Home Blog Page 4

Секцијата на фоторепортери при ЗНМ – актуелни предизвици

0

Непочитувањето на авторските права и безправното преземање на фотографии, ,,нелојалната конкуренција” од  државните службеници во улога на фоторепортери, отежнатиот пристап за работа на настани од јавен интерес, солидарноста како предуслов за заедничко делување беа дел од темите на работната средба. На иницијатива на претставниците на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ, денеска со присуство на најголемиот дел професионални фоторепортери од државата, се одржа конструктивна средба на која се донесоа повеќе заклучоци за идните делувања.

Претседателот на ЗНМ, Чадиковски ги поздрави присутните и порача: ,,Од исклучителна важност е на ваквите средби да ги споделиме очи во очи проблемите и предизвиците со кои се соочувате вие фоторепортерите. Во многу сегменти ги делите истите проблеми како и новинарите и останатите медиумски работници. Работата и активностите на оваа секција придонесуваат да се детектираат и да се бараат начини за надминување на професионалните предизвици со кои се соочуваат луѓето од овој сектор, кои важат за силни професионалци. Потребно е да продолжиме со солидарниот пристап и заедништвото во работата како на вас фоторепортерите, така и на новинарите како предуслов за унапредување на професионалноста”.

Фоторепортерите истакнаа дека се соочуваат со повеќе предизвици и сугерираа дека е потребен институционален пристап за подобрување на условите и практичен притисок во контекст на интензивни средби со одговорните лица кои ги планираат и организираат настаните во име на јавните институции. Освен ова присутните ја истакнаа потребата од дополнителна промоција на правата на фоторепортерите и фактот дека нивниот авторски труд треба да се почитува и цени како од страна на медиумите така и од страна на институциите.

Фоторепортерот Роберт Атанасовски во своето обраќање ја истакна важноста од ваквите средби бидејќи на овој начин може да се споделат проблемите, како и да понудат заеднички решенија со кои би можеле да пробаме со солидарен пристап да промениме некои работи во позитивна насока.

Беше поздравена инцијативата за обуки во насока на унапредување на безбедноста на фоторепортерите и професионалната етика. Како плод на досегашната успешна соработка беше дискутирана публикацијата – прирачникот за следење на настани од висок ризик во кој се претставени меѓународни стандарди и процедури што се применуваат кога фоторепортери известуваат од настани со висок ризик.

Фоторепортерот Петр Стојановски пред присутните истакна дека ова е одлична можност да поразговараме на важни теми кои директно ги засегаат фоторепортерите, како да направиме позитивен чекор во насока на обезбедување на нормални услови за непречена работа на фоторепортерите кога се покриваат разни настани или протести.

Како координатори за идните активности на секцијата беа избрани колегата Атанасовски и Стојановски кои заедно со извршната канцеларија на ЗНМ во иднина ќе ги организираат активностите на секцијата на фоторепотери при ЗНМ.

ЗНМ и ССНМ: Законските измени кои ги засегаат новинарите да бидат донесени што побрзо во Собранието

0

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска пред Собранието на РСМ, одржаа прес-конференција, по повод 2-ри ноември Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите.

Пред новинарските екипи се обратија претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Младен Чадиковски

„На овој ден, 2-ри ноември Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, Здружението на новинарите на Македонија бара од политичките партии веднаш да ги усвојат амандманите на кривичниот законик со што ќе се овозможи поголема заштита на новинарите и медиумските работници. Сега, повеќе од кога било е потребно нападот врз новинарите да се третира како напад врз службено лице, време е да се направи поголем исчекор во оваа насока. Речиси година и половина, чекаме пратениците во Собранието да се одважат и соберат за да ги изгласаат измените во кривичниот законик, наместо да се занимаваат со нивните бескрајни политички игри. Ако сме сигурни дека за ова постои општествен консензус во јавноста, несфатливо е пратениците и натаму да го одложуваат донесувањето на овие измени. Бараме тие веднаш да бидат ставени на дневен ред и изгласани, во спротивно ќе сфатиме дека слободата на новинарите снимателите и медиумските работници не е приоритет на ова Собрание“ – истакна Чадиковски.

