Home Blog Page 7

Можност за аплицирање на онлајн курс за самостојно учење

0
Foto: Pixabay

Неказнивоста на злосторствата врз новинарите останува глобална грижа. Препознавајќи го зголемениот број напади врз новинарки на интернет, ние од Отсекот за комуникации и односи со медиумите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, развивме онлајн курс за самостојно учење со цел да им помогнеме на професионалните жени во медиумскиот сектор да ги развијат своите пристапи за дигитална безбедност, клучни за да останат безбедни на интернет.

Курсот се фокусира на конкретни предизвици со кои се соочуваат новинарите и онлајн и офлајн, вклучувајќи закани, говор на омраза, вознемирување, заплашување, клевета и други поврзани ризици. Лекциите комуницираат ефективни начини за спречување и справување со нападите, како и поврзаниот психолошки стрес, а вклучително и предизвиците со КОВИД-19.

И покрај тоа што е првенствено насочен кон адресирање на грижите на новинарките, курсот е корисен и за мажите новинари кои се соочуваат со потенцијални безбедносни предизвици на интернет. По завршувањето на курсот, новинарите ќе можат подобро да ги разберат и да ги подобрат своите навики за дигитална сигурност, да следат безбедни практики како и да планираат одговор при можни инциденти.

Курсот е создаден како одржлив ресурс поставен на платформата за е-учење на Секретаријатот на ОБСЕ и е развиен на англиски, македонски и албански јазик. Освен што е развиен за новинари и медиумски работници во Северна Македонија, тој е дизајниран и за меѓународна употреба.

Курсот е достапен на три јазици на следниве линкови:

Англиски:

https://elearning.osce.org/courses/course-v1:OSCE+OMSk-DSFJ-EN+2020-12/about

Македонски:

https://elearning.osce.org/courses/course-v1:OSCE+OMSk-DSFJ-MK+2020-12/about

Албански:

https://elearning.osce.org/courses/course-v1:OSCE+OMSk-DSFJ-AL+2020_12/about

ЕК извештај: Новинарите се повеќе напаѓани и изложени на самоцензура, медиумите се финансиски неодржливи а МРТ има најнизок буџет во последните 10 години

0

Општиот контекст останува поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко известување на медиумите и покрај сериозните наоди кои се дел од овој извештај. Посебно влијание на работата на новинарите имаше кризата со предизвикана од Ковид-19 каде беше зголемена тензијата во секторот. Нападите кон новинарите се зголемија а ветената нулта толеранција не се оствари зошто степенот на неказнивност остана висок. Реформите кои се ветуваа во МРТ и Агенција за медиуми останаа уште една година нереализирани. Уште еден заклучок е дека потребно е да се продолжат напорите за прифаќање на саморегулација во медиумите кои би биле проследени со конкретни резултати и кои би ги задржале професионалните стандарди на новинарството, како и тоа да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии.

МРТ освен со најмал буџет и со истечен мандат на советници како што е и случајот во Агенцијата за медиуми

Финансиската самостојност како и мерит системот за избор на менаџментот во овој медиум се два основни предуслови за независноста на јавниот сервис.

Извештајот вели дека властите, од нивна страна треба да ги зголемат напорите за реформа на МРТ, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост. Буџетот на МРТ е 13.1 милиони евра како што е нотирано во Извештајот и тоа е најнискиот буџет во последните десетина години кои го има овој медиум. Јавниот радиодифузен сервис усвои петгодишна стратегија за развој, но процесот на реформи е отежнат заради доцнењето во именувањето на членовите во неговиот Програмски совет и во Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги кои имаат истечен мандат.

Малиот пазар и социоекономската несигурност на медиумските работници останува сериозен проблем 

Дополнителни економски проблеми предизвика кризата со Ковид – 19. Во Извештајот се нагласува дека медиумите беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите се уште остануваат сериозен предизвик. Финансиската одржливост на медиумите и расположливото финансирање продолжуваат да ја зголемуваат загриженоста за интегритетот и независноста на медиумите. Потребни се дополнителни мерки за поддршка на професионалното и истражувачкото новинарство. Се наведува и истражувањето спроведено од самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) кој покажа дека 23% од медиумските работници немаат здравствено и социјално осигурување, 19% одговориле дека менаџментот на медиумите не дозволува работниците да формираат синдикат. Ниските приходи, како и непочитување на законот за работни односи од страна на работодавачите се заеднички и постојани предизвици за новинарите. Поради лошите работни услови, новинарите и медиумските работници изложени се на самоцензура.

