Home Blog Page 5

Албанија: Групите за слобода на печатот бараат фер судење во тужбата за клевета на поранешниот главен обвинител против Иса Мизирај

0

Долупотпишаните организации за слобода на медиумите и слобода на изразување и новинарски синдикати и здруженија се многу загрижени од тужбата за клевета поднесена против новинарот Иса Мизирај, кој работи за Ора њуз, од страна на Елизабета Имерај. Поранешната главна обвинителка на Тирана, Имерај беше отпуштена во април 2022 година како дел од процесот на реформи во правосудството поради губење на довербата во правосудниот систем и неможност да ги оправда или објасни своите имоти. По вчерашното одложување на случајот и во пресрет на рочиштето кое сега е закажано за 16 октомври, повикуваме на правично судење со целосно почитување на сите права на правилен процес и во кое соодветно ќе се земе предвид важноста на слободниот говор, печатот и известувањето од јавен интерес.

Имерај го тужи Мизирај откако на меѓународните мрежи пријавил закани и заплашувања што ги добил затоа што пишувал за процесот на проверка на Имерај. Кон крајот на март и почетокот на април 2022 година, Мизирај ги коментираше случувањата околу процесот на проверка на Имерај, спроведен од Уставно назначената Меѓународна операција за мониторинг (ММО). Новинарот забележал дека колегите од другите медиуми почнале да се самоцензурираат, додека многу мејнстрим медиуми не известуваат за случувањата. Во исто време, медиумите во Албанија во анонимна сопственост почнаа да објавуваат клеветнички дела со кои се напаѓаат членовите на ММО во она што Генералниот директорат за европска соседска политика и проширување на ЕУ го окарактеризира како „оркестрирана оцрнувачка кампања“. Мизирај рече дека неговите истраги откриле дека најмалку три од овие онлајн места имале врски со Имерај и ги објавиле овие наводи на Фејсбук и Твитер. Имерај ја оспорува оваа изјава и поднесе тужба пред Окружниот суд во Елбасан.

Случајот за клевета е поставен против сериозната загриженост за слободата на медиумите и заканите за независното набљудувачко новинарство во Албанија, кое падна на 103-то место во Светскиот индекс за слобода на печатот на РСФ за 2022 година, последно на Балканот.

Ќе продолжиме внимателно да го следиме случајот и да се солидаризираме со Мизирај.

Потпишани:

ARTICLE 19 Europe

European Centre for Press and Media Freedom (ECPMF)

European Federation of Journalists (EFJ)

Free Press Unlimited (FPU)

International Press Institute (IPI)

OBC Transeuropa (OBCT)

Reporters Without Borders (RSF)

SafeJournalists Network

Советот на Европа евидентира десет нови случаи на напади врз новинари по реакцијата на SafeJournalists мрежата

0
xr:d:DAFHmUgYlMU:2,j:31602935079,t:22072709

Советот на Европа на својата Платформа за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите од почетокот на годинава забележа нови 23 напади и кршење на права врз новинари во регионот. Десет од нив беа опфатени по реакцијата на мрежата SafeJournalists.

Последен во низата случаи од регионот е случајот од Србија. Имено, Драгојло Благојевиќ, уредникот на списанието Дрвотехника, добил смртни закани преку телефон по објавувањето на јулскиот број на списанието, во кое е објавен написот на Благојевиќ за дрво-преработувачката индустрија.

Платформата за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите го помага дијалогот меѓу владите и новинарските здруженија, со цел да се запре кршењето на слободата на новинарите во земјите-членки на Советот на Европа и да им се овозможи на новинарите да ја вршат својата професија без ризик. Целта на платформата е да се подобри заштитата на новинарите, соодветно да се одговори на заканите и насилството врз медиумските професионалци и да се поттикнат механизмите за рано предупредување и капацитетите за одговор во рамките на Советот на Европа.

Од 2015 година, Платформата го олеснува собирањето и ширењето на информации за сериозни грижа за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во земјите-членки на Советот на Европа, што е загарантирана со чл. 10 од Европската конвенција за човекови права. Платформата, исто така, му овозможува на Советот на Европа на посистематски начин да се алармира за ситуацијата во однос на слободата на медиумите во земјите-членки и да преземе навремени и координирани активности доколку е потребно.

