Home Blog Page 24

Слободата на медиумите е меѓу врвните приоритети на Владата

0

СКОПЈЕ, 18.05.2018 – Европската федерација на новинари (ЕФЈ) беше поканета да се сретне со важни засегнати страни во медиумите, вклучувајќи го и раководството на домаќинот, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) на 8-9 мај 2018 година во Скопје. Состаноците беа дел од проектот за градење капацитет на ЗНМ. ЕФЈ, исто така, се сретна и со Тамара Чаусидис, Претседателката на ССНМ и неколку фото новинари за да ја координираат заедничката работа и да дискутираат за некои од главните предизвици со кои се соочуваат новинарите во Македонија.

На 9 мај, Ренате Шредер директорот на ЕФЈ, заедно со директорот на ЗНМ Драган Секуловски, се сретна со Роберт Поповски, министер за комуникации, транспарентност и отчетност при Владата на Република Македонија. ЕФЈ му честиташе на министерот за спроведувањето на новата политика и подобрената соработката со новинарската заедница, а особено со ЗНМ.

„Кабинетот на министерот за комуникација, транспарентност и отчетност е нов и ќе ја одразува нашата цел да бидеме отворени, транспарентни и демократски. Слободата на медиумите и слободата на новинарите се главни приоритети на нашата влада“, рече министерот Роберт Поповски. „Затоа ние организираме неделни средби со печатот, водиме политика на нулта толеранција против нападите врз новинарите и спроведуваме реформи во медиумите“, рече тој.

Ваквата медиумска реформа вклучува подобрувања на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, клевета, реформа на медиумите на јавниот сервис МРТ, за што се потребни подобрени финансиски средства и уредувачка независност.

“Ние сакаме вистинските професионалци да работат, оние кои се независни од политичкиот притисок, но потребна е и опозицијата да се согласи со нашите предлози“, истакна тој. 

На состанокот, исто така, се разговараше за конкретниот проблем со кој се соочуваат фоторепортерите, каде владата создава фотографии што им се испраќаат на медиумите. Група фоторепортери го привлекоа вниманието на EFJ на еден од претходните состаноци. Ова предизвикува економски проблеми, бидејќи фоторепортерите не можат да се натпреваруваат со фотографиите кои се бесплатни, но ова претставува и морален проблем бидејќи овие фотографии не се етикетирани како владини фотографии и се гледаат како владин ПР.

Министерот Поповски го препозна проблемот и не увери дека ќе се фокусира на истиот. “Медиумите немаат доволно пари да испратат новинар на прес конференции или владини настани. Целта ни беше да им помогнеме на медиумите”.

ЕФЈ и ЗНМ се сретнаа и со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и со Дејан Андонов, заменик-министер за професионални стандарди и внатрешна контрола при Владата на Република Македонија. Министерот, исто така, го истакна новиот владин пристап кон новинарите, и нулта толерантноста за неказнивост.

Тој наведе три проекти, вклучувајќи:

  • Потпишување на меморандум за подобрена соработка со ЗНМ;
  • Потпишување на меморандум за подобрена соработка во истрагите за случаите на нападнати новинари меѓу полицијата, обвинителите и новинарите, вклучувајќи обука за градење доверба;
  • Претходни случаи кои сè уште не се испитани.

Оливер Спасовски призна дека во малиот македонски медиумски пазар, атмосферата на самоцензура и страв продолжува и рече дека е потребен интердисциплинарен и меѓуинституционален пристап за постепено да се промени културата на неказнивост.

ЕФЈ го потсети министерот за целосно спроведување на Препораката на Советот на Европа (2016) 4 за заштита на новинарството, безбедноста на новинарите и другите медиумски актери.

Последниот извештај на ЗНМ насловен „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите” (декември 2017) ги истакнува многуте предизвици со кои се соочуваат новинарите во Македонија, меѓу кои и срамните работни услови, недостатокот на уредувачка независност и етичките предизвици.

Оваа активност беше во рамките на проектот финансиран од ЕУ “Мрежа на новинари за слобода на медиумите во Македонија”, имплементиран од ЗНМ во соработка со ЕФЈ.

