Home Blog Page 20

Поделена заштитна опрема за новинарите и фоторепортерите

0

СКОПЈЕ, 21.12.2018 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје подели заштитна опрема и тоа заштитни елеци и капи на новинарите и фоторепортерите кои известуваат од настани од висок ризик.

Заштитната опрема беше обезбедена во рамки на проектот кој го спроведуваа ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје минатава година, а во наредните неколку недели Здружението ќе се погрижи дел од оваа опрема да заврши во секоја редакција која што ги праќа новинарите да покриваат настани од висок ризик.

На настанот се обрати претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски кој изрази благодарност до ОБСЕ за поддршката која му ја дава на ЗНМ во борбата за поголема безбедност на новинарите. „Минатата година беа организирани седум работилници од кои пет во градовите од внатрешноста на државата и две во Скопје, на кои учествуваа над 100 новинари и припадници на полицијата“, истакна Чадиковски. Тој додаде дека покрај обуките, оваа година беше објавен и прирачник кој треба да послужи за подобро меѓусебно разбирање меѓу полицијата и новинарите со цел да има подобро информирана јавност и безбедни новинари на терен. Чадиковски нагласи дека во иднина треба да има и поголема соработка со ОБСЕ бидејќи има уште многу работа со цел да се подобри состојбата со слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.

Освен што беше доделена заштитна опрема за новинарите, на настанот беше промовирана и бесплатна телефонска линија за помош при напад на новинари. Таа ќе функционира во наредните две години во рамки на соработката помеѓу Самостојниот синдикат на независни новинари и медиумски работници (ССНМ) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдстајн рече дека секој новинар кој ќе се соочи со закана или опасност или се најде во непожелна ситуација ќе може да се обрати кај обучените оператори од Синдикатот и ќе добие насоки како да се заштити, и како да го пријави нападот.

„Денеска ви ги претставуваме и безбедносните елеци и заштитни капчиња за новинари кои ги обезбедивме и ги предаваме на ЗНМ да ги дистрибуира до новинарите и редакциите со цел медиумите и репортерите кои излегуваат на настани со висок ризик да бидат барем малку посигурни и јасно обележани дека се претставници на новинарството“, истакна тој.

„Претседателот на ССНМ, Ѕвездан Георгиевски рече дека дел од работничките права на новинарите и медиумските работници е и работата во соодветни услови, без закани и заплашувања. „Клучно на колегите да им овозможиме помош кога ќе се соочат со каков било вид на насилство“, истакна тој и додаде дека при пријавата на нападот на бесплатната телефонска линија (0800-11-011) Синдикатот нема само да го регистрира настанот, туку ќе овозможи и помош поврзана со пријавувањето на насилството до соодветните институции, совети за како да се одбранат во дадената ситуација, како да реагираат на заплашувања итн.

Додека се грижат за туѓите, новинарите ги забораваат своите права

0

СКОПЈЕ, 20.12.2018 – Работните права и нивното почитување не се забранета тема во македонските медиуми, но сепак, со едно кусо пребарување на интернет сајтовите на македонски медиуми може да се заклучи дека оваа значајна тема се третира ретко и површно. Најголем дел од текстовите/прилозите поврзани со правата на работниците во Македонија се всушност извештаи од прес-конференции на државни институции (МТСП), синдикати или нелвадини организации. Ретко, на македонските медиуми може да се најде, прочита, слушне или види подлабока анализа или истражување на тема работни права и покрај фактот што постојано слушаме информации за драстични кршења на работничките права во Македонија.

Логично, се поставува прашањето зошто е тоа така? Зошто новинарите и уредниците не се повеќе заинтересирани за оваа тема, која во држава со слаба економија и голема невработеност постојано би требало да биде предмет на сериозна анализа и истражување.