Во делот за препораките, означено е дека тие кои што беа донесени во текот на 2020 година остануваат валидни, но се нагласува дека во наредната година, земјата потребно е да ја ревидира правната рамка во областа на медиумите во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди како и да ги финализира составите на Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми. За потсетување, мандатите на членовите во двете дела се истечени а Собранието не ја отпочна постапката за избор на новите членови иако на два наврати имаше објавен повик на кој се пријавуваа заинтересирани кандидати.

Закани и насилство врз новинарите се зголеми и нултата толеранција резултира со двоцифрен број на посериозни инциденти

Во овој дел потребно е спроведе пристап за нулта толеранција во врска со заплашување, закани и акти на насилство врз новинарите во остварувањето на нивната професија и да се обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Случаите на физичко и вербално насилство и закани кон новинари и медиумски работници се зголемија, додека нивните работни услови, особено работничките и социјалните права, остануваат тешки.

Во Извештајот е наведена и статистика во врска со напад врз новинари. Во 2020 година во Министерството за внатрешни работи се регистрирани 10 случаи на заплашување на новинари, додека ЗНМ регистрираше 2 физички напади и 12 различни форми на вербални закани по живот и други заплашувања. На почетокот на 2021 година, исто така, се регистрирани еден физички напад и една смртна закана. Се препорачува органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство да ги следат инцидентите со новинари, но потребна е подобра координација помеѓу различните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите. Се предлагаат нацрт – измени на Кривичниот законик, со цел да се зајакне заштитата на новинарите и другите медиумски работници со нивно сместување во групата професии кои ќе добијат дополнителна заштита кога ќе бидат изложени на напади и закани поради природата на нивната работа. Оваа препорака е делумно исполнета бидејќи измените на овој закон сеуште не се изгласани во Собранието на РСМ.

Понатаму се вели дека Здружението на новинари како и меѓународните медиумски организации забележаа зголемување на заканите кон новинарите од страна на политичари и јавни службеници, како и малтретирање преку интернет и вербални напади, вклучително и на социјалните мрежи.

Платената политичка програма останува проблем

Извештајот, исто така, се осврнува и на проблемот кој се однесува на платената политичка програма и вели дека „Можноста политичките партии да користат државно финансирање за политичко рекламирање во медиумите, останува загриженост меѓу медиумските асоцијации, поврзана со можното влијание врз независноста на медиумите“. Говорот на омраза е незаконски и онлајн и оф-лајн, но останува распространет преку Интернет.

Билјана Настеска – Каланоска

Драган Секуловски

Здружение на новинари на Македонија, 25.10.2021 година, Скопје

фото: mia.mk

ЈАВЕН ПОВИК ЗА ПРЕДЛОГ ПРОЕКТИ ВО РАМКИ НА ПРОГРАМАТА НА “SAFEJOURNALISTS.NET” ЗА ПОДДРШКА НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

0

Мрежата SafeJournalists, составена од Независното здружение на новинари на Србија, Хрватското новинарско здружение, новинарите на БХ, Здружението на новинари на Косово, Здружението на новинари на Македонија, Синдикатот на новинарите на Црна Гора, објавува повик за финансиска поддршка (мали грантови) на граѓанските организации во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово *.

Повикот е отворен во рамките на проектот „safejournalists.net” и има за цел да поттикне и овозможи граѓанско учество во застапувањето и донесувањето одлуки, а во насока на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските слободи.

Програмата за поддршка во рамките на „safejournalists.net“ е развиена со цел да ја зајакне улогата на ГО во активностите со властите и граѓаните како релевантни чинители во процесот на донесување одлуки. Овој пристап има двојна придобивка: ќе ги зајакне напорите на мрежата на SafeJournalists да го прошири кругот на застапници за да ја подобри заштитата на безбедноста на новинарите и медиумските слободи.

