Home Blog Page 30

Поддршка за поранешните вработени во МПМ

0

СКОПЈЕ, 23.11.2017 – Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) го поддржува барањето на поранешните вработени во МПМ и Медиа Принт за исплаќање на неисплатените плати и хонорари.

ССНМ се солидаризира со поранешните вработени во Медиа Принт Македонија (МПМ) и Медиа Принт и во нивното барање до надлежните институции, што поскоро да се решат криминалните случаи поврзани со МПМ и Медиа Принт со цел да се најде начин за исплата на плати, хонорари и отпремнини ( кои што сами ги пресмета и ги одреди МПМ) и кои се уставно гарантирано право на секој работник.

Поради сомневањата за криминално работење, ССНМ уште во јуни, годинава, им поднесе кривични пријави на сопственикот и директорот на компанијата, Срѓан Керим и Јана Станисављева, за злоупотреба на службената положба и овластување, затоа што свесно и со умисла го разнебитувале имотот на компанијата со цел да ги згаснат медиумите во нивна сопственост.

ССНМ ги повикува надлежните институции посериозно да се занимаваат со овој случај со цел негово скоро решавање и исплата на заостанатите плати на речиси 400 вработени во изданијата на компанијата

Дополнително за односот на менаџментот кон своите некогашни вработени говори и фактот, што, додека во јавноста се презентираа информации дека компанијата кубури со пари и затоа платите на вработените доцнат со месеци, истовремено, на еден од управителите на фирмата била исплаќана месечна плата во висина од неколкугодишна просечна новинарска плата.

За згаснувањето на весниците и онлајн медиумите на компанијата ССНМ смета дека главен виновник е менаџментот на компанијата кој наместо да дозволи на вработените, новинарите професионално да ја работат новинарската работа како во сите демократски општества, се одлучи да и слугува на политиката и политичките афилијации на менаџментот.

ССНМ ги повикува надлежните институции посериозно да се занимаваат со овој случај со цел негово скоро решавање и исплата на заостанатите плати на речиси 400 вработени во изданијата на компанијата.

Селмани: Владата сака да има монопол над вистината

0

СКОПЈЕ, 23.11.2017 – Здружението на новинари на Македонија и Институтот за општествени и хуманистички науки, вчера во Клубот на новинари ја презентираа анализа за ефектите од примената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз уредувачката слобода. Анализата е изработена од експертски тимови на Институтот и ЗНМ во рамките на проектот финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Директорката на Институтот за општествени и хуманистички науки, Катерина Колозова, презентирајќи ги наодите од анализата рече дека Законот за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е премногу детализиран, до инфантилизирање, до карикатуралност, да се одредува која програма кога да се емитува.

„Со законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се ограничува слободата на изразувањето и, уште повеќе, ќе се воведе цензура и автоцензура во медиумите. Одредбите од законот се доказ на феноменот на „заробена држава “, истакна Колозова и додаде дека преку прекумерна законска регулација ѝ се овозможува на извршната власт прекумерна контрола врз медиумите.

„Најважниот заклучок од оваа анализа е дека во Македонија постои прекумерна регулација на приватните радиодифузни медиуми. Државата премногу се меша во креирање на програмата на приватните медиуми, која негативно се одразува на уредувачката слобода, квалитетот на програмата и финансиската кондиција на медиумите“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Селмани објасни дека втор заклучок од анализата е дека професионалната етика на медиумите треба да иде објект на саморегулација, а не тоа да се наметне од државата со закони и казни.

Тој збореше и за последната нацрт верзија на законот за АВМУ, со која Владата сака да го има монополот на вистината. „Ако помине овој член, власта во иднина ќе ја утврдува вистината во медиумите. Тој ќе има застрашувачки негативни ефекти врз слободата на говорот и слободата на медиумите. Исто така, ќе ја засили постојната самоцензура и ќе ја задуши критиката во медиумите“, истакна Селмани.

Запрашан во врска со финансирањето на МРТ, Селмани истакна дека 0.7 проценти од буџетот за финансирање на МРТ се недоволни средства за нормално функционирање на јавниот сервис.

Според него, многу е важна соработката меѓу граѓанскиот сектор и медиумските организации. „Вклучувањето на граѓанскиот сектор во дебатата за слободата на говорот, ни е ветер во грбот за решавање на постоечките проблеми во медиумскиот сектор“,  нагласи Селмани.

Селмани предупреди, Владата сака да воведе цензура во медиумите

0

СКОПЈЕ, 21.11.2017 – Министерството за информатичко општество и администрација вчера во Скопје организираше дебата за Нацрт-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани ја обвини Владата дека со обидот за воведување на парични казни за неетичко известување на медиумите сака да воведе цензура, која е забранета со македонскиот устав. Селмани објасни дека Владата практично сака да стави рака врз медиумската содржина и да изигрува главен и одговорен уредник и да им каже на новинарите што е етичко а што е неетичко известување.