Еден од можните одговори на ова прашање е поврзан со фактот дека во последната деценија медиумската сфера комплетно се промени и тоа во негативна насока. Дигитализацијата, интернетот и социјалните мрежи го променија начинот на кој јавноста/публиката гледа на новинарството. Традиционалниот начин на селектирање, подготвување, обработка и објавување на вестите и информациите се повеќе е реткост. Денес најважна е брзината, бројот на објави, кликови, споделувања, лајкови за чие постигнување не се бираат средства, бидејќи токму големиот број на објави, кликови и споделувања му носи финансиска добивка на медиумот. Аналитичкото, истражувачко и критичко новинарство кое што бара сериозни ресурси, и финансиски и човечки, не му го носи на кој и да е медиум толку потребниот профит за функционирање. Тоа значи дека трката за профити и зголемена гледаност, слушаност, читаност ги фрла во сенка основните новинарски начела, ја намалува можноста за запазување на професионалните стандари и истовремено ја трга на страна вистината, а со тоа и јавниот интерес, чиешто штитење е суштината на новинарството како професија.

Целата анализа можете да ја погледнете ТУКА.

 

ЗНМ на средби со претставници на Европските институции

0

СКОПЈЕ, 29.11.2018 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија беа во тродневна посета на Брисел каде остварија повеќе билатерални средби со претставници на Меѓународната федерација на новинарите (IFJ), пратеници на Европскиот парламент, претставници на Европската комисија како и со други организации кои работат во сферата на медиумите.

На првата средба Претседателот на ЗНМ – Насер Селмани, Извршниот директор – Драган Секуловски, како и координаторот за комуникации – Дениз Сулејман се сретнаа со директорката на Европската федерација на новинарите – Рената Шредер и нејзините колеги со кои во останатиот период се сретнаа уште неколку пати. Тие разговараа за актуелната состојба со медиумите во државата, за чекорите кои треба да се преземат, како и за можната идна соработка со ЕФН и МФН со цел да се зголемат капацитетите на новинарите и да се зголеми нивото на безбедност при нивното работење. efj

Втората средба на која присуствуваа претставниците на Здружението беше групната средба со Европската Комисија (DGNEAR) на која се разговараше за медиумските реформи и за безбедноста на новинарите во државата и во регионот, додека подоцна истиот ден одржаа и билатерална средба со одговорните лица за Македонија.

Во рамки на посетата, претставниците на ЗНМ имаа билатерални средби и со неколкумина пратеници од Европскиот Парламент како што се: Алојз Петерле, Иво Вајгл и Тонино Пицула, а потоа присуствуваа на брифинг каде пред новинарските организации од земјите од Западен Балкан говореа европарламентарците Тања Фајон и Кнут Флекенштајн.

На сите средби беше укажано дека загрижува фактот што во последната верзија на „Планот 18“ на Владата на Република Македонија е избришан делот кој се однесуваше на реформи во медиумите. Исто така, посебен акцент беше ставен и на високото ниво на неказнивост на нападите врз новинарите чиј процент се уште е многу висок. На средбите стана збор и за потребата за промена на спорните делови во Изборниот законик за кои Здружението на новинарите на Македонија алармираше при самото негово изгласување, а во таа насока беше нагласена и потребата од одблокирање и конечно изгласување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој веќе одамна е заглавен во Парламентот. qbjzedwv-jpg-large

Оваа посета беше организирана како дел од активностите кои ги презема ЗНМ во делот на застапување и лобирање за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Македонија.

Како резултат на средбите кои ги имаа претставниците на ЗНМ, на вчерашната пленарна седница на Европскиот парламент, пратеникот Иво Вајгл ја истакна важноста на медиумите во едно демократско општество. Тој рече дека Македонија ќе треба да обезбеди простор за слободни и плуралистички медиуми, треба да ги заштити новинарите во земјата и да се бори против организираниот криминал на поефективен начин.

vajgl

Власта не го исполни ветувањето дека ќе нема платена политичка пропаганда во медиумите

0

СКОПЈЕ, 12.11.2018 – Здружението на новинарите на Македонија изразува сериозна загриженост затоа што во последните измени и дополнувања на Изборниот законик, што по скратена постапка се предложени од власта и опозицијата во Собранието, не е предвидено и бришењето на спорниот член за финансирање на политичката пропаганда на партиите за време на изборна кампања.

Разочарани сме што Владата не ги исполнува јавните ветувања пред македонската јавност и меѓународните партнери дека по референдумот ќе ја укине можноста јавни пари да се трошат за плаќање на политичка пропаганда во медиумите.