Општата цел на повикот е да им овозможи на локалните граѓански организации за мобилизирање и зајакнување да користат иновативни и експериментални пристапи во приближувањето на важноста за безбедноста на новинарите и медиумските слободи до граѓаните и да ги поттикне да креираат и да учествуваат во различни платформи за дијалог.

Бараниот грант мора да биде помеѓу најмалку 6.850 евра и најмногу 8.200 евра. Кофинансирањето на проектот од страна на носителот (апликантот) на проектот (или партнерот) не е задолжително.

Времетраењето на проектот мора да биде помеѓу 9 и 12 месеци.

Процесот на аплицирање  вклучува две фази:

  1. Поднесување, евалуација и избор на концепти за предлог-проект (отворен повик)
  2. Поднесување, евалуација и процес на селекција на целосни предлог-проекти (затворен повик)

Краен рок за поднесување на идеи за предлог -проекти (концепти на проекти) е 12 ноември 2021 година во 23:59 часот (CET).

Прашања во врска со повикот може да се испраќаат на следниве адреси: [email protected] (за програмски прашања) и [email protected] (за прашања во врска со финансиите) најдоцна до 5 ноември 2021 година.

Упатството и формуларот за апликација можат да се преземат на следниов линк.

* Ова именување е без предрасуди за статусот и е во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и мислењето на Меѓународниот суд на правда за прогласувањето независност на Косово.

Новинарите на Балканот се под притисок – панел на Европската федерација во Загреб

0

Во рамките на Годишното собрание на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) во Загреб на панел дискусијата насловена “Journalists under pressure in the Balkans” од страна на истражувачите од седум земји беше претставен индексот за степенот на безбедноста на новинарите од Западен Балкан за изминатата година.

Претставникот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Милан Спировски во улога на проектен истражувач имаше свое излагање каде ги претстави индикаторите и тековните трендови во контекст на безбедноста на новинарите во Северна Македонија.

Тој пред седумдесетина делегати од новинарските здруженија од повеќе европски земји истакна: ,,Изминатата година бројот на случаи против новинари и медиуми во Северна Македонија е намален но општата политика на неказнивост продолжува посебно во делот на старите случаи каде се повредени правата на новинарите. Само два од 14 случаи беа решени со судска пресуда, а јавната осуда на релевантните актери за нападите на новинарите веќе стана пракса, но има примери на јавни понижувања од страна на претставници на партиите кон новинарите“.

На панелот беше исто така укажано дека ЗНМ континуирано бара посебни одделенија во кривичниот суд и обвинителството за да се зголеми ефикасноста во заштитата на правата на новинарите посебно сега во пресрет на новите измени на Кривичниот закон каде се дава дополнително институционална заштита на новинарите.

Панелот беше во рамки на годишното собрание на ЕФЈ кое застапува над 320.000 новинари од 44 земји од 70 новинарски здруженија. На настанот од ЗНМ учествуваа Драган Секуловски, директор на ЗНМ во улога на делегат и Милан Спировски како истражувач и ко-автор на годишниот извештај за индикатори на безбедност на новинари.

08 октомври 2021 година, Загреб

Чадиковски: Вакцина против пандемијата со лажни вести е професионалното новинарство

0

Денес, во организација на Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми се одржа втората регионална конференција за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан ,,СОЗДАВАЊЕ ОТПОР КОН ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ”.

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски учествуваше во вториот панел на говорници на кој пред присутните истакна неколку поенти кои се од исклучително значење за новинарите и медиумските работници како денес така и во иднина: ,,Примерот со регистарот на професионални онлајн медиуми на promedia.mk е добар, но ни треба повеќе гласност и целосно профаќање од страна на маркетинг агенциите и бизнисот. Едноставно ширачите на лажни вести или наменски основаните портали треба да бидат надвор од кругот на компаниите за рекламирање. Тешко оди, рекетот се уште функционира, но нашата заложба е тоа да го направиме толку гласно и јасно, што ке функциинира како закон на релевантните вести. Дајте ја поддршката за да си помогнеме. Ние го направивме македонскиот регистар пред година и половина. Сличен модел пред 6 месеци, на европско ниво промовираше репортери без граници, една од најрелевантните светски организации за медиуми и новинарство. Тоа е доволен показател дека во оваа сфера ние мораме да ги одвоиме професионалните од непрофесионалите медиуми и на публиката тоа јасно да им го предочиме, затоа тука ни треба поддршка од бизнисот и политиката. Ова можеби не е единствеиот модел, но е единствениот за кој има општ консензус и во домашната и во меѓународната новинарска заедница”.

