Регионална платформа: Службените претставници на Србија да се воздржат од таргетирање на медиумите

    0
    194

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која претставува повеќе од 8.200 членови, остро ги осудува смртните закани испратени до српскиот портал Direktno.rs и повикува на брза истрага и санкционирање на сторителот. Воедно, Платформата апелира до државните службеници да се воздржат од етикетирање на медиумите и новинарите.

    Во вторникот, на 07.04.2020 година, порталот Direktno.rs на својата електронска пошта доби порака која беше потпишана од Срѓан Петровиќ, а во неа се вели: „сите треба да бидете убиени и уништени“. Игор Велимировиќ, уредникот на Direktno.rs го извести Независното здружение на новинари на Србија (NUNS) дека тој ја пријавил заканата и дека полицијата дејствувала професионално и веднаш отворила истрага за заканите. Според Велимировиќ, медиумите објавиле писмо испратено од Емир Аскериќ, сега веќе отпуштен помошник на градоначалникот на Нови Пазар, во кое тој ја критикувал посетата на претседателот Вучиќ на градот во време на пандемија. Оваа вест беше цитирана директно од премиерката Брнабиќ, која исто така директно го посочила медиумот Direktno.rs на гледачите во една ТВ програмата позната по таргетирање на критичките новинари. Писмото, во комбинација со етикетирањето на премиерката Брнабиќ, веројатно се главна причина за смртните закани, рече Велимировиќ.

    „Таргетирање на новинари и медиуми од страна на државните службеници во Србија не е нешто ново, и за жал, тоа е присутно дури и сега во време на најголемата глобална криза“, рече Жељко Бодрозиќ, претседател на NUNS и додаде: „Смртните закани по ваквото јавно етикетирање од страна на службениците станаа пракса во нашата земја. Ова е причината зошто повторно ги предупредуваме сите политичари да размислат за последиците од пораките што ги испраќаат“.

    NUNS забележа зголемување на бројот на закани за време на вонредната состојба предизвикана од COVID-19. Имено, за 23 дена колку што трае вонредната состојба регистрираше 11 закани, додека во првите 3 месеци од 2020 година имаше 8.

    Регионалната платформа за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите му се придружува на својот член NUNS во осудата на заканите кон Direktno.rs и ги повикува надлежните органи да дејствуваат, да ги идентификуваат сторителите и истите да ги санкционираат. Истовремено ги потсетува највисоките официјални претставници на Србија дека нивните зборови влијаат врз однесувањето на граѓаните и затоа тие мора да се воздржат од вербални напади и притисоци врз медиумите. Единствено со јавна осуда на оваа закана и промена на тековниот јавен дискурс, тие можат да постават позитивен пример и да ја зголемат безбедноста на новинарите во Србија.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 09.04.2020 година

    Здружение на новинари во БХ
    Синдикат на медиуми на Црна Гора
    Здружение на новинари на Хрватска
    Здружение на новинари на Косово
    Здружение на новинарите на Македонија
    Независно здружение на новинари на Србија