На почетокот од септември годинава, Владата писмено одговори до платформата на Советот на Европа за промоција и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, која во август објави предупредување во врска со спорните измени на Изборниот законик.

Во тој одговор Владата вети дека при наредните измени и дополнувања на Изборниот законик ќе ги земе предвид и укажувањата на новинарската заедница.

Ако остане решението со јавни пари да се финансира политичката пропаганда во приватните медиуми нема да прекинат старите клиентелистички односи меѓу политичките партии и медиумите. Преку ваквите коруптивни односи што претходната власт ги воспостави со владините реклами, власта ја купуваше наклонетоста на медиумите и ги претвори нив во инструмент за ширење политичка пропаганда.

ЗНМ ќе ги информира меѓународните организации за тоа што Владата не ги исполнува дадените ветувања дека при следното менување на изборната регулатива ќе ја избришат можноста јавни пари да се трошат за пропаганда.

Одбележан Меѓународниот ден за прекинување на политиката на некзнивост на насилството врз новинарите

0

СКОПЈЕ, 02.11.2018 – Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа во Скопје во соработка со Здружението на новинарите на Македонија и Министерството за внатрешни работи на Македонија денеска организираа настан за одбележување на 2ри ноември, Меѓународниот ден за прекинување на политиката на некзнивост на насилството врз новинарите. На настанот пригодно обраќање имаше Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. На овој настан исто така беше промовиран и Прирачник за безбедноста на новинарите за следење на настани од висок ризик.

Интегралниот говор на претседателот на ЗНМ може да го прочитате во прилог:

– Денеска на Меѓународниот ден на прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите, се присетуваме на црниот биланс на насилството врз новинари. Годинава во светот се убиени 47 новинари, од кои тројца во европско тло. Најголем дел од овие свирепи убиства се нерасчистени, а убијците се на слобода. Длабоко жалиме за изгубените животи на нашите колеги и се поклонуваме пред нивната жртва во името на новинарската професија, која очајно трага по вистината.

Во Македонија немаме убиен новинар, но тоа не значи дека институциите не треба сериозно да ги сфатат сите закани врз новинарите. Никој не веруваше дека во Словачка или Бугарија, членки на Европската унија дека може да се убијат новинари, но за жал тоа се случи.

Безбедноста на новинарите во Македонија полека се подобрува. Бројот на напади во споредба со претходната година се намали од 18 на шест, а институциите после една деценија почнаа да ги казнуваат напаѓачите на новинари. За физички напад на новинар Скопскиот основен суд изрече затворска казна, додека прекршочниот суд во Струга парична казна. МВР го исполни ветувањето дека ќе објави извештај за сите напади што се случиле последните пет години, а во исто време и побрзо реагира на секој нов напад.

Покрај ваквите позитивни примери, за жал, политиката на неказнивост на насилството врз новинарите во Македонија се уште има длабоки корени. Политичката волја на Владата и на министерот Спасовски да стават крај на нападите на новинари, не ја следи и бирократијата во полицијата и обвинителството. Тие сеуште водат неквалитетни и неефикасни истраги. Од извештајот на полицијата и обвинителството можете да разберете дека од 59 напади на новинари, само двајца напаѓачи се казнети со ефективна казна, и само уште еден предмет во обвинителството е целосно истражен за кривично гонење.

13 предмети се целосно нерасветлени, за кои полицијата тврди дека тешко ќе може да се расветлат затоа што во минатото се воделе неквалитетни истраги или дури во некои случаи се уништени и докази. Ако не можат да се расчистат случаите, МВР може да покрене постапки против припадници на полицијата што воделе неквалитетни истраги или криеле докази.

И тие предмети што полицијата ги третирани за истражени, во суштина не нерасчистени. Пример, МВР поднела седум кривични пријави против напаѓачи на новинари, а обвинителството прифатило само една.  Останатите пријави се отфрлени затоа што истрагите се нецелосни. Полицијата дури не успеало да ги идентификува напаѓачите. Слична судбина имаат и пријавите на полицијата до Прекршочните судови.