„Вие сте неконзистентни во вашите ставови, од една страна велите дека поддржувате саморегулација во медиумите, а од друга страна предлагате казни за новинарска етика. Што ќе работи Советот на етика во медиумите и Советот на честа на ЗНМ ако вие им кажувате на новинарите како треба да пишуваат. За тоа медиумите ќе ги казнувате со пет илјади евра, а одговорното лице со 1500 евра. Со тоа практично воведувате цензура“, рече Селмани и додаде дека луѓето што учествувале во пишувањето на овој член од законот, не само што се големи непријатели на слободата на говорот, туку и директно работат и против кредибилитетот на оваа влада, која сака да се прикажува како реформска.

Тој тврди дека ако не се избришат казните за етичките стандарди на новинарството, Македонија ризикува да ја прекрши Европската конвенција за човекови права и слободи, која е обврзана да ја почитува како членка на Советот на Европа. „Членот 10 од Конвенцијата јасно дефинира за што може да се ограничува слободата на говорот. Вие со овој член излегувате надвор од тие рамки и воведувате нови ограничувања“, предупреди Селмани.

Според него, 0.7 проценти од буџетот за финансирање на МРТ се недоволни средства за нормално функционирање на јавниот сервис. „Кога бевте опозиција не ви пречеше да поддржите 1 процент од буџетот за Јавниот сервис, а сега предвидувате 0,7 проценти од буџетот. Ако МРТВ има долг од 30 милиони евра како планирате Вие со 15 милиони евра годишно да ги сервисирате долговите. Како мислите да отворите нов канал на албански јазик, да ја опремите МРТ, да ги зголемите платите на вработените, а да не говориме за процесот за дигитализација“, рече Селмани.

Министерот Роберт Поповски вети дека членот 61 ќе биде избришан ако тоа го бараат новинарските здруженија. „Отворени сме член 61 да се брише, но размислете што ќе значи тоа“, истакна Поповски.

Во врска со финансирањето на МРТ Поповски рече дека се размислува да се предвиди можност секоја година да расте процентот за финансирање на МРТ се додека не достигне посакуваниот 1 процент.

Селмани, на крај на дебата, ја пофали подготвеноста на Владата да се избришат казните предвидени во членот 61 и да се разговара за компромисно решение за финансирањето на МРТ.

Средба со Генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер

0

СКОПЈЕ, 17.11.2017 – Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани денеска заедно со претставници на пет други граѓански организации имаа средба со Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, кој престојува во дводневна посета на Македонија.

Амбасадорот Гремингер, ги запозна претставниците на граѓанските организации со целите на посетата во Македонија, да види како земјата ја надмина политичката криза и да се запознае со агендата за реформи на Владата, за што ОБСЕ е заинтересирано да ги поддржи тие напори.

На средбата со Гремингер, Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани збореше за безбедноста на новинарите и за процесот на изменување на медиумските закони. „Во Македонија постои јасна тенденција за неказнивост на насилството врз новинарите затоа што ниеден насилник не е изведен пред лицето на правдата“, рече Селмани. Тој изрази разочарување што пред две недели полицијата приведе двајца новинари во полициска станица за наводно снимање на судии на објавувањето на пресудите за случајот „Диво Насеље“, а во суштина ги испрашувале за снимање на полицијата пред судската зграда. „Тоа е апсолутно неприфатлива практика“, истакна Селмани и додаде дека полицијата сеуште ги третира новинарите како опасни луѓе на кои не треба да им се верува. Тој се заложи да се изгради институционален механизам за превенција и казнување на насилството на новинари, за кој ЗНМ е подготвен да соработува со институциите.

Во врска со измените на медиумските закони, Селмани рече дека дебата место да го подобри текстот на законот, тој напротив се влошува. За ЗНМ е апсолутно неприфатлива идејата на Владата да ја регулира медиумската содржина. „Тоа е во спротивност со најдобрите практики во европските демократии“, рече Селмани. Тој рече дека наметнувањето на парични казни за начинот на известување на новинарите покажува дека Владата сака да ја игра улогата на главен и одговорен уредник на медиумите. Според него, Владата досега не покажала желба за вистинска дебата со аргументи околу моделот за финансирање на Македонската радиотелевизија. Ако Владата однапред знае дека за МТВ треба да се одвојат само 0.7 проценти од буџетот на државата, тогаш за што служи дебатата за законот, запраша Селмани.

Кежаровски ја промовираше книгата „Живот во кутија“

0

СКОПЈЕ, 17.11.2017 – Вчера беше промовирана книгата на новинарот Томислав Кежаровски, наречена „Живот во кутија“. Кежаровски во книгата ја опишува целата голгота која ја помина со судските власти како и за самиот престој во затвор.

„Се надевам дека оваа книга ќе биде последна од овој вид, и ќе се пишуваат книги за љубов и убави работи“, кажа Кежаровски и дополни: „Во книгата ќе прочитате зошто бев затворен, пишував за нивните гнасотилаци“. 

-Томислав Кежаровски стана симбол кој секогаш ќе го имаме пред себе кога велиме – Никогаш да не се повтори. Да не дозволиме никогаш повеќе да бидат загрозени слободата на новинарите и слободата на граѓаните. Ми беше чест да присуствувам на промоцијата на неговата книга „Живот во кутија“, напиша премиерот Зоран Заев на својата официјална Фејсбук страница.