Потсетуваме дека мрежата SafeJournalists реагира во случаи на закани по животот и телото на новинарите, физички напади, убиства на новинари, како и во исклучителни ситуации кога сите членови на мрежата се согласуваат дека е неопходна заедничка реакција. Мрежата ги информира сите релевантни европски институции и институции во земјите членки на мрежата за случаите кои се однесуваат на правата и слободите на медиумите.

Платформата SafeJournalists се состои од новинарски здруженија и медиумски синдикати од земјите од Западен Балкан, имено Независно здружение на новинари на Србија (IJAS), Здружение на новинари од БиХ (BHJ), Здружение на новинари на Хрватска (CJA), Здружение на новинари на Косово (AJK), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Синдикатот на медиуми на Црна Гора (ТУММ).

 

Сите случаи пронајдени на платформата по предупредувањето од мрежата SafeJournalists:

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637504;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637047;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637704;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637566;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637182;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637517;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637171;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637349;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637458;globalSearch=false

https://fom.coe.int/en/alerte/detail/107637797;globalSearch=false

 

 

Извор: SafeJournalists /Анка Ковачевиќ

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје одржаа летен камп за млади новинари во Охрид

0

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје од 13-ти до 16-ти јули 2022 година одржаа летен камп за млади новинари во Охрид.

Целта на едукативната обука е преку дружење и размена на искуства и вештини да придонесе кон градење на капацитетите и унапредување на професионалните стандарди на младите новинари во редакциите. Клучен акцент беше даден и на подобрувањето на соработката на младите новинари со своите поискусни колеги во редакциите, како и потребата од континуирано новинарско формално и неформално образование.

Летниот камп го отвори претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој рече:

„Денес младите новинари се ставени пред уште поголеми предизвици, заради дигитализацијата на медиумите. Но, ако ја разгледаме од блиску оваа проблематика, од една страна навистина дава поголема слобода во смисла на пристап до информации, но од друга страна ако не се канализира како што треба , носи ризик од дезинформации, погрешно толкување на вести и информации, или со еден збор го доведува во прашање професионалното известување. Ова е моментот кој што треба сите да го препознаеме и да имплементираме искуство и млада сила која ќе направи промена. Да го прифатиме заедно предизвикот, бидејќи само така можеме да се движиме кон позитивни промени и да го вратиме новинарството онаму каде што му е местото со вистински професионалци кои гордо ќе застанат зад секој свој медиумски производ.“

Поздравно обраќање имаше и заменикот-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн:

„Новинарството игра многу важна улога во демократските држави, особено истражувачкото новинарство.  Сепак новинарството е тешка професија насекаде, и предизвиците во Северна Македонија се посебни, бидејќи има важен економски фактор – како што вие знаете подобро од било кој друг. Како резултат на тоа, премал е бројот на млади луѓе, кои се запишуваат на студии по новинарство во универзитети. Со цел да се спротивстави на овие негативни тенденции и во насока на стимулирање на интересот кај младите за професијата, кон унапредување на нивните професионални вештини, нашата Мисија, во партнерство со ЗНМ, го организира овој летен камп.“

Темите кои беа разработени и на кои се разви дискусија помеѓу учесниците и предавачите беа родовата еднаквост во медиумското известување, иднината на медиумите, искуства и пракса во раскажувачкото новинарство и новинарството во дигиталната ера.

Дел од учесниците во летниот камп се и членови на Секцијата на млади новинари при ЗНМ која беше формирана на крајот на 2021 година, чија цел меѓу другото е вмрежување меѓу редакциите, подобрување на социоекономскиот статус на младите новинари, надградување на вештините за напредно известување и почитување на стандардите во новинарската професија.

Оваа активност е продолжение на соработката на ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје кои во претходните години заедно беа активни на теми поврзани со безбедноста на новинарите и градење на капацитетите на ЗНМ.

