Home Blog Page 35

Солидарност со Слободен печат за нападите од Информер

0

СКОПЈЕ 09.05.2017   Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува оркестрираните напади на Српскиот весник „Информер“ и на одредени македонски медиуми против весникот „Слободен Печат“. Информер минатата недела на насловната страна на печатеното и на онлајн изданието обајви текст, во кој весникот е обвинет за наводно нелегално финансирање, а сопственикот се етикетира како предавник.

Овој напад е еклатантен пример како авторитарните режими во земјите од Западен Балкан ги злоупотребуваат медиумите како пропагандна машинерија за остварување на политички интереси и за пресметка со неистомислениците.

Целта на ваквите безскурпулозни напади е да се наруши кредибилитетот на критичните медиуми пред јавноста и да се изврши притисок врз уредниците и новинарите да ја сменат нивната уредувачка политика.

Силно се солидаризираме со колегите на Слободен печат и ги охрабруваме и во иднина да продолжат професионално да ја исполнуваат нивната мисија за точно и навремено информирање на граѓаните. Постоењето на слободни и плурални медиуми е основна одлика на секое слободно и отворено општество.

ЗНМ веднаш ќе ги информира нашите сестрински организации во Србија, Независното здружение на новинарите на Србија и Здружението на новинарите на Србија за непримерните напади на Информер против македонски медиум и ќе бараме тамошните саморегулаторни тела да ги осудат ваквите неприфатливи напади, кои ја нарушуваат довербата на медиумите пред јавноста и професионалната солидарност меѓу новинарите.

 

 

Власта со пари и насилство ги контролира медиумите

0

СКОПЈЕ, 13.04.2017 – Здружението на новинарите на Македонија изготви извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во 2016 година. Извештајот е изработен користејќи квалитативни и квантитативни методи за собирање и анализирање на податоци.

Со жалење можеме да констатираме дека состојбата со слободата на медиумите минатата година се влошува во сите индикатори на истражувањето, како што е медиумско заканодавство и нејзина имплементација, вкупната професионална, економска и социјална состојба на новинарите како и нивната безбедност.

Од добиените податоци лесно може да се констатира дека владата ги користи сите инструменти на власта да ја ограничи слободата на говорот и да ги контролира медиумите.

Таа во однос на медиумите применува политика на стап и морков. Послушните медиуми ги наградува со јавни пари додека новинарите што ја критикуваат постојано ги напаѓа и ги изложува на разни притисоци.

И покрај формалниот мораториум за владини реклами од мај 2015 година, јавните институции по разни основи продолжуваат да трошат сериозни средства во медиумите.

Од собраните податоци се гледа дека министерствата и општините во Македонија лани имаат потрошено околу еден и пол милиони евра во печатените, онлине и регионалните и локалните медиуми.  Околу 400 илјади евра се потрошени во првата половина од минатата година, додека над еден милион евра биле планирани да се трошат во втората половина.

Средствата на министерствата и општините трошени во медиуми се повисоки затоа што четири министерства и 23 општини одбија да дадат податоци за средствата потрошени во медиумите во 2016 година. Исто така, од 80 општини, само 42 дале податоци за планираните средства за трошење во втората половина од 2016 година.

Околу 700 илјади евра, што е пола од вкупните средства, се потрошени од Министерството за информатичко општество и администрација, како субвенции за националните телевизии за потикнување на домашната играна и документарна програма. Во споредба со 2015, МИОА лани овој фонд го има зголемено за 200 илјади ерва, иако во програмската шема на националните телевизии сеуште преовладуваат турските серии и забавните српски емисии. Ако овие средства битно не влијаат на збогатување на програмската шема на националните телевизии, тогаш логички се поставува прашањето која е нивната вистинска намена.  Ние сме убедени дека власта не се грижи за домашната продукција, туку на купување наклонетост на медиумите.