По оваа кратка мисија, ЕФЈ, АЈМ и ССНМ отидоа во Струга (Македонија) да учествуваат на Конференцијата за медиуми на Југоисточна Европа на ОБСЕ. Ренате Шредер ја модерираше првата сесија за безбедноста на новинарите. Сите учесници на конференцијата усвоија декларација за обидот за убиство на новинарката Оливера Лакиќ.

Фото: Влада на Република Македонија

 

Скопски Граѓански и Апелационен суд да не лиценцираат новинари и медиуми

0

СКОПЈЕ, 09.05.2018 – Здружението на новинари на Македонија изразува незадоволство од начинот како Граѓанскиот суд во Скопје и Апелациниот суд во Скопје, го применуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. И покрај јасната одредба во законот, кој ја регулира одговорноста на електронските публикации, овие судови продолжуваат да ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн медиумите со крајно несериозно и тенденциозно објаснување дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не биле новинари. Ваквото паушално, неодговорно и непрофесионално однесување на одредени судии претставува заобиколен обид за лиценцирање на медиуми и новинари, која е крајно недемократска практика присутна во авторитарни земји.

Потенцираме дека работа на судовите не е да ги толкуваат законите, туку доследно и неселективно да ги применуваат истите.

Се сомневаме дека зад ваквата судска пракса на Граѓанскиот суд во Скопје и на Апелациониот суд, има политичка позадина, која треба да ги дискредитира онлајн медиумите и да обезбеди лажно алиби на владата за да воведе нивна построга регулација, спротивно на европските стандарди за слобода на интернет. Предупредуваме дека обидите на одредени партиски кругови, кои бараат наводна законска регистрација на овие медиуми, е опасна политичка игра, која има за цел државата да ја контролира нивната медиумска содржина.

Освен тоа, намерата на судот е да ги спречи онлајн медиумите и новинарите кои работат таму да ги користат поволностите што ги нуди законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како што е ограничувањето на надоместоците за нематеријална штета и основите за нивно исклучување од одговорност.

Убедени сме дека ваквата чудна судска пракса, која за среќа ја нема и во другите Апелациски судови во земјата, ја загрозува слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија и улогата на медиумите во едно демократско општество.

Бараме од Врховниот суд на Македонија во најкраток рок да постапи по барањето на ЗНМ за усогласување на судската пракса и во иднина Граѓанскиот суд и Скопска Апелација да ги процесуираат предметите.

Неделава ќе доставиме претставка и до Судскиот совет за сите судии што несоодветно и селективно го применуваат Законот со цел да утврди одговорност за таквото незаконско однесување.

Ја повикуваме и меѓународната заедница, Европската Унија,  САД, ОБСЕ и Советот на Европа да ја споделат со овие судови нашата загриженост со цел да се спречи ваквиот атак против слободата на говорот, професионалните онлajн медиуми и обидот за нивно лиценцирање.

Слобода на стаклени нозе

0

СКОПЈЕ, 07.05.2018 – Медиумите во Македонија сѐ уште се на прагот на корупцијата, криминалот, манипулациите и закани, политичка пропаганда и насилство врз новинарите.

И покрај општествено-политичките превирања, падот на еден долготраен режим на кој медиумите беа најголемите слуги, промените одат бавно.

По 27 април, насилничкиот упад во Собранието на Република Македонија и насилството во кое освен парламентарците настрадаа и новинарите, уште траат судските процеси за физичкото насилство на повеќе од 10 повредени новинари.

На денот кога медиумите ја одбележуваат својата борба за слобода, заклучокот е дека неказнивоста на делата поврзани со напад на новинарите укажува на една исилена и фиктивна демократија.

Притисоците, уцените, говорот на омраза прикриено уште фигурираат во медиумскиот простор, а нивното долго владеење тешко се искоренува за една година.

И покрај напорите на новата власт, критичкото новинарство уште не знае што да критикува и како да критикува. Професионализмот, објективноста и одговорноста се сведени на гол опстанок и чистка во едни медиуми, наспроти никнување на нови медиуми.

На тркалезната маса „Има ли слобода во Македонија“ во организација на ЦИВИЛ, Драган Секуловски, извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, покажа на суровата медиумска реалност во Македонија и регистар со над 55 напади на новинари. Само минатата година 18 новинари биле жртви на насилни напади во кои не само што им била оштетена опремата, туку им бил загрозен нивниот и животот на нивните семејства.