Дебата за трендовите во новинарството во Западен Балкан со здруженијата од мрежата safejournalists.net

0

Во организација на Здружението на новинарите на Македонија вчера се одржа работна средба со претставници на граѓанското општество, новинари и новинарските партнерски здруженија од Safejournalists.net мрежата на тема ,,Унапредување на соработката и дијалогот меѓу граѓанските организации и новинарските здруженија од Западен Балкан за поголема безбедност на новинарите и развој на граѓанското општество”

На средбата се дискутираше за тековните трендови и случувања во медиумскиот сектор, дома и во регионот од аспект на безбедност на новинарите и законската рамка, за состојбите со граѓанското општество и медиумите, и предизвиците низ призмата на младите новинари. Во дискусијата присутните ги споделија своите мислења и предлози како до подобри решенија за унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници во Западен Балкан.  Говорници на настанот беа: извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски, Раде Ѓуриќ, правник и проектен истражувач од Независното здружение на новинарите во Србија, Моника Кутри, проектен истражувач од Здружението на новинарите во Хрватска, Сашка Цветковска новинар од ИРЛ и Гетарбе Мулиќи, проектен истражувач и извршна директорка на Здружението на новинари во Косово.

Присутните имаа прилика да дискутираат за трендовите во новинарството и состојбата со правата на новинарите во Србија, Хрватска, Косово и Северна Македонија преку праксата на новинарските здруженија во овие земји.

Настанот беше организиран во рамките на регионалниот проект „Унапредување на дијалогот помеѓу новинарските здруженија и парламентите од Западен Балкан за посилен граѓански сектор” (Improving the dialogue between journalists’ associations and parliaments in Western Balkans for stronger civil society sector), финансиран од страна на СИДА преку проектот „Заштита на граѓанскиот простор – Регионален центар за развој на граѓанското општество“ во реализација на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (BCSDN).

Средбата се одржа на 23 јуни 2022 во просториите на Граѓански ресурсен центар при Македонскиот Центар за Меѓународна Соработка (МЦМС) во Скопје.

Здруженијата на новинари на Македонија и Косово со заедничка иницијатива за соработка

0

Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Здружението на новинари на Косово (АГК) на 27ми мај одржаа работен состанок на кој се разговараше за состојбата на  новинарите како и медиумите во двете земји.

Драган Секуловски, извршниот директор на ЗНМ пред дваесетина колешки и колеги од разни медиуми од Косово ги претстави тековните проекти и залагања на ЗНМ во насока на подобрување на солидарноста на фелата но и заштита на правата на новинарите во Македонија кога тие се под закана. Една од формите на подобрување на соработката помеѓу новинарите но и унапредување на нивните знаења е преку активностите на тематските секции на ЗНМ во Скопје но и во другите градови, истакна Секуловски.

Џемаил Реџа, претседател на одборот на Здружението на новинари на Косово, говореше за состојбата со правата на новинарите но и предизвиците кои ги имаат медиумите во нивниот локален контекст. Тој истакна дека ваквите колаборативни посети во соседните земји и размена на искуства и знаења позитивно влијаат на комуникацијата и идната соработка помеѓу новинарите во целиот регион.

На оваа работна средба беше разговарано за можноста да се организираат слични студиски посети на новинарите во земјите од Западен Балкан на теми кои ќе бидат од интерес на новинарите но посебно во насока на заедничко унапредување на професионалните стандарди споделување на информации за успешни примери од работата на новинарите и медиумите. Присутните дебатираа за предизвиците со дезинформациите во регионот, безбедноста на новинарите и за модели за финансирање на медиуми.

Оваа посета на колегите од Косово е дел од активностите на АГК во соработка со Академијата за информативен интегритет на новинарите и предвидува посета на група на млади новинари на неколку медиумски организации но и медиуми во Скопје.

ЗНМ и ССНМ бараат посебно одделение во ОЈО за заштита на новинарите

0

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ заедно со претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ) Павле Беловски денеска имаа средба со шефот на Скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски.

На состанокот Чадиковски истакна дека од исклучителна важност за унапредување на заедничката соработка и комуникација е формирање на ново одделение во рамки на ОЈО, кое ќе биде задолжено само за постапување по предмети кои се однесуваат на повреда на правата на новинарите и на медиумските работници, на нивната безбедност, како и на експлицитниот говор на омраза кон нив. Од страна на Беловски беше потенцирано дека и покрај тоа што безбедноста на новинарите и медиумските работници во изминатиот период во државава е подобрена, останува фактот дека перцепцијата за степенот на неказнивост на напаѓачите кон новинарите и медиумските работници останува на високо ниво и ова е потребно да се промени.