Останатиот дел од средствата на министерствата и општините се потрошени за огласување и за претплата на весници. Најмногу средства од општините за таа намена имаат одвоено општините Битола и Гостивар, со околу 60 односно 50 илјади евра годишно. Загрижува фактот што некои општини трошат јавни пари на граѓаните за политичка пропаганда на градоначалникот или советот. Така општините Гевгелија, Делчево и Куманово имаат трошено десетици илјади евра за регионални телевизии за пренос на седниците на советот, за презентација на активностите на општината или за објавување на соопштенија. Од друга страна, има општини кои за една година исплатиле над 20 илјади евра на три регионални телевизии без да наведат за која намена. Таков е примерот со општина Штип.

Од министерствата најмногу средства за преплата на весници има трошено Министерството за внатрешни работи, кое во 2016 година за таа цел исплатило над 50 илјади евра.

Начинот на распределба и целта заради која се трошат парите во медиумите оставаат сомнеж дека министерствата и општините сакаат да ја купат наклонетоста на медиумите и да ги инструментализираат нив за политички интереси. Со тоа се поткопува нивната незавинсот и се загрозува правото на граѓаните од медиумите да добијат навремени и веродостојни информации.

Таму каде не функцинираат парите за да се воспостави контрола на медиумите, власта користи гола сила да ги замолчува новинарите. Според нашите податоци во последните четири години, нападнати се над 40 новинари, од кои околу пола од нападите се случиле во 2016 година. Имавме прогонувани новинари, еден осуден на затворска казна, а друг повеќе од една година е во притвор осомничен за незидржани обвинувања. Овој факт јасно сведочи за драматичната ескалација на насилството врз новинари.

Во Македонија постои јасна политика на неказнивост на насилството против новинарите. Убедливо најголем дел од инцидентите не се расветлени, а ниту еден насилник не е казнет.

Власта во 2016 година ја испушти можноста да направи сериозни реформи во медиумското законодавство и со тоа да ги елиминира главните забелешки на ЗНМ и на меѓународниот фактор за да ја обезбеди институционалната автономија на Македонската радио телевизија и независноста на медиумскиот регулатор. Место вистински реформи, партиите направија козметички измени на законите, кои суштински не ги подобрија состојбите во медиумите.  Ниедна постапка од Привремената комисија против медиуми за неизбалансирано известување за време на изборната кампања, не беше процесуирано од судските органи. Обвинителството и судовите не изградија ефикасен систем за казнување на говорот на омраза во медиумите.

Податоците од извештајот сведочат и за влошување на професионалната, економска и социјална положба на новинарите. Нивните плати се намалуваат, работните места се несигурни, а притисоците од уредниците, менаџерите и газдите на медиумите се зголемуваат.

Единствена светла точка во овој извештај е подобрување на судската пракса за тужбите за клевета и навреда против новинарите. Позитивно е дека бројот на тужбите се намалува, а судиите, со одредени исклучоци, почнуваат сериозно да ја применуваат праксата на Европскиот суд за човекови права од Стразбург. За разлика од 2012 година, кога имаше над 320 тужби за клевета против новинари, лани тој број беше под 50.

Се надеваме дека новата влада ќе покаже вистинска политичка волја да ги спроведе реформите во медиумите согласно барањата на Европската унија и новинарската заедница.

Првиот предизвик на новата власт ќе биде да се запираат нападите против новинари преку воспоставување на систем за ефикасно откривање и казнување на насилниците. Освен тоа, владата мора да прекине со јавни пари да го нарушува медиумскиот пазар со цел да ги корумпира и контролира медиумите. Институционалната автономија на Македонската радио телевизија и независноста на медиумскиот регулатор мора да се обезбедат.

Целиот извештај можете да го погледнете на слениот ЛИНК.