Павле Беловски

Претседалот на ССНМ, Павле Беловски потенцираше дека предолго се чека на измените кои се од големо значење за безбедноста на новинарите.

„Пет години од почетокот на иницијативата во кои се изнаслушавме декларативни заложби за слободата на медиумите. Исто така, денес се навршуваат 17 месеци откако Владата, односно Министерството за правда ги испрати овие измени до Собрание за нивно усвојување. Резултат нема. Нападите, без разлика во каква форма се уште ги броиме и пријавуваме, но без резултати на крајот. Неказнивоста продолжува. Затоа уште еднаш, по којзнае кој пат потсетуваме на изборните ветувања дека законските измени кои се однесуваат на нападите врз новинарите треба итно да бидат спроведени. Собраниските игри и интереси нас не не интересираат. Ги повикуваме пратениците итно да направат се што е дел од процедурата и да ги изгласаат измените на кривничниот законик кои барем на хартија ќе ги подобрат условите за прекина на неказнивоста на нападите врз новинарите рече Беловски“.

Новинарските организации ја изразија својата загриженост заради застојот на донесување на законските измени во Собранието, со заедничка цел – позитивни промени во насока на подобрување на условите на работа на новинарите и медиумските работници, а потсетија на последниот извештај на Европската комисија каде се вели дека Македонија постигна одредено ниво во областа на слободата на изразување, а дека генерално, бележи ограничен напредок во однос на препораките на ЕУ. Исто така, потенцирана е потребата  да продолжи процесот на саморегулација кој треба да доведе до унапредување на професионалните стандарди во новинарството.

Регионална конференција со новинари и претставници на националните собранија од Западен Балкан

0

Фиљана Кока, заменик претседателката на ЗНМ и Милан Спировски, проектен истражувач при ЗНМ, учествуваа на регионалната интерпарламентарна конференција во Сараево на тема „Унапредување на медиумското законодавство во Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина”. На оваа средба учествува претставници на новинарските здруженија од регионот како и од националните парламенти, а темите на разговор беа во насока на подобрување на соработката помеѓу новинарите и законодавните тела.

На овој настан колешката Кока изјави дека ваквите регионални настани служат новинарските здруженија да потсетат за потребите на новинарите, како и за блокираните процеси кои се важни за работата на регулаторот, јавниот сервис, но и приватните медиуми.

Оваа конференција е организирана како продолжение на дијалогот што го започнаа претставниците на новинарските здруженија и пратениците во Скопје во ноември 2021 година, кога беше потпишана Декларацијата за унапредување на дијалогот меѓу здруженијата на новинарите и собранијата во Западен Балкан. Со оваа Декларација, парламентите и новинарските здруженија од четири земји од Западен Балкан прифатија дека ќе работат заедно на подобрување на медиумското законодавство со цел подобрување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во согласност со процесите на интеграција во ЕУ.

На средбата свои обраќања имаа и Вјолца Бајрами, заменик шеф на Кабинет на претседател на Собранието Александра Мицоска Митевска, раководител на Секторот за односи со јавност во Собранието на Северна Македонија.

Конференцијата е организирана во рамки на регионалниот проект „Подобрување на дијалогот меѓу новинарските здруженија и парламентите во Западен Балкан за посилен граѓански сектор“, финансиран од СИДА, во рамките на проектот „Заштита на граѓанскиот простор – регионален центар за развој на граѓанското општество“ имплементиран од BCSDN.