„Кај нас во Македонија, за жал, од тие 55 случаи коишто ги имаме регистрирано, а се однесуваат на последните четири години сè уште нема финална судска разрешница“, рече Секуловски.

Иако проектот „Од разбирање до одбрана“ на ЦИВИЛ, посветен на слобода на медиумите и слободата на изразување покажа дека постојат индикатори на ослободување на медиумите преку саморегулација и финансиска независност, наодите и препораките и на ЗНМ и на ЦИВИЛ укажуваат дека изостанува одговорност, казнивост и правни последици за оштетениот медиумски простор.

„Напад на новинар е напад на демократијата во една земја“, истакна Секуловски, а демократијата во Македонија сѐ уште чекори на стаклени нозе.

Насилството и неказнивоста на медиумските работници и новинари е борба што допрва треба да се извојува. Потребата од поддршка од граѓанските организации, но и заложбата на релевантни институции во поддршка на телата за медиумска саморегулација и нивната независност ќе помогнат во деполитизација, професионализација и независно работење на медиумите. Но, исто така, постои надеж дека оваа релација медиуми – граѓанско општество – институции ќе успее да придонесе во унапредување на медиумските слободи и слободата на изразување.

Одбележан Меѓународниот ден на слободата на печатот

0

СКОПЈЕ, 04.05.2018 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со претставници на Владата како и партнерите од Европската Унија и амбасадата на САД вчера организираа настан со кој се одбележа Меѓународниот ден на слободата на печатот. На настанот се обратија претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, Лукаш Холуб кој е шеф на одделот за политички прашања, информации и комуникации при Делегацијата на Европската Унија и Дејвид Стивенсон, шеф на политичко-економската канцеларија при амбасадата на САД во Скопје.

Во својот говор претседателот на ЗНМ истакна солидарност со колегите новинари од Европа, Дафне Каруана Галиција и Јан Куциак, кои ги положија животите извршувајќи ја својата новинарска должност. „Ретки се професиите како новинарската, каде цената за добро завршена работа се плаќа со живот“, рече Селмани.

Според него, новинарите се напаѓаат, цензурираат и казнуваат со цел да бидат замолчени и вистината да биде сокриена од јавноста. „Денеска треба да застанеме одлучно во одбрана на независните медиуми доколку сакаме да се заштитиме од секој вид на пропаганда и злоупотреба“, истакна тој.

Светскиот ден на слободата на печатот, посочи Селмани, треба да ја потсети Владата за потребата да ги почитува нејзините заложби за слобода на печатот. „Таа има обврска да гарантира безбедност на новинарите и да ја прекине политиката на неказнивост на нападите врз новинарите. Предложениот закон не обезбедува финансиска независност на МРТ и нема гаранција дека јавниот сервис со помалку пари може да произведе поквалитетна програма во интерес на граѓаните. Транспарентноста на владата е подобрена, но новите практики не ги применуваат сите министри. Има примери каде владини функционери ги бојкотираат критичните медиуми“, рече Селмани.

Шефот на одделот за политички прашања, информации и комуникации при Делегацијата на Европската Унија, Лукаш Холуб, рече дека во европските општества, медиумите овозможуваат незаменлива форма на размена на различни мислења и ставови, и дека новинарите имаат неверојатно важна улога во тоа. „Ова не се лесни времиња и истите бараат сериозна и континуирана посветеност и внимание. Во овој процес владата, медиумите, граѓанскиот како и приватниот сектор потребно е да рефлектираат европски вредности во нивната секојдневна работа и живот“, истакна Холуб.

Политичките партии веднаш треба да реагираат кај нивните членови ако тие им се закануваат на новинари. Треба да има нула толеранција за напади врз новинари. Правилното известување и слободата на печатот се многу важни прашања за ЕУ. Но и новинарите треба да известуваат правилно и нетенденциозно“, вели Лукас Холуб, претставник на ЕУ

Претставникот од американската амбасада, Дејвид Стивенсон, нагласи дека оваа година темата на Меѓународниот ден на слободата на печатот е контролата на власта. Тој рече дека транспарентноста која ја овозможуваат медиумите е од непроценета важност за одговорноста на власта и владеењето на правото во државата. Стивенсон го пофали ЗНМ во промовирање на слободата на говорот. „Би сакал да се заблагодарам на Здружението на новинарите на Македонија за својата работата, особено за водењето на регистарот на напади врз новинарите кој честопати го користиме во подготвување на разни извештаи“, истакна тој.

