

На дебатата се обрати и новинарката Сашка Цветковска, која ја пофали Владата дека го променила односот кон новинарите и медиумите, но нагласи дека одредени министри и функционери не одговараат брзо на барањата за информации. Според неа, проблемот кој останува е одговорноста или неодговорноста на институциите и на јавните функционери кога има јавен податок, кога тој ќе биде пренесен во медиумите и ќе биде евидентно сфатено дека има злоупотреба на службена должност и прекршување на одредени закони, а кога не се постапува од страна на институциите.

Слободата на изразување, главна тема на регионалниот Самит за слобода на интернет

0

СКОПЈЕ, 26.03.2018 – Состојбите со слободата на изразување во Источна и Централна Европа и Евроазија беа главна тема на првата панел дискусија на вториот регионален Самит за слобода на интернет, организиран од Иницијативата за владеење на правото при Американската адвокатска комора (АБА РОЛИ).

На панел дискусијата учествуваа амбасадорката на ОБСЕ во Скопје – Нина Суомалаинен, Роберт Поповски – министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Елери Бидл – директорка за застапување на мрежата „Глобал војсис“ и Олга Кирилик од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“, а дискусијата беше модерирана од директорот на Фондацијата за интернет и општество  „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Суомалаинен, цитирајќи ја претходната претставничка на ОБСЕ за слобода на медиуми – Дуња Мијатовиќ потсети дека сè што важи офлајн важи и онлајн, иако дигиталната сфера како релативно нова носи нови предизвици. Меѓу другото, таа рече дека интернетот и слободното изразување, за жал се и платформа за негативни појави како говор на омраза и за тероризам, но во исто време нагласи дека токму таа слобода е и алатка за борба со тероризмот преку нудењето можности за социјална кохезија.

Предлозите за регистрација на онлајн медиумите што ги даде министерот задолжен за отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, беа остро критикувани од романскиот претставник, Богдан Манолеа, од „АпТи“ и од Центарот за развој на медиуми од Киргистан, кои потсетија дека Македонија е членка на Советот на Европа и дека треба да ги почитува неговите декларации и стандарди. Министерот Поповски одговори дека тоа е само предлог за дебата и дека Владата никогаш нема да направи со што не се согласува мнозинството од новинарската фела.

Елери Бидл од „Глобал војсис Адвокс“ зборуваше за „Фејсбук“ и неговите правила, односно за неговото право и обврска да се грижи за слободата на изразување, како и за (не)ефикасноста на неговите системи за модерирање, особено за јазиците од регионот.

Олга Кирилик, пак, од украинската организација „Дигитал дефендерс партнерс“ меѓу другото се осврна на праксата на филтрирање и блокирање на онлајн содржини од страна на некои држави и како со тоа се крши меѓународното право.

Самитот, кој се одржува од 22 до 24 март во Струга и на кој се присутни над 120 експерти за слобода на Интернет и активисти за човекови права од Европа и Евроазија и претставници на меѓународни организации продолжи со пленарни сесии и работилници поделени во три основни сфери: слобода на изразување, приватност и кибер-безбедност.

Гајдов: Медиумите се главните истерувачи на криминалот во една држава

0

СКОПЈЕ, 22.03.2018 – Новинарот Љубомир Гајдов,  на тркалезната маса на тема: „Има ли слобода во Македонија“, истакна дека медиумите се тие што се главни истерувачи на криминалот и тие не треба да чекаат од некој друг да им понуди услови за успешно работење.

Самите медиумски работници, според Гајдов, треба да се изборат за правата и слободите што им се загарантирани. Тој истакна дека медиумите се тие што се главни истерувачи на криминалот и тие не треба да чекаат од некој друг да им понуди услови за успешно работење.

„Ние самите  секојдневно мора да се бориме… Она што се случува во МРТВ е застрашувачки. Таа е единствената јавна телевизиска компанија во која што е вселена полицијата. Тоа го немало ниту кај Хитлер, ниту кај Пиноче, ниту кај Сталин. На крајот на мојата новинарска кариера во телевизијата, гостин ми беше Ерван Фуере и вели доле видов пријавница на полиција. Да, велам, амбасадоре, ова е идеален супстрат на Бранко Црвенковски и неговата миленица Гордана Стошиќ, што ја всели полицијата во МРТВ“, изјави Гајдов зборувајќи дека демократијата во една држава зависи од отчетнсоста и транспарентноста, што во однос на медиумите укажува на реалната состојба на медиумите во Македонија.

Презентацијата на проектот„Од разбирање до одбрана“, наодите и препораките од истражувањата и разговорите со луѓето од медиумската сфера и граѓанскиото општество, како и анкетите со граѓанките и граѓаните ја одржа претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала на тркалезната маса „Има ли слобода во Македонија?“.

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

Монтажа: Ермин Климента


Овој проект е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување во Западен Балкан“ спроведена од Здружението на хрватските новинари, како дел од регионалниот проект „Регионална платформа на Западен Балкан за слобода на медиумите и безбедност на новинарите”, спроведена преку партнерство на шест регионални новинарски здруженија – Здружение на независни новинари на Србија, Здружение на новинари од Босна и Херцеговина, Здружение на новинари на Хрватска, Здружение на новинари на Косово, Здружение на новинари на Македонија и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.

Промовирана Декларација за етичко и професионално известување за ЛГБТИ

0

СКОПЈЕ, 21.03.2018 – Преку Декларација за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ заедницата, дваесетина медиуми и здруженија се заложија на почитување принципи за, како што наведуваат во документот, спречување на дискриминаторскиот и дерегирачкиот говор кон оваа група во медиумите и за промоција на сексуалната и родовата различност вклучително и на правата на ЛГБТИ.

„Ги повикуваме и останатите медиумите  да застанат зад Декларацијата која е отворена за сите“, рече вчера на промоцијата на Декларација Славчо Димитров од коалицијата Маргини, иницијатор на активностите во соработка со Советот за етика во медиумите, Здружението на новинари на Македонија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни меидумски услуги.

Според претседателот на АВМУ Зоран Трајчевски, за ЛГБТИ се известува малку и стереотипно и тешко оди разбивањето на предрасудите.  Генералната клима за правата на оваа заедница, како што рече, полека се менува, но се уште  е неповолна.

„Таа неповолност се отсликува и во медиумската слика на реалноста, но, да не забораваме – медиумите се и креатори на реалноста и таа своја улога треба да ја искористат за да ја сменат сликата за ЛГБТИ“, рече Трајчевски.

Марина Тунева од Советот за етика во медиумите порача дека само со вистински претставување на претставниците на ЛГБТИ заедницата во медиумите како поединци кои не се разликуваат од другите, медиумите ќе учествуваат во промовирањето на идејата за еднаквост.

„Советот во изминатите години забележал доста пријавени случаи на новинарско информирање кое содржело стереотипи, предрасуди, дискриминација и говор на омраза кон ова заедница, еднострано и селективно известување, како и информирање што наметнува перцепции дека заштитата на правата на ЛГБТИ заедницата значи закана за правата на другите поединци во општеството“ истакна Тунева.

Претставникот на Здружението на новинарите на Македонија Дениз Сулејман, ги потсети медиумите на одредбите и вредностите кои ги промовира Кодексот на новинари на Македонија и потсети на заложбите и предлозите на Здружението за вклучување на сексуалната ориентација како забранет основ за дискриминација во новиот Закон за медиуми.