Драган Секуловски, директорот на ЗНМ истакна дека ОЈО има обврска да ги следи препораките на Советот на Европа за поголема заштита на новинари, посебно ПрепоракаCM/Rec (2016)41 од Комитетот на министри до земјите членки за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери. Според оваа препорака, Македонија како земја членка на Совет на Европа има обврска да создаде механизми за заштита на медиумските работници кога нивните права се нарушени а додека се очекува да се изгласаат измените на Кривичниот закон, ова посебно одделение во ОЈО кое ќе работи за заштита на новинарите е добар модел, истакна Секуловски. Покрај ова, Секуловски укажа со цел да се намали степенот на неказнивост потребно е ОЈО да ги истражи старите случаи во кои се бележат закани по животот на новинарите како и да биде проактивно во случаи кога новинарите се предмет на експлицитен говор на омраза и закани на социјалните мрежи.

Шефот на Скопското обвинителство Гаврил Бубевски го истакна своето задоволство дека овие конструктивни предлози од страна на еснафските здруженија се прифатливи и во идниот период како институција ќе се обидат во брзо време да одговорат позитивно на барањата на ЗНМ и ССНМ.

На денешниот состанок исто така се разговараше за унапредување на транспарентноста за работата на обвинителите, назначување на лица од обвинителството кои ќе работат на случаи кои се однесуваат само на предмети каде се вклучени новинари и медиумски работници како и подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес и можноста да биде потпишан заеднички меморандум за соработка.

ЗНМ: Средба на работна група за креирање нa Протокол за спречување на кршење на правата на новинарките преку интернет

0

На иницијатива на ЗНМ беше реализирана средба на работната група која ќе креира Протокол за спречување на кршење на правата на новинарите (особено на новинарките) преку интернет, развиен преку процес на вклучување и консултации со претставници на медиумите/новинарите и медиумските работници, претставници на релевантни владини институции и академската заедница Работната група е составена од членови на ЗНМ, еден член на Министерството за внатрешни работи, Правниот и Факултетот за безбедност во Скопје и други експерти релевантни за изработката на Протоколот.

Според податоците од регистарот на напади кој го води ЗНМ во последните две години регистрирани се 19 напади кон новинари и медиумски работници од кои 11 се регистрирани како напади кон жени новинарки. Но сепак загрижувачки е растечкиот тренд каде мета на онлајн закани и напади се новинарките.

Протоколот ќе има за цел воспоставување на функционален механизам за поголема безбедност и спречување на кршење на правата на новинарите (особено на новинарките) преку интернет, и   заедно со измените и дополнувањата на Кривичниот закон ќе придонесе кон дополнително  афирмирање и сензибилизирање на надлежните за прашањето за безбедноста на новинарките во онлајн просторот во земјава. Од страна на членовите на работната група беше прифатено дека согласно својата експертиза секој член ќе направи кратка анализа во контекст на градењето и формирањето на структурата на финалниот документ, протоколот кој треба да се финализира најдоцна до месец август 2022.

На средбата беа утврдени првичните насоки, како и чекорите и динамиката на работа согласно роковите за изготвување на нацрт анализите. Од страна на членовите на работната група беше истакнато дека во периодот што следи, ќе направат консултација со засегнати страни, студенти на право и безбедност, лица одговорни за односи со јавност во МВР, новинарки кои биле мета на напади или закани со што ќе се добие појасна слика во контекст на истражувањето и податоци за понатамошна анализа која ќе биде составен дел од Протоколот за безбедност на жени новинарки во онлајн просторот кој ќе биде потпишан од страна на ЗНМ и Министерството за внатрешни работи во текот на годинава.

Настанот е во рамките на проектот ,,Синдикатите за фер закрепнување”, финансиран од страна на Европската унија преку Европската конфедерација на синдикати и Европската федерација на новинари.