„Заеднички треба да работиме на стандардите во однос на слободата на медиумите кои ќе важат за секоја влада. Ние досега направивме значително, но има уште многу работа пред нас“, рече министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски. Тој додаде дека оваа владина гарнитура ќе има нула толеранција за заканите и уцените кон медиумските работници.

Денешниот настан беше организиран во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи“, кој е финансиран од Европската Унија.

ЗНМ за извештајот на ЕК пред Националниот совет за евроинтеграции

0

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, минатата недела се обрати пред Националниот совет за евроинтеграции, каде се разгледуваше Извештајот на Европската комисија.

Селмани рече дека сите се согласни дека има напредок во споредба со претходната година, но дека сме далеку од сериозни реформи во медиумите. Тој истакна дека главна забелешка е политиката на неказнивост на нападите на новинари „Најзначајната порака, што ни ја праќа ЕК преку овој извештај е нулта толеранција кон физичките и вербалните напади на новинари. Во слободни и демократски земји нема место за тепање и за заплашување на новинари, а кога до тоа сепак ќе дојде, институциите мора да имаат капацитет да водат ефикасни истраги за откривање и казнување на насилниците“, рече Селмани.

Според него, ЕК ја препознала потребата за длабока реформа во Македонската радио телевизија, особено во делот на институционалната и уредувачката независност.

„Не може да се зајакнат капацитетите на МРТ со помалку пари. Ако се усвојат измените на ЗААМУ, јавниот сервис ќе има пет милиони евра помал буџет во споредба со 2016 година. Нашата дилема е како со помалку пари јавниот сервис ќе треба да отвори уште два нови телевизиски канали и еден радио канал со програма од 24 часа“, рече Селмани. Тој уште еднаш посочи дека доколку оваа година МРТ не стартува со ист буџет од 2016 година, нејзината мисија ќе биде невозможна.

Селмани ја повика власта да најде механизми за канзување на говорот на омраза, кој како појава е нотиран во извештајот. „Ние како ЗНМ не само што сме предупредувале постојано на негативните последици од оваа појава, туку и сме поднесувале иницијативи пред Основното јавно обвинителство да ги гонат лицата што ширеле говор на омраза“, истакна Селмани.

Тој ја пофали отвореноста на Владата, меѓутоа посочи дека оваа практика не ја негуваат сите институции подеднакво. „Владата мора да најде сила да ја смени ваквата недемократска практика на одредени нејзини функционери затоа што бојкотирање на новинарите значи дека тие одбиваат да бидат отчетни пред граѓаните“, рече Селмани.

На крај Селмани го поздрави учеството на опозицијата во процесот на медиумските реформи и апелираше сите да се вклучат конструктивно во амандманската расправа за ЗААМУ.

Стејт департментот виде потчинети медиуми, напади врз новинари и недоверба на јавноста

0

СКОПЈЕ, 25.04.2018 – Бројни проблеми со закани и напади со новинари, медиуми потчинети на политиката и економските интереси и недоверба на јавноста во медиумите се дел од крупните проблеми што ги нотира извештајот за состојбата со човековите права за 2017 година за Македонија, подготвен од Стејт департментот на САД.

„Уставот обезбедува слобода на изразување, вклучително и на медиумите, но владиниот притисок на медиумите, неказнувањето на сторителите на насилство врз новинарите и другите вработени во медиумите, како и медиумски пазар поделен по линиите на политичките партии, се и понатаму проблем“, одбележува извештајот.

Пренесувајќи ја на почетокот на својата оценка и анкетата на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ за 2016 и 2017, во која се откри поразителниот факт дека само 5 отсто од граѓаните во потполност им веруваат на медиумите, Стејт департментот, потсетува и на реакцијата од 28 април на шест медиумски организации, меѓу кои и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Европската федерација на новинари, во која беше обвинета претходната влада дека не ги почитува слободата на изразување и слободата на медиумите и дека не презема мерки за заштита на новинарите.