За да биде ситуацијата уште посериозна, одредени структури во полицијата се солидаризираат со нивни колеги што напаѓаат новинари. Таков е случајот на еден полицаец кој пред две години тепаше новинар на протест. Беше утврдено дека тој ги пречекорил овластувањата, но МВР место да покрене постапка пред обвинителство, доставува само известување.

Слични примери на забошотување на истраги има и во Обвинителство. Девет месеци не беа доволни на еден обвинител да ја заврши истрагата против едно лице кој во март годинава упати експлицитни смртни закани против новинар.

Ние сме сериозно загрижени и заради арбитрарното приведување на новинари во полиција. Таквата практика на застрашување мора веднаш да престане затоа што тоа може да има чилинг ефект врз слободата на медиумите.

Сакам уште еднаш да ги повикам институциите сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади на новинари и одговорните да ги казнат. Без таков одговорен однос на институциите нападите ќе продолжат и ќе станат побрутални, кои можат да го доведат во прашање и голиот живот на новинарите.

Институциите треба да разберат дека напад на новинар во исто време е напад и врз слободата на говорот, правото на граѓаните да се информираат и демократијата воопшто.

Обврска на властите е да осигурат безбедна средина за работа на новинарите ослободен од било какви закани и притисоци.

На крај сакам да истакнам дека ние како Здружение на новинари сме подготвени да ја продолжиме соработката со сите институции во земјата за да ставиме крај на нападите на новинари и заеднички да ја подобриме нивната безбедноста и воопшто состојбата со слободата на медиумите во Македонија.

Ви благодарам на вниманието!

 

Амбасадорот на ОБСЕ го посети ЗНМ

0

СКОПЈЕ, 25.10.2018 – Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која денеска го посети Здружението на новинарите на Македонија. На средбата претседателот на ЗНМ, Насер Селмани го информираше амбасадорот Која со состојбата на слободата на медиумите.

Претседателот Селмани објасни дека иако новата влада демострира политичка волја да се стави крај на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите, сепак резултатите на терен се симболични бидејќи оваа негативна практика има длабоки корени во македонските институции.

Тој изрази загриженост што Скопскиот граѓански суд ги одбива тужбите за клевета против онлајн медиумите со чудно објаснување, а обвинителството подолго време го толерира говорот на омраза  во јавниот дискурс.

Според него, позитивно е што Владата ги усогласила измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, но дека парламентарното мнозинство мора да најде решение за усвојување на законот во Собрание.

Претседателот на ЗНМ ја пофали подготвеноста на Владата да ги поддржи печатените медиуми, меѓутоа предупреди дека процесот мора да биде мониториран со цел процесот да биде транспарентен и сеопфатен.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски побара од ОБСЕ да се вклучи во процесот на ревизија на спорните амандмани на Изборниот законик, донесени во текот на летото, кои директно влијаат на работата на медиумите.

Двете страни ја поздравија досегашната соработка и изразија подготвеност да соработуваат уште поинтензивно во иднина за подобрување на состојбата со слободата на медиумите.

Измени на Кривичниот законик за поголема заштита на новинарите и медиумските работници

0

СКОПЈЕ, 19.10.2018 – Претставници на Здружението на новинарите на Македонија учествуваа на работната група за измени и дополнувања на Кривичниот законик, каде беа разгледани препораките на ЗНМ за измена на Кривичниот законик во делот на заштита на новинарите и медиумските работници при вршење на нивната професионална должност.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски побара воведување на нови кривични дела во Кривичниот законик како што се „Спречување на новинарите во извршувањето на професионалните задачи“ и „Напад врз новинарите во извршувањето на професионалните обврски“ односно дополнување на постојните членови во законот кои се однесуваат на закани и физички напад вклучувајќи и убиство.

Со овие предлог измени, секое лице кое ќе се закани или ќе нападне новинар, медиумски работник или нивно блиско лице поради извршување на професионални новинарски задачи ќе добие поголема казна од страна на судот. Освен ова, за дел од овие повреди на права во иднина обвинителството ќе презема мерки по службена должност наместо праксата на приватни тужби од страна на новинарите како што е тоа во моментов. Целта на овие измени на Кривичниот законик е да се воспостави поефикасен систем на заштита на новинарите, а во исто време да се одвратат потенцијалните напаѓачи во иднина.