Презентиран извештајот за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите во 2021 година: Состојбата на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите и спроведувањето на постојното национално законодавство поврзано со медиумите во земјава е „Три чекори напред – два чекори назад“

0

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го претстави годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија за 2021 година, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.

Здруженијата на новинарите од земјите од Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија, формираа заедничка платформа Safejournalists.net за да ги следат промените во законодавството и практиката на своите земји и да се вклучат во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите. Почнувајќи од 2020 година, членовите на платформата ја следат состојбата во седум земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија). Секоја година, проценката на состојбата се врши врз основа на стандардизирани методи за собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалното и во онлајн медиумското опкружување во земјите од Западен Балкан. Методологијата на истражувањето е составена од три групи индикатори развиени врз основа на систематска анализа на различни упатства произведени од релевантни меѓународни организации.

Во контекст на правната заштита 2021 година во извештајот се наведува дека беше направен позитивен чекор бидејќи беа изработени измените и дополнувањата на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Кривичниот законик. Беа прифатени речиси сите забелешки на ЗНМ за намалување на висината на надоместокот за нематеријална штета при утврдена вина на новинар и дополнување на деловите за исклучување од одговорност за клевета и навреда.

Со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, иницирани од ЗНМ и новинарскиот синдикат, беа инкорпорирани барањата за системска заштита на новинарите и медиумските работници, со тоа што нападот врз новинар и медиумски работник ќе се третира како напад кон службено лице, што значи дека ОЈО ќе постапува по службена должност, а казните кон напаѓачите ќе бидат зголемени. Општа оценка е дека во 2021 година, социо-економската положба на новинарите беше дополнително влошена поради пандемијата, односно поради намалувањето на приходите од огласување во целиот медиумски сектор.

Работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми е несигурен, бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, не им се исплаќа надоместокот за пензиско и социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работнички права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и политичарите. Во 2021 година, бројот на напади кон новинарите беше намален. Но, иако бројот на вербални и физички закани се намалува, загрижува фактот што новинарите и медиумските професионалци се сè почесто предмет на закани и малтретирања на социјалните мрежи, од кои дел беа сериозни закани по физичката безбедност на новинарите што работат на истражувања на корупција и други негативни општествени појави.

Важно е да се одбележи дека во декември 2021 година беше донесена судска пресуда во корист на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) за онлајн-закана кон сите новинари напишана на фејсбук-страницата на ЗНМ. Ова е прв пример обвинителството и судот да истражат и да санкционираат сериозна онлајн-закана изречена кон новинари.

Но и покрај намалувањето на бројот на напади кон новинарите и медиумските работници, неказнивоста сè уште е голем проблем, бидејќи надлежните институции не соработуваат доволно и ретко кога покренуваат обвинителни акти кон сторителите на закани или напади, а во случаите кога се покренати истраги, се водат бавно и неефикасно. Особено загрижува говорот на омраза и етикетирањето новинари и медиумски работници од страна на политичари и други носители на јавни функции.  Покрај тоа, надлежните институции и судовите сè уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци. Сепак, позитивно е што надлежните институции се отворени за соработка со ЗНМ и низ заедничките консултации покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани.

Во 2021 година, бројот на напади кон новинари е намален. Само за споредба во 2020 година ЗНМ регистрираше 14 напади, а во изминатата година ЗНМ регистрираше пет. Сепак, иако бројот на вербални и физички закани се намалува, фактот што новинарите и медиумските професионалци се повеќе се предмет на закани и малтретирање на социјалните мрежи, од кои некои беа сериозни закани за физичката безбедност на новинарите кои работат на корупција и други негативни социјални феномени.

Oваа заедничка платформа Safejournalists.net, претставува одличен пример за заеднички напори и работа на земјите од Западен Балкан. Ваков сличен пример на соработка досега не е забележан во овој регион каде што на едно место новинарските здруженија од Западен Балкан можат да ги следат промените во нивните земји; законодавството и практиката и да се вклучат во различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалната средина во која работат новинарите и медиумите.