Ограничен број медиумски чинители активно изразувале мноштво гледишта без одредени рестрикции, но медиумските куќи и известувањето и понатаму се поделени по политички линии, се вели во извештајот, во кој се цитираат и согледувањата на „Фридом хаус“ од 2 февруари 2017, дека многу приватни медиуми се во сопственост на бизнисмени, кои ги злоупотребуваат за своите комерцијални интереси или за да дојдат до придобивки од владата“.

Се наведува и извештајот на ЗНМ од април за медиумската ситуација до стапувањето на новата влада на сила, во која се зборува за обемно пренасочување на јавните пари од централно и локално ниво во медиумите. Во однос на новата влада, се вели дека од 22 август го прекинала владиното рекламирање, освен на социјалните мрежи, а на истото ги повикала и локалните власти, како и дека од 19 септември е укината радиодифузната такса.

Во извештајот се споменуваат и наводите експертите на Европската комисија од 14 септември минатата година каде се нагласува дека новинарите честопати не ги почитуваат етичките стандарди, наведувајќи ги и наводите за самоцензура и селективно известување од страна на некои новинари, што е резултат на коруптивни практики и недостиг на професионални вештини.

Се повторува и оценката за заканите лошите работни услови на новинарите и финансиската нестабилност на медиумските компании.

Во поглед на заканите и насилството врз новинарите, како „јасен сигнал за агресијата што се користи за замолкнување на новинарите“ се одбележува случајот од 7 јуни 2017 година, кога неидентификувани лица се заканија на Елида Зилбеари, главната уредничка на информативниот портал „Порталб“, кој е дел од „Метаморфозис“, по објавувањето на статија за злоупотреби од страна на Блерим Беџети во текот на неговото раководење со Општина Сарај. Истрагата за овој случај не е завршена до септември, се одбележува во извештајот.

Стејт Департментот потоа се осврнува на попречувањето на новинарите да си ги извршуваат професионалните обврски, вклучително и претепувањето на шестмина новинари во насилствата на 27 април во Собранието. Еден од нив, кој веројатно беше и најмногу натепан, беше и тогашниот новинар на агенцијата „Мета“ (проект на „Метаморфозис“), Димитар Тануров, чии искази ги пренесува Стејт Департментот во својот извештај.

„Димитар Тануров, новинар на независната агенција ,Мета’ кажа пред Комисијата за заштита на новинарите дека гневните демонстранти му се заканиле и му наредила да престане да фотографира во текот на демонстрацијата во парламентот. Според Тануров, кога ја видоа мојата новинарска легитимација и за кого работам, ме нарекоа предавник, ми го зедоа телефонот и продолжија да ме удираат и да ме клоцаат додека лежев на подот’“, наведува Стејт Департментот, кој ги спомеува и нападите врз репортерите на 27 февруари и 10 март на протестите на „За заедничка Македонија“.

Во поглед на навредата и клеветата, во извештајот се наведува дека до 23 ноември минатата година имало 39 процеси за нарушување на личниот углед против новинари, уредници или управители или сопственици на медиуми. Како што вели Стејт департментот, според некои уредници и сопственици, високите казни во постапките, дополнително ќе ја засилат самоцензурата.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Да се стави крај на политиката на неказнивост, да се казнат насилниците

0

СКОПЈЕ, 19.04.2018 – Вчера во Скопје се одржа обука посветена на интегритетот на полицијата, на која освен високи полициски функционери учествуваа и претставници на Здружението на новинари и на Хелсиншки комитет.

На отворање на обуката, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека искоренување на корупцијата бара системски пристап и преку издигнување на професионалното достоинство и интегритет на полициските службеници.

На промоцијата на обуката збореше и претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани, кој рече дека овој настан има симболично значење затоа што праќа силна порака дека полицијата сака да ја подобри нејзината работа со цел да ја зголеми довербата на јавноста.

Селмани истакна дека медиумите имаат огромно влијание во креирањето на јавното мислење за интегритетот на полицијата и затоа е потребно да се изградат искрени и професионални односи.