Со предложените измени новинарските екипи ќе добијат зголемена заштита во извршувањето на професионалните обврски, нешто слично како и службените лица. Таквата заштита ќе биде во согласност со меѓународните и европските стандарди и практика на Европскиот суд за човекови права, а во нашиот локален контекст ваквата заштита е повеќе од потребна.

Работната група за измени на Кривичниот законик е во рамки на Министерството за правда и е предводена од академик Владо Камбовски. Во идниот период се очекува да има дополнителни средби на кои ќе усогласат измените и дополнувањата на овој закон.

Промовирана анализата „Влијанието на законот за авторското право и сродните права врз работата на новинарите, фоторепортерите и медиумските работници“

0

СКОПЈЕ, 15.10.2018 – Здружението на новинарите на Македонија денеска ја промовираше публикацијата „Влијанието на законот за авторското право и сродните права врз работата на новинарите, фоторепортерите и медиумските работници“. Во неа авторите, адвокатите Иван Брешковски и Игор Марковски даваат осврт на значењето на авторското право за работата на новинарите и медиумските работници.

На презентацијата на анализата се обрати претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој рече дека Здружението се решило да изготви ваква анализа поради фактот дека во медиумскиот простор има масовно кршење на авторските права на новинарите и медиумските работници.

„Веруваме дека непочитувањето на авторското право директно придонесува за лошиот социјален статус на новинарите, а на трудот на новинарите и медиумските работници профитираат оние кои ги кршат нивните права“, рече Селмани. Тој додаде дека оваа анализа има за цел да ја подигне свеста и кај државните институции за големата важност да се почитува правото на авторот во медиумите, бидејќи тоа директно влијае и на квалитетот на новинарството како и на слободата на медиумите.

Еден од авторите на анализата, адвокатот Иван Брешковски, на промоцијата истакна дека со оваа публикација се дава краток историски осврт на развитокот на авторските права односно еволуцијата на прописите во таа област во Европа и во светот. Според Брешковски, во неа се појаснети оние делови од македонскиот Закон за авторското право и сродните права (ЗАПСП) кои се важни за работата на новинарите и медиумските работници.

„Унапредувањето на заштитата на авторските права е значајно кога станува збор за почитување на новинарските производи преку гарантирање на сопственоста на новинарските текстови, фотографии, аудио визуелни содржини, колумни, интервјуа, карикатури и други новинарски производи и гарантирање на Материјалните права односно имотните интереси на авторот во овој случај новинарот од неговото авторско дело“, рече Брешковски. Тој додаде дека, анализата е наменета и за сите чинители од медиумскиот сектор, како што се правосудниот сектор и генералната јавност со цел да се зголеми информираноста за важноста на авторското право во креирање и дистрибуција на медиумските содржини.

Оваа анализа беше изработена со помош на Фондацијата Конрад Аденауер.

Новинарските организации усогласија критериуми за онлајн медиумите

0

СКОПЈЕ, 10.10.2018 – Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија, усогласија минимум критериуми што ќе помогнат во заштита и промоција на професионалното новинарство во онлајн медиумите.

ЗНМ, ССНМ и СЕММ сметаат дека онлајн медиумите треба да ги почитуваат начелата и принципите на новинарската професија, како што се:

-транспарентна сопственост,

-објавување на импресум, контакт и адреса на медиумот,

-прифаќање и почитување на Кодексот на новинарите и

-регистрација на правен субјект во Македонија.

Трите организации бараат од Владата и јавните институции да ги почитуваат овие критериуми при издавање на акредитација на новинарите од онлајн медиумите.

Ги повикуваме рекламерите на општествена одговорност и да се воздржат од објавување на реклами во онлајн медиумите кои не ги исполнуваат овие критериуми.

Ако Владата и рекламерите не ги почитуваат овие критериуми директно ќе придонесат кон јакнење на дезинформациите во медиумите и нивно користење за пропагандни цели. Ова може да се искористи како алиби за да се донесе рестриктивна законска регулација на онлајн медиумите која може да ја ограничи слободата на изразување на интернет.