ЗНМ: Снимателите и новинарите заедно за кревање на стандардите на професијата

0

Како дел од активностите на секцијата на сниматели при ЗНМ, викендов се реализираше тродневна работилница во Струмица на тема: ,,Унапредување на соработката помеѓу снимателите и новинарите”. Основната цел за ваквите средби помеѓу снимателите и новинарите е преку детектирање на проблемите во секојдневната работа, со активно учество преку нудење на аргументирани решенија да се обидат да ги надминат предизвиците и направат позитивни промени во заедничката работа како новинари и сниматели. На работилницата во Струмица, поздравни обраќања пред пристутните имаа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и координаторот на секцијата на сниматели при ЗНМ, Трајче Илиевски.

Во своето обраќање пред учесниците, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски изјави дека е важно преку заедничка дискусија и изложување на проблемите и потенцијалните решенија да се подобрува комуникацијата и се унапредуваат вештините на снимателите, новинарите и медиумските работници: „Практиките, новинари и сниматели заедно да дебатираат за предизвиците во новинарството ќе помогне кон подигнување на квалитетот на тимската работа, во дух на заедничко разбирање и на крајот, поквалитетен продукт, сторија, репортажа.” – потенцираше Чадиковски.

Координаторот на секцијата на сниматели при ЗНМ Трајче Илиевски го сподели своето задоволство од одзивот за оваа работилница од која членовите на секцијата може да има само бенефит. ,,Многу ме радува што на оваа средба овие неколку дена ќе разговараме за предизвиците и да ги извадиме проблемите на виделина со што ќе предизвикаме истите да ги надминеме и заедно како професионалци да ја почитуваме професијата но и да ги вратиме оние стандарди кои постоеа претходно” – рече Илиевски.

Во работниот дел на работилницата свои излагања имаа новинарите Нора Калиќи, Мишко Иванов и Среќко Поповски, снимателите Зоран Догов и Роберт Коцев. Дискутантите говореа за меѓусебната соработка, комуникацијата и координацијата помеѓу новинарите и снимателите. Дебатата беше фокусирана и на компаративните искуства и конкретни предлози како да се унапреди взаемната соработка. Практични вежби со симулација беа составен дел на вториот работен ден од работилницата каде што активно учество имаа снимателите и новинарите.

Една од поважните теми за која се разговараше на работилницата беше и безбедноста во новинарството која се уште е предизвик во секоја област од новинарството.

На настанот учествуваа сниматели и новинари од национални и локални тв станици, како и од сите редакции на јавниот сервис. Настанот е организиран во рамките на регионалниот проект Синдикатите за фер закрепнување” (Trade Unions for a Fair Recovery, 01.01.2022-30.04.2023), финансиран од страна на Европската унија преку Европската конфедерација на синдикати и Европската федерација на новинари, со Договор за грант број VS/2021/0214.

Kонференција на тема: Транспарентно правосудство за професионални новинари

0

Денеска беше презентирана студијата  „Ставови и перцепции на новинарите за транспарентноста на правосудството во Северна Македонија“ чиј што автор е Давор Пашоски, а е во издание на ЗНМ.

Анализата констатира дека резултатите упатуваат на заклучок дека најголем дел од новинарите сметаат дека правосудството не придонесува доволно за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, односно новинарите не се чувствуваат доволно безбедни и не веруваат во ефективно истражување или казнување на нападите  врз нив. Недостатокот на комуникација помеѓу судиите и новинарите како и недостатокот на јасно дефинирани процедури и правила за транспарентност и односи со јавноста, се главните предизвици кои се испречуваат во процесот на градење на партнерство и соработка на новинарите со судските институции.

Една од основните препораки е потребата од воспоставување на полесна и поразбирлива комуникација на судовите со јавноста и односи со медиумите. Беспредметни се сите анализи, студии и стратегии кои што досега се изработени или коишто понатаму ќе се изработат, а чиј што фокус е транспарентноста, отчетноста и јавноста на судството, доколку дадените препораки и заклучоци не бидат предмет на сериозна анализа од страна на надлежните институции и предмет на отворен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Процедурите и правилата во областа на транспарентноста и комуникацијата на правосудниот систем со јавноста треба да бидат вградени во актите со кои што законски се регулира судството.