Фридом Хаус: Македонија неслободна земја за медиуми

0

СКОПЈЕ 05.04.2017 Здружението на новинарите на Македонија оценува дека извештајот за напредокот на демократијата во светот на “Фридом Хаус“ за 2017  година, во кој  Македонија се третира како земја во развој со хибриден режим, е објективен. Најлоша оценка во извештајот Фридом Хаус дава во делот за независноста на медиумите и државата ја рангира во групата на авторитарни режими, каде таа  има контрола на најголем дел од медиумите.

„Фридом Хаус“ забележува дека Македонија е земја каде се затвораат новинари за напишани текстови, како што е примерот со новинарот Зоран Божиновски.

„Фридом Хаус“, ги препознава ставовите на Здружението на новинарите на Македонија дека главен извор на кризата во медиумите е неказнивоста на насилство кон новинарите и владината корупција на медиумите. Ваквата оценка се покткрепува со податоци на ЗНМ дека во првата половина од 2016 година насилството ескалирало со физички напади, уништување на имот и опрема на новинарите и спречување да известуваат за судски постапки.

Извештајот го потврди ставот на ЗНМ дека договорот на партиите за формирање на ад хок телото за следење на медиумите нема значително да го подобри нивното известување. Иако АВМУ по препорака на телото покренало 68 прекршочни пријави, судот нема изречено ниту една казна, а провладините медиуми продолжиле да известуваат позитивно за ВМРО-ДПМНЕ и претежно негативно или неутрално за СДСМ.

Оваа релевантна меѓународна организација тврди дека паралелното новинарско здружение отворено ги промиовира ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во враска со состојбата на медиумите.

Извештајот е последен во низата, со кој целосно се разобличува коруптивниот медиумски систем во Македонија, за што во поседните шест години постојано алармира Здруќението на новинари на Македонија.

Здружението на новинари на Македонија

Скопје, 5 Април, 2017

Советот на АВМУ го политизира годишниот извештај

0

СКПЈЕ 29.03.2017 Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера го усвои Извештајот за работа на АВМУ за 2016 година, изготвен од стручната служба, во кој на објективен начин се преставува работата на националните телевизии од изминатата година. Врз основа на мониторингот на програмата на националните телевизии, во извештајот се констатира дека во неколку наврати на ТВ Сител и во емисијата на Миленко Неделковски која се прикажуваше на ТВ Канал 5 се користел говор на омраза. Исто така, во извештајот се нотира дека има континуирано прекршување на професионалните стандарди од страна на ТВ Алфа и на ТВ Нова.

Советот наместо да го одобрат извештајот, усвоиле нов заклучок, кој не се базира со анализата на стручната служба на Агенцијата, туку на личното убедување на членовите: Лазо Петрушевски, Селвер Ајдини, Миљаим Фетаи и Алма Машовиќ дека ТВ Сител, ТВ Нова, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, Телма, 24 Вести и ТВ Шења, биле политички пристрасни.

На ваквите паушални оценки на претседателот на Советот на Агенцијата Лазо Петрушевски се спротивставил Зоран Фиданоски, член на Советот, кој побарал да се одбие ваков заклучок.

„Овој став е политички мотивиран и со него се сака да се стави знак на еднаквост меѓу медиуми за кои во мониторингот не биле констатирани прекршувања на професионалните новинарски стандарди, со оние за кои има десетици пријави за прекршување на стандардите и констатиран говор на омраза“, изјави Зоран Фиданоски, на денешната прес конференција организирана од ЗНМ.

Фиданоски оцени дека Советот со ваквиот заклучок ја девалвира работата на стручната служба на Агенцијата и необјективно ја преставува работата на националните телевизии.

Тој се сомнева дека ваквиот заклучок на Советот е донесен по нечиј политички диктат и е целосно спротивен на мисијата на Агенцијата.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ваквиот заклучок на Советот на АВМУ го оцени како непримерен и непрофесионален, со што се потврдуваат ставовите на Здружението дека медиумскиот регулатор е политизиран и партизиран.