Новинарот Томислав Кежаровски  беше обвинет и осуден на 4,5 години затвор за наводно обелоденување на идентитет на заштитен сведок, кој самиот на суд призна дека дал лажен исказ под притисок на полицијата. Тој помина седум месеци во притвор во „Шутка“ и 15 месеци во куќен притвор. Книгата Кежаровски ја посвети на сопругата Марина и ќерката Стефанија.

Спасовски се сретна со претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ

0

СКОПЈЕ, 15.11.2017 – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера имаше средба со претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ Арлем Дезир, на која било истакнато дека медиумите се меѓу најважните столбови на едно демократско општество и затоа мора да се преземат сите неопходни мерки за новинарите да се чувствуваат безбедни и слободни да ја извршуваат својата работа.

Како што соопшти МВР, министерот Спасовски ја потенцира соработката на Министерството за внатрешни работи со здруженијата на новинарите и партнерскиот однос со новинарите и нивните здруженија со цел полесно да се решаваат евентуалните проблеми во иднина. Тој ја потенцира посветеноста на МВР за расчистување до крај на сите случаи со напади врз новинари кои се случија во минатото.

Спасовски го запознал Дезир со реформите во МВР и мерките кои се преземаат за целосно да се врати довербата на граѓаните во полицијата. Двајцата соговорници се согласија за интензивирање на и досега добрата соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и ОБСЕ, се наведува во соопштението од МВР.

Одржано предавање на тема „Улогата на медиумите во развојот на јавниот имиџ на свиркачите“

0

СКОПЈЕ, 10.11.2017 – Пред три дена во организација на Здружението на новинари на Македонија и Амбасадата на САД во Македонија се одржа предавање на тема „Улогата на медиумите во развојот на јавниот имиџ на свиркачите“.

На настанот се обрати претседателот на ЗНМ, Насер Селмани кој се заблагодари на САД кои се голем поддржувач на Здружението во заштита и промоција на слободата на говорот во Македонија и му посака добредојде на говорникот Том Девајн, кој е меѓународен експерт за заштита на свиркачите.

„Се согласуваме дека сега е моментот во Македонија да се отворат сите прашања што се однесуваат на слободата на говорот и квалитетот на демократијата. Прашањето на укажувачите е едно од тие важни прашања“, истакна Селмани.

Тој нагласи дека законот мора да претрпи промени и да почне правилно да се спроведува. Тој додаде: „Македонија од 2016 година има закон за укажувачи, кој не е во согласност со меѓународните стандарди. И така лош каков што е, тој не се спроведува затоа што системот се плаши од транспарентност и отчетност“.

Директорот за правни работи во проектот за владина одговорност од Вашингтон, Том Девајн смета дека се потребни значителни законски измени и воспоставување на соодветна структура за тој да почне да дава резултати. „Мора да се обезбеди соодветна обука за вработените, за нивните раководители и за судиите кои би постапувале по такви предмети. И најважно од се е да се обезбеди јавна кампања, односно целото население да се запознае со Законот и заштитата што тој ја нуди“, истакна тој.

ЗНМ испрати претставка до МВР за приведувањето на новинари

0

СКОПЈЕ, 08.11.2017 – Здружението на новинари на Македонија завчера испрати претставка до Одделот за внатрешна контрола при МВР за приведувањето на новинарите Махмути и Ука, кои минатата недела беа бесправно задржани околу 6 часа во полициската станица „Кисела вода“, поради наводно снимање на судскиот совет за време на изрекување на пресудата за случајот „Диво Насеље“.

Во претставката ЗНМ бара објаснување од полицијата за причините и основот за 6-часовното задржување на новинарите Махмути и Ука.

Освен тоа, ЗНМ бара полицијата да спроведе истрага за овој случај и доколку се утврди пречекорување на овластувањата на полициските службеници да се покренат соодветни дисциплински мерки.

Здружението очекува МВР брзо да ја разгледа претставката и ќе не известат за резултатите од истрага.

Регионалната платформа јавно го осуди ваквото однесување на полицијата, и очекува од македонските власти да го истражат случајот до крај.

ЗНМ: предавање на тема јавен имиџ на укажувачите (свиркачите)

0

СКОПЈЕ, 07.11.2017 – Здружението на новинари на Македонија во соработка со Амбасадата на САД во Македонија организира кратко предавање и дискусија на тема: „Улогата на медиумите во развојот на јавниот имиџ на укажувачите (свиркачите)“.

На настанот воведно обраќање ќе има претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, а потоа кратко предавање ќе одржи Г-дин Том Девајн, кој е долгогодишен меѓународен експерт во областа на Законите за заштита на свиркачите.

По презентацијата, ќе следи дискусија со присутните во врска со оваа актуелна медиумска тема. Целта на оваа соработка е да се запознаеме со последните практики за мониторинг на медиумите во врска со укажувањето како и заштитата на укажувачите.

Настанот ќе се одржи денес во „Клуб на новинари“ со почеток во 14.00 часот и ќе трае два часа.