„Со право полицијата очекува медиумите да известуваат точно и чесно, меѓутоа и полицијата треба да биде транспарентна во нејзината работа. Кога постои отвореност и доверба, тогаш и медиумите ќе се обидат да бидат чесни и одговорни во нивното известување“, рече Селмани.

Селмани ја критикуваше политиката на неказнивост на насилството врз новинарите. „Над 50 напади на новинари се случиле во последните пет години, а ниту еден од насилниците не е изведен пред лицето на правдата“, посочи тој.

„Не може да се збори за слобода на изразување и слобода на медиумите доколку новинарите се изложени на напади, закани и притисоци, а институциите не реагираат брзо за да ги заштитат“, рече Селмани и додаде дека замолчувањето на новинарите е обид да се замолчи вистината.

Според него, за присуството на политиката на неказнивост говори и извештајот на Европската Комисија, која повикува на нулта толеранција на напади и закани на новинари.

„Нашата соработка во борба против неказнивоста е влезена во извештајот не ЕК. Тоа треба да биде дополнителна мотивација, но и обврска повеќе да работиме со цел истрагите да бидат поефикасни. Нападите нема да престанат се додека насилниците не бидат казнети“, истакна Селмани.

Според Селмани, политиката на неказнивост го нарушува и угледот на земјата во светот затоа што голем дел од предметите што Македонија ги губи пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур се поради полициска бруталност.

Промовирана публикацијата „Регулаторни тела за медиумите и говорот на омраза“

0

СКОПЈЕ, 17.04.2018 – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на 12.04.2018 на конференцијата на тема „Говорот на омраза во медиумите“ ја промовираше публикацијата „Регулаторните тела за медиумите и говорот на омраза“, во која се пренесени искуствата и практиките на регулаторите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора.

Како што соопшти директорот на Агенцијата, д-р Зоран Трајчевски, во публикацијата се собрани компаративни податоци за легислативата поврзана со говорот на омразата во секоја од земјите, компетенциите на регулаторните тела, начинот на постапување и карактеристичните поединечни примери.

– Важно беше сето тоа да се контекстуализира во дискурсот во кој – за говорот на омразата се говори во европски рамки, да се извлечат заклучоци од минатото и, секако, да се дадат препораки за во иднина – рече Трајчевски.

Конкретни примери за справувањето со ова прашање презентираа Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Асја Рокша-Зубчевиќ од Регулаторната агенција за комуникации на Босна и Херцеговина и Станислав Бендер од Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска.

 На конференцијата, стана збор и за стереотипите, дискриминацијата и говорот на омраза кон Ромите и ЛГБТИ-лицата. Претседателот на Едукативниот и медиумски развоен центар на млади Роми – Асоцијација „24 Вакти“, Бајрам Рамадан ги претстави наодите за известувањето за Ромите во македонските медиуми, кои се објавени во публикацијата „Слика за Ромите: Говор на омраза, антициганизам и медиуми“, а Славчо Димитров од Коалицијата „Маргини“ ги претстави резултатите од истражувањето за ставовите на публиката за претставувањето на ЛГБТИ-лицата во радио и телевизиските програми, кое е резултат на соработката меѓу Коалицијата и Агенцијата.

Конференцијата беше организирана во рамките на проектот „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“, што заедно го спроведуваат Европската Унија и Советот на Европа.

„Метаморфозис“ организира работилница за слободата на изразување онлајн и офлајн

0

СКОПЈЕ, 11.04.2018 – Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ организира работилница „Разбирање на слободата на изразување онлајн и офлајн“, која ќе се одржи на 12 април во Клубот на новинари во Скопје.

На работилницата ќе бидат претставени основните концепти во сферата на слободата на изразување, како и актуелните и релевантните стандарди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на слободата на изразување на и вон интернет.

Основа за работилницата е публикацијата „Први чекори во разбирањето на слободата на изразување онлајн и офлајн“ чија подготовка е поддржана од страна на Американска адвокатска комора (АБА РОЛИ) и Стејт департментот како дел од Проектот за Интернет слобода во Источна Европа и Евроазија.

Публикацијата е достапна на македонски и албански јазик, кои ќе бидат работни јазици на работилницата, со обезбеден симултан превод.