„Ова е уште еден аргумент зошто треба да се изберат нови членови на Советот на Агенцијата за медиуми. Во Советот треба да членуваат независни, стручни и компетентни личности, кои вистински ќе се грижат за создавање на слободни и професионални медиуми, а не да работат на спасување на образот на непрофесионалните медиуми“, рече Селмани.

Тој побара од Собранието на Македонија да не го усвои Извештајот за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2016 година и да го врати на доработка, со цел да се избрише вештачки вградена квалификација дека сите национални телевизии биле политички пристрасни.

29.03.2017 година, Скопје

 

Извештајот е достапен подолу на линкот.

ЗНМ ги повика новинарите да не известуваат од насилните протести

0

СКОПЈЕ 01.03.2017 Здружението на новинарите на Македонија остро ги осудува нападите на колегите од телевизијата А1.on, новинарот Александар Тодевски и камерманот Владимир Желчевски кои минатата вечер беа нападнати од учесниците на протестот организиран од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Очекуваме министерството за внатрешни работи брзо да ги идентификува насилниците и да покрене истрага против нив.

Насилството против новинари претставува најсериозен напад врз слободата на медиуми со што спречува јавноста да биде информирана.

Политиката на неказнивост на нападите врз новинарите која владата во последните пет години ја негува директно ги поттикнува ваквите напади.

Го повикуваме лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, јавно да го осуди вчерашниот напад врз двајцата новинари и да ги повика неговите поддржувачи, во овој случај оние кои протестираат, да престанат со нападите.

Како знак за протест, поради зачестените напади, ги повикуваме сите новинари да не известуваат од вечерашните протести од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Во иднина нашата позиција во однос на овие настани ќе зависи од спремноста на организаторите на протестите и Министерството за внатрешни работи, да гарантираат безбедни услови за работа за новинарите.

Здружение на новинарите на Македонија

Скопје 01.03.2017

Фото: ТВ Телма

Победи правдата за новинарите во Стразбур

0

СКОПЈЕ 09.02.2017 Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Европскиот суд за човекови права за случајот „Селмани и останати против Република Македонија“ поврзана со настаните од 24 декември 2012 година кога новинарите беа насилно избркани од галеријата на Собранието на Република Македонија.

Пресудата на Европскиот суд констатира повреда на две права гарантирани со Европската конвенција за човековите права и тоа: Правото на слобода на изразување од член 10 и правото на фер судење од член 6 од Конвенцијата.

Оваа пресуда е прва со која се утврдува повредата на слободата на изразување и е многу важна за демократијата и владеењето на правото во Република Македонија. Истовремено, пресудата е и победа на новинарската заедница која покажа дека за правда секогаш вреди да се бориме. Правдата можеби е спора но секогаш победува.

Таа придонесува во Македонија да се создаде правна култура и да се афирмира принципот на почитување на основните човекови права и слободи.

Оваа пресуда претставува доказ дека институциите во Република Македонија потфрлија во исполнување на својата основна задача да ги штитат и промовираат човековите права.

Сите детали околу пресудата ќе бидат презентирани на прес конференција која ќе се одржи утре (10.02.2017 година) во 11.00 часот во Клубот на новинари.

Пресудата е достапна на следниот линк
http://hudoc.echr.coe.int/eng#{“itemid”:[“001-170839

 

09.02.2017 година, Скопје

ЗНМ се солидаризира со барањата на новинарите на МПМ

0

СКОПЈЕ 06.02.2017 Здружението на новинарите на Македонија се солидаризира со барањата на новинарите на трите весника на издавачот Медиа принт Македонија веднаш да се исплатат заостанатите плати за декември и јануари и хонарарите на дописниците.

ЗНМ ја поддржува одлуката на штрајкувачкиот одбор на новинарите на Дневник, Утрински и Вест да стапат во штрајк ако најдоцна до 15 февруари не се исплатат заостанатите плати.

Без социјална сигурност на новинарите не може да има ниту слобода на медиуми, коja е  предуслов за функционална демократија.