Работниот настан се одржа во Кривичниот суд во Скопје, каде што беа поканети новинари и претставници на правосудните институции.

На самиот почеток авторот ја претстави студијата и ги претстави клучните поенти од истата, нагласувајќи дека фокусот на анализата е комуникацијата помеѓу новинарите и правосудниот систем.

Младен Чадиковски ја нагласи потребата за унапредување на меѓусебната соработка помеѓу новинарите и судскиот систем и изјави:

Би сакал да истакнам дека ЗНМ постојано работи на зголемување на потенцијалите и стандардите на новинарството. Но, постојано се судираме со препреки на патот кои што ни го отежнуваат процесот на работа, посебно кога се соочуваме со ризикот од клевета. Како податок, ќе го потенцирам фактот дека годинава има 52 случаи на клевета против новинари, во однос на минатата година кога бројката беше 20. Не велиме дека судиите се исклучително виновни за ова, но сметаме дека доколку станува збор некои за случаи против новинари кои постојат исклучиво да се изврши притисок врз нив, да бидат отфрлени. Анализата до некаде го укажува тоа, но колегите кои ја следат работата на судиите велат дека има големо подобрување во делот на работата на правосудните органи кога станува збор за комуникација со новинари. Гледаме почесто брифинзи објави на социјални медиуми информации што се праќаат до медиумите, но сепак верувам дека постои уште простор за соработка, ова е само почеток .

Иван Џолев, в.д. претседател на Кривичен суд во Скопје и претседател на Судско медиумски совет во своето обраќање рече: „Навистина ми е задоволство што сме овде сите ние, на едно место да разговараме за промените што сакаме да ги донесеме заедно. естопати како судии реагираме дека информациите не се јавен одраз на она што се случува во судницата, какви се одлуките, туку има присутен сензационализам. Секако, не во сите пренесени информации . Би сакал да ја истакнам желбата на нас судиите да ја подобриме релацијата со новинарите, да има добра комуникација, да има точни информации. Целта ни е во јавноста да биде точно информирана. Секако дека за ова ни е потребна помош од новинарите и нивната перцепција за нас. Би сакала да нагласам дека сите ние се залагаме за транспарентност, но има дел од судските процеси, поточно одредени детали кои законски не смеат да бидат објавени. Верувам дека денеска новинарите ќе имаат што да кажат да предложат, а судиите се расположени да слушнат предлози за олеснување на работата на двете страни.“

Со ова обраќање заврши и официјалниот дел, а работниот состанок продолжи со заедничка дискусија од страна на присутните судии, обвинители и новинари на која беа споделени примери и предлози како да се надминат препреките со една цел – непречен проток на информации за јавноста.

Говорници беа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Иван Џолев, в.д. претседател на Кривичен суд во Скопје и претседател на Судско медиумски совет, Дејан Ристовски, портпаролот на Основниот кривичен суд Скопје кој беше и модератор на настанот, Давор Пашоски, автор на студијата и Верче Тодоровска – Костовска од Здружението на новинарите на Македонија.

Студијата на македонски јазик можете да ја погледнете на следниот линк

Овој настан е дел од регионалниот проект „Зајакнување на слободата на медиумите во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија“ финансиран од Кралството Холандија и имплементиран од холандскиот Хелсиншки комитет и Фри прес анлимитед (Free Press Unlimited) во партнерство со Здружението на новинарите на Македонија. Ставовите, мислењата, наодите и заклучоците или препораките изразени во ова истражување се во целост на авторот(ите). Тие нужно не ги претставуваат ставовите на Кралството Холандија, ниту на организациите што го спроведуваат проектот или на нивниот локален партнер.

