Регионална платформа: Стоп за притисоците врз медиумите во БиХ

    0
    14

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која претставува повеќе од 8.200 членови, остро ги осудува политичките и институционалните притисоци против медиумите во БиХ кои известуваа за неправилностите при набавката на респиратори за медицинските установи во време на пандемијата.

    На 29 април, Фахрудин Солак, директор на Федералната управа за цивилна заштита, побара од канцеларијата на јавните обвинители „веднаш да ги истражат пристрасните и лажни обвиненија од медиумите“. Барањето на Солак доаѓа откако медиумите во БиХ објавија извештаи во кои на нетранспарентен и крајно сомнителен начин се купени сто респиратори, во вредност од 5,25 милиони евра. Врз основа на официјални документи, договорот е одобрен и потпишан од Солак.

    „Барањето на Солак до Обвинителството против новинарите и медиумите го илустрира целосното негирање на улогата на медиумите во едно демократско општество“, рече Борка Рудиќ, генерален секретар на Здружението на новинари во БиХ. „Неприфатливо е да се криминализираат новинарите ангажирани во истражувачкото новинарство, како и за јавните службеници да го користат пандемискиот период од Covid-19 за да ги ограничат правата на новинарите и медиумските слободи во БиХ. Тоа нема да го дозволиме и ќе ги искористиме сите правни средства за да го спречиме политичкиот и судскиот притисок врз слободното новинарство.

    Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите се приклучува на нејзината членка Здружението на новинари во БиХ во осудата на притисоците извршени врз медиумите кои покриваат теми од  јавен интерес, како и притисоците врз истражните тела. Ги повикуваме претставниците на државата на сите нивоа да ја препознаат улогата на медиумите во едно демократско општество и да се воздржат од вршење притисок. Во исто време, ги повикуваме надлежните органи, особено јавните обвинители да се спротивстават на ваквите притисоци и да дејствуваат во согласност со законот и нивните овластувања.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 01.05. 2020 година

    Здружение на новинари во БиХ

    Синдикат на медиуми на Црна Гора

    Здружение на новинари на Хрватска

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинарите на Македонија

    Независно здружение на новинари на Србија