Ги повикуваме сопствениците и менаџментот на МПМ сериозно да се зафатат со решавање на проблемите и да ја прекинат агонијата во компанијата. Недозволиво е весниците и новинарите да се претворат во заложници на дневно политички интереси.

Единствено трајно и одржливо решение за состојбата во МПМ е да се ослободат весниците од партиската контрола. Иднината на весниците треба да се бара преку враќање на довербата кај читателите и огласувачите.

 

Со почит,

Здружение на новинарите на Македонија

06 февруари 2017 година, Скопје

 

фото: http://a1on.mk/

Да се расчисти инцидентот со новинарот Милошевски

0

СКОПЈЕ 27.01.2017 Здружението на новинари на Македонија, Регионална канцеларија за Битола и Прилеп ги повикува надлежните институции што поскоро да го расветлат случајот од пред четири дена кога непознати сторители ја полиле со бензин и ја запалиле гаражата на новинарот Зоран Милошевски од Прилеп, сопственик на порталот „Публикум“ , дописник на неделникот „Фокус“ и соработник на порталот „Слободна Македонија“.

Расветлувањето на нападот ќе ја реши дилемата дали нападот е поврзан со работата на Милошевски како новинар или се работи за изолиран инцидент.

Полицијата и обвинителството при расветлување на настанот мора да ги имаат предвид и укажувањата на новинарот дека и претходно бил изложен на закани и притисоци на локални моќници.

Брзото решавање на нападите и острото санкционирање на насилниците ќе придонесе да се намали бранот на насилство врз новинарите. Потсетуваме дека државните институции имаат обврска да обезбедат нормални услови за работа на новинарите.

Регионален центар на ЗНМ за Битола и Прилеп

фото: publikum.mk

Битола, 27.01.2017

Осуда на вербалното насилство на власта против новинарите

0

СКОПЈЕ 16.01.2017 Здружението на новинарите на Македонија го осудува напливот на координирано вербално насилство на власта против новинари, кои се насочени против слободата на медиумите и правото на јавноста да се информира.

Ваквите напади имаат за цел да ги заплашат и замолчат новинарите и да ја задушат критиката во медиумите. Со тоа власта сака да ја спречи јавноста да се информира за важни случувања во земјата.

Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ против Фондацијата отворено општество Македонија, за наводно корумпирање на новинарите, е чиста замена на тези на досегашната власт, која нема храброст да се соочи со сопствената одговорност за масовната злоупотреба за медиумите за политички цели.

Изјавите на директорот на Архивот на Македонија, Филип Петровски за расчистување со медиумите на Сорос, е еклатантен пример на повикувањена јавен линч против неистомислениците на власта. Исто така, потсетувањето на овој контекст на контроверзни личности од историјата, извршители на атентати, претставува акт на повикување на насилство против новинарите. Таквите практики немаат врска со вредностите на слободните и демократски земји, туку се реликти од тоталитарните режими, кои имаат предизвикано големи страдања на човештвото.

Исто така, ги осудуваме навредите на градоначалникот на Берово против новинарката Даниела Такева и ги оценуваме како недолични под секое ниво на домашно воспитување на еден градоначалник. Овој инцидент покажува дека власта го проширува притисокот врз новинарите кои работат во критичните локални медиуми.

Ги повикуваме претставниците на власта да престанат со навредите и повиците за насилство против новинари и ги потсетуваме дека заради тоа ќе сносат одговорност за евентуалните последици. Ако има примери на непроферсионално однесување ги повикуваме да се бара од медиумите исправка или демант, а во случај да бидат игнорирани да се обратат на професионалните организации  одговорни за саморегулација во медиумите.

Исто така, ги повикуваме сите новинари да ги проверат нивните информации од различни извори и да не ги користат медиумите за пресметка со неистомислениците.

 

ЗНМ

16 јануари 2017 година, Скопје