ЗАЕДНИЧКА ИНИЦИЈАТИВА НА ЗНМ, ИРЕКС И МРТВ ЗА КРЕВАЊЕ НА СТАНДАРДИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕРВИС

0

Група од над 30 новинари и сниматели од јавниот сервис, од МТВ 1, МТВ2 и од Македонското радио викендов учествуваа на три дневна обука за кревање на стандардите во известувањето и работењето, и во битката против дезинформации. Обуката, прва од ваков формат за вработените на јавниот сервис заеднички ја организираа ИРЕКС со поддршка на УСАИД, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми и МРТВ.

На работилницата беа обработувани актуелни теми од областа на новинарскиот живот, раскажување приказни, креирање „сториборд“ и параграф преку секвенци, како да се креираат подкасти, а беше обработена и темата за подготовка и развивање на истражувачка сторија. Воедно беа опфатени и специфични теми кои се однесуваат поконкретно на работата на редакциите во рамките на МРТВ.

Обучувачите, Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, уредниците и новинарите Сашка Цветковска, Ана Зафирова и Тоше Огњанов, како и директорот на ЗНМ Драган Секуловски одржаа предавања на неколку теми: медиумскиот пејзаж и улогата на јавниот сервис, медиумите што се менуваат и типови медиумска писменост,  за процесот на создавање и ширење на дезинформации, за креирање истражувачки стории, а се правеа и вежби со снимање и креирање видеа во реално време.

Учесниците на обуката новинари, сниматели и уредници со своето активно и креативно учество дадоа дополнителен импулс на целиот настан. Заедно се согласија дека ваков формат на настани се од исклучително значење за јакнење на новинарскиот дух и самостојноста на редакциите и дека и во наредниот период  тие ќе продолжат. На тој начин јавниот сервис со поддршка на Здружението на новинари на Македонија, на Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС ќе обезбеди континуитет во процесот на кревање на новинарските и уредувачките стандарди и политики.

Проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат”, во чии рамки се одржа овој настан, е петгодишен проект финансиран од УСАИД и имплементиран од ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум.

Албанија: Медиумите не смеат да се соочат со кривично гонење за известување од јавен интерес Групите за слобода на медиумите изразуваат загриженост поради остриот одговор

0
photo: canva

Долупотпишаните организации за слобода на медиумите и новинарските здруженија денеска ја изразуваат заедничката загриженост за целосната забрана за објавување издадена од албанските обвинителски власти во врска со збирката хакирани податоци и нагласуваат дека ниту еден новинар или медиум не треба да се соочи со кривични санкции за објавување информации од јавен интерес.

Иако нашите организации ја препознаваат чувствителната природа на овие протекувања и ги повикуваат сите медиуми во Албанија да постапуваат со материјалот на строго етички и одговорен начин, од витално значење е албанските власти да продолжат со претпазливост и целосно да ги земат во предвид новинарските слободи заштитени и со домашното и со меѓународното право.

На 19 септември 2022 година, Обвинителството на Тирана издаде „наредба“ со која им забранува на сите медиуми во Албанија да објавуваат податоци или информации од кеш меморијата на датотеки кои биле хакирани од албанските сервери и компјутерски системи, а потоа протекле на интернет. Протекувањето од висок профил следеше по бранот штетни сајбер-напади врз албанските сервери и компјутерски системи во последниве месеци од страна на хакери поддржани од државата во Иран, што предизвика дипломатска криза и прекин на врските меѓу двете земји.

Најголемиот дел од хакираниот материјал содржи доверливи полициски информации и чувствителна електронска пошта, документи и белешки меѓу албанските политичари, власти и странски амбасадори, вклучително и документи за сомнителни планови за атентат на странски и домашни политички фигури, според извештаите.

Како одговор на најновите протекувања, Обвинителството на Тирана ја издаде наредбата и предупреди дека медиумите кои ја прекршуваат забраната ќе се соочат со кривична истрага според членовите 103, 208 и 304 од кривичниот законик. Ова вклучуваше објавување во аудио-визуелни, печатени и онлајн медиуми, како и на социјалните медиуми. Веб-страниците кои објавиле податоци ќе бидат блокирани. Информацијата најпрво беше споделена преку објава на Фејсбук профилот на албанската полиција.