Но да ни биде на сите јасно, професионалното новинарство чини пари. Во услови кога пазарот е мал а комерцијалните рекламери не го препознаваат тоа и странските фондови се стеснуваат треба да се размислува за модел преку кој ќе се поддржи професионалното новинарство а со тоа и да се стимулираат содржини во интерес на јавноста. Во исто време да се обезбедат услови преку даночни олеснувања пред се на придонесите на вработените во медиумската индустрија, да се овозможи повеќе пари за професионализација на редакциите” истакна Чадиковски.

 

ЗНМ со иницијатива за повеќесекторска соработка за подобрување на безбедноста на новинарите

0

Ефикасно имплементирање на законите за подобра безбедност на новинарите е една од темите кои беше разговарано на денешната работна средба со Министерот Бојан Маричиќ а во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Измените и дополните на Кривичниот закон со кој се овозможува системска заштита на новинарите во случај на повреда на нивните права како и Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда во кој е намалена нематеријалната штета за новинарите се веќе во собраниска процедура и се очекува во наредниот период да бидат усвоени.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски на средбата укажа дека нашата земја има бројни обврски кои треба да се исполнат со цел да се подобрат правата на медиумските работници. Тие обврски се предвидени во Препорака на Советот на Европа CM/Rec(2016)4 за заштита на новинарството и безбедност на новинарите и другите медиумски актери како и во новите препораки на Европската комисија од 16ти септември 2021 година за подобрување на положбата и безбедноста на новинарите во ЕУ.

На средбата беше договорено во наредните недели Министерството за правда да иницира координација помеѓу ЗНМ и партнерските медиумски организации заедно со претставници на обвинителството, граѓанскиот и кривичниот суд но и Академијата за обука на судии и јавни обвинители. Целта на оваа координација е да се отпочне со повеќе секторска соработка во насока на поефикасна имплементација на новите измени во Кривичниот закон за заштита на медиумските работници како и на препораките на Советот на Европа и Европската комисија.

Иницијатива за соработка помеѓу Собранието и ЗНМ

0

На предлог на ЗНМ вчера во просториите на Собранието на Северна Македонија се одржа средба на која присуствуваа претседателот Талат Џафери, претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски и извршниот директор Драган Секуловски.

На работната средба беше разговарано за можноста да се организираат настани оваа есен на кои ќе бидат поканети група на пратеници и новинари. Целта на овие активности е да се разговара за подобрување на транспарентноста за работата на собранието кон новинарите и медиумите, како и да се сумираат впечатоците од периодот на работата на собранието со новинарите и медиумите во услови на криза предизвикана од тековната пандемија.

На средбата претседателот Џафери и претседателот Чадиковски дополнително разговараа и за можноста да се организира регионална конференција во Скопје со вклученост на пратеници на собранијата од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија како и новинари од здруженијата од овие земји со идеја да се поттикне регионална соработка помеѓу пратениците и новинарите.

Освен ова беше споделена можноста за потпишување на заедничка декларација од собранијата од овие земји со заложба за подобрување на законските решенија во контекст на унапредување на безбедноста на новинарите.

