Home Blog Page 26

Секуловски: Напад на новинар е напад врз демократијата на една земја

0

СКОПЈЕ, 19.03.2018 – Драган Секуловски, извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, нa тркалезната маса на тема: „Има ли слобода во Македонија“, зборуваше за насилствата и нападите врз новинарите.

„Ова е тема којашто ЗНМ ја третира со особен интерес и за жал во Македонија сè уште постои регистар на над 55 напади на новинари, од коишто само лани се случија 18. Од тие 55, ако се поделат во категории најголем дел се физички напади на новинари, потоа уништување на нивниот имот, вербални закани, закани по животот на новинарите и по членови на нивните семејства, како и груби навреди изнесени од страна на јавни личности“, истакна Секуловски.

Тој потенцираше дека ЗНМ интензивно се обидува да ја подигне свеста пред се кај граѓаните дека напад на новинар во основа значи напад врз демократијата на една земја.

„Кај нас во Македонија, за жал, од тие 55 случаи коишто ги имаме регистирано, а се однесуваат на последните четири години сè уште нема финална судска разрешница“, рече Секуловски. Тој потоа направи паралела со Хрватска каде неодамна беше изречена затворска казна за напад врз новинар.

Тркалезната маса ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода како завршен настан на кој беа презентирани наодите и препораките произлезени од петмесечниот проект „Од разбирање до одбрана“.


Овој проект е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување во Западен Балкан“ спроведена од Здружението на хрватските новинари, како дел од регионалниот проект „Регионална платформа на Западен Балкан за слобода на медиумите и безбедност на новинарите”, спроведена преку партнерство на шест регионални новинарски здруженија – Здружение на независни новинари на Србија, Здружение на новинари од Босна и Херцеговина, Здружение на новинари на Хрватска, Здружение на новинари на Косово, Здружение на новинари на Македонија и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.

Осуден човекот кој му се закануваше на претседателот на Хрватското здружение на новинари

0

ЗАГРЕБ, 16.03.2018 – Иван Голубан од Забок е осуден на една година затвор со условна казна од три години поради смртните закани кои му ги упатил на претседателот на Хрватското здружение на новинари Саша Лековиќ, кон крајот на 2016 година.

Пресудата ја донел општинскиот суд во Златар и таа е правосилна. Судот ја донесе одлуката на база на заклучокот дека Иван Голубан во ноември 2016 година, му испратил три пораки на приватниот број на Саша Лековиќ, а пораките содржеле смртни закани.

Затворската казна ќе се примени доколку Иван Голубан изврши ново кривично дело во период од три години.

Сепак, хрватските власти сеуште не даваат никакви информации во однос на пријавите од 2015 година, кои ги поднел Саша Лековиќ, поради закана испратена до него преку социјалните мрежи во 2015 година.

Лековиќ пријавил и обид за убиство по автомобилската несреќа која му се случила во октомври, 2016 година, бидејќи некој намерно му го оштетил тркалото.

Во Хрватска сеуште има отворени случаи на закани и напади кон новинарите. Статусот на овие случаи, почнувајќи од 2014 година, можете да го следите на safejournalists.net.

За потсетување, Регионалната платформа реагираше по неодамнешните закани кои беа упатени до претседателот на ЗНМ Насер Селмани. По бурната реакција од јавноста, Јавното обвинителството на Република Македонија реши да покрене постапка во однос на тие закани.

Момироски: Потребна е финансиска независност за ослободување на медиумите

0

СКОПЈЕ, 13.03.2018 – Зоран Момироски, новинар од Прилеп, со долгогодишно искуство зад себе, во раговор со ЦИВИЛ Медиа ги сподели своите ставови за она што подразбира слободата на медиумите, што е потребно за слободни медиуми, предизвиците на новинарството како професија и колку политиката влијае врз ослободување на медиумите.

Од лично искуство, Момироски сподели примери на притисоци и закани од политичките центрi на моќ.

„Слободата на медиумите е комплексна. Пред сè подразбира финансиска независност за да може слободно да се размислува и да не бидат оптоварени новинарите“, вели Момироски истакнувајќи дека многу важни се и моралните вредности на еден човек, кој истовремено е и новинар.

Исто така, Момироски рече дека кривичното дело со кое често се соочуваат новинарите, говор на омраза, многу тешко се докажува, а во секој момент се соочуваат да бидат обвинети за истото. или да бидат жртви на говор на омраза.

Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов


Овој проект е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на слободата на медиумите и слободата на изразување во Западен Балкан“ спроведена од Здружението на хрватските новинари, како дел од регионалниот проект „Регионална платформа на Западен Балкан за слобода на медиумите и безбедност на новинарите”, спроведена преку партнерство на шест регионални новинарски здруженија – Здружение на независни новинари на Србија, Здружение на новинари од Босна и Херцеговина, Здружение на новинари на Хрватска, Здружение на новинари на Косово, Здружение на новинари на Македонија и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.

Порака од новинарскиот протест: Нема да бидеме замолчени

0

СКОПЈЕ, 12.03.2018 – Новинари, медиумски работници, претставници на невладините организации и граѓани денеска на протест ја изразија својата солидарност со претседателот на ЗНМ Насер Селмани, по заканите и навредите кои му беа упатени од страна на функционерот на ДУИ, Бекир Асани и неговиот брат.

На протестот прва се обрати претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Тамара Чаусидис. Таа ги осуди заканите и навредите кон Селмани и упати апел до институциите да си ја вршат својата должност, а не само да издаваат соопштенија.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани им се заблагодари на колегите за солидарноста што ја покажаа и истакна дека Владата има обврска да ги замолчи насилниците, во спротивно ќе стане дел од таа приказна. „Ако сега молчиме, ако јас бидам замолчен, ако моите колеги бидат замолчени, да знаете дека следни Вие сте на ред. Утре ќе дојдат по вас“, рече Селмани.

Заканите кон Селмани ги осудија и новинарските здруженија од регионот во рамките на Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите. Тие порачаа дека во време кога новинарите во Европа или ги убиваат или секојдневно добиваат закани поради објавени стории против криминалци, националните власти треба да преземат итни мерки со цел да се спречат потенцијални убиства на новинари. Толеранцијата и неказнивоста на вакви инциденти, служи како охрабрување и мотив за идни напади врз новинари и медиумски работници.

Пораките кои беа испратени на протестот се повеќе од јасни. Новинарите во Македонија нема да дозволат еден режим да биде заменет со друг, а слободните медиуми нема да бидат никогаш замолчени.

Видеото е преземено од www.a1on.mk

 

 

15 месеци затвор за лицето кое нападна новинар во Хрватска

0

СКОПЈЕ, 07.03.2018 – Лицето Ненад Шајновиќ, кој кој на 16 септември 2017 година физички ја нападна новинарката на хрватската телевизија Нова ТВ, Ема Браница, беше осуден од судот во Бјеловар со казна затвор од 15 месеци. Нападот се случи во влизина на градот Гарешница, за време на снимањето на емисијата „Потврдено“.

Напаѓачот беше осуден со казна затвор од 7 месеци за кривично дело закана, како и казна затвор од 9 месеци за кривичното дело нанесување тешки телесни повреди. Единствената казна затвор му е година и три месеци.

Сестрата на Н.Ш., Ана Шајновиќ е неправосилно осудена за кривично дело закана, со условна казна затвор од 6 месеци, додека во втората постапка, пред Бјеловарскиот Прекршочен суд, неправосилно е осудена на 30 дена затвор за нарушување на јавниот ред и мир.

Регионалната платформа остро го осуди нападот врз новинарката и ги повика властите да го расчистат случајот и да ги заштитат новинарите.

Снимката од нападот можете да ја погледнете на следниот линк.

Селмани се сретна со претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев

0

СКОПЈЕ, 07.03.2018 -Претставници на Здружението на новинарите на Македонија вчера се сретнаа со претседателот на Кривичниот суд во Скопје, Иван Џолев. На средбата се разговараше за подобрување на условите на новинарите што известуваат од судски рочишта и за подобрување на меѓусебната соработка.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, ја поздрави новата пракса на претседателот Џолев во поглед на транспарентноста на институцијата. „Сугериравме на институциите да одржуваат редовни брифинзи со новинарите бидејќи така се зголемува транспарентноста на институцијата и се намалува можноста за објавување на непроверени информации“, истакна Селмани.

Беше разговарано и за конкретни судски постапки што се водат против новинари. Селмани побара судиите да ја применат праксата на Европскиот суд за човекови права, кога одлучуваат за предмети против новинари.

Двете страни изразија подготвеност да организираат заеднички активности и обуки, кои имаат за цел да се олесни пристапот на новинарите во судот и да се подобри квалитетот на известувањето.

Претседателот на Кривичниот суд Џолев рече дека Судот е отворен да соработува со ЗНМ со цел да се зголеми транспарентноста и да се подобри пристапот на новинарите во судот.