Нашите организации ја препознаваат сериозноста на овие сајбер-напади и чувствителната природа на протечените податоци. Во такви околности, медиумите имаат професионална одговорност да постапуваат и да го презентираат овој вид на материјал на етички начин, со целосно разгледување на правото на граѓаните на приватност и сериозни грижи за националната безбедност.

Сепак, без оглед на изворот на материјалот или намерата на оние кои стојат зад нападите, новинарите имаат одговорност да ја проценат вистинитоста и природата на јавен интерес на протечените информации, како и правото на граѓаните да бидат информирани за работи вредни за вести.

Одговорот на Обвинителството во Тирана да се обиде еднострано да го ограничи секое известување за протечените информации, без соодветно да се земе предвид јавниот интерес, предизвикува сериозна загриженост за неоправданите прекршувања на слободата на печатот, која веќе е во центарот на вниманието во Албанија.

Заканите за криминални истраги и блокирање на веб-страници за медиуми или новинари кои ја прекршуваат наредбата за забрана во меѓувреме ќе имаат цензурачки ефект врз известувањето и би можеле да ја отворат вратата за криминализација на легитимната новинарска активност. Ниту еден новинар, уредник или издавач во Албанија не треба да се соочи со кривично гонење за објавување точни информации за прашање од јавен интерес.

Покрај тоа, улогата на Управата за аудиовизуелни медиуми (АМА) и Управата за електронски и поштенски комуникации (AKEP) – две независни тела – во следењето на медиумскиот екосистем за потенцијални прекршувања во име на Обвинителството, исто така, предизвикува јасна загриженост.

Нашите организации ги повикуваат истражните и владините власти во Албанија да избегнуваат преземање какви било дополнителни чекори кои го поткопуваат вршењето на одговорното новинарство или ја загрозуваат слободата на новинарите кои објавуваат материјали од јавен интерес. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата во наредните денови и да реагираме на понатамошниот развој на настаните.

 

Потписници:

ARTICLE 19 Europe

European Centre for Press and Media Freedom (ECPMF)

European Federation of Journalists (EFJ)

Free Press Unlimited (FPU)

International Press Institute (IPI)

SafeJournalists Network

Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa (OBCT)

Прва работилница на секцијата на спортски новинари при ЗНМ во Охрид

0

Изминатиот викенд во Охрид се одржа едукативна средба помеѓу спортските новинари од повеќе спортски медиуми во земјава. Иницијатор за оваа средба беше Секцијата на спортски новинари при ЗНМ, која во рамките на своите активности за оваа година планира уште неколку средби помеѓу претставници од спортките федерации во државата.

Основната цел за ваквите средби помеѓу новинарите е преку детектирање на проблемите во спортското новинарство, со активно учество преку понудување на аргументирани решенија да се обидат да ги направат позитивните промени во еснафот. На средбата во Охрид, поздравни обраќања пред пристутните имаа претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и координаторот на секцијата на спортски новинари при ЗНМ, Перо Момировски.

Во своето обраќање претседателот Чадиковски ги поздрави колегите спортски новинари и потенцираше дека ,,проблемите и предизвиците со кои се соочуваат новинарите во Македонија се слични, без разлика дали станува збор за спортски новинари или за новинари што покриваат други теми. Работата на оваа секција придонесува да се дектираат и да се бараат начини за надминување на професионалните предизвици со кои се соочуваат луѓето од овој сектор, кои важат за силни професионалци. Потребно е да продолжи солидарниот пристап и заедништвото во работата на новинарите како предуслов за раст на оваа Секција во домашни и меѓународни рамки

Координаторот на секцијата на спортски новинари Перо Момировски го сподели своето задоволство од одзивот за оваа средба од која членовите на секцијата може да има само бенефит. ,,Ова е местото каде ние спортските новинари во државата можеме да ги споделиме нашите проблеми, аргументи и размислувања како да се унапреди заедничката соработка, но и да понудиме решенија како да се надминат лошите услови во фелата” – рече Момировски.