Важно е да се напомене дека секоја година, проценката на ситуацијата се спроведува врз основа на стандардизирани методи на собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалната и во онлајн медиумската средина во Западен Балкан. Сепак, покрај ваквиот извештај за безбедносните индикатори, оваа платформа минатата година спроведе систематско истражување преку прецизно дефинирана методологија и разви Индекс за безбедност на новинарите и медиумските работници во Западен Балкан и исто така и оваа година веќе е во финални подготовки и новиот Индекс за безбедност на новинарите и медиумските работници во Западен Балкан за 2021 година.

Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија е изработен, лекториран и преведен како на македонски, така и на албански и англиски јазик.

Годишниот извештај можете да го погледнете на следниот линк

ЗНМ: Регионална конференција на мрежата Safejournalists во Сараево

0

Со учество на повеќе од 50тина новинари, уредници, медиумски експерти, претставници на владини и невладини организации и институции од регионот и ЕУ, како и меѓународни организации посветени на заштитата на слободата на изразување денеска се одржува Регионална конференција на мрежата Safejournalists (www.safejournalists.net) за заштита на медиумските слободи и безбедноста на новинарите во Западен Балкан.

Во рамките на конференцијата како воведничар на отварањето свое онлајн обраќање имаше претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој рече:

„ Кај нас во однос на минатата година можеме да констатираме дека има намалување на бројот на напади врз новинари, но забележлив е трендот на неказнивост и неефикасност од страна на институциите или да бидам попрецизен од страна на ОЈО, во однос на постапувањето и разрешувањето на нападите врз новинарите и медиумските работници. Може да се заклучи дека бројот на заканите и вербалните напади врз новинарите е зголемен поради нивните ставови или поради избраните теми за информирање и е поевидентен кај новинарките.

Важно е да се напомене дека секоја година, проценката на ситуацијата се спроведува врз основа на стандардизирани методи на собирање и анализа на податоци, додека фокусот на истражувањето за застапување е на промените и во традиционалната и во онлајн медиумската средина во Западен Балкан. Сепак, покрај ваквиот извештај за безбедносните индикатори, оваа платформа минатата година спроведе и систематско истражување. Беше изработен и објавен Индекс за безбедност на новинарите и медиумските работници во Западен Балкан преку прецизно дефинирана методологија. “

На панел дискусијата насловена како: Компаративни извештаи за медиумските слободи во Западен Балкан, Шест години од мапирање на напади и борба за повеќе ефикасна заштита на новинарите, особено новинарките Трендови – Научени лекции – Солидарност – Споделување знаења и добри практики – Регионално влијание – Предизвици, претставникот на ЗНМ Милан Спировски во улога на проектен истражувач во своето излагање ги презентираше резултатите за Северна Македонија. Во рамките на сесијата која беше на тема „Медиумски известувања на Балканот за инвазијата на Украина: дезинформации, цензура, самоцензура, пропаганда, сензационализам … можеме ли подобро и попрофесионално?“ учествуваше уште еден претставник на ЗНМ, Билјана Настеска – Каланоска.

Мрежата Safejournalists со поддршка на Европската Унија, беше формирана во 2016 година со заедничка одлука на новинарски организации од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово за мапирање и снимање на напади врз новинари и закани кон медиумски професионалци и обезбедуваат ефикасна правна заштита за новинарите преку постапување на надлежните институции и казнување на напаѓачите. Во текот на 2020 година, Мрежата ги прошири своите активности на територијата на Албанија, со фокус на евидентирање закани кон новинарите и реакции на јавноста за случаи на загрозување на правата на новинарите и медиумските слободи во таа земја.

Мрежата Safejournalists моментално располага со база на податоци со повеќе од 1.200 евидентирани случаи на закани и напади врз новинари, со следење на дејствијата и реакциите на надлежните органи и јавните институции при санкционирањето на напаѓачите. Националните показатели за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се објавуваат секоја година со компаративен, регионален извештај за трендовите и напредокот во областа на слободата на медиумите. Во 2021 година беше подготвен и објавен Индексот за безбедност на новинарите во седум земји од Западен Балкан, како прв сеопфатен механизам за нумеричко мерење на напредокот на земјите од Западен Балкан во заштитата на слободата на изразување и слободата на медиумите во согласност со стандардите на ЕУ.