Седуммина приведени по убиството на словачкиот новинар

0

СКОПЈЕ, 02.03.2018 – Словачката полиција приведе седум лица во рамките на истрагата за убиството на истражувачкиот новинар Јан Кучијак, изјави шефот на полицијата Тибор Гашпар, пренесуваат локалните медиуми. Засега нема повеќе детали. Гашпар претходно изјави дека полицијата извршила претреси на поголемиот број адреси на истокот од Словачка поврзани со луѓето за кои новинарот се интересирал.

Новинарот и неговата вереница се убиени од огнено оружје во нивниот дом минатиот викенд. Гашпар не ги објави имињата на приведените, но изјави дека рациите се поврзани со италијанскиот бизнисмен, кој наводно е поврзан со италијанската мафија, за што Кучијак пишувал во својот последен, постхумно објавен текст.

Доделени годишните награди на ЗНМ

0

СКОПЈЕ, 01.03.2018 – По повод 72 годишнината од формирањето на Здружението на новинари на Македонија, вчера беа доделени годишните новинарски награди на ЗНМ за животно дело и истражувачка сторија.

Добитници на наградата за истражувачко новинарство се Менче Атанасова Точи и Снежана Лупевска Созен, а наградата за животно дело му припадна на новинарот Љубомир Гајдов.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани им честиташе на добитниците на наградите и истакна дека тие се пример за тоа како треба да изгледа еден новинар во слободна и демократска земја.

Селмани рече дека новинарите сеуште се соочуваат со сериозни проблеми, како што е неказнивoста на насилството на новинари и реформата во медиумската законодавство.

„И покрај декларативната заложба на новата власт да се бори против практиката на неказнивост на насилството против новинари, сепак ниту еден напаѓач на новинар не е изваден пред лицето на правдата“, истакна Селмани.

Тој истакна дека во меѓувреме новинарите се соочуваат со нови форми на притисок, како што е обидот да им се врзат рацете на новинарите доделувајќи им безбедносни сертификати и практиката на големите компании да ги користат рекламите за притисок врз медиумите.

Според него, борбата на новинарите за слободата на говорот ќе продолжи затоа што живот без слобода е ропство. „Обединети и сплотени сме посилни и поиздржливи до денот кога слободата на говорот во Македонија нема да биде само мртво слово на хартија, туку ќе биде дел од нашиот живот“, порача претседателот на ЗНМ.

Добитниците на наградите се заблагодарија на ЗНМ за укажаната чест и порачаа дека се надеваат идната година ќе бидат наследени од млади колеги новинари кои треба од нив да ја преземат истражувачката палка. Инаку годинава за наградата за истражувачки стории беа пријавени 25 новинари.

Иванов ги поврзува новинарите со тајната служба

0

СКОПЈЕ, 27.02.2018 – Здружението на новинари на Македонија изразува сериозна загриженост што Kабинетот на претседателот Ѓорге Иванов во изминатиот период им понудил безбедносни сертификати на одредени новинари наводно во име на поголема транспаретноста на институцијата.

Имаме сериозни информации дека најголем дел од новинарите што се повикани на брифингот  во кабинетот на Претседателот потпишале бланко барање за добивање безбедносен сертификат, без да имаат можност да се информираат за правата и обврските на носителите на ваков сертификат и како тоа ќе се одрази на нивната работа.

Сметаме дека доделувањето на вакви сертификати за новинари од безбедносните служби претставува притисок врз новинарската професија, со тоа што новинарите од стожери на јавниот интерес ги претвара во државни службеници. Ваквиот непромислен потег на претседателот Иванов ја загрозува и слободата на медиумите и претставува обид за контрола, затоа што поврзување на новинарите со безбедносните служби дополнително ќе ја зајакне самоцензурата.

Го повикуваме претседателот Ѓорге Иванов да им нареди на неговите советници веднаш да ја прекинат постапката за издавање безбедносни сертификати на новинарите. Ако претседателот сака да ја зголеми транспаретноста тоа може да се направи со почести контакти со медиумите и објавување на сите информации од јавен карактер со кои располага институцијата.

Исто така, ги повикуваме колегите веднаш да се откажат од барањњето за добивање сертификат бидејќи тоа е во спротивност со Кодексот на новинари. Тој нè обврзува да ги почитуваме законите на земјата, но исто така бара од нас да не сокриеме информација, што е во спротивност со јавиот интерес.