Во работниот дел на работилницата свои излагања имаа Милорад Стојмановски кој говореше за предизвиците и новите трендови во спортското новинарство. Тамара Грнчароска од ССНМ своето излагање го фокусираше на заедничко делување за заштита на работничките права на спортските новинари, додека пак во последниот дел од сесиите Владко Арсов се претстави преку интерактивна симулација и детектирање на предизвиците во спортското новинарство. Една од поважните теми за која се разговараше на работилницата беше и безбедноста во новинарството која се уште е предизвик во секоја област од новинарството.

Активностите на Секцијата на спортските новинари при ЗНМ не застануваат тука, следат средби со останатите колегите низ земјата за да се слушнат на едно место и нивните предизвици и предлози за подобрување на соработката и унапредување на условите за работа.

Во рамките на настанот беа поканети и претставници од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) каде имаа презентација за работничките права.

Настанот е организиран во рамките на регионалниот проект Синдикатите за фер закрепнување” (Trade Unions for a Fair Recovery, 01.01.2022-30.04.2023), финансиран од страна на Европската унија преку Европската конфедерација на синдикати и Европската федерација на новинари, со Договор за грант број VS/2021/0214

Професијата снимател – ретроспектива низ фотографии

0

На иницијатива на Секцијата на сниматели и фотографи при Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ), се реализираше изложба на фотографии од сниматели и фотографи кои опфаќаат период од три декади.

Пред педесетина присутни сниматели на настанот свои поздравни обраќања имаа претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски кој кажа дека новинарската работа и работата на медиумските работници е јавна професија каде што ефектите од истата како краен продукт ги гледа публиката. Но, честопати тоа што се случува зад сцената има навистина големо значење, целиот процес на создавање, пријателствата кои се создаваат и остануваат да траат. ,, Денеска сме овде да оддадеме почит на нашите колеги без кои медиумската работа не би била возможна. Триесет години е навистина долг период во кој се случиле многу настани, дел од нив сме заборавиле, на некои се сеќаваме, но затоа пак преку објективот на професионалците ништо не останува заборавено. Ние, новинарите и медиумските работници професионално постоиме за нашата публика, која секогаш има право да ја знае вистината, кажана, фотографирана или пак снимена. На изложбата ќе видите дел од таа комуникација и соработка, моменти овековечени благодарение на моќта на фотографијата.” рече Чадиковски.

Експонатите беа со  потпис на професионални сниматели и фотографи кои покрај тоа што имаат голема историска вредност, во исто време ги прикажува и потсетува на настаните од минатото што оставиле голема трага.

Пред гостите се обрати и  координаторот на Секцијата на сниматели при ЗНМ, Трајче Илиевски, искажувајќи ја својата благодарност за поддршката од ЗНМ како и од своите колеги кои несебично се вложија во пронаоѓање на овие историски вредни фотографии.. Меѓу другото Илиевски рече:  ,,Ние снимателите како еснаф самите претставуваме архива, со ваквиот солидарен пристап преку активностите со секцијата на сниматели при ЗНМ можеме достојно да укажеме почит и да се потсетиме на нашите колеги од кои сме учеле и кои сме ги наследиле во контекст на почитувањето на веќе воспоставените стандарди во работата.”

Гостинка на настанот беше и Високата претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите г-ѓа Тереза Рибеиро која го сподели своето задоволство што во земјава постои голема солидарност помеѓу снимателската фела, истовремено потенцирајќи ја и важноста од ваквите настани каде се посветува внимание и почит на колеги кои што имаат воспоставено високи професионални стандарди во професијата.

Изложбата е дел од  годишниот план на ЗНМ за активностите во рамките на секцијата на сниматели.

На овој ЛИНК можете да ги погледнете фотографиите од изложбата и од самиот настан.