Синдикат на новинари и медиумски работници

0
До Синдикатот на новинари и медиумски работници вечерва пристигна поплака од новинари и медиумски работници (фото-репортери и сниматели) за начинот на организираниот превоз од страна на Владата за медиумските екипи за пречек на пристигнувањето на граѓани од Авганистан кои вечерва пристигнуваат во Скопје.
Акредитираните медиуми кои прашале за протоколите добиле одговор дека ќе се почитуваат сите мерки и протоколи при организираниот превоз. Сепак кога пристигнале пред Владата забележале дека во трите минибуси нема простор за дистанца, ниту возилото е климатизирано ниту, пак, се отворил прозорец за време на патувањето на релација Влада – Меѓународен Аеродром Скопје.
ССНМ во овој контекст потсетува дека според важечките протоколи донесени од владата превоз со возила со најмалку девет седишта, не сметајќи го и тоа на возачот, мора да биде организиран со максимална пополнетост од 75% (протокол бр.55).
ССНМ во услови на влошена епидемиолошка слика во земјата бара од владата да се придржува до донесените протоколи од нејзина страна, а кои важат за сите кои организираат превоз на патници.
ССНМ одново ги повикува надлежните и институциите да водат грижа за здравјето на новинарите и медиумските работници при организирање на настани за медиуми.

ЗНМ и Собранието на РСМ на заедничка координација со пратеници за медиумските реформи

0

На иницијатива на претставници на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), беше организирана работна средба со Претседателот на Собранието г-дин Талат Џафери и на пратенички групи како и независни пратеници на теми поврзани со медиумските политики, медиумските реформи со акцент на регулативата. Медиумските реформи и неколку закони важни за работата на новинарите се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската комисија во кој што се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност“. Од друга страна се очекува транспарентен и правичен избор на членовите на телата во медиумскиот регулатор како и во МРТ и тоа врз основа на нивната стручност.

На овој настан во своето поздравно обраќање Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски ја поздрави заинтересираноста и мотивираноста на присутните пратеници, координатори на пратенички групи, независните пратеници кои со својата присутност на овој настан изразуваат желба активно да партиципираат во дискусија за медиумските политики, и медиумските реформи во нашата земја. Чадиковски укажа дека Собранието потребно е да биде максимално транспарентно кон новинарите и медиумските работници и праксата Претседателот Џафери да има редовни брифинзи е добра и истата треба да биде и следена од страна на координаторите на пратеничките групи како и на сите пратеници. „Ова е прва средба од ваква природа која ја организира ЗНМ и преку ваквите настани се очекува да се подобри комуникацијата помеѓу пратениците и собранието но и да се крене свеста за потребата од квалитетни закони со кои се регулира работата на медиумите“, истакна Чадиковски.

Во своето обраќање Претседателот Талат Џафери се заблагодари за поканата и ја пофали ваквата иницијатива на ЗНМ на која се дава можност заеднички да се продискутира за важните прашања што ги засегаат новинарите, сите чинители во целиот медиумски простор како и пратениците во Собранието на Република Северна Македонија. „Собранието и јас сме секогаш отворени и достапни за вас, за граѓаните, за невладините организации и се разбира за меѓународните организации. Јас лично сум секогаш достапен за вас и вашите телефонски јавувања, без протоколи, без најави. Мораме да се фокусираме на евроинтеграциските процеси, јас би дополнил и со силни реформи во целиот медиумски простор, како седма сила која има исклучително голема моќ во градењето, насочувањето, аргументирањето или наводното ,,аргументирање и потоа донесувањето одлуки кај пошироката јавност и неговото мислење. – истакна Џафери.

Средбата беше проследена со конструктивна дебата во насока на дополнително подобрување на транспарентноста на Собранието посебно во услови на криза, како што е тековната пандемија каде поради здравствените мерки пристапот на новинарите кон работата на собранието беше ограничено.

Потребна е постојана двонасочна комуникација, отвореност и достапност од сите учесници од Собранието и од страна на медиумите, со цел граѓаните секогаш да ја добијат точната и навремена информација беше еден од заклучоците од заедничката дискусија. Ова беше прва средба во ваков формат а од септември ЗНМ ќе иницира и организирање на регионална конференција со пратеници од Западен Балкан на која ќе се споделуваат компаративни искуства околу комуникацијата на националните собранија и новинарите и медиумите.

Настанот беше организиран во Скопје на 09-ти јули во рамките на регионалниот проект „Унапредување на дијалогот помеѓу новинарските здруженија и парламентите од Западен Балкан за посилен граѓански сектор” (Improving the dialogue between journalists’ associations and parliaments in Western Balkans for stronger civil society sector), финансиран од страна на СИДА преку проектот „Заштита на граѓанскиот простор – Регионален центар за развој на граѓанското општество“ во реализација на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (BCSDN).